Трета книга Мојсеева/ 27 глава
26 глава | Трета книга Мојсеева 27 глава од Мојсеј |
нема врати се кон Стариот Завет |
1 Господ му рече на Мојсеја:
2 „Соопшти им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога некој сака да Му направи на Господа завет што вреди колку еден човек,
3 нека ти биде мерка: маж од дваесет до шеесет години возраст, процени го педесет сикли во сребро, според светилишниот сикал;
4 а женско процени го триесет сикли.
5 А за возраст од пет до дваесет години твоето оценување нека биде: за машко дваесет сикли, а за женско десет сикли.
6 Ако е возраста од еден месец до пет години, проценувањето нека ти биде: за машко пет сикли во сребро; а оценката за женско три сикли во сребро.
7 Ако е на возраст од шеесет години или повеќе, оценувањето нека ти биде: за машко петнаесет сикли, а за женско десет сикли.
8 Но ако некој е беден па не може да ја плати својата цена, нека го доведат пред свештеникот, и свештеникот нека го процени. Но свештеникот нека процени според она што заветодавачот може да даде.’
9 ‘Ако заветуваниот принос биде од животните што можат да Му се принесуваат на Господа, секој таков принос на Господа ќе биде свет.
10 Нека не се надоместува ниту заменува со нешто друго - добро за лошо или лошо за добро. Ако се направи замена на едно животно за друго, тогаш и заветуваното и она што го заменило ќе бидат свети.
11 Ако заветуваниот принос биде од нечисто животно што не може да Му се принесува на Господа, нека го доведат животното при свештеникот,
12 па тој нека го процени. Било скапо, било нескапо, нека биде така како што ќе го процени свештеникот.
13 Ако некој сака да го откупи нека додаде петина кон неговата процена.’
14 ‘Ако некој ја посвети својата куќа заветувајќи Му ја на Господа, свештеникот нека процени дали е добра или е лоша. Како што ќе ја процени свештеникот така нека остане.
15 Ако оној, кој ја заветувал куќата сака да ја откупи, нека додаде една петина кон износот на нејзиното оценување, па нека биде негова.’
16 ‘Ако некој Му заветува на Господа дел од земјиштето, во своја сопственост, процени го според неговиот посев: за еден гомер јачмено семе педесет сикли во сребро.
17 Ако го заветува полето во јубилејната година, нека остане според ова проценување.
18 Но ако ја заветува нивата по јубилејната година, свештеникот нека ја пресмета цената во сребро според годините што остануваат до јубилејната година.
19 Ако оној што ја заветувал нивата посака да ја откупи, нека додаде петина кон износот на проценувањето, па нека му остане.
20 Ако не ја откупи нивата, туку ја продаде на друг, не може веќе да ја откупува.
21 Кога полето ќе биде ослободено во јубилејната година, нека Му биде посветено на Господа како заветувано поле и нека стане свештеникова сопственост.
22 Ако некој Му заветува на Господа дел од земјиштето што не е дел на неговата сопственост,
23 свештеникот нека му пресмета сразмерна процена до јубилејната година. И во истиот ден нека го исплати износот како Господова светина.
24 Во јубилејната година земјиштето ќе му биде вратено на оној од кого е купено - кому што му припаѓа земјишната сопственост.
25 Секое проценување нека се врши според храмскиот сикал: дваесет гери-пенези еден сикал.’
26 ‘Но никој нека не заветува првородено од добиток. И така првината Му припаѓа на Господа, без оглед дали е од ситен или е од крупен добиток.
27 Ако биде од нечиста стока, може да биде откупена според твојата процена, додавајќи петина кон цената. Ако не биде откупена, нека биде продадена според проценувањето.’
28 Но ништо од „заветуваното”, од она што Му е заветувано на Господа, било тоа да е човек или животно или негово наследено земјиште; ништо што човек Му Го посветил со завет на Господа, не може ни да се продаде ниту да се откупи. Сè што е заветувано е најголема Господова светина.
29 Ниеден човек, над кого е изречено проклетство, не смее да се откупува: треба да биде погубен.’
30 ‘Секоја десетина од земјата, од полските посеви и од плодовите на дрвата, Му припаѓа на Господа; тоа е Господова светина.
31 Ако некој сака да откупи нешто од својот десеток, кон тоа треба да додаде една петина од цената.
32 Секој десеток од крупниот и од ситниот добиток, односно секое десетто што поминува под пастирскиот стап, нека Му биде посветено на Господа.
33 Нека не се гледа дали е добро или е лошо; и нека не се заменува. Сепак ако се замени, тогаш нека биде свето и едното и другото, и не смее да се откупува.’”
34 Тоа се заповедите што Господ му ги даде на Мојсеја за Израелевите синови на Синајската Гора.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse