Списание „Вардар“ (современ правопис)/ Предговор
нема | Списание „Вардар“ на современ македонски правопис од Крсте Петков Мисирков |
Отъ редакціи |
Објавено во списанието „Вардар“ на 1 септември 1905 во Одеса. |
Нашиот месечник е нешто ново, што ќе го привлече вниманието на сите, што се интересираат за македонското прашање. Однапред може да се рече, оти „Вардар“ ќе биде пречекан од сите, што се интересираат за македонското прашање, освен западноевропските, како нешто што може да нанесе голема штета на интересите на сите заинтересирани балкански народи во македонското прашање. Од „Вардар“ ќе бидат незадоволни: Турците, Грците, Бугарите, Србите и самите Македонци. Турците ќе се плашат да не предизвика некакво ново течение меѓу Македонците, кое би можело да предизвика нови бркотници во Македонија. Грците едвај ли ќе се порадуваат на какво и да е движење меѓу Македонците, кое би можело да ја покаже способноста на борба за самосочувство на словенскиот елемент во некогашната класична Македонија. Бугарите и Србите не го сакаат појавувањето на „Вардар“ со неговата национална програма како нешто, што може да нанесе смртен удар на нивните национални стремежи во Македонија. Најпосле поголемиот, ако не речеме најголемиот, дел од македонската интелегенција ќе биде против „Вардар“ со неговата програма, зошто сите Македонци, противници на македонскиот национален сепаратизам, се убедени, дека со пари во Македонија човек може да создаде од нашите Македонци не само бугарска, српска, грчка или македонска, ами и циганска народност и цигански интереси, а без пари не се прави ништо: противниците на националниот сепаратизам мислат, дека националните сепаратисти, како луѓе, што не располагаат ништо со пари, ниту со сочувство и подршка ниту една од балканските или големоевропски држави, ќе создадат во Македонија само една нова словенска партија, која само ќе ја зголеми и без тоа големата раздробеност на словенството во Македонија. Нема зошто да зборуваат, бидејќи и простиот народ ќе биде против „Вардаров“ и неговите подржувачи, националните сепаратисти: идејата, што ја имаат сепаратистите, е многу одвлечена и тешко се разбира од простиот народ, на кој му имаат надојдено секакви проповеди и новововедувања. Најпосле, противниците на „Вардар“ и македонските национални сепаратисти се и руските славенофили и мнозина слависти: тие велат, дека и без нова македонска словенска народност имало многу словенски народности: секој разумен човек, велат тие, би требало да се стреми кон соединувањето на нови словенски народности, за кои до сега ниту во историјата, ниту во филологијата не се зборувало ништо. Колку непиријатели има „Вардар“ уште од зачетокот на неговото излегување на бело видело. Неговата задача, значи, ќе биде: 1, тој да уреди извесни односи меѓу него, неговата програма, неговите следбеници - македонските национални сепаратисти - од една страна, и неговите противници - своите балкански народности, заинтересирани за македонското прашање - од друга; 2, тој ќе треба со научни доводи да се бори со своите словенофили и слависти, кои, потпирајќи се на историјата и филологијата, го одрекуваат постоењето на одделна словенска - македонска - народност; со други зборови, на „Вардар“ му се паѓа, тој да ги прегледа сите научни, историско-лингвистички прашања за народноста на Македонците и да подлежи на строга научна критика, потпирајќи се на нови лингвистички материјали и теории. Најпосле трето и најглавно, „Вардар“ не треба само да ја следи научната основа за македонскиот национален сепаратизам, туку тој треба да покаже дека и јазикот е самобитен, дека не е ни српски, ни бугарски и дека е способен за литературно развивање. Со достигнувањето на таа задача, „Вардар“ ќе им даде на своите читатели цел ред интересни, за секој Македонец, научни и белетристички материјали и со тоа ќе ја стави основата на македонската самостојна наука и литература. „Вардар“ ќе се помачи со нови научни материјали да го претставува интересот не само на Македонците или заинтересираните туѓинци од политичко гледиште со македонското прашање, туку и за тие од последните, за кои нашата татковина претставува чисто научен интерес. Со статиите на руски јазик „Вардар“ ќе се помачи да ги запознае пошироките руски кругови со Македонија и македонското прашање. Еве ги задачите, што си ги постави „Вардар“; тие се од двоен карактер: политички и научно-литературен. Задачите на „Вардар“ се до толку големи, макотрпни, со кои има тој да се сретне, се од толку сериозен карактер; пријателите, на кои тој има да смета, се до толку малку, што уште од почетокот се чини, дека гласот на „Вардар“ ќе биде глас на викач во пустина. Меѓу таа длабока жалост, што ги гушат градите, кога помислуваме за мачнините, со кои има да се сретне „Вардар“, само едно нас нè утешува, а тоа е - Господ Бог и неговата правдина, што е на наша страна: со неа и тој е кај нас и со нас, а со Господ напред „Вардар“ ќе излезе победник од сите мачнини, какви и да се тие. Поврзано |