Четврта книга Мојсеева/ 20 глава
19 глава | Четврта книга Мојсеева 20 глава од Мојсеј |
21 глава |
1 Потоа Израелевите синови стигнаа, сета заедница, во пустината Цин, во првиот месец. Народот се настани во Кадис. Маријам почина таму и ја погребаа таму.
2 Немаше вода за заедницата. Затоа се здружија против Мојсеја и против Арона.
3 Народот почна да се препира со Мојсеја и да вели: „О, да бевме изумреле кога и нашите браќа загинаа пред Господа!
4 Зошто го доведовте Господовото општество во пустинава, за да изумреме тука и ние и нашиот добиток?
5 Зошто нè изведовте од Египет, за да нè доведете во незгодново место; место во кое нема ни жито, ни смокви, ни грозје, ни калинки? Нема ни вода за да пиеме.”
6 Мојсеј и Арон отидоа од народот кон влезот во Шаторот на средбата и паднаа на своите лица. Господовата слава им се јави тогаш.
7 И Господ му рече на Мојсеја:
8 „Земи го жезалот, па - ти и твојот брат Арон - соберете го општеството. Тогаш, пред нивни очи, речете и на карпата, и таа ќе даде вода од себе. И така ќе им извадиш вода од карпата и ќе ги напоиш: општеството и неговиот добиток.”
9 Мојсеј го зеде жезалот од пред Господа, како што му нареди.
10 Потоа Мојсеј и Арон го собраа народот пред карпата, па Мојсеј им рече: „Чујте, бунтовници! Дали ќе ви извадиме вода од карпава?”
11 И Мојсеј ја подигна раката и удри со жезалот двапати по карпата: потече многу вода, па заедницата и нејзиниот добиток пиеја.
12 А Господ им рече на Мојсеја и на Арона: „Бидејќи немавте вера во Мене, за да ја јавите Мојата светост пред очите на Израелевите синови, вие нема да го воведете народов во земјата, што му ја давам.”
13 Тоа се водите на Мерива, крај кои Израелевите синови се препираа со Господа, а Тој им ја јави Својата светост.
14 Од Кадис, Мојсеј му испрати посланици на царот на Едом: „Твојот брат Израел вели вака: ‘Ти ги знаеш сите страдања што нè најдоа.
15 Нашите татковци се спуштија во Египет. Живеевме многу време во Египет. А Египетците постапуваа лошо со нас и со нашите предци.
16 Затоа Му се молевме на Господа, и Тој го чу нашиот глас и испрати ангел, кој нè избави од Египет. Еве нè сега во Кадис, град на меѓата на твоето подрачје.
17 Пушти нè да поминеме низ твојата земја. Не ќе врвиме низ полето ни низ лозјата, ниту ќе пиеме вода од твоите кладенци; ќе одиме по Царскиот Пат, не свртувајќи ни десно ни лево додека не поминеме преку твоето подрачје.’”
18 Едом му одговори: „Не поминувај преку мојата земја, зашто ете ме со меч пред тебе!”
19 „Ќе одиме по друмот - рекоа Израелевите синови - а ако пак пиеме твоја вода, ние или нашите стада, ќе платиме за тоа. Ништо повеќе, само да поминеме со нозе.”
20 „Не поминувај!”- одговори. И Едом излезе против него со многу луѓе и со силна рака.
21 Така Едом не му дозволи на Израел да помине преку неговите предели, и Израел се заврте од него.
22 Запатувајќи се од Кадис, Израелевите синови стигнаа, сета заедница, до планината Ор.
23 Кај гората Ор, покрај едомската меѓа, Господ им рече на Мојсеја и на Арона:
24 „Арон нека им се придружи на своите луѓе! Нема да влезе во земјата што им ја давам на Израелевите синови, зашто се спротививте на Мојата заповед кај Меривските Води.
25 Земи ги: Арона и сина му Елеазар, па изведи ги на гората Ор.
26 И соблечи му ја на Арона неговата облека и облечи го во неа неговиот син Елеазар. Арон ќе им се придружи на своите луѓе, ќе умре таму.”
27 Мојсеј направи како што нареди Господ. Се искачија на Ор пред целото општество.
28 Мојсеј ја соблече од Арона неговата облека и му ја облече на неговиот син Елеазар. Арон почина таму, на врвот на гората. А Мојсеј и Елеазар слегоа од гората.
29 Целото општество виде дека Арон почина, и сиот Израелев дом го оплакуваше Арона триесет денови.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse