Прејди на содржината

Петар Попарсов „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставхници“ (Изводи) – 1894 г.

Од Wikisource

Одземете му го на човека полето на дејствување тој е веќе мртов: така и нашата “љубезна” Егзархија со своите два оддела, стремејќи се на нашите општини да им го одземе благородното поле за работа, преку својот авторитет, сака да ги умртви, да ги убие! На помош, сите чесни Македонци! Дојдете да ги спасиме умирачките општини во Македонија, со што сакаат да не’ претворат во мртов труп за да си играат со нас, како што сакаат божемните наши браќа!


Ох, грозно! Грозно е братоубиството!


Нашите вековни господари никогаш не задирале во нашето општинско самоуправување: макар и под грчки владици, нашиот народ во општините бил слободен во издржувањето и уредувањето на училиштата, црквите, манастирите и други народно-општествени прашања; тука, во тоа свето гнездо, народот се воспитувал во општественост, во хуманизам и на својот дух му давал повозвишен елан, престанувајќи да се грижи само за својата лична егзистенција; тука, во тој единствен наш парламент, се чувал и зајакнувал стариот словенски демократски дух на нашиот народ основата на патријархалниот словенски совет.

И точно таа наша општина единствена народна установа што ја зачувала нашата национална и човечка физиономија низ петстотинигодишниот период, Егзархијата со секакви средства сака да ја претвори во нула, да ја задуши, да го задуши народниот дух!!!...

Може ли да има поголемо злосторство од тоа?


- Кој ти ги извади очите?

- Брати ми.

- Затоа толку длабоко ти ги извртел!


Токму таква е нашата положба: ни даваат пари за да не’ убијат. По врага со тие пари, ако убивајќи ги нашите општини им натрапуваат севозможни претседатели, директори, учители и други, за да ги контролирале (?!) сумите единствениот мотив на бугарската пропаганда!

Да, бугарската пропаганда!

Најважните служби Егзархијата им ги доверува на Бугари: владици, архимандрити, директори, инспектори, учители, деловодители, редакори итн. итн., а од егзархиска служба ги отстранува совесните Македонци против кои се употребуваат сите дозволени и недозволени средства да бидат изгонети надвор од својата татковина.

Со тоа „народната” Егзархија совршено смислено се стреми да го ликвидира, секое посамостојно движење кај нас, на Македонецот да му одземе секаква можност да се занимава со повозвишени општествени прашања; да не’ окове во синџири за да не’ разигрува како мечка и да не’ води таму од каде што ќе добие поголем бакшиш.


На секој чесен Македонец, девиза нека му биде пред се’ Мирскиот совет со чие формирање ќе се реши и прашањето за општинската самоуправа. Да се знае кој е кум а кој е старосват; што е Мирски совет, што Егзархија, што Синод, што Егзарх, што општина, епархијален совет, владика, општински претседател, пансионска комисија, и што е директор, инспектор, учител, гаваз, слуга; што е училишно и што црковно настојателство итн. итн.

Имајќи ги предвид годинашниве башибозуци во училишното дело, општиот впечаток што го прави Училишниот оддел при Егзархијата е таков, што никогаш Одделот не се напинал до таков степен да се постави над волјата на општественото мислење како оваа година. Предавниците, развратниците, шарлатаните, подлеците кон кои и нивните пријатели чувствуваат презир и одвратност, одделот ги задржа и ги унапреди во службата, додека претставниците на законитоста, правдата и слободата или беа принудени да си поднесат оставка, или беа онеправдани низ понижување и преместување, или пак беа изгонети од службата.

Од Одрин до Скопје нема град каде што оваа година Одделот не извршил по неколку диви незаконитости.

Солун. 1.11.94 г. Вардарски