Втора книга Мојсеева/ 35 глава
34 глава | Втора книга Мојсеева 35 глава од Мојсеј |
36 глава |
1 Мојсеј ја свика целата заедница на Израелевите синови па им рече: „Господ ви наложи да го правите ова:
2 Работата нека се извршува шест дена. Седмиот ден нека ви биде свет ден, ден за целосна починка во чест на Господа. Секој што ќе работи во тој ден, нека биде казнет со смрт.
3 Во саботен ден не палете ни оган во своето престојувалиште.”
4 Натаму Мојсеј и рече на целата израелска заедница: „Господ го нареди ова:
5 Соберете меѓу себе принос за Господа! Секој со племенито срце нека Му донесе принос на Господа: злато, сребро и бронза;
6 љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен;
7 направени овенски кожи, потоа јазовечки кожи, багремово дрво,
8 масло за осветление, мириси за масло за помазание и благомирислив темјан;
9 оникс и други бесцени камења за вметнување во наплеќникот и врзградникот.
10 А сите кои се вешти меѓу вас, нека дојдат да прават што нареди Господ:
11 Шаторот, неговиот покрив, и неговиот горен покрив, неговите куки и даски, неговите лостови и столпчиња; неговите подножја;
12 неговиот Ковчег и ластегарките; Очистилиштето, па завесата за засолнување;
13 столот со неговите ластегарки и со сите негови прибори; принесените лебови;
14 светилник за осветлување, неговиот прибор и неговите светилки, потоа масло за осветление;
15 кадилниот жртвеник и неговите ластегарки; миро и благомирислив темјан; завесата за влезот во Шаторот;
16 жртвеник за жртвите паленици со неговата решетка од бронза; ластегарките за него и сиот негов прибор; мијалникот и неговата потпирка;
17 завесите за дворот; столбовите и нивните подножја, па завесата при влезот во дворот;
18 колчињата за Шаторот и колчињата за дворот со нивните врвци;
19 свеченото руво за вршење служба во Светилиштето - посветената облека за свештеникот Арон и облеките за свештеничка служба на неговите синови.”
20 Тогаш целата израелска заедница се повлече од пред Мојсеја.
21 А тогаш секој, кого срцето го влечеше и душата го поттикнуваше, дојде носејќи го својот принос во чест на Господа за градба на Шаторот на средбата, за секоја служба во него и за посветените облеки.
22 Се стрчаа мажите и жените: сите кои срцето ги влечеше донесоа: запнувачки, обетки, прстења, нараквици, огрлици и разновидни златни накити; сите што имаа заветувано некаква златна работа во чест на Господа.
23 Сите кај кои се најдоа љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен, направени овновски кожи или јазовечки кожи, го донесоа своето.
24 Натаму, секој што можеше да даде некаков дар во сребро или во бронза, го донесе тоа како принос во чест на Господа. Секој кај кого се најде багремово дрво за употреба во која и да е работа, го донесе.
25 Сите жени кои беа вешти предеа со своите раце и го донесуваа тоа што го испредоа: љубичесто, црвено и темноцрвено предено и препреден лен.
26 Сите жени пак, кои ги поттикнуваше нивното срце заради нивната вештина, предеа козина.
27 Главатарите донесуваа оникс и други бесцени камења за вметнување во плеќникот и врзградникот;
28 па мириси и масло за осветление, миро за помазание и благомирислив темјан.
29 И така Израелците - сите мажи и сите жени, кои ги поттикнуваше срцето да придонесат што и да е за работата што Господ ја нареди преку Мојсеја да биде извршена - го донесоа тоа како доброволен принос во чест на Господа.
30 Потоа Мојсеј им рече на Израелците: „Гледате! Господ го назначи по име Веселеила, Уриевиот син, од Оровото колено, а од Јудиното племе.
31 Го исполни него со Божји Дух, мудрост, му даде разум и секаква вештина:
32 да замислува нацрти и да извршува работи од злато, сребро и бронза;
33 да реже бесцени камења за вметнување; да копаничи во дрво и да ја работи искусно својата работа.
34 Нему и на Елијав, Ахисамаховиот син, од Дановото племе, им додели и способност да ги поучуваат другите.
35 Ги надари со умеење во секоја работа: копаничарска, шивачка, везачка и ткаачка; тие ткаеја ткаенини од љубичесто, црвено и темноцрвено предено и од препреден лен, способни сè во секоја работа и вешти во уметнички изработки.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse