Втора книга Мојсеева/ 20 глава
19 глава | Втора книга Мојсеева 20 глава од Мојсеј |
21 глава |
1 Тогаш Бог ги изговори сите овие зборови:
2 „Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството.
3 Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене.
4 Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја.
5 Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш, зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ја посетувам неправдата на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата до третото и четвртото поколение,
6 а покажувам милости на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди.
7 Не ќе го изговараш напразно името на Господа, твојот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној кој го зема напразно Неговото име.
8 Помни го саботниот ден, за да го осветуваш.
9 Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи.
10 А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојот син, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти.
11 Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сè што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден.
12 Почитувај ги твојот татко и твојата мајка, за да ти се продолжат дните на земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог.
13 Не ќе убиваш!
14 Не ќе прељубодејствуваш!
15 Не ќе крадеш!
16 Не ќе сведочиш лажно против твојот ближен!
17 Не ќе го посакуваш домот на твојот ближен! Не ќе ги посакуваш: жената на твојот ближен, ни неговиот слуга, ниту неговата слугинка, ни неговиот вол, ниту неговото осле, ни што и да е што му припаѓа на твојот ближен!”
18 Целиот народ беше сведок на грмењето и светкањето, сите го чуја звукот на трубата и видоа како се дими гората: гледаа и трепереа и стоеја подалеку.
19 Тогаш му рекоа на Мојсеја: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме. Нека не ни зборува Господ, за да не изумреме!”
20 „Не бојте се - му рече Мојсеј на народот. Зашто Бог дојде да ве испита; за да остане со вас стравот пред Него, па да не згрешите.”
21 Народот остана подалеку, а Мојсеј му пристапи на густиот облак, каде се наоѓаше Бог.
22 „Речи им вака на Израелците - му проговори Господ на Мојсеја. ‘Сами видовте дека зборував со вас од небото.
23 Не правете покрај Мене идол од сребро, ниту правете си идол од злато.
24 Направи ми жртвеник од земја и принесувај ми ги врз него своите жртви паленици и жртви благодарници, својот ситен и својот крупен добиток. На секое место што ќе го одредам да се спомнува Моето име, Јас ќе дојдам кај тебе, за да те благословам.
25 Ако ми изградиш каменен олтар, не го гради од делкан камен, зашто штом врз него ќе го спуштиш своето длето, ќе го оскверниш.
26 Не се искачувај на Мојот жртвеник по стапалата, за да не се открие твојата голотија на него.’”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse