Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници

Од Wikisource

Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници

од Петар Поп Арсов
Ова е превод на македонски јазик на оригиналната книга издадена под псевдонимот „Вардарски“.


Насловна страница на оригиналната публикација.

Општо е познато дека со доаѓањето на власт, Стамболов отпочна една дива војна против сè што негуваше симпатии спрема омразената нему Русија. Во бројот на русофилите влегуваше и бугарското духовенство. Природно беше, Стамболов да отвори оган и спрема духовенството во бугарското кнежевство. Таа борба, какошто многумина од читателите знаат, траеше неколку години и заврши со потчинување на бугарското духовенство под световната власт на Стамболов. Само славнио трновски митрополит, Високопресвештениот Климент, до крај остана најсмел борец против стремежите на Стамболов. Па и што можеше да прави духовенството во борбата против световната власт, кога во рацете на Стамболов беа и топови, и жандарми, и сесилните пари, со кои ги поткупуваше и ги заплашуваше судиите. На таа борба помеѓу Стамболовата световна власт и духовенството се должи многугодишното вдовствување на епархиите, меѓу кои и Софиската: бугарската престолнина долго време беше без метрополит, додека најпосле се најде еден, кој му се допадна на Стамболов. При сета деликатност на својата положба, Егзархот како духовен поглавар, беше принуден да се појави на чело против самоволјата на Стамболов во кнежевството. И така: борбата меѓу световната и духовната власт во Бугарија истовремено беше борба меѓу Стамболов и Егзархот.

Како победник во своето царство, Стамболов посака со својата нечиста рака да посегне и врз самата Егзархија во Цариград. Познато е дека туѓите весници, особено австриските и англиските, го величеа и го величаат Стамболов како „бугарски Бизмарк“, „балкански Криспи“ и со други ласкави за честољубивиот бугарски Нерон, епитети, кои многу пријатно му звучат на неговото уво, а истовремено се многу прифатливи за штедрите во тој однос туѓинци. Како последица на тие ласкања од страна на заинтересираните туѓинци, Стамболов си беше помислил дека навистина тој е повикан од провидението, да ја игра улогата на бугарски „Бизмарк“...

Славата на Бизмарк се состои главно во обединувањето на Германците под Прусија преку училиштата и училишните друштва - шулферајните: така и импровизираниот „бугарски Бизмарк“ - дивиот Стамболов на прв план посака да го постави обединувањето на Бугарите врз истите основи и средства. Тоа е една идеја, какошто гледате, - идеја, за која треба да ракоплескаат осознаените Бугари... При сето тоа, ние нему да му ракоплескаме на Стамболов, зошто бугарскиот народ многу порано од раѓањето на Стамболов, беше дошол до сознанието дека само училиштето е во состојба да ги држи моралните врски помеѓу Бугарите во сите краишта на татковината и тоа, најпосле ќе послужи за постигнување на крајната цел. И не само не ракоплескаме, ами го осудуваме и со нас заедно треба да го осуди целиот бугарски народ, особено македонските бугари, бидејќи и во тој свет бугарски идеал Стамболов ги замеша својот егоизам и безумие. Тој тиранин, кој не остави ништо свето за Бугаринот неизвалкано, за задоволување на својата жед за власт посака да се послужи и со училишното дело во Македонија. Тој блудник, кој се подигра со честа, животот и имотот на своите сотатковници во кнежевството, посака да го направи истото и со нас Македонците во сопствената наша татковина - Македонија. И се најдоа ниски луѓе, од него изгонети од Бугарија, коишто ќе му услужат! Тоа можеби ќе изгледа неверојатно на читателот, но нека не се чуди: на овој свет сè е возможно, уште повеќе кај нас, каде луѓето повеќе мислат со своите чкембиња, па и К'нчев може да инспекторува, и Максим да владикува, и Наследников, Сарафов, Х. Иванов, Рачев и други да директоруваат и сл. и сл., а узурпаторот Лазаров да начелникува...

Уверен во својата семоќност, Стамболов, којшто има голема слабост да се идентификува себеси со општобугарскиот идеал, го испрати во Цариград познатиот ретроград Лазаров, против кого во Бугарија беше станало сè што е чесно, со мисија, да го одземе од Егзархот училишното дело во Македонија, да го претвори Училишниот Оддел во Стамболовски шулферајн, па на тој начин да постигне:

  1. лична одмазда спрема Егзархот, којшто не го оставаше на мира во кнежевството;
  2. да ги прекрати службите на емигрантите кои ги фаворизираше Егзархијата;
  3. да го задоволи своето ненаситно властољубие со парализирање на Егзархот, откако ќе му ги одземе училиштата, кои, покрај другото, се поврзани со извесни суми, та да се рече, дека тој е „будното око“ и „неуморливиот стражар“ на себугарските интереси;
  4. да ја централизира училишната власт со поставување на такви директори, инспектори, учители и други, кои ќе бидат предани работници за спроведување на тој принцип, а да се гонат сите оние учители, кои не сакаат им служат на туѓи за земјата интереси за волја на мечтите на некаков си побеснет Стамболов. Ете, тие се главните точки на програмата, со која беше натоварен Лазаров од својот обожуван шеф.

Четвртата точка на таа програма ќе биде предмет на нашата статија: ќе ги покажеме употребените средства и начини за спроведување на последната програмска точка; ќе ги констатираме последиците од тој начин на дејствување, од кое само по себе ќе блеснат две големи зла, што му ги направи Лазаров респектив Стамболов на училишното дело во Македонија: а) жестоката партизанска борба меѓу општините, граѓаните и егзархиските чиновници, б) водење на македонските работи во зависност од партизанските борби во Бугарија, кое никако не е во интерес на нашата земја, со условите за нејзиното постоење, и во многу односи со спротивставени интереси, кои треба да се раководат од луѓе, што ги познаваат условите и ги ценат месните интереси, а не од некој си Лазаров или од Егзархот со нивните тајфи, собрани по личните ќеифови на тие две македонски „светила“... Тоа прашање е од таква капитална важност , така што тука е тесно местото за да се разгледува...

Сега да си дојдеме до предметот, откако претходно ќе фрлиме еден брз поглед и врз првите точки на Лазаровската мисија во Цариград.

Види исто така[уреди]