Прејди на содржината

Четврта книга Мојсеева/ 6 глава

Од Wikisource

5 глава Четврта книга Мојсеева
6 глава
од Мојсеј
7 глава


 1 Господ му рече на Мојсеја:
  2 „Зборувај им на Израелевите синови и кажи им: ‘Ако некој, било маж или жена, се заветува за назирејство па ако Му се посвети на Господа,
  3 нека се воздржува од вино и од секаков жесток пијалак. Нека не пие ни скиселено вино ниту скиселен опоен пијалак; а нека не пие ни некаков сок од грозје, нека не јаде грозје, ни свежо ни суво.
  4 За цело време на своето назирејство не смее да јаде ништо што раѓа виновата лоза - од зрното до лушпите.’
  5 ‘Сè додека трае неговиот назирејски завет, нека не поминува брич преку неговата глава; додека не се исполни времето што Му го заветувал на Господа, нека биде посветен и нека остави косата да му расте слободно на главата.’
  6 ‘За сето време на својот завет пред Господа нека не се доближува до ниедно мртво тело.
  7 Нека не се онечистува ни заради татка си, ни заради мајка си, брата си или сестра си, ако би умреле, зашто на својата глава го носи посветувањето на својот Бог.
  8 Тој Му е посветен на Господа за сето време на своето назирејство.’
  9 ‘Ако некој умре одненадеж покрај него, онечистувајќи ја на тој начин неговата посветена глава, нека ја избричи својата глава на денот на своето очистување - нека ја избричи на седмиот ден.
10 А на осмиот ден нека му донесе на свештеникот, при влезот на Шаторот на средбата, две грлици или две гулапчиња.
11 Свештеникот нека го принесе едното како принос за грев а другото како паленица, со тоа нека направи покривање на престапот за него, бидејќи згрешил заради мртовецот и ќе му ја освети неговата глава во тој ден.
12 Потоа наново нека Му ги заветува на Господа деновите на своето назирејство и нека принесе едногодишно јагне како жртва за престап. Нека не биде сметано поранешното време, зашто неговото назирејство беше онечистено.’
13 ‘Ова е Закон за назиреец: нека го доведат при влезот на Шаторот на средбата во денот кога ќе се исполни времето на неговото назирејство.
14 Нека Му донесе на Господа како свој принос: едногодишно јагне, без недостаток, за принос за грев; еден овен, без недостаток, за помирителна жртва;
15 натаму: кошница со пресни погачи од чисто брашно, замесени со масло и непотквасени колачи, намачкани со масло, со нивниот лебен принос и со налевница.
16 Откако свештеникот ќе го донесе тоа пред Господа, нека ги принесе неговите: приносот за грев и паленицата.
17 Потоа нека Му го принесе на Господа овенот како помирителна жртва заедно со кошницата со пресни погачи. Свештеникот нека ги принесе и неговиот лебен принос и неговата налевница.
18 При влезот во Шаторот на средбата, назиреецот нека ја остриже својата глава и - откако ги земе влакната од својата посветена глава - нека ги стави во огнот под помирителната жртва.
19 Потоа свештеникот нека земе варена плешка од овенот, една незаквасена погача од кошницата и еден пресен колак и нека го положи тоа во рацете на назиреецот, откако овој ќе ја остриже главата на своето назирејство.
20 Свештеникот нека го принесе тоа како движен принос пред Господа. Тоа е светина што му припаѓа на свештеникот, освен градите на движниот принос и бедрото на воздигнатиот принос. Потоа назиреецот може да пие вино.’
21 „Ова е Закон за назиреец, не сметајќи го она што би можела уште да принесе неговата рака. Ако освен своето назирејство ветил некаков дар, освен обредот на своето назирејство, нека направи како што се заветувал.”
22 Господ му рече на Мојсеја:
23 „Речи им на Арона и на неговите синови: ‘Благословувајте ги вака Израелевите синови, велејќи им:
24 „Господ нека те благослови и нека те чува!
25 Господ нека погледне на тебе со Своето светло лице и нека те помилува!
26 Господ нека го сврти Својот поглед на тебе и нека ти донесе мир!”‘
27 Така нека го повикуваат Моето име над Израелевите синови, и Јас ќе ги благословувам.”

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse