Спогодба меѓу Република Македонија и Европската Заедница за олеснување на издавањето визи
СПОГОДБА
меѓу
Република Македонија и Европската Заедница
за олеснување на издавањето визи
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА и ЕВРОПСКАТА ЗАЕДНИЦА, понатаму во текстот „Заедницата“;
понатаму во текстот страните;
Имајќи ја предвид одлуката на Европскиот Совет од декември 2005 на Република Македонија да и се додели статус на земја-кандидат за членство во ЕУ;
Имајќи ја предвид Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) меѓу Европската Заедница и Република Македонија, која беше потпишана во април 2001 година и стапи во сила на 1 април 2004 година и која што во моментот ги уредува односите со Република Македонија;
Потврдувајќи ја желбата за блиска соработка во рамките на постојните структури на ССА за либерализација на визниот режим меѓу Република Македонија и Европската Унија, во согласност со заклучоците на Самитот ЕУ-Западен Балкан одржан во Солун на 21 јуни 2003;
Признавајќи го напредокот постигнат од страна на Република Македонија во областите на правда, слобода и безбедност, посебно во областа на миграцијата, визната политика, граничното управување и безбедноста на документи;
Со намера како прв конкретен чекор кон безвизен режим на патување, да се олеснат контактите меѓу луѓето како важен услов за континуиран развој на економските, хуманитарните, културните, научните и други врски, преку олеснување на издавањето визи на граѓани на Република Македонија;
Имајќи предвид дека граѓаните на ЕУ се ослободени од обврската да поседуваат виза кога патуваат во, или транзитираат низ територијата на Република Македонија во период кој не надминува 90 дена;
Признавајќи дека, доколку Република Македонија повторно ја воведе обврската за поседување виза за граѓани на ЕУ, олеснувањата за граѓаните на Република Македонија пропишани со оваа спогодба автоматски, врз основа на реципроцитет, ќе се применуваат за граѓаните на ЕУ;
Признавајќи дека визните олеснувања не треба да водат кон незаконска миграција и обрнувајќи посебно внимание на безбедноста и реадмисијата;
Земајќи ги предвид Протоколот за позицијата на Обединетото Кралство и Ирска и Протоколот за интегрирање на шенгенското право во рамките на Европската Унија, приложен кон Договорот за Европска Унија и Договорот за основање на Европската Заедница, и потврдувајќи дека одредбите од оваа Спогодба не важат за Обединетото Кралство и Ирска;
Земајќи ги предвид Протоколот за позицијата на Данска приложен кон Договорот за Европска Унија и Договорот за основање на Европската Заедница, и потврдувајќи дека одредбите од оваа Спогодба не важат за Кралството Данска;
СЕ СОГЛАСИЈА ЗА СЛЕДНОВО:
Член 1 – Цел и делокруг на примена
1. Целта на оваа Спогодба е да се олесни издавањето визи за планиран престој кој не надминува 90 дена во период од 180 дена за граѓаните на Република Македонија.
2. Доколку Република Македонија повторно воведе барање за виза за граѓаните на ЕУ или за одредени категории граѓани на ЕУ, олеснувањата пропишани со оваа спогодба за граѓаните на Република Македонија автоматски, врз основа на реципроцитет, ќе се применуваат и за засегнатите граѓани на ЕУ.
Член 2 – Општа одредба
1. Визните олеснувања пропишани со оваа Спогодба ќе важат за граѓаните на Република Македонија само доколку истите не се ослободени од барањето за виза со законите и регулативите на Заедницата или земјите-членки, со оваа спогодба или други меѓународни спогодби.
2. Домашните закони на Република Македонија, на земјите-членки или на Заедницата ќе се применуваат за прашања што не се опфатени со одредбите на оваа Спогодба, како што се одбивањето да се издаде виза, признавањето на патни исправи, доказ за потребни средства за издржување и одбивањето на влез и мерките на протерување. Член 3 – Дефиниции
За целите на оваа Спогодба:
а) „Земја-членка“ значи било која земја-членка на Европската Унија, освен Кралството Данска, Република Ирска и Обединетото Кралство;
б) „Граѓанин на Европската Унија“ значи државјанин на земја-членка како што е дефинирано во точка (а);
в) „Граѓанин на Република Македонија“ значи било кое лице кое поседува државјанство на Република Македонија;
г) „Виза“ значи овластување издадено од земја-членка или одлука донесена од истата, кои се потребни во поглед на:
- влез за планиран престој во таа земја-членка или во неколку земји-членки во времетраење кое нема да надмине 90 дена
- влез поради транзит низ територијата на таа земја-членка или неколку земји-членки.
д) „Лице кое престојува легално“ значи граѓанин на Република Македонија кој има овластување или право за престој којшто не надминува период од 90 дена на територијата на земја-членка, врз основа на националното законодавство или законодавството на Заедницата.
Член 4 – Документирани докази кои се однесуваат на целта на патувањето
1. За следните категории граѓани на Република Македонија, следните документи се доволни за оправдување на целта на патувањето во другата страна:
а) Ученици, средношколци, студенти, студенти на постдипломски студии и наставници кои ги придружуваат, како и лица кои патуваат поради студирање или образовна обука, вклучително и во рамките на програми за размена, како и други образовни активности или активности поврзани со училиштето: - писмена покана или потврда за запишување од универзитетот, колеџот или училиштето во земјата-домаќин или студентски карти или потврдa за курсевите кои ќе се посетуваат;
б) Лица кои учествуваат во научни, истражувачки, културни и уметнички активности, вклучително и универзитетски и други програми за размена: - писмена покана од организацијата-домаќин за учество во наведените активности;
в) Претставници на организации од граѓанскиот сектор, кои патуваат заради студирање или образовна обука, семинари, конференции, вклучително и во рамките на програми за размена: - писмена покана од организацијата-домаќин, потврда дека лицето ја претставува организацијата од граѓанскиот сектор и потврда за основањето на таква организација од релевантен Регистар, издадена од надлежен државен орган, согласно националното законодавство ;
г) Новинари: - потврда или друг документ издаден од професионална организација со кој се докажува дека лицето на кое се однесува е новинар и документ издаден од работодавачот во кој е наведено дека целта на патувањето е да врши новинарска работа;
д) Учесници на меѓународни спортски настани и лица кои ги придружуваат во професионално својство: - писмено барање од организација во земјата-домаќин: надлежни органи, национални спортски федерации или национални олимписки комитети на земјите-членки;
ѓ) Стопанственици и претставници на деловни организации: - писмена покана од правното лице или компанијата домаќин, или од канцеларија или филијала на такво правно лице или компанија, или од државни или локални власти на земјата-членка домаќин, или од организациони одбори на трговски и индустриски изложби, конференции и симпозиуми кои се одржуваат на територијата на земјите-членки;
е) Припадници на разни професии кои учествуваат на меѓународни изложби, конференции, симпозиуми, семинари или други слични настани кои се одржуваат на територијата на земјите -членки: - писмена покана од организацијата-домаќин со која се потврдува дека лицето учествува на настанот;
ж) Учесници во официјални програми за размена, организирани од збратимени градови: - писмено барање од градоначалникот или од раководно лице во администрација на овие градови;
з) Возачи кои вршат меѓународен превоз на товар и патници во териториите на земјите-членки, со возила регистрирани во Република Македонија: - писмено барање од здружение на превозници во Република Македонија кое врши меѓународен патен превоз, во кое се наведени целта, времетраењето и зачестеноста на патувањата;
ѕ) Членови на екипажи на возови, ладилници или локомотиви во меѓународни возови кои патуваат во териториите на земјите-членки: - писмено барање од надлежна железничка компанија во Република Македонија, во кое се наведени целта, времетраењето и зачестеноста на патувањата;
и) Блиски роднини – брачен другар, деца (вклучително и посвоени), родители (вклучително и страратели), баби, дедовци и внуци - во посета на граѓани на Република Македонија кои легално престојуваат на територијата на земја-членка: - писмена покана од лицето-домаќин;
ј) Претставници на верски заедници: - писмено барање од регистрирана верска заедница во Република Македонија во кое се наведени целта, времетраењето и зачестеноста на патувањата;
к) Лица кои патуваат заради медицински причини и лица кои се неопходни заради придружба: - официјален документ од медицинска институција со кој се потврдува потребата од медицинска нега во таа институција, потребата да се биде придружуван и доказ за потребните финансиски средства за плаќање на медицинскиот третман;
л) Лица кои патуваат заради присуство на погребни церемонии: - официјален документ со кој се потврдува смртта, како и писмена потврда за семејниот или друг однос помеѓу апликантот и починатиот;
љ) Членови на официјални делегации кои, на официјална покана до Република Македонија, учествуваат на состаноци, консултации, преговори или програми за размена, како и на настани кои се одржуваат на територијата на земјите-членки од страна на меѓувладини организации: - писмо издадено од надлежен орган на Република Македонија со кое се потврдува дека барателот е член на делегацијата, која патува во другата страна со цел да учествува на претходно споменатите настани, придружено со копија од официјалната покана;
м) Лица кои патуваат заради туризам: - потврда или ваучер од туристичка агенција или тур-оператор акредитиран од земја-членка во рамки на локалната конзуларна соработка, со кој се потврдува резервацијата за организираното патување;
н) Лица кои патуваат заради посета на воени или цивилни гробови: - официјален документ со кој се потврдува постоењето и зачуваноста на гробот, како и писмена потврда за семејниот или друг однос помеѓу апликантот и починатиот.
2. Писменото барање наведено во став 1 од овој член ќе ги содржи следните ставки:
а) за поканетото лице: име и презиме, дата на раѓање, пол, државјанство, број на личната исправа, време и цел на патувањето, број на влезови и доколку е релевантно името на брачниот другар и децата кои го придружуваат поканетото лице;
б) за лицето кое поканува: име и презиме и адреса, или
в) за правното лице, компанија или организација која поканува: полно име и адреса и
- доколку барањето е издадено од организација, името и функцијата на лицето кое го потпишува барањето
- доколку лицето кое поканува е правно лице, компанија, канцеларија или филијала на правно лице или компанија основани на територијата на земја-членка, регистарскиот број како што е пропишано во домашните закони на засегнатата земја-членка.
3. За категориите лица изнесени во став 1 од овој член, сите категории визи се издаваат според поедноставена процедура без да се бара било какво друго оправдување, покана или потврдување во врска со целта на патувањето.
Член 5 – Издавање повеќекратни визи
1. Дипломатските мисии и конзуларните претставништва на земјите-членки ќе издаваат повеќекратни визи со рок на важност до најмногу пет години за следните категории лица:
а) Членови на Владата, Собранието, Уставниот суд, Врховниот суд, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители на Република Македонија, ако истите не се изземени од обврската за поседување на виза со оваа Спогодба, заради извршување на нивните обврски, со рок за важност ограничен на траењето на нивниот мандат ако изнесува помалку од пет години;
б) Постојани членови на официјални делегации кои, на официјална покана до Република Македонија, редовно ќе учествуваат на состаноци, консултации, преговори или програми за размена, како и на настани кои се одржуваат на територијата на земјите-членки од страна на меѓувладини организации;
в) Брачни другари и деца (вклучително и посвоени), кои се помали од 21 година или се издржувани и родители (вклучително и страратели), во посета на граѓани на Република Македонија кои легално престојуваат на територијата на земја-членка, со рок на важност ограничен со времетраењето на важноста дозволата за легален престој;
г) Стопанственици и претставници на деловни организации кои редовно патуваат во земјите-членки;
д) Новинари;
ѓ) Претставници на верските заедници регистрирани во Република Македонија кои редовно патуваат во земјите-членки.
2. Дипломатските мисии и конзуларните претставништва на земјите-членки ќе издаваат повеќекратни визи со рок на важност до една година за следните категории лица, доколку во претходната година се стекнале со најмалку една виза, ја употребиле во согласност со законите за влез и престој на посетената земја-членка и доколку постојат причини за барање на повеќекратна виза:
а) Студенти запишани на додипломски или последипломски студии кои редовно патуваат поради студирање или образовна обука, вклучително и во рамките на програми за размена;
б) Лица кои редовно патуваат заради учество во научни, истражувачки, културни и уметнички активности, вклучително и универзитетски и други програми за размена;
в) Учесници во меѓународни спортски настани и лица кои ги придружуваат во професионално својство;
г) Припадници на разни професии кои редовно патуваат заради учество на меѓународни изложби, конференции, симпозиуми, семинари или други слични настани кои се одржуваат на територијата на земјите –членки;
д) Претставници на организации од граѓанскиот сектор, кои редовно патуваат во земјите-членки заради студирање или образовна обука, семинари, конференции, вклучително и во рамките на програми за размена;
ѓ) Учесници во официјални програми за размена организирани од збратимени градови;
е) Градоначалници и членови на Советите на општините;
ж) Возачи кои вршат услуги за меѓународен превоз на товар и патници во териториите на земјите-членки, со возила регистрирани во Република Македонија;
з) Членови на екипажи на возови, ладилници или локомотиви во меѓународни возови кои патуваат во териториите на земјите-членки;
ѕ) Лица кои имаат потреба од чести патувања заради медицински причини и лица кои е неопходно да ги придружуваат;
и) Членови на официјални делегации кои, на официјална покана до Република Македонија, ќе учествуваат на состаноци, консултации, преговори или програми за размена, како и на настани кои се одржуваат на територијата на земјите-членки од страна на меѓувладини организации.
3. Дипломатските мисии и конзуларните претставништва на земјите-членки ќе издаваат повеќекратни визи со рок на важност од најмалку две, а најмногу пет години за категориите лица изнесени во став 2 од овој член и за други лица, доколку во текот на претходната година искористиле една повеќекратна виза во согласност со законите за влез и престој на посетената земја и доколку причините за барање повеќекратна виза се сè уште оправдани.
4. Вкупниот период на престој на лицата изнесени во ставовите 1-3 од овој член нема да надминува 90 дена за период од 180 дена на територијата на земјите-членки.
Член 6 – Такси за обработка на барањето за виза
1. Таксата за обработка на барањата за виза за граѓаните на Република Македонија ќе изнесува 35 евра.
Горенаведениот износ може да биде ревидиран во согласност со постапката од член 14 став 4.
Доколку Република Македонија повторно воведе обврска за поседување виза за граѓаните на ЕУ, визната такса која ќе се наплаќа од страна на Република Македонија, нема да биде повисока од 35 евра или утврдениот износ доколку таксата се ревидира во согласност со постапката од член 14 став 4.
2. Таксата за обработка на барањата за виза ќе биде укината за следните категории лица:
а) Блиски роднини – брачен другар, деца (вклучително и посвоени), родители (вклучително и страратели), баби, дедовци и внуци - во посета на граѓани на Република Македонија кои легално престојуваат на територијата на земја-членка;
б) Членови на официјални делегации кои, на официјална покана до Република Македонија, редовно ќе учествуваат на состаноци, консултации, преговори или програми за размена, како и на настани кои се одржуваат на територијата на земјите-членки од страна на меѓувладини организации;
в) Членови на Владата, Собранието, Уставниот суд, Врховниот суд, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители на Република Македонија, ако истите не се изземени од обврската за поседување на виза со постоечката Спогодба;
г) Градоначалници и членови на советите на општините;
д) Инвалиди и лицето кое ги придружува, доколку е потребно;
ѓ) Лица кои презентирале документи со кои се докажува неопходноста за нивното патување на хуманитарна основа, вклучително заради добивање на итен медицински третман, како и лицето кое придружува такво лице, или заради присуство на погреб на близок роднина, или заради посета на сериозно болен близок роднина; е) Учесници во меѓународни спортски настани и лицата кои нив ги придружуваат во професионално својство;
ж) Лица кои патуваат заради учество во научни, истражувачки, културни и уметнички активности, вклучително и универзитетски и други програми за размена;
з) Учесници во официјални програми за размена организирани од збратимени градови;
ѕ) Новинари;
и) Пензионери;
ј) Возачи кои вршат меѓународен превоз на товар и патници во териториите на земјите-членки, со возила регистрирани во Република Македонија;
к) Членови на екипаж на возови, ладилници или локомотиви во меѓународни возови кои патуваат во териториите на земјите-членки;
л) Претставници на организации од граѓанскиот сектор, кои патуваат заради студирање или образовна обука, семинари, конференции, вклучително и во рамките на програми за размена;
љ) Претставници на верските заедници регистрирани во Република Македонија;
м) Припадници на разни професии кои патуваат заради учество на меѓународни изложби, конференции, симпозиуми, семинари или други слични настани кои се одржуваат на територијата на земјите –членки;
н) Ученици, студенти, студенти на постдипломски студии и наставници кои ги придружуваат, кои патуваат поради студирање или образовна обука, вклучително и во рамките на програми за размена, како и други образовни активности или активности поврзани со училиштето;
њ) Деца под 6 години;
3. Со дерогација на став 1 од овој член, Бугарија и Романија, за кои е обврзувачко шенгенското право, но сè уште не издаваат шенген визи, можат да ги укинат таксите за обработка на барањата за национална виза за краток престој за граѓаните на Република Македонија, до денот кој ќе биде определен со Одлука на Советот за нивна целосна имплементација на шенгенското право во визната политика.
Член 7– Должина на процедурите за обработка на барањето за виза
1. Дипломатските мисии и конзуларните претставништва на земјите-членки ќе донесат одлука по барањето за издавање на виза во рок до 10 календарски денови од денот на прием на барањето и документите потребни за издавање виза.
2. Временскиот период за донесување одлука за барањето за виза може да биде продолжен најмногу до 30 календарски денови во индивидуални случаи, особено кога е потребно дополнително разгледување на барањето.
3. Временскиот период за донесување одлука за барањето за виза може да биде намален на 2 или помалку работни дена во итни случаи.
Член 8 – Заминување во случај на изгубени или украдени документи
Граѓаните на Европската Унија и на Република Македонија кои ги изгубиле своите лични исправи или чии лични исправи биле украдени за време на престојот на теритотијата на Република Македонија или на земјите-членки, можат да ја напуштат територијата врз основа на важечки лични исправи кои даваат право да се премине границата, а кои се издадени од дипломатска мисија или конзуларно претставништво на земја-членка или на Република Македонија без било каква виза или друго овластување. Член 9 – Продолжување на визата во исклучителни околности
На граѓаните на Република Македонија кои не се во можност да ја напуштат територијата на земјите-членки до времето наведено во нивната виза поради виша сила, хуманитарни, сериозни професионални или лични причини, бесплатно ќе им се продолжи рокот на визата во согласност со законодавството применувано од земјата-домаќин за периодот потребен за нивно враќање во земјата на нивниот престој.
Член 10 – Дипломатски пасоши
1. Граѓаните на Република Македонија, носители на валидни дипломатски пасоши можат да влезат, да ја напуштат и да транзитираат низ територијата на земјите-членки без виза.
2. Лицата наведени во став 1 на овој член можат да престојуваат на територијата на земјите-членки не подолго од 90 дена во период од 180 дена.
Член 11 – Територијална важност на визите
Граѓаните на Република Македонија, кои подлежат на националните правила и регулативи во врска со националната безбедност на земјите-членки и на правилата на ЕУ за визи со ограничена територијална важност, ќе имаат право да патуваат во територијата на земјите-членки на еднаква основа со граѓаните на Европската Унија.
Член 12 – Заеднички комитет за водење на Спогодбата
1. Страните ќе формираат Заеднички комитет од експерти (понатаму во текстот „Комитетот“), составен од претставници на Европската Заедница и на Република Македонија. Заедницата е претставена од Комисијата на Европските Заедници, помогната од експерти од земјите-членки.
2. Комитетот, особено, ќе ги има следните задачи:
а. да ја набљудува примената на оваа Спогодба (редовна размена на информации, вклучувајќи податоци за бројот на издадени визи поднесени и одбиени барања за визи);
б. да предлага измени и дополувања на оваа Спогодба;
в. да решава спорови произлезени од толкувањето на одредбите на оваа спогодба.
3. Комитетот ќе се состанува кога е неопходно на барање на една од страните, а најмалку еднаш годишно.
4. Комитетот ќе донесе свој деловник за работа.
5. Комитетот ќе ги известува релевантните органи основани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, обезбедувајќи периодично податоци за примената на оваа спогодба.
Член 13 – Односот на оваа спогодба со билатералните спогодби меѓу земјите-членки и Република Македонија
1. Почнувајќи од денот на нејзиното стапување во сила, оваа Спогодба ќе надвалдее над одредбите од било кои билатерални или мултилатерални спогодби или договори склучени меѓу одделни земји-членки и Република Македонија, доколку одредбите од тие спогодби или договори опфаќаат прашања кои се опфатени со оваа Спогодба. 2. Одредбите од билатералните спогодби или договори меѓу одделни земји-членки и Република Македонија потпишани пред 1 јануари 2007 година кои предвидуваат ослободување од обврската за поседување виза за носителите на службени пасоши ќе продолжат да се применуваат за период од 5 години од стапувањето во сила на оваа Спогодба, без исклучување на правото на засегнатите земји-членки или Република Македонија да ги откажат или суспендираат овие билатерални спогодби во текот на тие 5 години.
Член 14 – Завршни одредби
1. Оваа Спогодба ќе биде ратификувана или одобрена од страните во согласност со нивните процедури и ќе стапи во сила на првиот ден од вториот месец по денот на кој страните ќе се известат една со друга дека гореспоменатите процедури се завршени.
2. Со дерогација на став 1 од овој член, оваа Спогодба ќе стапи во сила на денот на стапување во сила на Спогодбата меѓу Република Македонија и Европската Заедница за реадмисија на лица доколку овој датум следи по датумот предвиден во став 1 од овој член. 3. Оваа Спогодба се склучува на неодредено време, освен ако не биде прекината во согласност со став 6 од овој член.
4. Оваа Спогодба може да биде изменета со писмена согласност од двете страни. Измените стапуваат во сила откако страните ќе се известат една со друга за завршувањето на нивните внатрешни процедури за оваа цел.
5. Секоја страна може целосно или делумно да ја суспендира оваа Спогодба поради причини поврзани со јавниот ред, заштитата на националната безбедност или со заштитата на јавното здравје. Другата страна се известува за одлуката за суспензија најдоцна 48 часа пред стапувањето во сила на истата. Страната која ја суспендира примената на оваа Спогодба веднаш ја известува другата страна штом престанат да важат причините за суспензијата.
6. Секоја страна може да ја прекине оваа Спогодба со доставување писмено известување до другата страна. Оваа Спогодба престанува да биде во сила по 90 дена од денот на известувањето.
Потпишана во ........................... на ..................................... во примерок на секој од официјалните јазици на страните, секој од нив со подеднакво автентичен текст.
АНЕКС
ПРОТОКОЛ КОН СПОГОДБАТА ЗА ЗЕМЈИТЕ-ЧЛЕНКИ КОИ НЕ ГО ПРИМЕНУВААТ ЦЕЛОСНО ШЕНГЕНСКОТО ПРАВО
Земјите-членки кои се обврзани со шенгенското право, но кои сè уште не издаваат шенген визи, во исчекување на релевантна одлука на Советот за таа цел, ќе издаваат национални визи чие важење е ограничено на нивната сопствена територија.
Овие земји-членки можат унилатерално да ги признаат шенген визите и дозволите за престој за транзит низ нивна територија, во согласност со Одлуката на Советот бр. 895/2006/ЕC од 14 јуни 2006.
Бидејќи Одлуката на Советот бр. 895/2006/ЕC од 14 јуни 2006 не важи за Романија и Бугарија, слични одредби ќе бидат предложени од Европската Комисија со цел да им се овозможи на овие земји унилатерално да ги признаат шенген визите и дозволите за престој и други слични документи кои се издаваат од други земји-членки кои сè уште не се целосно интегрирани во шенгенската зона заради транзит низ нивна територија.
ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ПЕРСПЕКТИВАТА ЗА ВЗАЕМЕН БЕЗВИЗЕН РЕЖИМ НА ПАТУВАЊЕ
Согласно заклучоците од Самитот ЕУ - Западен Балкан, одржан во Солун на 21 јуни 2003 година, визните олеснувања предвидени со оваа Спогодба ќе претставуваат преодна фаза до воведување на безвизен режим на патување за граѓаните на Република Македонија.
Безвизен режим на патување за граѓаните на Република Македонија ќе се воведе врз основа на позитивната оценка за напредокот на земјата во спроведувањето на релевантните реформи, согласно постапките и критериумите предвидени во Регулативата 539/2001 на Советот од 15 март 2001 година.
ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ДАНСКА
Страните констатираат дека оваа Спогодба не важи за процедурите за издавање визи од страна на дипломатските мисии и конзуларните претставништва на Кралството Данска.
Во такви околности, пожелно е властите на Данска и на Република Македонија да склучат, без одолжување, билатерална спогодба за олеснување при издавањето визи за краток престој со слични услови како во Спогодбата меѓу Европската Заедница и Република Македонија.
ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО И ИРСКА
Страните констатираат дека оваа Спогодба не се применува на територијата на Обединетото Кралство и Ирска.
Во такви околности, пожелно е властите на Обединетото Кралство, на Ирска и на Република Македонија да склучат билатерални спогодби за олеснување при издавањето визи.
ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ИСЛАНД И НОРВЕШКА
Страните го констатираат блискиот однос меѓу Европската Заедница и Норвешка и Исланд, особено врз основа на Спогодбата од 18 мај 1999 за придружување на овие две земји кон спроведувањето, примената и развојот на шенгенското право.
Во такви околности, пожелно е властите на Норвешка, на Исланд и на Република Македонија да склучат, без одлагање, билатерални спогодби за олеснување при издавањето визи за краток престој со слични услови како Спогодбата меѓу Европската Заедница и Република Македонија.
ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ШВАЈЦАРСКАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА И ЛИХТЕНШТАЈН (доколку е потребно)
Доколку Спогодбата меѓу, ЕУ, ЕЗ и Швајцарската Конфедерација за придружување на Швајцарската Конфедерација кон спроведувањето, примената и развојот на шенгенското право и Протоколите кон оваа Спогодба за Лихтенштајн, стапат во сила пред да бидат завршени преговорите со Република Македонија, слична декларација ќе биде приложена и во однос на Швајцарија и Лихтенштајн.
ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ТАКСАТА ЗА ОБРАБОТКА НА БАРАЊАТА ЗА ВИЗИ
Европската Заедница ја зема предвид загриженоста на Република Македонија за фактот дека на нејзините граѓани им се издаваат шенген визи со територијална важност ограничена на една или неколку земји-членки. Европската Заедница исто така го има предвид барањето на Република Македонија, дека на граѓаните кои поседуваат шенген визи со територијална важност ограничена на една или неколку земји-членки и кои имаат потреба да патуваат, во рамки на периодот на важност на таа виза, во земја-членка која не е опфатена со територијалната важност на таа виза, не треба да им се наплатува таксата за обработка на барањето за втората виза.
Страните сметаат дека ова прашање треба да се разгледа повторно, како приоритетно, од Комитетот посочен во член 12, веднаш штом Европскиот парламент и Советот ќе го усвојат Кодексот за визи на Заедницата, во чијшто нацрт се третира ова прашање.
ДЕКЛАРАЦИЈА НА ЕВРОПСКАТА ЗАЕДНИЦА ЗА РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ОБВРСКАТА ЗА ПОСЕДУВАЊЕ ВИЗА ЗА НОСИТЕЛИТЕ НА СЛУЖБЕНИ ПАСОШИ
Бидејќи ослободувањето на носителите на службени пасоши од обврската за поседување виза, предвидено во билатералните спогодби или договори меѓу одделни земји-членки и Република Македонија кои се потпишани пред 1 јануари 2007, продолжува да важи за период од 5 години од денот на стапување во сила на оваа Спогодба, без исклучување на правото на засегнатите земји-членки или Република Македонија да ги откажат или суспендираат овие билатерални спогодби во текот на тие 5 години, Европската Заедница повторно ќе ја разгледа ситуацијата со носителите на службени пасоши најдоцна 2 години по стапувањето во сила на оваа Спогодба, во поглед на можни измени на Спогодбата во согласност со процедурата предвидена во член 14 (4).
ДЕКЛАРАЦИЈА НА ЕВРОПСКАТА ЗАЕДНИЦА ЗА ПРИСТАП НА БАРАТЕЛИТЕ НА ВИЗА И УСОГЛАСУВАЊЕ НА ИНФОРМАЦИИТЕ ЗА ПОСТАПКИТЕ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ВИЗИ ЗА КРАТОК ПРЕСТОЈ И ДОКУМЕНТИТЕ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ПОДНЕСАТ ПРИ АПЛИЦИРАЊЕТО ЗА ВИЗА ЗА КРАТОК ПРЕСТОЈ
Признавајќи го значењето на транспарентноста за барателите на виза, Европската Заедница потсетува дека законскиот предлог за ревидирање на Заедничките конзуларни насоки за дипломатските мисии и конзуларните претставништва, усвоен на 19 јули 2006 година од Европската Комисија и моментално на дискусија меѓу Европскиот Парламент и Советот, ги опфати прашањата за условите за пристап на барателите на виза до дипломатските мисии и конзуларните претставништва на земјите-членки.
Во однос на информациите кои треба да бидат дадени на барателите на виза, Европската Заедница смета дека треба да се преземат соодветни мерки:
- Генерално, да се подготват основни информации за барателите на визи за постапките и условите за аплицирање за виза и нивната валидност,
- Европската Заедница ќе подготви листа на минимални барања со цел да обезбеди дека на апликантите од Република Македонија им се даваат кохерентни и униформни основни информации и од нив се бара да поднесат, во принцип, исти документи.
Гореспоменатите информации, вклучително и листата на акредитирани туристички агенции и тур-оператори во рамки на локалната конзуларна соработка, ќе бидат широко дистрибуирани (на огласните табли на конзулатите, на веб сајтовите, преку летоци и слично).
Дипломатските мисии и конзуларните претставништва на земјите-членки ќе се организираат на начин што закажувањето на термините за поднесување на барањето за виза и релевантните дополнителни документи ќе биде остварено во разумен временски период.
Дипломатските мисии и конзуларните претставништва на земјите-членки ќе обезбедат информации за постоечките можности, во рамки на шенгенското право, за олеснување на издавањето визи за краток престој и поедноставување на потребната документација, од случај до случај, посебно за bona fide апликантите.
ПОЛИТИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА НА БУГАРИЈА ВО ОДНОС НА ЛОКАЛЕН РЕЖИМ НА ДВИЖЕЊЕ ВО ПОГРАНИЧНАТА ЗОНА
Република Бугарија ја изјавува својата волја да пристапи кон преговори за склучување на билатерална спогодба со Република Македонија за спроведување на локалниот режим на движење во пограничната зона воспоставен со Регулативата на ЕЗ бр. 1931/2006 од 20 декември 2006 година, со која се воспоставуваат правилата за локален режим на движење во пограничната зона на надворешните копнени граници на земјите-членки и со која се дополнува Шенгенската конвенција.
ДЕКЛАРАЦИЈА НА ЕВРОПСКАТА ЗАЕДНИЦА ЗА ОЛЕСНУВАЊА ЗА ЧЛЕНОВИ НА СЕМЕЈСТВОТО
Европската Заедница го зема предвид предлогот од страна на Република Македонија да се даде поширока дефиниција во поглед на членовите на семејството кои треба да имаат придобивка од визните олеснувања, како и значењето кое Република Македонија го придава на поедноставувањето на движењето на оваа категорија на лица.
Со цел да се олесни мобилноста на поголем број на лица кои имаат семејни врски (посебно сестри и браќа и нивните деца) со граѓани од Република Македонија кои легално престојуваат на теритиријата за земјите-членки, Европската Заедница ги повикува конзуларните канцеларии на земјите-членки целосно да ги искористуваат постоечките можности во правото на Заедницата за олеснување на издавањето на визи на оваа категорија на лица, особено вклучувајки и поедноставување на потребната документација за апликантите, изземање од трошоците за обработка и онаму каде е можно издавање на повеќекратни визи.