Втора книга Мојсеева/ 21 глава
20 глава | Втора книга Мојсеева 21 глава од Мојсеј |
22 глава |
1 „Ова се прописите што треба да им ги изложиш:
2 Ако купиш еден Евреин за роб, нека служи шест години. На седмата година нека замине, без откупнина, слободен.
3 Ако дојде сам, сам и нека си замине; ако е женет, со него нека отиде и неговата жена.
4 Ако господарот му набавил жена, па таа му роди било синови било ќерки, и жената и нејзините деца нека му припаднат на нејзиниот господар, а тој нека си отиде сам.
5 Ама ако робот изјави отворено: ‘Ги љубам својот господар, својата жена и своите деца, не сакам да бидам слободен,’
6 тогаш неговиот господар нека го доведе при судиите. Кога ќе го доведе до вратата или до столбот на вратата, господарот нека му го дупне увото со шило и нека му остане трајно во служба.
7 Кога човек ќе ја продаде ќерка си за робинка, таа нека не се ослободува како и машките робови.
8 Ако не му се допадне на својот господар, кој ја одредил за себеси, нека ја остави да се откупи. Нема право да ја продаде на странци, кога не и бил верен.
9 А ако ја одреди за својот син, нека постапува со неа како и со ќерка.
10 Ако се ожени со друга, не смее на првата да и ги крати: храната, облеката или нејзините брачни права.
11 Ако не и ги прави овие три работи, нека е слободна и нека отиде без откупнина.”
12 „Кој ќе удри човек па го усмрти, нека биде казнет со смрт.
13 Ама ако го направил тоа ненамерно, туку Бог пуштил да падне во неговата рака, ќе ти одредам место каде може да побегне.
14 Кој намерно ќе се нафрли врз својот ближен и го убие подмолно, одвлечи го и од мојот жртвеник, за да биде погубен.
15 Кој ќе ги удри својот татко или својата мајка, нека биде казнет со смрт.
16 Кој ќе грабне човек - било за да го продаде, било за да го задржи во своја власт - нека биде казнет со смрт.
17 Кој ќе ги проколне татка си или мајка си нека биде погубен.”
18 „Ако се степаат луѓе, па еден од нив го удри другиот со камен или со рака, ама овој не загине, туку падне во постела,
19 но после стане и може да излегува, макар и со стап, тогаш нека му биде простено на оној кој го удрил, само нека му го плати неговиот губиток на времето и му прибави целосно исцелување.
20 Ако некој го удри со стап својот роб или својата робинка па умре под неговата рака, треба да ја поднесе одмаздата.
21 Но ако робот преживее ден-два, нека не се спроведува одмаздата, зашто робот е негова сопственост.
22 Ако се степаат луѓе и удрат трудна жена, па таа пометне, но нема друга штета, тогаш оној кој ја удрил нека ја плати оштетата што ќе ја побара нејзиниот маж. Тој нека плати како што ќе одредат судиите.
23 Има ли друго зло, казната нека биде: живот за живот,
24 око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога,
25 изгореница за изгореница, рана за рана, синило за синило.
26 Ако некој ги удри својот роб или својата робинка во око и го упропасти, нека го ослободат заради окото.
27 Ако му избие заб на својот роб - или на својата робинка - нека го ослободи заради забот.
28 Кога вол боцне маж или жена па ги усмрти, нека се каменува со камења. Тогаш неговото месо не смее да се изеде, а на неговиот сопственик нека му биде простено.
29 Ама ако тоа добиче боцкаше и пред тоа, а неговиот сопственик, иако опоменуван, не го чувал, па тоа усмрти маж или жена, тоа добиче нека биде каменувано; а и неговиот сопственик има да биде погубен.
30 Ако на сопственикот му биде одредена откупна цена, за да го откупи својот живот, нека плати колку ќе му се одреди.
31 Ако волот убоде дете или девојче нека се постапи со него исто според ова правило.
32 Ако боцне роб или робинка, нека сопственикот им исплати на нивниот господар триесет сребрени сикли, а добичето нека биде каменувано.
33 Ако некој остави отворена јама, или некој ископа кладенец и не го покрие, па во него падне добиче или осле, сопственикот на кладенецот ќе даде надомест:
34 нека му исплати на сопственикот со сребро, а пцовисаното животно нека му припадне нему.
35 Кога нечиј вол боцне вол на друг па тој пцовиса, тогаш нека го продадат живиот вол, а добиените пари нека ги поделат; и пцовисаното добиче нека го поделат меѓу себе.
36 Ама ако се знае дека тој вол боцкал и порано, а неговиот господар не го чувал, тогаш треба да надомести вол за вол, додека пцовисаното животно ќе биде негово.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse