Јов/ 3 глава

Од Wikisource

2 глава Јов
3 глава
од н.п.
4 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

 1 Потоа Јов ја отвори својата уста и го проколна својот ден;
  2 ја почна својата беседа и рече:
  3 „О, да загинеше денот во кој се родив и ноќта што соопшти: „Се зачна машко!”
  4 Тој ден нека стане црна темнина! Бог од висините да не си спомнува за него, сончевата светлина да не го осветлува повеќе!
  5 Мракот и смртната сенка да се отимаат за него, густата темнина да го покрие сосем, дневните смрачувања да го морат со страв!
  6 О, темнината да го присвои сиот, нека не им се додава на деновите на годината, нека не влегува во броењето на месеците!
  7 А онаа ноќ да биде жалосна довека, да не се чуе радосно воскликнување во неа!
  8 Да ја проколнат оние, што го проколнуваат денот и што се способни да го разбудат Левијатанот!
  9 Да се помрачат ѕвездите на нејзиното разденување, напразно таа да и се надева на виделината, и да не ги гледа никогаш веѓите на зората!
10 Зашто не ми ја затвори вратата од утробата, да ја скрие маката од моите очи!
11 Зошто не сум мртов од мајчиното крило, зошто не издивнав излегувајќи од утробата?
12 Зошто ме прифатија двете колена и двете гради, за да ме надојат?
13 Во вечен мир би почивал сега, би спиел, својот покој би го уживал.
14 Заедно со цареви и со советниците на земјата, кои си изградија гробници за себеси,
15 или со кнезовите, богати со злато, што ги наполнија своите куќи со сребро.
16 Не ќе постоев - ќе бев како закопано недоносче, како новороденче што не ја виде светлината.
17 Беззакониците не беснеат веќе таму, уморените наоѓаат починка таму.
18 Таму ги оставаат на мир заробениците: не го слушаат веќе гласот на стражарот.
19 Малиот лежи таму заедно со големиот, робот е слободен од својот господар.
20 Зошто да му се подари видело на несреќникот и живот на луѓето со загорчена душа,
21 кои ја бараат смртта, а таа не доаѓа и копаат по неа како по богатство?
22 Тие ќе се радуваат и ќе воскликнуваат од среќа кога би го нашле својот гроб.
23 Зошто му е тоа на човекот, чиј пат е скриен, кого Бог го заградил од сите страни.
24 Затоа гледајќи храна, треба да воздивнам, моите крици се разлеваат како вода.
25 Се обистини моето стравување, еве, ме снајде она од што се боев.
26 Ни покој ни мир нема веќе за мене, во моите маки никогаш немам починка.”

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.