Прејди на содржината

Втора книга Мојсеева/ 22 глава

Од Wikisource

21 глава Втора книга Мојсеева
22 глава
од Мојсеј
23 глава


 1 „Ако некој украде говедо или животинче од ситниот добиток, па било да го заколе, било да го продаде, тогаш за едно говедо да се вратат пет говеда, а за ситно животинче четири ситни добичиња.
  2 Ако крадецот биде затекнат како го пробива ѕидот, па му биде зададен смртоносен удар, неговата крв не треба да биде одмаздувана.
  3 Но ако е сонцето веќе изгреано, неговата крв треба да биде одмаздена. Крадецот треба да ја надомести штетата. Ако нема ништо, тој треба да биде продаден за неговата кражба.
  4 Ако се најде украденото животно живо во неговата сопственост - говедо, осле или некоја глава ситен добиток - треба да плати двојно.”
  5 „Кој опусти нива или лозје, пуштајќи го својот добиток да испасе и да избрсти туѓо, нека надомести со тоа што ќе најде најубаво во својата нива и во своето лозје.
  6 Кој запали оган па тој ги зафати трњето и изгори житото во снопје, во класот или на нивата, оној што го запали огнот треба да ја надомести штетата.
  7 Кога некој ќе остави кај познат пари или работи на чување, па бидат украдени од неговата куќа, ако крадецот биде најден, треба да плати двојно.
  8 Ако крадецот не биде најден, сопственикот на куќата нека се изведе пред судиите, за да се докаже како тој не ги спуштил своите раце врз имотот на својот ближен.
  9 За секој прекршок на проневера - без оглед дали се работи за говедо, осле, ситен добиток, облека, или за која и да е изгубена работа за која се тврди: тоа е она! - спорот треба да биде изнесен пред судиите. Оној кого судиите ќе го прогласат за виновен нека му плати на другиот двојно.
10 Кога некој ќе довери на својот сосед: говедо, глава добиток, или какво и да е животинче, па тоа пцовиса, или се рани или некој го одвел, а да нема сведок,
11 заклетвата пред Господа нека одлучи меѓу двајцата дали чуварот посегна или не по имотот на својот ближен. Тоа нека му е достатно на сопственикот, а чуварот не е должен да надоместува.
12 Ако се најде дека тој го украл, треба да ја надомести штетата.
13 Ако ѕвер го раскина, нека го донесе за доказ, така што нема да даде оштета за раскинатото.
14 Кога некој позајми од својот сосед добиче на услуга, па тоа се рани или пцовиса додека сопственикот не беше со него, нека плати оштета.
15 Ако сопственикот беше со него, не му дава оштета; ама ако беше позајмено за орање, нека дојде по својата надница.”
16 „Ако некој заведе девојка, која не е свршена, и легне со неа, нека даде за неа откуп за женачка и нека ја земе за жена.
17 Ако нејзиниот татко одбие да му ја даде, заведникот треба да измери сребро во вредност на откупот за женење за девојката.”
18 „Не дозволувај да живее вражалка!
19 Секој што ќе легне со добиток, треба да биде казнет со смрт.
20 Кој ќе принесе жртва на кој и да е идол - освен на единствениот Бог - нека биде предаден на проклетството, целосно уништен.”
21 „Не го угнетувај придојденецот ниту му нанесувај неправда, зашто и самите бевте придојденци во Египетската Земја.
22 Не ги расплачувајте вдовиците и сираците!
23 Ако ги расцвилиш и тие извикаат кон Мене, задолжително ќе го послушам нивниот вик.
24 Ќе се распали Мојот гнев, и ќе ве погубам со меч, така вашите жени ќе останат вдовици а децата сирачиња.
25 Ако му позајмиш сребро на некој од Мојот народ, на сиромавиот што е кај тебе, не постапувај кон него како заемодавачот! Не му наметнувај данок!
26 Ако му ја земеш на својот сосед наметката во залог, треба да му ја вратиш пред зајдисонце.
27 Па тоа му е единствената покривка, со која го завиткува своето тело и во која може да легне. Ако извика кон Мене, ќе го послушам, зашто Јас Сум милостив.
28 Не хули го судијата и не пцуј го старешината на својот народ.
29 Не се двоуми со приносите од своето изобилство од гумното и од својот леб! Дај Ми го Мене првенецот од своите синови.
30 Исто направи со своите говеда и со ситниот добиток: нека остане со својата мајка седум денови, а на осмиот ден да Ми го дадеш Мене!
31 Бидете народ што Ми е посветен Мене! Затоа не јадете месо од животни растргани од ѕверови, туку фрлете им го на кучињата!”
 

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse