Ленка
„Биљана платно белеше...“
Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол —
лицето и се измени
веги паднаја надолу
и усти свиа кораво.
Не беше Ленка родена
за тиа пусти тутуни!
Тутуни — жлти отрови
за гради — китки розови.
Прва година помина
грутка в срцето и легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
На Ленка покри снагата.
И ноће кога месечко
гроб и со свила виеше
ветерчок тихо над неа
жална и тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна. . .“