Бели Мугри/ Тутуноберачите

Од Wikisource
(Пренасочено од Тутуноберачите)

„Селска мака“ „Тутуноберачите“

од Коста Солев Рацин
„Ленка“
Препис во оригинал како што е издадена во збирката песни „Бели Мугри.


Тутуноберачите

На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиов тутун — нашава мака
нашава солена пот!

От темни зори на утрини летни
до никоа доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и пот'та и крвта и снагата ни.
Жлт — жлти прави лицата бледни
и жлта гостинка у градите носи.

По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
зачмаени ние го береме.
Лист по лист кини
лист по лист нижи
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на длга низа от капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со корав поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаска горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.

Та незнаш ли?

Денот ли дојде тој да се мери —
мерка му нема, а в градите длби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очите матни
и не сакајки сама се дига
фуријата.

Кантарот носи лисјето златно
а в гради љуто далгите беснат
на жлтата мака — на жлтиот тутун
на жлтата пот на раците ни!

Поврзано


Сите дела од овој автор се во јавна сопственост во целиот свет бидејќи авторот е починат пред повеќе од 50 години.