Втора книга Мојсеева/ 5 глава
4 глава | Втора книга Мојсеева 5 глава од Мојсеј |
6 глава |
1 Потоа Мојсеј и Арон отидоа и му рекоа на фараонот: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Пушти го Мојот народ да отиде и да прослави свеченост во Моја чест.’”
2 „Кој е Тој Господ за да Го послушам јас - одговори фараонот - и да ги пуштам Израелците? Јас не Го познавам Тој Господ, ниту ќе ги пуштам Израелците.”
3 „Бог на Евреите ни се јави - рекоа. Затоа пушти нè да одиме три дни одење во пустината и да Му принесеме жртва на Господа, својот Бог, за да не нè нападне со помор или со меч.”
4 Тогаш египетскиот цар им одговори: „Мојсеј и Арон, зошто го одвлечкувате народот од неговата должност? Одете на својата работа.
5 Сега кога луѓето се умножија толку - продолжи фараонот - вие сакате да ги остават работите?”
6 Во истиот ден фараонот им заповеда на надгледувачите и бележниците:
7 „Не набавувајте му на овој народ плева како досега. Нека одат сами и си ја собираат.
8 А барајте од нив исто количество плитари, што го правеа и досега. Не намалувајте го! Мрзливци се. Затоа викаат: ‘Ајде да Му принесеме жртва на својот Бог.’
9 Наложете им работи на тој народ: нека работат, за да не обрнуваат внимание на клеветите!”
10 Така, дојдоа надгледувачите на народот и неговите бележници и му јавија на народот: „Фараонот порачува вака: ‘Нема повеќе да ви набавувам плева.
11 Вие самите треба да одите и да ја барате, каде што ќе можете да ја најдете. Но затоа нема да ја намалам вашата работа.’”
12 Затоа народот се разотиде по целата египетска земја да собира слама место плева.
13 А надгледувачите ги гонеа: „Секој ден треба да ја свршите истата работа како и тогаш додека ја добивавте плевата.”
14 А бележниците, кои фараоновите надгледувачи ги поставија над Израелците, ги тепаа и прекоруваа: „Зошто ни вчера ниту денес не направивте плитари колку и порано?”
15 Тогаш бележниците на Израелците отидоа и му се пожалија на фараонот: „Зошто постапуваш вака со своите слуги?
16 Твоите слуги веќе не добиваат плева, а сепак од нас се бара: ‘Направете плитари!’ А и ги бијат твоите слуги, а виновен е твојот народ!”
17 „Вие сте мрзливци! Мрзливци! - одговори фараонот. Затоа и велите: ‘Ајде да Му принесеме жртва на Господа!’
18 Одете на работа! Плева нема да ви се дава, ама треба да го правите одреденото количество плитари.”
19 Бележниците на Израелците се најдоа во мака заради заповедта: „Не смеете да го намалите секојдневното количество на плитарите!”
20 Откако си отидоа од кај фараонот, ги најдоа Мојсеја и Арона, кои ги чекаа.
21 „Господ нека ве има на око и нека ви суди! - им дофрлија. Нè замразивте кај фараонот и кај неговите дворјани; им дадовте меч во раката за да нè погубат.”
22 Мојсеј се врати при Господа и рече: „Зошто, Господи, му нанесуваш штета на Својот народ? Зошто ме испрати?
23 Откога јас стапив пред фараонот и му проговорив во Твое име, тој постапува уште полошо со овој народ. А Ти не преземаш ништо да го избавиш Својот народ.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse