Уставен закон за спроведување на уставот на Република Македонија (1991)
Република Македонија
Назив | Уставен закон за спроведување на уставот на Република Македонија | ||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Година | 1991 | ||||||
Службен весник | Службен весник на РМ 52/91 | ||||||
Изгласан | 17 ноември 1991 | ||||||
Објавен | 22 ноември 1991 | ||||||
Законодавен орган | Собрание на Република Македонија | ||||||
Правен статус | во сила
| ||||||
Викиизвор и авторите на статиите не преземаат одговорност за евентуалните грешки во текстовите. |
Уставен закон за спроведување на уставот на Република Македонија
[уреди]Член 1
Уставот на Република Македонија се применува од денот на прогласувањето од Собранието на Република Македонија, ако за примената на одделни негови одредби со овој уставен закон не е поинаку определено.
Член 2
Државната граница на Република Македонија е нејзината постојана граница со Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција и Република Србија.
Член 3
Република Македонија како суверена и самостојна држава својата меѓународна положба и односите со другите држави и меѓународни органи, организации и заедници ги остварува согласно со општоприфатените начела на меѓународното право.
Република Македонија како рамноправен праврн наследник на СФРЈ со другите републики го презема членството на СФРЈ во меѓународните органи, организации и заедници.
Член 4
Република Македонија, како рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики, врз основа на договор со другите републики на СФРЈ за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, презема права и обврски настанати од создавањето на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Доколку не се склучи договор со другите републики за правното наслетство на СФРЈ и за меѓусебните односи, правното наслетство на СФРЈ и за меѓусебните односи на Република Македонија со другите суверени држави од СФРЈ се утврдуваат согласно со општите правила на меѓународното право, како и согласно со Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на договорите од 1978 година и Виенската конвенција за сукцесија на државите во областа на државниот имот, архивата и долговите од 1982 година.
Член 5
Постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.
До постигнување на договор со суверените држави од СФРЈ, Република Македонија може да го довери извршувањето на одделни прописи на сојузните органи.
Ако органите од став 2 на овој член прописите не ги извршуваат во согласност со суверенитетот и интересите на Републука Македонија, нив ги извршуваат органите на Републиката.
Сојузните прописи со кои се уредува организацијата и надлежноста на оганите на Федерацијата не се применуваат во Република Македонија.
Член 6
Законите што не се во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот.
Член 7
Најдоцна во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот ќе се донесат:
- Закон за Републичкиот судски совет;
- Закон за судовите;
- Закон за Јавното обвинителство;
- Закон за народниот правобранител;
- Закон за начинот на трансфомација на општествената сопственост;
- Закон за државјанството на Република Македонија;
- Закон за личната карта;
- Закон за преминот на државната граница и движењето во граничниот појас;
- Закон за движењето и престојот на странци;
- Закон за патните исправи на државјаните на Република Македонија;
- Закон за одбраната на Република Македонија;
- Закон за локалната самоуправа, и
- Закон за територијалната поделба на Република Македонија.
Член 8
Законот за грбот, знамето и химната на Република Македонија ќе се донесе во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот.
До донесувањето на Законот од став 1 на овој член, се применуваат постојните симболи и химната утврдени во досегашниот Устав на Република Македонија.
Член 9
Државјаните на другите републики во СФРЈ кои на денот на влегувањето во сила на овој уставен закон кои имале пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија, а немаат државјанство на Република Македонија, ќе може да стекнат државјанство на Република Македонија во согласност со Законот за државјанството на Република Македонинја.
Член 10
Собранието на Република Македонија во постојаниот пратенички состав, претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија продолжуваат да ги вршат фунциите со права и должности утврдени со Уставот до одржувањето на новите избори.
Одредбата од член 82 од Уставот ќе се применува по одржувањето на новите избори, а најдоцна до истекот на мандатот за кој е избран потпретседателот на претседателот на Република Македонија.
Потпретседателот на претседателот на Република Македонија продолжува да ги врши функциите со права и должности утврдени со Амандманот LXXV на Уставот на Република Македонија, до одржувањето на нови избори, а најдоцна до истекот на мандатот за кој е избран.
Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, Законот за избор на претседателот на Република Македонија и Законот за политичките партии ќе се донесат најдоцна три месеци пред одтжувањето на новите изборите.
Член 11
До постигнување на договор меѓу суверените држави од СФРЈ делегатите од Република Македонија во Собранието на СФРЈ ќе ги вршат своите функции во согласност со насоките на Собранието на Република Македонија.
Член 12
До постигнување на договор меѓу суверените држави од СФРЈ членот на Претседателството од Република Македонија ќе ги врши своите функции во согласност со насоките на Собранието на Република Македонија.
Член 13
Вооружените сили на Република Македонија, до донесувањето на Законот за одбраната на Република Македонија, ги сочинуваат единиците, командите и штабовите на територијалната одбрана на Република Македонија.
Служењето на воениот рок на регрутите и служењето на воената обврска во резерниот состав ќе се врши во вооружените сили на Македонија од став 1 на овој член.
Член 14
Дипломатските и конзуларните претставништва и културно-информатичките центри на СФРЈ ќе ги застапуваат интересите на Република Македонија како суверена и самостојна држава до постигнување на договор меѓу суверените држави од СФРЈ, до основање на сопствени дипломатски, конзуларни претставништва и културно-информатички центри.
Член 15
Изборот на сите судии во судовите и именувањето на Јавниот обвинител според одредбите на овој Устав ќе се изврши најдоцна во рок од шест месеци по конституирањето на Републичкиот судски совет.
Републичкиот судски совет ќе се конституира во рок од два месеци по донесувањето на Законот за Републичкиот судски совет.
До конституирањето на Републичкиот судски совет нема да се врши избор на судии на судовите и именување на јавни обвинители во јавните обвинителства на кои им истекол мандатот. Истите продолжуваат да ја вршат функцијата до изборот, согласно Уставот на Република Македонија.
Член 16
Судиите на Уставниот суд ќе се изберат најдоцна во рок од три месеци по конституирањето на Републичкиот судски совет.
Со денот на изборот на судиите на Уставниот суд на Република Македонија од став 1 на овој член, на постојните судии им престанува функцијата судии на Уставниот суд.
Член 17
Овој уставен закон за спроведување на Уставот на Република Македонија го прогласува Собранието и влегува во сила истовремено со прогласувањето на Уставот.