Втора книга Мојсеева/ 36 глава
35 глава | Втора книга Мојсеева 36 глава од Мојсеј |
37 глава |
1 „Затоа Веселеил, Елијав и сите вештаци, кои Господ ги надари со вештина и способност да ги извршат искусно сите работи потребни за Светилиштето, нека ги направат како што Господ заповеда.”
2 Тогаш Мојсеј ги повика Веселеил, Елијав и сите оние што Господ ги надари со вештина; сите кои ги поттикнуваше срцето да се зафатат со работата и да ја извршат.
3 Тие ги презедоа од Мојсеја сите приноси кои ги донесоа Израелците за да се направат работите за изградбата на Светилиштето. Но бидејќи тие и натаму донесуваа приноси утро по утро,
4 сите мајстори, кои го градеа Светилиштето, дојдоа - секој од работата на која работеше -
5 и му рекоа на Мојсеја: „Народот донесува многу повеќе отколку што е потребно за изведување на работата, што Господ ни нареди да ја извршиме.”
6 Затоа Мојсеј издаде повелба што ја разгласија низ логорот: „Повеќе ниеден маж ни жена нека не донесуваат никаков прилог за Светилиштето!” Така го запреа народот, па не донесуваше нови дарови.
7 Што имаа, беше доста за да се сврши целото дело, и уште имаше отповеќе.
8 И така најискусните луѓе меѓу трудбениците го направија Шаторот. Го направија од десет завеси од преден лен и од љубичесто, црвено и темноцрвено предено. Ликови на херувими беа извезани врз нив.
9 Должината на секоја завеса изнесуваше дваесет и осум лакти, а широчината на секоја завеса четири лакти. Сите завеси беа со иста мерка.
10 Пет завеси составија една со друга, а пет други завеси составија пак една со друга.
11 На работ на последната од завесите составени во едно, направија петелки од сина волна; истото го направија и на работ на последната завеса на вториот дел;
12 направија педесет петелки на едното парче, а педесет петелки на работ на завесата на вториот дел. Петелките стоеја една спроти друга.
13 Тогаш направија педесет златни куки и ги составија завесите со куките една со друга. Така Шаторот беше како една целина.
14 Потоа за покривање на Шаторот: направија завеси од козина, ги направија единаесет.
15 Должината на секоја завеса беше триесет лакти, а широчината четири лакти. Тие единаесет завеси беа со иста мерка.
16 Составија пет завеси одделно, а шест други одделно.
17 Направија педесет петелки на работ на завесата на едниот дел, а педесет петелки направија на работ на другиот дел.
18 Направија и педесет куки од бронза за да го состават покривот заедно, така што да претставува една целина.
19 Потоа направија покрив за Шаторот од направени црвени овновски кожи, а врз него друг, од јазовечки кожи.
20 Исправените нагоре даски за Шаторот ги изработија од багремово дрво.
21 Должината на секоја даска беше десет лакти, а широчината лакот ипол.
22 Секоја даска имаше два клина еден спроти друг, за да ја држат исправена. Тоа го направија на секоја даска за Шаторот.
23 Даските за Шаторот ги направија вака: дваесет даски за јужната страна;
24 направија четириесет подножја од сребро под дваесет даски - две подножја под првата даска за нејзините два клина, и две подножја под секоја следна даска за нејзините два клина.
25 За втората, северната страна на Шаторот направија дваесет даски
26 и за нив четириесет подножја од сребро - две подножја под првата даска, а по две подножја под секоја идна даска.
27 Одназад на Шаторот, кон запад, направија шест даски.
28 Направија и две даски за аглите на Шаторот одназад.
29 Тие беа составени при дното, но при врвот се составуваа со едно колце. Така двете ги поставија за двата агла.
30 Имаше осум даски со нивните подножја од сребро; шеснаесет подножја, под секоја даска две.
31 Направија лостови од багремово дрво: пет од нив за даските на едната страна на Шаторот,
32 а пак пет лостови за даските на другата страна на Шаторот, и пет лостови за даските на Шаторот одназад, кон запад.
33 Тогаш направија средишен лост што поминуваше низ средината на даските од крај до крај.
34 Ги опковаа даските со злато, а нивните колца, низ кои беа провлечени лостовите, ги направија од злато. И лостовите ги опковаа со злато.
35 Направија завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од преден лен; ја направија со извезани херувими.
36 Направија за неа четири столбови од багремово дрво и ги опковаа со злато. Нивните куки беа од злато, а им одлеаја и четири подножја од сребро.
37 На влезот во Шаторот направија завеса од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен, исткаена уметнички,
38 и за неа пет столпчиња со нивните куки. Врвовите на столпчињата и нивните поврзувачи ги опковаа со злато, додека пет подножја им направија од бронза.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse