Сл. весник / РМ / 1992 / 80 - Закон за семејството

Од Wikisource
Прејди на: содржини, барај

Содржина

во сила 1992.12.22 #80, Закон за семејството
во сила 2008.12.22 #xx, Пречистен текст
Со денот на отпочнување на примената на овој закон, престануваат да важат:
вон сила 1973.xx.xx #35, Законот за брак
вон сила 1973.xx.xx #5, Законот за односите на родителите и децата
вон сила 1973.xx.xx #5, Законот за посвојувањето
вон сила 1973.xx.xx #5, Законот за старателство
вон сила 1978.xx.xx #13, Законот за посебни процесни постапки во семејните спорови


ПРВ ДЕЛ

Општи одредби[уреди]

Член 1


Членот 1 се менува и гласи:
Cо овој закон се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, нарушените односи и насилството во бракот и семејството, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови."

Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 38/2004, Член 1

Со овој закон се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот на семејството, одредени облици, посебна заштита на семејството, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови[1].

Член 2


Семејство е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство. Семејството настанува со раѓање на деца и со посвојување.

Член 3


Односите во семејството се засноваат врз рамноправност, заемно почитување, меѓусебно помагање и издржување и заштита на интересите на малолетните деца.

Член 4


Во членот 4 се додава нов став 2, кој гласи: " Републиката обезбедува заштита на бракот и семејството од нарушени односи и насилство во бракот и семејството. "

Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 38/2004, Член 2

Републиката обезбедува посебна заштита на семејството, мајчинството, децата, малолетните лица, децата без родители и децата без родителска грижа[2]..

Член 5


Републиката создава и обезбедува научни, економски и социјални услови за планирање на семејството и за слободно и одговорно родителство. Во остварувањето на правото на слободно и одговорно родителство, родителите се должни да обезбедат оптимални услови за здрав раст и развој на своето дете во семејството и општеството.

Член 6


Бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството. Односите меѓу брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање.

Член 7


Родителството настанува со раѓање и посвојување. Оспорување и утврдување на родителството е дозволено под услови и на начин утврден со овој закон.

Член 8


Родителите спрема своите деца имаат еднакви права и должности (родителско право). Односите на родителите и децата се засноваат на права и должности на родителите да се грижат за подигање, чување, воспитание и образование на своите деца и да ги развиваат нивните работни способности и навики. Родителското право го вршат родителите заедно во согласност со потребите и интересите на децата и интересите на општествената заедница. На родителот може да му биде одземено или ограничено вршењето на родителското право под услови предвидени со овој закон.

Член 9


Правата и должностите на родителите и на другите роднини спрема децата, како и правата и должностите на децата спрема родителите и другите роднини се еднакви, без оглед дали децата се родени во брак или надвор од бракот.

Член 10


Родителското право престанува со полнолетство на детето или на друг начин предвиден со овој закон. Полнолетството се стекнува со наполнување 18 години од животот, кога полнолетното лице се здобива со деловна способност.

Член 11


Издржувањето е право и должност на родителите, на децата и на другите роднини утврдени со овој закон, како и на лицата кои живеат во брачна или вонбрачна заедница. Доколку издржувањето не може да се оствари од лицата од став 1 на овој член, на необезбедените членови на семејството, Републиката им обезбедува средства неопходни за издржување, под услови определени со закон.

Член 12


Републиката преку старателство обезбедува заштита на децата без родители, на малолетните деца без родителска грижа и на полнолетните лица под услови и начин утврден со овој закон.

Член 13


Заедница на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница.

Член 14


Во членот 14 став 1 по зборот "семејството," се додаваат зборовите: "насилството во бракот и семејството, дел од работите сврзани со".

По ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи: "За работите од ставот 1 на овој член кои се однесуваат на посвојувањето одлучува Комисија за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика (во натамошниот текст: Комисија)."

Bо ставот 2 кој станува став 3 по зборовите: "центарот за социјална работа" се додаваат зборовите: "и Комисијата", а зборот "применува" се заменува со зборот "применуваат".

По ставот 3 кој станува став 4 се додава нов став 5, кој гласи: "По жалбите изјавени против решенијата на Комисијата решава соодветна комисија за работи од социјалната политика при Владата на Република Македонија(во натамошниот текст: Комисија при Владата на Република Македонија). "

Ставот 4 кој станува став 6 се менува и гласи: "Жалбите изјавени против решенијата на центарот за социјална работа и Комисијата не го задржува нивното извршување. "

Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 38/2004, Член 3

По членот 14 се додаваат два нови члена 14-а и 14-6, кои гласат: "

Член 14-а


Овластувањето за спроведување на извршувањето на решенијата на центарот за социјална работа, службеното лице го докажува со легитимација. Легитимацијата на службеното лице ја издава министерот за труд и социјална политика. Образецот на легитимацијата на службеното лице и начинот на нејзиното издавање го пропишува министерот за труд и социјална политика.

Член 14-б


Бројот на извршителите и овластувањата кои ги имаат извршителите ги определува министерот за труд и социјална политика со решение. "

Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 38/2004, Член 4

Работите сврзани со посебна заштита и помош на семејството, посвојувањето, како и работите на старателство, утврдени во овој закон, ги врши центар за социјална работа со методите на стручната, советодавната и советовалишната интердисциплинарна тимска работа.

За работите од став 1 на овој член центарот за социјална работа ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка.

По жалбите изјавени против решенија на центарот за социјална работа решава Министерството за труд и социјална политика. Жалбата изјавена против решението на центарот за социјална работа не го задржува неговото извршување[3] [4] .

ВТОР ДЕЛ

Брак[уреди]

I

Склучување на брак[уреди]

Услови за склучување и полноважност на бракот[уреди]

Член 15


Брак можат да склучат две лица од различен пол со слободно изјавена волја пред надлежен орган, на начин определен со закон.

Член 16


Не може да склучи брак лице кое не наполнило 18 години од животот. Надлежниот суд може, во вонпроцесна постапка, да дозволи склучување на брак на лице кое наполнило 16 години од животот ако утврди дека тоа достигнало телесна и душевна зрелост потребна за вршење на правата и должностите што настануваат во бракот, а по претходно прибавено мислење од здравствена установа и укажана стручна помош во центарот за социјална работа.

Член 17


Не може да склучи нов брак лице додека порано склучениот брак не му престане.

Член 18


Не можат да склучат брак лица кои поради манифестна форма на душевно заболување со присуство на психотични симптоми или резидуални знаци од болеста не се во состојба да го сфатат значењето на бракот и обврските што произлегуваат од него, а кои се истовремено неспособни за расудување. Не можат да склучат брак и лица кои заостануваат во менталниот (психичкиот) развој, а припаѓаат во групата на лица со тешка и најтешка ментална заостанатост IQ под 36°.

Лицата кои се распоредени како лица со умерени пречки во психичкиот развој или со лесни пречки во психичкиот развој, како и лица кои имаат тешки наследни заболувања во фамилијата, можат да склучат брак по претходно прибавено мислење за генетската конструкција издадено од Заводот за ментално здравје на деца и младинци Скопје или друга соодветна институција која се занимава со вршење на генетски истражувања.

Член 19


Бракот не е полноважен кога согласноста за склучување на брак е дадена под присила или во заблуда.

Член 20


Не можат меѓу себе да склучат брак крвни роднини во права линија (дедо, баба, мајка, татко и внуци), како ни родени браќа и сестри, брат и сестра по татко, односно по мајка, стрико и дете од брат, вујко и дете од сестра, тетка и дете од брат, тетка и дете од сестра, ниту први братучеди. Не можат да склучат брак и лица чие сродство од претходниот став е засновано со посвојување.

Член 21


Не можат меѓу себе да склучат брак свекор и снаа, зет и тешта, очув и паштерка, маќеа и пасинок, без оглед на тоа дали бракот, поради чие склучување тие дошле во такво сродство, престанал. Од оправдани причини надлежниот суд може во вонпроцесна постапка, да дозволи роднините од став 1 на овој член меѓу себе да склучат брак.

Член 22


Вонбрачното сродство претставува пречка за склучување на брак како и брачното.

Постапка за склучување на брак[уреди]

Член 23


Лицата кои имаат намера да стапат во брак поднесуваат пријава до органот на управата надлежен за водење на матичните книги на венчаните. Пријавата за склучување на брак може да се даде писмено или усно на записник. Кон пријавата, идните брачни другари, приложуваат извод од матична книга на родените, потврда дека посетиле предбрачно и брачно советувалиште во центарот за социјална работа кога прв пат склучуваат брак и други исправи кога е тоа потребно (решение со кое е дозволено склучување на брак, доказ дека претходниот брак престанал, полномошно и слично.).

Член 24


Матичарот ќе провери, врз основа на изјавата на лицата кои сакаат да стапат во брак, а по потреба и на друг начин, дали постои законска пречка за склучување на бракот. Матичарот е должен со решение да го одбие склучувањето на бракот, ако утврди дека според законот не е дозволено неговото склучување. Против решението од став 2 на овој член лицата кои поднеле пријава за склучување на брак може да поднесат жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до органот на управата надлежен за водењето на матичните книги. По жалбата против решението од став 2 на овој член решава лицето кое раководи со органот на управата надлежен за водењето на матичните книги.

Член 25


Денот и часот за склучувањето на бракот го определува матичарот во договор со лицата кои сакаат да склучат брак.

Член 26


Склучување на брак се врши на свечен начин и во посебна, за тоа определена службена просторија. По барање на лицата кои сакаат да склучат брак, бракот може да се склучи и на некое друго место, ако за тоа постојат оправдани причини.

Член 27


Бракот се склучува во присуство на лицата кои сакаат да склучат брак, одборникот во собранието на општината што тоа ќе го определи, двајца сведоци и матичарот. Сведок при склучување на брак може да биде секое деловно способно лице.

Член 28


Во посебно оправдани случаи, органот надлежен за водење на матичните книги на венчаните може со решение да дозволи бракот да се склучи со присуство само на еден од идните брачни и полномошник на другиот брачен другар.

Полномошното содржи лични податоци за давателот на полномошното, полномошникот и лицето со кое давателот на полномошното сака да склучи брак.

Полномошното се издава во форма на јавна исправа.

Член 29


Склучувањето на бракот започнува со извештај на матичарот дека се присутни подносителите на пријавата и дека врз основа на исправите, изјавите на идните брачни другари и на сведоците, е утврдено дека не постојат пречки за склучување на бракот.

Ако бракот се склучува преку полномошник се чита полномошното издадено во смисла на член 28 од овој закон. Откако одборникот на собранието на општината ќе утврди дека нема приговор на извештајот на матичарот, ги запознава идните брачни другари со значењето на бракот и правата и обврските што произлегуваат од него. Потоа го прашува поединечно секој од идните брачни другари дали се согласува да склучи брак со идниот брачен другар. Изјавата на идните брачни другари дека се согласни да го склучат бракот, матичарот ќе ја запише во матичната книга на венчаните, во која потоа се потпишуваат идните брачни другари, одборникот во општината, сведоците и матичарот. Бракот е склучен кога идните брачни другари ќе се потпишат во матичната книга на венчаните. По потпишувањето од двајцата идни брачни другари, одборникот на општината ќе прогласи дека меѓу жената и мажот, наведени со нивните лични имиња, бракот е склучен. Веднаш по запишувањето во матичната книга на венчаните на брачните другари ќе им се издаде извод од матичната книга на венчаните.

Член 30


Бракот склучен по верски обичаи не произведува правно дејство.

II

Права и должности на брачните другари[уреди]

Член 31


При склучувањето на бракот, брачните другари можат да се спогодат да го земат за презиме презимето на едниот или на другиот брачен другар или секој да го задржи своето презиме или секој од нив на своето презиме да го додаде презимето на другиот брачен другар или едниот брачен другар да го земе презимето на другиот брачен другар и на тоа презиме да му го додаде своето презиме.

Член 32


Секој брачен другар е независен во изборот на работата и занимањето. Брачните другари спогодбено одлучуваат за местото на заедничкото живеење и за водење на заедничкото домаќинство.

Член 33


Брачните другари секој според своите способности се грижат за задоволување на потребите на семејството.

III

Престанок на бракот[уреди]

Член 34


Бракот престанува со смрт на еден од брачните другари, со прогласување на исчезнатиот брачен другар за умрен, со поништување и со развод на бракот. Ако еден од брачните другари е прогласен за умрен, бракот престанува со денот, кој со правосилното решение е утврден како ден на неговата смрт. Бракот престанува со поништување и со развод кога пресудата за поништување, односно развод, ќе стане правосилна.

Поништување на брак[уреди]

Член 35


Бракот ќе се поништи ако се утврди дека при неговото склучување постоела некоја од брачните пречки предвидени во членовите 16 до 22 на овој закон.

Член 36


Поништување на брак може да бара еден од брачните другари, јавниот обвинител, како и физичко и правно лице кое за тоа има правен интерес, ако со овој закон не е определено поинаку.

Поништување на брак склучен под принуда може да бара само брачниот другар кој бил принуден да го склучи бракот.

Тужба може да се поднесе во рок од една година од денот кога опасноста од извршувањето на принудата престанала.

Поништување на брак склучен во заблуда може да бара само брачниот другар кој во заблуда се согласил да склучи брак.

Тужба може да се поднесе во рок од една година од денот на сознавањето на заблудата.

Член 37


Правото на поднесување тужба за поништување на брак не преминува на наследниците на тужителот, но тие можат да ја продолжат започнатата постапка.

Член 38


Тужба за поништување на бракот поради причините утврдени во членовите 16 до 22 на овој закон, освен кога се работи за принуда, заблуда, како и за малолетство, може да се поднесе и по престанок на бракот.

Развод на брак[уреди]

Член 39


Бракот може да се разведе со заемна согласност на брачните другари. Ако брачните другари имаат заеднички малолетни деца или полнолетни деца над кои им е продолжено родителското право, потребно е да поднесат спогодба за начинот на вршењето на родителските права и должности и за издржувањето и воспитанието на децата. Судот ќе донесе одлука за развод на бракот по заемна согласност на брачните другари ако утврди дека тие таа согласност ја донеле слободно, сериозно и непоколебливо.

Член 40


Бракот може да се разведе по барање на еден од брачните другари ако брачните односи се до таа мера нарушени што заедничкиот живот станал неподнослив.

Член 41


Брачниот другар може да бара развод на бракот ако брачната заедница фактички престанала подолго од една година.

Член 42


Во случај на развод или поништување на бракот, секој од поранешните брачни другари го задржува презимето што го има, а може да бара и промена на тоа презиме.

Член 43


Правосилна пресуда за развод или поништување на бракот, судот ја доставува до органот на управата надлежен за водење на матична книга на венчаните најдоцна во рок од 30 дена заради упис на промените, како и до центарот за социјална работа, ако во бракот имаат малолетни деца или деца над кои е продолжено родителското право.

ТРЕТ ДЕЛ

Односи на родители и деца[уреди]

I

Родителско право[уреди]

Член 44


Родителското право го сочинуваат правата и должностите на родителите да се грижат за личноста, правата и интересите на своите малолетни деца и децата над кои е продолжено родителското право.

Член 45


Родителското право им припаѓа на мајката и на таткото подеднакво. Ако еден од родителите е умрен или не е познат или му е одземено родителското право или ако од други причини е спречен да го врши родителското право, родителското право го врши другиот родител.

II

Права и должности на родителите и децата[уреди]

Член 46


Родителите имаат право и должност да ги издржуваат своите малолетни деца, да се грижат за нивниот живот и за нивното здравје, да ги подготвуваат за самостоен живот и работа, да се грижат за нивното воспитание, школување и стручно оспособување.

Член 47


Во членот 47 по ставот 3 се додава нов став 4 кој гласи: “ Малолетните деца имаат право да одржуваат непосредни контакти со родителите и други блиски роднини на родителот кој е умрен, на кого му е одземено родителското право или од други причини е спречен да го врши родителското право”.

Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 9/1996, Член 1

Малолетните деца имаат право да живеат со своите родители.

Малолетните деца можат да живеат одвоено од своите родители само кога е тоа од непосреден интерес за децата или кога тоа е од заеднички интерес за децата и за родителите.

Родителот со кого детето не живее има право и должност да одржува лични односи со своето дете[5].

Член 48


Родителите имаат право и должност да ги застапуваат своите малолетни деца.

Член 49


Поднесоците и изјавите за малолетните деца може полноважно да се доставуваат на едниот или на другиот родител, а ако родителите не живеат заедно, тогаш на родителот кај кого живее детето.

III

Засновање на односи меѓу родители и деца[уреди]

Утврдување на татковство и на мајчинство[уреди]

Член 50


Брачниот другар на мајката се смета за татко на детето родено за време на траењето на бракот или во рок од 300 дена по престанокот на бракот.

Член 51


За татко на детето родено надвор од брак се смета лицето кое детето ќе го признае за свое. Татковство може да се признае пред матичар, центарот за социјална работа и суд. Органот пред кого е дадено ова признание должен е, без одлагање, записникот за признавање на татковството, да го достави до матичарот надлежен за упис на детето во матичната книга на родените. Признавање на татковството може да биде направено и со тестамент.

Член 52


Изјава за признавање на татковството на дете родено надвор од брак може да се даде и преку полномошник. Полномошното мора да биде заверено и да содржи изречно овластување на полномошникот да даде изјава за признавање на татковство на одредено дете кое го родила одредена мајка.

Член 53


Изјава за признавањето на татковство на дете родено надвор од брак може да се даде и пред раѓање на детето. Изјавата дадена пред раѓање на детето произведува правно дејство под услов детето да се роди живо.

Член 54


Татковство не може да се признае по смртта на детето, освен ако тоа оставило потомство.

Член 55


Татковството на дете родено надвор од брак може да признае секое полнолетно деловно способно лице, како и малолетно лице ако е постаро од 16 години, како и лице со ограничена деловна способност, доколку е способно да ја сфати содржината и значењето на изјавата за признавање на татковство.

Член 56


Признавањето на татковството произведува правно дејство и се запишува во матичната книга на родените само ако со тоа се согласи мајката на детето, која за тоа матичарот ја известува. Изјавата за согласност за признавање на татковство мајката ја дава во рок од 30 дена по приемот на известувањето. Кога мајката не е жива или е исчезната, изјавата ја дава старателот на детето со одобрение на центарот за социјална работа.

Член 57


Ако детето е постаро од 16 години, потребна е и негова согласност за признавање на татковството. Изјавата за согласност се дава во рок од 30 дена од денот на приемот на известувањето. Ако детето е помало од 16 години, и е под старателство, бидејќи мајката е умрена или е со непознато живеалиште или престојувалиште или му е одземена деловната способност, изјава за согласност за признавање на татковството дава старателот на детето со одобрение на центарот за социјална работа.

Член 58


Ако мајката на детето и детето кое е постаро од 16 години или старателот на детето кога е потребна неговата согласност, не се согласат со признавањето на татковството или не се изјаснат за тоа во рок од 30 дена по приемот на известувањето, лицето кое го признало детето за свое може да поднесе тужба заради утврдување дека е тој татко на детето.

Тужба може да се поднесе во рок од три месеци по приемот на известувањето за несогласување на лицата од став 1 на овој член, или по истекот на рокот од став 1 на овој член.

Член 59


Изјавата за признавање на татковство, како и изјавата на мајката и детето за согласност со признаеното татковство, не може да се отповикуваат. Лице кое дало изјава за признавање на татковство, односно изјава за согласност со признавање на татковство, може да бара поништување на изјавата ако е таа предизвикана со принуда или е дадена поради измама или во заблуда. Тужба за поништување на изјавата може да се поднесе во рок од една година од кога принудата престанала, односно од денот кога заблудата, односно измамата е откриена.

Член 60


Детето родено надвор од брак, тужба заради утврдување на татковство, може да поднесе до навршувањето на 21 година од животот. Ако е детето малолетно или е деловно неспособно тужба во негово име може да поднесе мајката, додека го врши родителското право. Старателот, со одобрение на центарот за социјална работа може да поднесе тужба за утврдување на татковство додека трае старателството, но најдоцна до навршена 21 година од животот на детето. Центарот за социјална работа може по службена должност да покрене постапка за утврдување на татковство, доколку мајката вршејќи го родителското право ги занемарува интересите на детето и не покренала постапка за утврдување на татковство.

Член 61


За татко на детето, родено надвор од брак, ќе се смета лице кое со мајката на детето имало полови односи во време од најмалку 180 до 300 дена пред раѓањето на детето, доколку не се докаже спротивното. При утврдувањето на татковството судот особено ги зема предвид и заедничкиот живот и меѓусебните односи на мајката на детето и на тужениот пред и по раѓањето на детето, како и медицинските и други докази кои не го исклучуваат тужениот дека е татко на детето.

Член 62


Не е дозволено утврдување на татковство на дете кое е зачнато со вештачко оплодување.

Член 63


Одредбите на овој закон за утврдување на татковство соодветно се применуваат и при утврдување на мајчинство.

Оспорување на татковство и на мајчинство[уреди]

Член 64


Брачниот другар може да оспорува татковство на дете кое го родила неговата брачна другарка за време на траењето на бракот или пред истекот на 300 дена од престанокот на бракот, ако смета дека не му е татко на детето. Тужбата за оспорување на татковство се поднесува во рок од три месеци од денот на дознавањето за раѓањето. Ако брачниот другар на мајката е лишен од деловна способност или ако ја изгубил деловната способност пред истекот на рокот за оспорување на татковство, татковството може да го оспорува неговиот старател со одобрение на центарот за социјална работа и тоа во рок од три месеци од кога дознал за раѓањето на детето.

Член 65


Ако по истекот на рокот за поднесување на тужба од став 2 на член 64, од овој закон се откријат факти и докази од кои произлегува дека брачниот другар не е татко на детето кое го родила неговата брачна другарка, на негово барање Врховниот суд на Република Македонија со решение може да определи нов рок за поднесување тужба за оспорување на татковство.

Барањето од став 1 на овој член не може да се поднесе по полнолетството на детето.

Член 66


Мајката може да оспорува татковство на лице кое според овој закон се смета за татко на нејзиното дете. Тужбата за оспорување на татковството од став 1 на овој член се поднесува во рок од три месеци од раѓањето на детето.

Член 67


Детето може да оспорува дека му е татко лицето кое според овој закон се смета за негов татко. Тужбата за оспорување на татковство детето може да ја поднесе најдоцна до навршување на 21 година од животот.

Член 68


Жената која во матичната книга на родените е запишана како мајка на детето може да го оспорува своето мајчинство ако смета дека не му е мајка. Тужба заради оспорување на мајчинство може да се поднесе во рок од три месеци од дознавањето на фактот дека не му е мајка на детето, а најдоцна до полнолетство на детето.

Член 69


Жената која себе си се смета за мајка на детето може да го оспорува мајчинството на жената која во матичната книга на родените е запишана како мајка на детето под услов, со истата тужба да бара и утврдување на нејзиното мајчинство.

Тужбата од став 1 на овој член може да се поднесе во рок од три месеци од дознавањето дека е таа мајка на детето, а најдоцна до полнолетството на детето.

Во случаите од став 1 на овој член барањето за оспорување на мајчинство ќе биде одбиено доколку жената која се смета за мајка на детето не го докаже своето мајчинство.

Член 70


Детето може да го оспорува мајчинството на жената која во матичната книга на родените е запишана како негова мајка. Тужбата заради оспорување на мајчинство детето може да ја поднесе до навршување на 21 година од животот.

Член 71


Оспорување на татковство не е дозволено кога мајката, со писмена согласност на нејзиниот брачен другар, е оплодена со вештачка инсеминација.

Член 72


Татковство не може да се оспорува по смртта на детето.

Член 73


Законските наследници на таткото, на мајката и на детето, немаат право да поднесуваат тужба за оспорување на татковство, односно мајчинство, но тие можат да ја продолжат тужбата поднесена од нив.

Член 74


До полнолетството на детето, како и во случаите кога детето е лишено од деловна способност, тужба за оспорување на татковство и мајчинство, во негово име, може да поднесе старателот, со одобрение на центарот за социјална работа.

Член 75


Не е дозволено утврдување или оспорување на мајчинство и татковство во случај кога родителскиот однос настанал со посвојување

IV

Вршење на родителското право[уреди]

Член 76


Родителското право родителите го вршат заеднички и спогодбено. Во случај на несогласување на родителите во вршењето на родителското право решава центарот за социјална работа.

Член 77


Ако тоа го бараат интересите на детето, родителите можат да го доверат детето на чување и воспитание на трето лице или да го сместат во соодветна установа. Ако родителите или родителот кој сам го врши родителското право од оправдани причини подолго време отсуствуваат од местото на живеење и со себе не ги водат децата, децата можат да ги доверат на чување и воспитание на друго лице, доколку центарот за социјална работа таквото сместување претходно го одобри. Ќе се смета дека одобрување е дадено доколку во рок од 30 дена по поднесувањето на барањето, центарот за социјална работа не донесе решение. Дете не може да се даде на чување и воспитание на лице кое не може да биде старател.

Член 78


Во случаите кога родителите на детето не живеат заедно, тогаш се спогодуваат кај кого од нив детето ќе остане на чување и воспитание, а ако за тоа не можат да се спогодат или ако нивната спогодба не одговара на интересите на детето, решение за тоа ќе донесе центарот за социјална работа. Центарот за социјална работа на барање на еден од родителите или по службена должност, ќе донесе ново решение за доверување на детето на чување и воспитание ако тоа го бараат изменетите околности.

Член 79


Во случаите кога родителите на детето не живеат заедно тогаш тие се спогодуваат за начинот на одржување на личните односи со детето.

Во случај на несогласување, решение за тоа донесува центарот за социјална работа. Центарот за социјална работа по барање на родителот може одново да го уреди начинот на одржување на личните односи на родителите со децата ако тоа го бараат изменетите околности.

Во членот 79 по ставот 3 се додава нов став 4 кој гласи:
(4) Во случај кога не се остварува правото на малолетното дете да одржува непосредни контакти со родителите и други блиски роднини на родителот кој е умрен, на кого му е одземено родителското право или од други причини е спречен да го врши родителското право, Центарот за социјална работа, донесува решение за начинот на одржување па непосредните контакти.

Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 9/1996, Член 2

Одржувањето на личните односи на децата со родителите може да се ограничи или привремено да се забрани само заради заштита на здравјето и на другите интереси на детето[6].

Член 80


Со пресудата со која се разведува бракот судот ќе одлучи за чувањето, воспитанието и издржувањето на заедничките деца. Ако родителите не се спогодиле за ова или ако нивната спогодба не одговара на интересите на децата, судот, откако ќе прибави мислење од центарот за социјална работа и ќе ги испита сите околности, ќе одлучи дали децата ќе останат на чување и воспитание кај еден родител или некои ќе останат кај мајката, а некои кај таткото или сите ќе бидат доверени на некое трето лице или установа. Родителот на кого не му се доверени децата има право да одржува лични односи со нив, ако судот не определи поинаку со оглед на интересите на децата. Судот, по барање на еден од разведените брачни другари или центарот за социјална работа, ќе ја измени одлуката за чување и воспитание на децата и за односите на разведените брачни другари спрема нивните заеднички деца, доколку тоа го бараат изменетите околности.

Член 81


Судот ќе одлучи за доверување на децата на чување и воспитание и кога:

1) донесува пресуда со која се утврдува дека бракот не постои и

2) во спорови за утврдување или оспорување на татковство или мајчинство доколку донесувањето на одлуката со оглед на исходот на спорот и околностите за случајот е можно и потребно. Кога донесува одлука за доверување на деца на чување и воспитание судот доколку е потребно ќе наложи на странката кај која се децата во определен рок да ги предаде децата на родителот, односно друго лице или установа.

Член 82


По поништувањето или разводот на бракот, во однос на вршењето на родителското право и уредувањето на личните односи со децата на родителот кај кого не се децата, центарот ги има истите овластувања како и кога родителите се во брак.

V

Надзор над вршењето на родителското право[уреди]

Член 83


Центарот за социјална работа врши надзор над вршењето на родителското право.

Член 84


Центарот за социјална работа е должен да презема потребни мерки заради заштита на личноста, правата и интересите на детето. Секој граѓанин, орган и правно лице должен е да го извести центарот за социјална работа веднаш штом дознае дека родителот не го врши родителското право или дека од други причини е потребна заштита на личноста, правата и интересите на детето.

Член 85


Ако тоа го бараат интересите на детето, центарот за социјална работа ги предупредува родителите на недостатоците во воспитанието и развојот на детето и им помага детето правилно да го развиваат и воспитуваат, а може да ги упати тие самите или заедно со детето да посетат соодветно советувалиште или некоја друга здравствена, социјална или воспитна установа која може да им даде потребен совет.

Член 86


Ако тоа го бараат интересите на детето, центарот за социјална работа може да донесе решение за постојан надзор над вршењето на родителското право во поглед на сите деца или само во поглед на некое од нив.

Член 87


Центарот за социјална работа со решение може да го одземе детето од едниот и да го довери на чување и воспитание на другиот родител, на некое друго лице или на соодветна установа, кога родителите, односно родителот кај кого детето живее го запостави детето во поглед на чувањето и воспитанието или кога постои сериозна опасност за неговиот правилен развој и одгледување.

Центарот за социјална работа може да одземе дете од едниот и да го довери на другиот родител, на трето лице или на соодветна установа и во случаи кога родителот на кого детето му е доверено на чување и воспитание, ги оневозможува личните односи на детето со другиот родител. Со одземањето на детето не престануваат другите права и должности на родителите спрема детето. По престанок на причините поради кои детето е одземено од родителите, центарот за социјална работа, со решение ќе го врати детето кај родителите.

Член 88


Центарот за социјална работа може сам или по предлог на родителите, односно на старателот, на лицето на кого детето му е доверено на чување и воспитание или на предлог на јавниот обвинител, да смести дете во соодветна установа ако дошло до пореметување на неговото поведение.

Член 89


Центарот за социјална работа кога постои оправдано сомнение за злоупотреба, може да бара од родителите да биде известен за начинот на управување со имотот на детето.

Центарот за социјална работа може да бара судот, заради заштита на имотните интереси на детето, да дозволи преземање на мерки за обезбедување врз имотот на родителите.

Центарот за социјална работа може да бара од судот, заради заштита на имотните интереси на детето, да реши, родителите во поглед на управувањето со имотот на детето, да имаат положба на старател.

Член 90


На родителот кој го злоупотребува вршењето на родителското право или грубо го занемарува вршењето на родителските должности по прибавено мислење од центарот за социјална работа, му се одзема вршењето на родителското право со решение на судот, во вонпроцесна постапка. На родителот може да му биде одземено вршењето на родителското право во поглед на сите деца или во поглед на некое од нив.

Член 91


Постапка заради одземање на родителското право може да поведе другиот родител, центарот за социјална работа или јавниот обвинител. Центарот за социјална работа е должен да поведе постапка за одземање на родителското право кога, на кој и да било начин, ќе дознае дека за тоа постојат причини утврдени со овој закон. Центарот за социјална работа кога ќе дознае дека постои опасност од злоупотреба на родителското право или опасност од грубо занемарување на родителските должности, должен е веднаш да преземе мерки за заштита на личноста, правата и интересите на детето.

Член 92


Родителското право може, со одлука на судот, да му биде вратено на родителот кога ќе престане причината поради која тоа право му е одземено. Предлог за враќање на родителското право може да поднесе родителот или Центарот за социјална работа.

VI

Престанок на продолжување на родителското право[уреди]

Член 93


Родителското право престанува со полнолетство на детето, со стапување во брак на детето пред полнолетството и со посвојување. Со стапување во брак малолетното лице се здобива со деловна способност.

Член 94


Судот, по предлог на родителите или на центарот за социјална работа може, во вонпроцесна постапка, да одлучи родителите да продолжат да го вршат родителското право, ако детето и по полнолетството поради пречки во психичкиот развој, не е способно само да се грижи за својата личност, права и интереси.

Кога ќе престанат причините поради кои родителското право било продолжено судот, по предлог на родителите или на центарот за социјална работа, ќе одлучи за престанок на родителското право.

Одлуката на судот од ставовите 1 и 2 на овој член се заведува во матичната книга на родените и во книгите за евиденција на недвижности.

ЧЕТВРТИ ДЕЛ

Посвојување[уреди]

Основни одредби[уреди]

Член 95


Со посвојувањето се создаваат односи какви што настануваат со раѓањето (потполно посвојување) или само односи што постојат меѓу родители и деца (непотполно посвојување). Каков однос ќе се создаде со посвојувањето зависи од волјата на посвоителот, на родителите на детето кое се посвојува, односно на неговиот старател и на самото дете ако е постаро од десет години.

Член 96


Само малолетно лице може да биде посвоено.

Член 97


Посвојувањето може да се заснова само ако е во интерес на малолетникот. Посвојувањето се засновува пред центарот за социјална работа.

Член 98


Никој не може да биде посвоен од повеќе лица, освен кога како посвоители се јавуваат брачните другари.

Член 99


Посвоител, по правило, може да биде само државјанин на Република Македонија. По исклучок од став 1 на овој член како посвоител може да се јави и лице кое е странски државјанин. Посвојувањето од лицето од став 2 на овој член се заснова со одобрение на Министерството за труд и социјална политика, а по предлог на центарот за социјална работа.

Услови за посвојување[уреди]

Член 100


Посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. Кога детето го посвојува брачниот другар на родителот на детето, разликата во години може да биде и помала. Ако брачни другари посвојуваат дете истовремено или едниот па другиот, за посвојувањето е доволно да постои разлика во години само кај едниот од брачните другари.

Член 101


Не може да се посвои сродник во права линија ниту брат ниту сестра.

Член 102


Посвоител не може да биде лице:

а) кое е лишено од родителски права,
б) на кое му е ограничена или одземена деловната способност,
в) за кое постои основано сомневање дека положбата на посвоител ќе ја употреби на штета на посвоеникот и
г) кое е душевно болно или лице со пречки во психичкиот развој, како и лице кое боледува од болест што може да го доведе во опасност здравјето и животот на посвоеникот.

Член 103


За посвојување е потребна согласност на обата родители на посвоеникот, односно на неговиот старател, како и на посвоеникот ако е постар од десет години. Не е потребна согласност на родител на кој му е одземена деловната способност или му е одземено вршењето на родителското право или на родител на кој повеќе од една година не му се знае престојувалиштето. Не е потребна согласност ниту од посвоеникот кој до посвојувањето живеел во семејството на посвоителот пред наполнувањето на десетгодишна возраст. Не е потребна согласност од родителот на детето родено надвор од брак кој во рок од три месеци по раѓањето на детето не покренал постапка за признавање на тоа дете или за утврдување на татковство во однос на тоа дете.

Засновање на посвојување[уреди]

Член 104


Лицето кое сака да посвои поднесува барање до центарот за социјална работа, надлежен според местото на живеење на подносителот. Кон барањето од став 1 на овој член се приложуваат документите определени со правилникот за водење на евиденција на посвоените лица и за определување на документи за посвојувањето, кој го донесува министерот за труд и социјална политика. Центарот за социјална работа до кого е доставено барањето, врши проценка за подобноста на посвоителите и за мотивите на посвојувањето. Посвојувањето може да се заснова во центарот за социјална работа надлежен според местото на живеење на посвоителот или посвоеникот.

Член 105


При засновање на посвојувањето е потребно присуство на посвоителот, неговиот брачен другар, родителите, односно старателот на посвоеникот, како и на посвоеникот ако е постар од десет години, освен на посвоеникот од став 3 на член 103 на овој закон. Во оправдани случаи не е потребно присуство на брачниот другар на посвоителот, кој не се јавува како посвоител, ако својата согласност за посвојување ја дал пред центарот за социјална работа, на записник во кој мора да бидат точно означени посвоителот и посвоеникот. Засновувањето на посвојувањето се врши без присуство на јавноста.

Член 106


Родителите, односно родителот кој сам го врши родителското право, согласноста детето да може да биде посвоено може да ја дадат и претходно пред центарот за социјална работа надлежен според местото на живеење на родителите, без да го определат посвоителот. Кога лицата од став 1 на овој член дале таква согласност во постапката за засновање на посвојување согласноста за посвојување ја дава старателот на малолетното дете. Согласноста по раѓање на детето, во писмена форма, во просториите на центарот за социјална работа, кој е месно надлежен, ја дават родителите од став 1 на овој член без оглед на видот на брачната заедница и врска. Согласноста своерачно ја пишува родителот кој се согласува детето да го даде на посвојување, а ја потпишува родителот и овластен претставник на центарот за социјална работа.

Член 107


Согласноста за посвојување родителите ја даваат по наполнување на три месеци возраст на детето. Посвојувањето на детето може да се заснова најрано по навршување на три месеци старост на детето. Согласноста за посвојување може да се повлече се до моментот на засновање на посвојување на детето.

Член 108


Ако центарот за социјална работа од содржината на документите, од социјалниот увид или на друг начин утврди дека се исполнети условите пропишани со овој закон и дека посвојувањето е корисно за посвоеникот, ќе пристапи кон засновање на посвојувањето, а во спротивно ќе го одбие барањето за посвојување.

Ако е тоа во интерес на посвоеникот, а секогаш кога треба да се посвои дете постаро од три години, центарот за социјална работа, пред да донесе одлука за посвојување, малолетното дете како иден посвоеник го сместува на престој во семејството на посвоителите определено време, кое не може да биде подолго од една година.

Против решението од став 1 на овој член, може да се поднесе жалба во рок од 15 дена до Министерството за труд и социјална политика.

Член 109


Службеното лице на центарот за социјална работа, врз основа на исправите и изјавите за личниот идентитет на присутните лица утврдува дека тоа се лицата од член 105 на овој закон, а потоа ги запознава со правата и должностите што произлегуваат од посвојувањето и ќе побара изјави за согласност за посвојување од лицата кои се должни согласно со овој закон, да дадат таква изјава, односно ќе ги прочита нивните порано дадени изјави за согласност.

Член 110


При посвојувањето се составува записник и се донесува решение. Во записникот и во решението за посвојувањето се внесуваат податоци за извршеното посвојување, за спогодбата за личното име на посвоеникот, за местото на раѓање на детето и за неговите наследни права спрема посвоителот, доколку посвојувањето е непотполно. Записникот го потпишуваат службеното лице кое го застапува детето, родителите, односно старателот на детето и посвоителите.

Член 111


По засновањето на посвојувањето во матичната книга на родените, како родители на детето се запишуваат посвоителите, а како место на раѓање на детето се запишува местото што спогодбено ќе го определат посвоителите и центарот за социјална работа. Матичарот е должен да изврши нов упис во книгата на родените и за тоа да им издаде на посвоителите извод од матичната книга на родените.

Член 112


Центарот за социјална работа решението за посвојување ќе го достави до надлежниот матичар најдоцна во рок од 15 дена заради упис во матичната книга на родените. По извршениот нов упис во матичната книга на родените, матичарот е должен матичната служба да ја извести заради бришење на стариот упис.

Права и должности на посвоителот и на посвоеникот[уреди]

Член 113


Со потполното посвојување меѓу посвоителот и неговото семејство и посвоеникот и неговото потомство се создаваат права и должности кои постојат меѓу крвни роднини. Со потполното посвојување престануваат заемните права и должности меѓу посвоеното дете и неговото поранешно семејство. Ако посвоителот е брачен другар на еден од родителите на посвоеникот, посвојувањето не влијае врз односите меѓу посвоеникот и тој родител, како и спрема неговите роднини.

Член 114


При потполното посвојување наследните права на посвоеникот и неговото потомство спрема посвоителот и неговото семејство и на посвоителот и неговото семејство спрема посвоеното дете и неговото потомство се изедначени со наследните права меѓу крвните роднини.

Член 115


Со непотполно посвојување меѓу посвоителите и посвоеникот настануваат само односи меѓу родители и деца. Наследните права меѓу посвоителот и посвоеникот и неговото потомство при непотполното посвојување се заемни. При непотполното посвојување, наследните права на посвоеникот спрема посвоителот може да се ограничат или сосема да се исклучат ако во моментот на посвојувањето посвоителот има свои родени деца. Ако како посвоители при непотполното посвојување се јавуваат брачни другари, наследните права на посвоеникот може различно да се определат спрема секој од нив. Доколку наследните права на посвоеникот биле ограничени или исклучени, посвоителот не може да го наследи посвоеникот и неговото потомство по закон.

Престанок на посвојување[уреди]

Член 116


Потполно посвојување не може да се раскине.

Член 117


Непотполното посвојување може да престане по спогодба меѓу посвоителот и посвоеникот според одредбите кои важат за посвојувањето. Ако посвоеникот е малолетен, центарот за социјална работа е должен да испита дали престанувањето на посвојувањето е корисно за посвоеникот.

Член 118


Центарот за социјални работи може да реши непотполното посвојување да престане ако утврди дека тоа го бараат интересите на малолетниот посвоеник. Секој граѓанин, орган и правно лице до центарот за социјална работа можат да поднесат претставка за потребата за престанок на непотполното посвојување кога е тоа во интерес на малолетниот посвоеник.

Член 119


Центарот за социјална работа по барање на посвоителот или посвоеникот кога ќе се утврди дека за тоа постојат оправдани причини може да реши непотполното посвојување да престане.

Член 120


Ако во текот на постапката за раскинување на непотполното посвојување настапи смрт на посвоеникот или на посвоителот, барањето за раскинување на посвојувањето можат да го продолжат нивните законски наследници.

Член 121


По престанокот на непотполното посвојување, надлежниот центар за социјална работа може да го задолжи посвоителот да го издржува посвоеникот до полнолетството врз товар на посвоителот, земајќи ја предвид нивната имотна состојба. Надлежниот центар за социјална работа, може да утврди обврска на полнолетниот посвоеник за издржување на посвоителот кој не е способен за стопанисување и нема средства за живот.

Член 122


Со престанок на непотполното посвојување одново настануваат заемни права и должности меѓу посвоеникот и неговото поранешно семејство. Посвоеникот го добива своето поранешно презиме, а по негово барање може да го задржи презимето што го добил при посвојувањето, ако со тоа се согласи посвоителот.

Член 123


Правосилното решение за престанок на непотполното посвојување се доставува на надлежниот матичар заради упис во матичната книга на родените.

ПЕТТИ ДЕЛ

Старателство[уреди]

I.

Основни одредби[уреди]

Член 124


Со старателството Републиката им дава посебна заштита на малолетните деца кои се без родителска грижа и на полнолетни лица на кои им е одземена или ограничена деловната способност. Според одредбите на овој закон заштитата им се дава и на други лица кои не се во состојба или немаат можност сами да се грижат за заштитата на своите права и интереси.

Член 125


Работите на старателството ги врши центарот за социјална работа непосредно, преку старатели или други лица кои вршат работи сврзани со старателството. Надлежноста на центарот за социјална работа се определува според местото на живеалиштето, а ако нема живеалиште, според престојувалиштето на лицето кое треба да се стави под старателство. Местото на живеалиштето и местото на престојувалиштето се определуваат според моментот кога настанале условите за ставање под старателство.

Член 126


Центарот за социјална работа презема потребни мерки за остварување на целите на старателството. Центарот за социјална работа во подготвувањето, донесувањето и спроведувањето на своите решенија, односно мерки, применува облици на социјална заштита, методи на социјална и друга стручна работа, како и се користи со услугите на социјалните, здравствените, образовно-воспитните и други установи.

Член 127


Постапка за ставање под старателство се поведува по службена должност или по барање на заинтересираните лица.

Постапката од став 1 на овој член е итна.

Член 128


За потребата некое лице да се стави под старателство или врз него да се примени некој облик на заштита што ја дава центарот за социјална работа, должни се да го известат тој орган:

1) матичарот и државните органи кога во вршењето на работите од своја надлежност ќе дознаат за таков случај;

2) роднините, членовите на семејството и соседите и

3) претпријатијата, установите, месните заедници и другите организации и заедници.

Член 129


Кога центарот за социјална работа ќе дознае за потребата некое лице да се стави под старателство, тој веднаш презема соодветни мерки за заштита на личноста, правата и интересите на тоа лице и поведува постапка за ставање под старателство. При определување на обликот на заштитата врз лицето кое се става под старателство, центарот за социјална работа првенствено ќе се раководи од интересите на лицето кое се става под старателство и интересите на неговото семејство, како и од материјалните можности, при што во реализацијата на заштитата соработува со соодветни организации и органи.

Член 130


Центарот за социјална работа според Законот за општа управна постапка решава за ставање под старателство, за поставување или за разрешување од должност старател, за обемот на овластувањата на старателот и за правата и правните интереси на лицето под старателство и за престанок на старателството. Во другите случаи центарот за социјална работа постапува на најцелисходен начин, зависно од природата на мерките на старателството што ги определува. Центарот за социјална работа може да ги менува своите порано донесени решенија, кога тоа го бараат интересите на лицето под старателство, ако со тоа не се засегнуваат правата на трети лица.

Член 131


Лицето под старателство, кое е во состојба да го стори тоа, неговите роднини, како и претпријатијата и установите, органите и организациите предвидени во член 128 од овој закон, како и секој граѓанин можат да поднесат приговор за работата на старателот и за работата на центарот за социјална работа. Приговорот за работата на старателот се доставува до центарот за социјална работа, а приговорот на работата на центарот за социјална работа се доставува до Министерството за труд и социјална политика.

Член 132


Центарот за социјална работа ги испитува приговорите и ако најде дека се основани, ќе определи мерки кои треба да се преземат. Ако Министерството за труд и социјална политика најде дека приговорот е основан, ќе даде упатство на центарот за социјална работа. Центарот за социјална работа по добиеното упатство решава кои мерки ќе ги презема и за тоа го известува второстепениот орган.

Член 133


Трошоците за спроведување на мерките што се преземаат во интерес на лицето под старателство се покриваат од:

1) приходите на лицето под старателство;

2) средствата добиени од лица кои се должни да му даваат издржување на лицето под старателство;

3) имотот на лицето под старателство;

4) средствата на лицето под старателство остварени како право од социјална заштита и

5) други извори.

Член 134


Центарот за социјална работа е должен да води евиденција за лицата ставени под старателство, за преземените мерки на старателство и за имотот на лицето под старателство. За водење на евиденцијата и документацијата од став 1 на овој член министерот за труд и социјална политика донесува упатство.

II

Старател[уреди]

Член 135


На лицето под старателство центарот за социјална работа назначува старател, доколку не одлучи должноста старател да ја врши непосредно. За старател се поставува лице кое има лични својства и способности за вршење на должноста старател, а кое претходно ќе даде согласност да биде старател. За старател првенствено се поставува близок роднина на лицето под старателството. При поставување на старател, центарот за социјална работа ги зема предвид и желбите на лицето под старателство, ако тоа е во состојба да ги изрази, како и желбите на неговите блиски роднини.

Член 136


Исто лице може да биде поставено за старател и за повеќе лица ако за тоа се согласи, ако тоа не е во спротивност со интересите на некое од лицата кои се ставаат под старателство и ако со тоа тие се согласат.

Член 137


На лице под старателство сместено во воспитна, социјална, здравствена или друга установа или организација, како и во друго семејство или лице, центарот за социјална работа ќе му постави старател за вршење на работите на старателството што лицето, семејството или установата не ги врши во рамките на својата редовна дејност.

Член 138


Центарот за социјална работа може со решение да ги ограничи овластувањата на старателот и да реши одделни работи од старателството да ги врши непосредно. Ако центарот за социјална работа ја врши старателската функција во смисла на став 1 од овој член тој може одделни работи да ги довери да ги вршат стручни лица во негово име и под негов надзор.

Член 139


Не може да биде старател лице:

1) на кое му е одземено вршењето на родителското право;

2) на кое му е одземена или ограничена деловната способност;

3) чии интереси се во спротивност со интересите на лицата под старателство, односно кое не дава гаранција дека лицето под старателство правилно ќе го воспита и одгледа и

4) од кое, со оглед на неговото поранешно и сегашно поведение, личните својства и односите со лицето под старателство и неговите родители, не може да се очекува дека правилно ќе ја врши старателската функција.

Член 140


Центарот за социјална работа во решението со кое го поставува старателот, ги определува неговите должности и обемот на неговите овластувања. Центарот за социјална работа пред да го донесе решението од став 1 на овој член, го запознава старателот со значењето на старателството, со неговите права и должности и со другите поважни податоци потребни за вршење на должноста старател. Центарот за социјална работа на старателот му издава старателска исправа во која е содржан обемот на неговите овластувања.

Член 141


За ставање под старателство и за престанок на старателството центарот за социјална работа го известува матичарот во рок од 15 дена од денот на правосилноста на решението. Ако лицето ставено под старателство има недвижен имот центарот за социјална работа ќе го извести и надлежниот орган кој ги води книгите за евиденција на недвижностите.

Член 142


Старателот е должен во рамките на своите овластувања совесно да се грижи за личноста и за правата и интересите на лицето под старателство и совесно да управува со неговиот имот. Старателот не може без претходно одобрение од центарот за социјална работа да презема работи кои ги минуваат рамките на редовното работење или управување со имотот на лицето под старателство. Старателот не може да дава подароци или да прави други располагања со имотот на лицето под старателство без надомест и не може лицето под старателство да го обврзува како гарант.

Член 143


Ако лицето под старателство има имот, центарот за социјална работа ќе донесе решение да се изврши попис и процена и имотот да се предаде на старателот на управување. Пописот и процената на имот на лицето под старателство го врши комисија именувана од центарот за социјална работа. На пописот и процената на имотот на лицето под старателство задолжително присуствуваат старателот и лицето под старателство, ако е во состојба да сфати за што се работи, како и лицата во чие владение е имотот на лицето под старателство.

Член 144


По исклучок на член 142 на овој закон, центарот за социјална работа, може да изврши попис и процена на имотот и да преземе други мерки за обезбедување на имотот на лицето кое се става под старателство и пред донесување на решение за ставање под старателство, доколку за тоа постојат оправдани причини. Во случај на непосредна опасност по имотот на лицето под старателство во поглед на неговиот недвижен имот, центарот за социјална работа може и пред пописот и процената на имотот да побара од судот заверка во јавните книги за евиденција на недвижности за поведување на постапка за ставање на тоа лице под старателство.

Член 145


Ако лицето под старателство има имот надвор од подрачјето на надлежниот центар за социјална работа, центарот за социјална работа грижата за тој имот може да му ја довери на центарот за социјална работа на чие подрачје се наоѓа имотот. Центарот за социјална работа на кого му е доверена грижата за имотот може да определи посебен старател над тој имот или да се грижи за него непосредно. Органот од став 2 на овој член е должен еднаш годишно да го известува надлежниот центар за социјална работа за состојбата на имотот. Решавањето за располагање со имотот од став 1 на овој член го задржува надлежниот центар за социјална работа.

Член 146


Старателот е должен со помош на центарот за социјална работа да презема потребни мерки за обезбедување средства неопходни за спроведување на мерките кои во интерес на лицето под старателство ги определил центарот за социјална работа.

Член 147


Старателот, само со одобрение на центарот за социјална работа, може да ги презема во име и за сметка на лицето ставено под старателство следниве работи:

1) да го отуѓи или оптовари недвижниот имот;

2) да отуѓи движни предмети од поголема и од посебна лична вредност или да располага со имотни права од поголема вредност;

3) да се откаже од наследство или од легат или да одбие подарок и

4) да презема други мерки определени со закон.

Центарот за социјална работа во постапката за давање на одобрение за старателот во поглед на располагањето и управувањето со имотот, односно со правата на лицето под старателство, ја определува намената на прибавените средства и врши надзор над нивната употреба.

Член 148


Старателот не може да го застапува лицето под старателство во правни дела во кои како друга странка учествува брачниот другар или близок роднина на старателот, туку за таков случај центарот за социјална работа ќе му постави на лицето под старателство друг старател или самиот ќе го застапува.

Член 149


Старателот може без одобрение од центарот за социјална работа да отуѓи плодови, ситна стока, предмети што се подложни на брзо расипување и други предмети, доколку е тоа во рамките на редовното работење и управување со имотот. Паричните средства добиени со продажба на предметите од став 1 на овој член можат да се користат само за задоволување на потребите на лицето под старателство.

Член 150


Старателот може за работи за кои не е потребно одобрение да бара совет од центарот за социјална работа, кој е должен таков совет да даде. Центарот за социјална работа е должен на старателот да му укаже помош во вршење на работите кои тој не е во можност самиот да ги изврши, а особено во составување на подавки, во застапување пред судот и пред други органи.

Член 151


Старателот, лицето, другото семејство и установа во кое е сместено лицето под старателство се должни на центарот за социјална работа да му доставуваат извештај за својата работа секоја година, како и тогаш кога тоа тој ќе го побара.

Во случај старателството да го врши непосредно центарот за социјална работа извештај за работата е должен да поднесе неговиот работник или друго лице кое во името на центарот за социјална работа ги врши работите на старателството. Извештајот се поднесува писмено или усмено на записник. Од извештајот на старателот треба да се види неговата грижа за лицето ставено под старателство, а особено за неговото здравје, издржувањето и оспособувањето за самостоен живот, а кај малолетните лица под старателство и за нивното воспитание и образование, како и за сè друго што е од значење за личноста на лицето под старателство.

Извештајот од ставовите 1 и 2 на овој член треба да содржи и податоци за управувањето и располагањето со имотот на лицето под старателство и за сите приходи и расходи на лицето под старателство во изминатата година, како и за крајната состојба на неговиот имот.

Член 152


Старателот ги врши своите должности, по правило без надоместок. Центарот за социјална работа може на старателот да му определи и надомест како награда, ако вложил дополнителен труд и се истакнал во вршењето на своите должности. Висината на надоместокот на трошоците за старателот од став 2 на овој член ја утврдува центарот за социјална работа. Наградата и надоместокот на трошоците ги одобрува центарот за социјална работа од приходот на лицето под старателство, а доколку со тоа би се загрозило издржувањето на лицето под старателство тие трошоци ќе паднат на товар на буџетот на Републиката.

Член 153


Старателот е должен да му ја надомести штетата на лицето под старателство што му ја сторил со неправилно, несовесно или невнимателно вршење на должноста. Центарот за социјална работа го утврдува износот на штетата и го повикува старателот во определен рок штетата да ја надомести. Доколку старателот не ја надомести утврдената штета во определениот рок центарот за социјална работа непосредно ја надоместува штетата на лицето под старателство. Центарот за социјална работа може кај надлежниот суд да бара од старателот надомест на исплатениот износ од став 2 на овој член. Заради обезбедување на правата на лицето под старателство, повредени со работењето на старателот, центарот за социјална работа е должен спрема старателот да преземе и други мерки предвидени со закон.

Член 154


Ако старателот умре или самоволно престане да ја врши старателската должност или ако настанат околности кои го спречуваат старателот да ја врши својата должност, центарот за социјална работа е должен, без одлагање, да преземе мерки на заштита на интересите на лицето под старателство и да му постави нов старател.

Член 155


Центарот за социјална работа ќе го ослободи од вршење на старателската должност ако тоа тој самиот го побара, водејќи сметка за интересите на лицето под старателство, но најдоцна во рок од три месеци од денот на поднесувањето на барањето. Центарот за социјална работа ќе го смени старателот ако утврди дека во вршењето на должноста тој е невнимателен, ги злоупотребува овластувањата, дека со неговата работа се загрозуваат интересите на лицето под старателство или ако смета дека за лицето под старателство е покорисно да му се постави друг старател.

Член 156


Кога на старателот ќе му престане старателската должност согласно со одредбите на член 155 од овој закон, центарот за социјална работа е должен веднаш да ги преземе сите потребни мерки за заштита на интересите на лицето под старателство и да му постави нов старател. Старателот на кого му престанала старателската должност, должен е на центарот за социјална работа да му поднесе извештај и сметка за своето работење и на новиот старател да му ја предаде должноста со записник во рокот што ќе го одреди центарот за социјална работа, но не повеќе од 30 дена.

Член 157


Во случај на престанок на потребата за старателство Центарот за социјална работа ќе го повика старателот во определен рок да поднесе извештај за работата и за состојбата на имотот на лицето под старателство, како и да го предаде имотот на управување на лицето кое било под старателство, односно на родителот или на посвоителот. Предавањето на имотот се врши во присуство на старателот, лицето кое било под старателство, односно на родителот или посвоителот и на претставник на центарот за социјална работа.

Член 158


Центарот за социјална работа е должен да преземе мерки за обезбедување на правата и интересите на лицето под старателство што произлегуваат од работењето на старателот, како и мерки за заштита на правата и на интересите и на други лица кои произлегуваат од односите на старателството.

III

Старателство над малолетни лица[уреди]

Член 159


Под старателство ќе се стави малолетно лице без родителска грижа. Дете без родителска грижа е дете чии родители не се живи кои се исчезнати, непознати или се со непознато живеалиште повеќе од една година и дете чии родители без оглед на причините привремено или трајно не ги извршуваат своите родителски права и должности.

Член 160


Старателот на малолетно лице е должен да се грижи како родител за личноста на малолетникот, а особено за неговото здравје, воспитание, образование и оспособување за самостоен живот и работа.

Член 161


Старателот може само со одобрение на центарот за социјална работа: - да го прекине образованието на малолетникот или да го промени видот на образованието; - да одлучи за изборот, вршењето или промената на занаетот на малолетникот и - да преземе и други мерки во поглед на личноста на малолетникот определени со закон.

Член 162


Малолетник под старателство кој наполнил 15 години од животот може сам, без одобрение на старателот, да заснова работен однос и слободно да располага со остварената плата, при што е должен сам да придонесува за своето издржување, воспитание и стручно оспособување. Малолетник од став 1 на овој член може сам да презема правни работи за кои, доколку се од поголемо значење, потребно е одобрение од неговиот старател. За работите од член 161 на овој закон кои старателот не може сам да ги преземе, потребно е согласност од центарот за социјална работа.

Член 163


Старателството над малолетно лице престанува со неговото полнолетство, со склучување на брак, со посвојување или кога ќе престане било која од причините утврдено во член 159 став 2 на овој закон. Центарот за социјална работа ќе продолжи да му дава помош на лицето на кое старателството му престанало поради полнолетство ако тоа, додека траело старателството, од оправдани причини не можело да се оспособи за самостоен живот и работа.

Член 164


Ако и по полнолетството, поради пречки во психичкиот развој лицето не е способно само да се грижи за себе и за своите права и интереси старателот или центарот за социјална работа ќе поведат постапка тоа лице по друг основ да биде ставено под старателство.

IV

Старателство над лица на кои им е одземена или ограничена деловната способност[уреди]

Член 165


Лицата на кои со одлука на судот делумно или целосно им е одземена деловната способност, центарот за социјална работа ги става под старателство. Деловната способност е способност на лице да изрази правно релевантна волја за учество во правниот промет.

Член 166


Правосилното решавање за одземање, односно ограничување на деловната способност судот веднаш го доставува до центарот за социјална работа кој, во рок од 30 дена од денот на приемот на решението, го става лицето под старателство.

Член 167


Старателот на лице на кое му е одземена или ограничена деловната способност, должен е да се грижи особено за неговата личност, права, интереси, сместување и здравје, имајќи ги предвид причините поради кои на лицето му е одземена, односно ограничена деловната способност, настојувајќи тие да бидат отстранети, а лицето да се оспособи за самостоен живот и работа.

Член 168


Старателот на лице на кое му е одземена деловната способност ги има правата и должностите на старател на малолетно лице кое нема наполнето 15 години живот. Старателот на лице на кое му е ограничена деловната способност има должности и права на старател на малолетно лице кое има наполнето 15 години живот.

Член 169


Судот е должен веднаш да го извести центарот за социјална работа кога ќе се поведе постапка за одземање на деловната способност на лицето. Центарот за социјална работа во постапката за одземање на деловната способност на лицето може на тоа лице да му постави привремен старател, ако најде дека е тоа потребно. Должноста привремен старател престанува веднаш штом ќе се постави постојан старател или штом решението на судот со кое се одбива предлогот за одземање на деловната способност ќе стане правосилно.

Член 170


Привремениот старател има исти права и должности како старател над малолетно лице кое навршило 15 години живот. Центарот за социјална работа може, ако е тоа потребно, да ги прошири правата и должностите на привремениот старател како на старател над малолетно лице кое не навршило 15 години живот.

Член 171


Ако старателот утврди дека кај лицето на кое му е одземена деловната способност настанале околности кои упатуваат на потреба за враќање на деловната способност, односно за измена на поранешната одлука, тој е должен, без одлагање, за тоа да го извести центарот за социјална работа.

Член 172


Старателството над лице на кое му е одземена деловната способност престанува кога со решение на судот ќе му се врати деловната способност.

V

Старател за посебни случаи[уреди]

Член 173


Центарот за социјална работа ќе му постави старател за одделни работи или определен вид работи на лице чие место за живеење не е познато, а кое нема застапник, на непознат сопственик на имот кога е потребно некој да се грижи за тој имот, како и во други случаи кога е тоа потребно заради заштита за правата и интересите на одделни лица. Старател на лицата од став 1 на овој член, под услови утврдени со закон, може да постави и органот пред кој се води постапката. Овој орган е должен за тоа без одлагање да го извести центарот за социјална работа. Центарот за социјална работа спрема старателот поставен во смисла на став 2 на овој член ги има сите овластувања како и спрема старателот кого сам го постави.

Член 174


Центарот за социјална работа може да постави посебен старател на:

- лице над кое родителите го вршат родителското право за водење спор меѓу него и неговите родители, за склучување на одделни правни дела меѓу нив, како и во други случаи кога нивните интереси се во спротивност и
- лице под старателство за водење спор меѓу него и старателот, за склучување правни дела меѓу нив, како и во други случаи кога нивните интереси се во спротивност.

Кога меѓу малолетници над кои исто лице врши родителско право или меѓу лица кои имаат ист старател треба да се води спор или да се склучи правно дело во кое интересите на малолетните, односно на лицата под старателство се во спротивност, центарот за социјална работа на секое од нив ќе постави посебен старател за водење на спорот, односно склучување на правното дело. Кога родителите, старателите и државните органи во вршењето на должноста, ќе дознаат за случаите од став 2 на овој член, должни се за тоа да го известат центарот за социјална работа.

Член 175


Центарот за социјална работа во случаи предвидени со овој закон, ќе преземе потребни мерки за заштита на личноста, правата и интересите на странски државјани додека органот на државата, чиј државјанин е тој, не донесе потребно решение и не преземе определени мерки.

Член 176


На барање на лице кое поради болест, старост или од други оправдани причини не е способно само да се грижи за себе за своите права и правни интереси, центарот за социјална работа може да му постави старател за одделни работи или за определен вид работи. На барање на лицето од став 1 на овој член центарот за социјална работа ќе донесе решение за престанок на старателството.

Член 177


При поставувањето на старател според одредбите на членовите 175 и 176 од овој закон, центарот за социјална работа обемот на должностите и правата на старателот, го определува во зависност од околностите на секој одделен случај.

ШЕСТИ ДЕЛ

Издржување[уреди]

Член 178


Издржувањето на членовите на семејството и на другите роднини е нивно право и должност. Во случаите во кои меѓусебното издржување на членовите на семејството и на другите роднини не може да се оствари во целост или делумно, Републиката на необезбедените членови на семејството им обезбедува средства неопходни за издржување под услови определени со закон. Откажувањето од правото на издршка нема правно дејство.

Издржување на децата, на родителите и на другите роднини[уреди]

Член 179


Родителите се должни да ги издржуваат своите малолетни деца. Ако школувањето и стручното образование на децата продолжува и по полнолетството, родителите се должни, понатаму да ги издржуваат децата до редовното завршување на школувањето, но најдоцна до навршување на 26 годишна возраст. Ако полнолетното лице е неспособно за работа поради болест, физички или психички недостаток, а нема доволно средства за живот и не може да ги добие од својот имот, родителите се должни да го издржуваат додека трае таа неспособност.

Член 180


Обврската за издржување постои и меѓу други роднини во права линија, како и меѓу браќа и сестри во поглед на издржувањето на малолетните браќа и сестри, а во однос на полнолетните браќа и сестри само под условите на член 179 став 3 на овој закон.

Член 181


Децата се должни да ги издржуваат своите родители кои се неспособни за работа, а немаат доволно средства за издржување или средствата за издржување не можат да ги остварат од својот имот. По исклучок, судот може да го одбие барањето за издржување кога издржување бара родител, на кој му било одземено родителското право, иако детето за тоа има можности или ако судот, ценејќи ги сите околности на случајот, најде дека тоа би била очигледна неправда за детето.

Член 182


Очувот и маќеата се должни да ги издржуваат своите малолетни пасиноци, освен ако тие имаат роднини кои според овој закон се должни да ги издржуваат и ако тие роднини за тоа имаат можности. Обврската на очувот, односно маќеата да ги издржуваат своите малолетни пасиноци, постои и по смртта на родителот на детето, со кого очувот, односно маќеата бил во брак ако до моментот на смртта постоела семејна заедница меѓу очувот, односно маќеата и пасиноците. Ако бракот меѓу родителот и очувот, односно маќеата на детето е поништен или разведен, обврската за издржување на очувот, односно на маќеата спрема пасинокот престанува.

Член 183


Пасиноците се должни да го издржуваат својот очув, односно маќеата ако тие подолго ги издржувале и се грижеле за нив. Ако очувот, односно маќеата имаат свои деца, обврската на пасиноците е заедничка со тие деца .

Член 184


Лицата кои според овој закон се должни меѓусебно да се издржуваат ја даваат издршката по оној ред по кој давателите на издржувањето доаѓаат на наследство. Ако обврската за издржување паѓа на товар на повеќе лица заедно, тогаш таа се дели меѓу нив според нивните можности. 2. Издржување на брачен другар

Член 185


Брачниот другар кој нема доволно средства за издржување и е неспособен за работа или е без работа без своја вина, има право на издржување од својот брачен другар сразмерно со неговите можности.

Судот може, земајќи ги предвид сите околности на случајот, да го одбие барањето за издржување ако издржување бара брачниот другар кој злонамерно или без оправдани причини го напуштил својот брачен другар.

Член 186


Под условите од член 186 на овој закон необезбедениот брачен другар има право да бара, со пресудата со која бракот се разведува, да му се досуди извесен износ на име на издржување на товар на другиот брачен другар сразмерно со неговите можности. По исклучок од одредбата од став 1 на овој член брачниот другар може со посебна тужба, во рок од една година по престанокот на бракот, да бара издржување само ако условите за издржување утврдени во член 185 од овој закон постоеле во моментот на заклучувањето на главната расправа на постапката за разводот на бракот и непрекинато траеле до заклучување на главната расправа во постапката за издржување.

Член 187


Судот може да го одбие барањето за издржување ако издржување бара брачен другар, кој без сериозен повод од страна на другиот брачен другар, грубо и недолично се однесувал во брачната заедница или ако неговото барање би претставувало очигледна неправда за другиот брачен другар.

Член 188


Судот може да го одбие барањето за издржување, ако брачните другари во подолг период на одвоен живот, наполно самостојно, обезбедувале средства за своето издржување или ако од околностите на случајот, се утврди дека брачниот другар кој бара издржување, не е доведен во потешка материјална положба од онаа во која се наоѓал во моментот на склучување на брак.

Член 189


Правото на издршка на необезбедениот поранешен брачен другар трае најмногу пет години по разводот на бракот или по поништување на бракот. По барање на брачниот другар, судот може да го продолжи правото на издржување и по истекот на рокот од став 1 на овој член, ако утврди дека за тоа постојат оправдани причини, а особено ако необезбедениот брачен другар, ни по истекот на тој временски период , не ќе биде способен самиот да се издржува.

Член 190


Судот може обврската за издржување да ја определи да трае и помалку од пет години кога постојат претпоставки дека барателот на издржувањето е во можност во догледно време на друг начин да си обезбеди средства за издржување. Во случај кога бракот траел кратко време судот може, ценејќи ги сите околности, да одлучи обврската за издржување да трае определено време или барањето за издржување во целост да биде одбиено без оглед дали барателот на издржувањето, во догледно време може да си обезбеди средства за издржување, доколку тој не одгледува заедничко малолетно дете. Притоа судот посебно ќе цени дали имотните прилики на брачниот другар се измениле во врска со склучување на бракот. Во оправдани случаи судот може обврската за плаќање на издршката да ја продолжи на неопределено време. Тужбата за продолжување на обврската за издржување може да се поднесе само до истекот на времето за кое издржувањето е досудено.

Член 191


Правото на поранешниот брачен другар на издржување престанува кога ќе престанат условите од член 185 на овој закон, кога ќе истече времето за кое е досудено издржувањето и кога поранешниот брачен другар кој добива издржување ќе склучи нов брак, односно ќе стапи во вонбрачна заедница.

Член 192


Во случај на поништување на брак, брачниот другар кој во времето на склучувањето на бракот не знаел за причината за ништовност може да бара на товар на другиот брачен другар да му се досуди издржување, под условите под кои разведениот брачен другар може да го остварува правото на издржување.

Член 193


При одлучување за издржување на лице од вонбрачна заедница соодветно се применуваат одредбите од овој закон што се однесуваат на издржување на брачните другари.

Определување на издршка[уреди]

Член 194


При утврдување на потребата за издржување на лицето, судот ќе ја земе предвид неговата имотна состојба, способноста за работа, можноста за вработување, здравствената положба, како и другите околности од кои зависи оцената за неговите потреби. Кога издршката се определува за дете, судот ќе ја земе предвид и возраста на детето, како и потребите за неговото школување. При утврдување на можностите на лицето кое е должно да дава издржување, судот ќе ги земе предвид сите негови приходи и вистинските можности за стекнување на заработка и неговите сопствени потреби и законски обврски по основ на издржувањето спрема други лица.

Член 195


Во спорот на родителите околу издржувањето на детето, судот како придонес за издржување на детето на родителот на кого детето му е доверено на чување и воспитание, ќе ги цени работата и грижата на тој родител кој ги внесува во воспитанието и подигањето на детето.

Член 196


Висината на издржувањето судот може да ја определи во определен износ или во процент од остварениот личен доход, односно од приходите и примањата остварени од вршење на друг вид дејност.

Член 197


Центарот за социјална работа може во име на малолетното дете да поведе спор за издржување, односно за зголемување на издржувањето, кога родителот кај кого детето се наоѓа на чување и воспитание, без оправдани причини, не го користи тоа право. Ако родителот не бара извршување на досуденото издржување, центарот за социјална работа може во името на малолетното лице да поднесе предлог за извршување.

Член 198


Центарот за социјална работа ќе настојува родителите да се спогодат за издржувањето на детето, односно за зголемување на придонесот во издржување на детето кога тоа го бараат зголемените потреби на детето или тоа го овозможуваат подобрените материјални прилики на давателот на издржувањето.

Член 199


Центарот за социјална работа може, со полномошно на стари лица во нивно име да поведе и води спор за остварување на правото на издржување спрема лицата кои според одредбите на овој закон се должни да ги издржуваат.

Член 200


Лицето кое е должно да дава издржување, освен за обврската на родителот спрема малолетни деца, може по свој избор да плаќа определен паричен износ на име на издржувањето или лицето да го земе на издржување кај себе или да му обезбеди издржување на друг начин. Лицето кое има право на издржување може од оправдани причини да бара издржувањето да му се обезбеди само во пари.

Член 201


Заинтересираното лице може да бара судот да го зголеми, да го намали или да го укине издржувањето досудено со поранешна правосилна пресуда ако се измениле околностите врз основа на кои е донесена пресудата.

Член 202


Давателот на издршката (орган, организација, заедница или физичко лице) може од лицата кои според овој закон биле должни да даваат издршка, со тужба да бара надоместок на сторените трошоци за издршка на лицето, доколку тие биле оправдани.

СЕДМИ ДЕЛ

Имотни односи[уреди]

I

Имотни односи на брачните другари[уреди]

Имот на брачните другари[уреди]

Член 203


Имотот на брачните другари може да биде посебен и заеднички.

Член 204


Имотот кој едниот брачен другар го имал во времето на склучувањето на бракот претставува негов посебен имот.

Како посебен имот ќе се сметаат и имотот и правото врз имотот што брачниот другар ќе го добие по основа на наследство, легат и подарок, како и предметите стекнати во бракот, а кои исклучиво служат за задоволување на личните потреби на еден од брачните другари, доколку не претставуваат несразмерно голема вредност во споредба со вредноста на вкупниот заеднички имот.

Секој брачен другар самостојно управува и располага со посебниот имот, доколку брачните другари поинаку не се договорат.

Член 205


Имотот кој брачните другари ќе го стекнат во текот на бракот претставува нивен заеднички имот.

Член 206


Правото на сопственост на брачните другари врз недвижности кои се нивен заеднички имот, во смисла на член 205 од овој закон се запишува во јавните книги на името на двајцата брачни другари како нивен заеднички имот.

Ако во јавните книги како сопственик на заедничкиот имот е запишан само едниот од брачните другари, ќе се смета дека уписот е извршен на името на двајцата брачни другари.

Ако во јавните книги се запишани двајцата брачни другари како сосопственици на определени делови, ќе се смета дека на тој начин извршиле делба на заедничкиот имот.

Управување и располагање со имотот[уреди]

Член 207


Брачните другари заеднички и спогодбено управуваат и располагаат со заедничкиот имот. Со својот дел во заедничкиот имот брачниот другар не може самостојно да располага, ниту да го товари со правно дело меѓу живите.

Член 208


Брачните другари можат да се договорат управувањето и располагањето со заедничкиот имот или со дел од него да го врши едниот од нив. Договорот може да се однесува на сите работи на управување и располагање или само на редовното управување или на точно определени работи. Кога не е поинаку договорено, управувањето опфаќа и располагање во рамките на редовното работење. Секој брачен другар може да го раскине договорот за управување или располагање со заедничкиот имот во секое време, освен кога со раскинувањето очигледно му се нанесува штета на другиот брачен другар.

Член 209


Во вршењето на работите кои ги надоместуваат во рамките на редовното управување со имотот потребна е согласност на другиот брачен другар, изразена во форма која се бара за соодветното правно дело.

Член 210


Ако за управувањето со заеднички имот или за одделна работа во врска со управувањето, брачните другари не можат да се спогодат, а ниту еден од нив не бара делба, судот во вонпроцесна постапка може на предлог на еден од брачните другари, да определи потребни мерки кои се однесуваат на управувањето.

Делба на заеднички имот[уреди]

Член 211


За време на траењето и по престанокот на бракот, брачните другари можат спогодбено да го поделат заедничкиот имот или да побараат од судот тој тоа да го стори.

Со делбата на заедничкиот имот меѓу брачните другари настанува режим на посебен имот.

Член 212


Ако не дојде до спогодба, делбата на заедничкиот имот, на барање на еден брачните другари ја врши судот во вонпроцесна постапка. При утврдувањето на деловите на брачните другари во заедничкиот имот судот тргнува од фактот дека заедничкиот имот на брачните другари се дели на еднакви делови.

По барање на еден од брачните другари, судот може да му определи поголем дел од заедничкиот имот, ако тој докаже дека неговиот придонес во заедничкиот имот очигледно и значително е поголем од придонесот на другиот брачен другар.

Член 213


При делба на заедничкиот имот, на барање на брачниот другар во неговиот дел првенствено ќе се внесат оние предмети од заедничкиот имот кои служат за вршење на неговиот занает, односно дејност. Од заедничкиот имот ќе се издвојат и ќе му се предадат на брачниот другар, покрај неговиот дел и оние предмети стекнати со работа во текот на брачната заедница, кои служат исклучиво за негова лична употреба. Ако вредноста на предметите од ставовите 1 и 2 на овој член е несразмерно голема во однос на вредноста на сиот заеднички имот ќе се изврши делба и на тие предмети, освен ако брачниот другар кој овие предмети би требало да ги добие не ја надомести на другиот брачен другар соодветната вредност или на другиот брачен другар, со негова согласност, не му отстапи други предмети.

Член 214


На брачниот другар на кого му се доверени заедничките деца на чување и воспитание му се даваат, покрај неговиот дел, и предметите кои им служат на децата или се наменети само за нивна непосредна употреба. При делбата на заедничкиот имот на брачниот другар на кого се доверени заедничките деца на чување и воспитание му се доделуваат и оние предмети за кои е очигледно дека е во интерес да бидат во посед и во сопственост на брачниот другар на кого децата му се доверени.

Член 215


Ако при делбата на заедничкиот имот се утврди дека на еден од брачните другари му припаѓа значително помал дел, судот може на барање на еден од брачните другари да определи, тој дел на тој брачен другар, да му се надомести во пари.

Одговорност за долговите спрема трети лица[уреди]

Член 216


За обврските што еден брачен другар ги имал пред склучување на бракот, како и за обврските што ќе ги прими по склучувањето на бракот, не одговара другиот брачен другар. Брачните другари одговараат солидарно за обврските што едниот брачен другар ги примил спрема трети лица за намирување на тековните потреби на брачната заедница, како и за обврските што според општите прописи ги товарат обата брачни другари. Брачниот другар кој од својот посебен имот ја исполнил солидарната обврска има право да бара другиот брачен другар да му го надомести делот на обврската што паѓа на него.

Член 217


Подароците што брачните другари ги направиле еден на друг пред склучувањето на бракот или во текот на бракот не се враќаат.

II

Имотни односи на вонбрачни другари[уреди]

Член 218


Имотот кој вонбрачните другари ќе го стекнат во вонбрачна заедница се смета за нивни заеднички имот.

При делбата на тој имот соодветно се применуваат одредбите за делба на заедничкиот имот на брачните другари.

III

Имотни односи на родителите и децата[уреди]

Член 219


Малолетни деца можат да имаат свој имот кој ќе го стекнат на со закон определен основ. Со тој имот, освен со оној што малолетникот го стекнал со работа, до неговото полнолетство управуваат и располагаат родителите на малолетникот, на начин утврден со овој закон.

Член 220


Ако родителите не живеат заедно, со имотот на детето управува родителот со кого детето живее, ако центарот за социјална работа на предлог на другиот родител, не одлучи поинаку.

Член 221


Приходите од имотот на своето дете родителите можат да ги употребуваат првенствено за негово издржување, воспитание и образование, како и за неопходните потреби на семејната заедница, доколку сами немаат доволно сопствени средства. Родителите можат со одобрение на центарот за социјална работа да го отуѓат или оптоварат имотот на своето дете заради негово издржување, воспитание и образование или ако тоа го бараат некои други интереси, како и кога тоа го бараат неопходни потреби на семејната заедница.

ОСМИ ДЕЛ

Судски постапки[уреди]

I

Заеднички одредби[уреди]

Член 222


Во постапките во кои судот одлучува во брачните, семејните и други спорови од овој закон се применуваат одредбите на Законот за процесната постапка и Законот за извршната постапка, ако со овој закон не е поинаку определено.

Член 223


Во споровите од член 222 на овој закон, кога странките имаат заеднички малолетни деца или деца над кои е продолжено родителското право, постапката е итна.

Член 224


Во постапките од член 222 на овој закон јавноста е исклучена како на рочиштето за главна расправа, така и на рочиштето за обид за мирење. По исклучок, претседателот на советот, може да дозволи на рочиштето за главна расправа да присуствуваат научни и јавни работници, кои се занимаваат со проблемите на бракот и семејството, како и лица кои странките ќе ги предложат. Претседателот на советот може во согласност со странките да дозволи присуство на лицата од став 2 на овој член и на рочиштето за обид за мирење.

Член 225


Во споровите од член 222 на овој закон не е дозволено изречување на пресуда поради изостанок или пресуда врз основа на признание или пресуда врз основа на откажување, а е исклучено и судско порамнување, освен во споровите за издршка.

Член 226


Во споровите од член 222 на овој закон, постапката во прв степен ја води и одлуките ги донесува совет составен од еден судија и двајца судии поротници, а во втор степен совет од тројца судии. Во постапката за спогодбен развод на брак може одлука да донесе и судија поединец под условите определени со овој закон.

Член 227


Кога судот одлучува по вонреден правен лек, одлучува во совет од пет судии.

II

Постапка во брачни спорови[уреди]

Член 228


Во брачните спорови покрај судот од општа месна надлежност, месно надлежен е и судот на чија територија брачните другари имале последно заедничко живеалиште.

Член 229


Процесната постапка во брачните спорови се поведува со тужба. Ако брачните другари бараат бракот да се разведе по заемна согласност, процесната постапка се поведува со тужба со спогодбен предлог за развод на бракот.

Член 230


Правото на тужба за поништување на бракот и за развод на бракот не преоѓа на наследниците. Наследниците од умрениот брачен другар кој ја поднел оваа тужба можат да бараат утврдување дека тужбата за поништување, односно за развод на бракот била основана.

Барањето од став 1 на овој член може да се истакне во процес кој е веќе започнат од умрениот брачен другар, ако од неговата смрт не поминало повеќе од шест месеци. По истекот на овој рок постапката се запира.

Одредбите од ставовите 1 и 2 на овој член соодветно ќе се применуваат и кога постапката е покрената по предлог за спогодбен развод на брак.

Член 231


Ако брачниот спор се поведува преку полномошник, во полномошното треба да биде назначено видот на тужбата и причините поради кои тужбата може да се поднесе.

Член 232


За лицата од член 18 ставови 1 и 2 на овој закон, тужба може да поднесе неговиот старател само по претходна дозвола од центарот за социјална работа.

Член 233


Тужениот може од своја страна да поднесе тужба за поништување на брак или за развод на брак кај судот кај кој е тужен (противтужба). Одлуките за двете тужби ќе се донесат со една пресуда.

Член 234


Во споровите за развод на брак тужителот може да ја повлече тужбата до заклучување на главната расправа без согласност на тужениот, а со согласност на тужениот додека постапката правосилно не е завршена. Откажување од тужбеното барање има правно дејство како повлекување на тужба.

Член 235


Кога тужителот ја повлекол тужбата согласно со член 234 на овој закон судот ќе донесе решение со кое тоа ќе го утврди. Ако тужбата е повлечена по донесување на првостепена пресуда, првостепениот суд со решение ќе констатира дека тужбата е повлечена, дека пресудата е без правно дејство и дека постапката се запира. Изјавата за повлекување на тужбата се упатува до првостепениот суд и кога постапката, по правен лек, е во тек. Во таков случај првостепениот суд ќе ги побара списите од второстепениот суд и ќе донесе решение во смисла на став 2 на овој член. Ако изјавата за повлекување е дадена пред повисокиот суд, тој суд ќе му ја достави заедно со списите на надлежниот првостепен суд. Против решението од став 2 на овој член странките имаат право на жалба.

Член 236


Предлогот за спогодбен развод на брак, брачните другари можат да го повлечат се додека постапката правосилно не е завршена. Ќе се смета дека предлогот е повлечен и тогаш кога од предлогот ќе се откаже еден од брачните другари. Предлогот за спогодбен развод на брак може да се повлече со поднесок или на записник пред судот. Во случаите од став 1 на овој член судот донесува решение за запирање на постапката. Ако постапката се води пред второстепениот суд се применува одредбата од став 2 на член 235 од овој закон.

Член 237


По приемот на тужбата за развод на брак или на предлогот за спогодбен развод на бракот, пред доставувањето на тужбата на тужениот, се спроведува постапка за мирење на брачните другари. Постапката за мирење на брачните другари нема да се спроведе ако:

1. еден од брачните другари е неспособен за расудување;

2. еден или обата брачни другари живеат во странство;

3. едниот брачен другар е со непознато место на живеење подолго од шест месеци и

4. по противтужба за развод на брак, без оглед кога е таа поднесена, а обидот за мирење на брачните другари по тужбата завршил безуспешно.

Ако брачните другари имаат заеднички малолетни деца или деца над кои е продолжено родителското право, постапката за мирење ја спроведува центарот за социјална работа. Во случаите од став 3 на овој член, судот во рок од осум дена доставува писмено известување до центарот за социјална работа, со податоци кога постапката за развод на брак е поведена, основните причини поради кои се бара развод на бракот и податоци за децата. Центарот за социјална работа е должен во рок од три месеци од приемот на известувањето, да ја заврши постапката за мирење на брачните другари. Ако брачните другари немаат заеднички малолетни деца или деца над кои е продолжено родителското право, постапката за мирење на брачните другари ја спроведува судот, ако истиот не оцени дека е целисходно мирењето да се отстапи на центарот за социјална работа. Постапката за мирење на брачните другари пред центарот за социјална работа се уредува со закон.

Член 238


Кога постапката за мирење на брачните другари ја спроведува судот, претседателот на советот закажува посебно рочиште. Рочиштето за мирење се одржува само во присуство на претседателот на советот, без присуство на записничар.

Член 239


Рочиштето за обид за мирење е посебно рочиште и тоа не смее да се спои со рочиштето за главна расправа.

Член 240


На рочиштето за обид за мирење се повикуваат двајцата брачни другари лично да присуствуваат. Ако постапката за развод на брак е поведена со тужба, а еден или двајцата брачни другари, уредно поканети, не дојдат на рочиште за обид за мирење, ќе се смета дека мирењето не успеало. Ако постапката е поведена со предлог за спогодбен развод на бракот, а еден или двајцата брачни другари не дојдат на рочиште за обид за мирење, а не го оправдаат своето отсуство, ќе се смета дека предлогот бракот да се разведе по заемна согласност е повлечен. Во поканата за рочиштето за мирење ќе се наведе дека ќе настанат последици од ставовите 2 и 3 на овој член.

Член 241


Ако на рочиштето за обид за мирење не дојде до помирување на брачните другари, а се оцени дека има изгледи да дојде до помирување, односно дека не е добиено цврсто уверување дека натамошното мирење е залудно, може да се определи ново рочиште за обид за мирење.

Член 242


При обидот за мирење ќе се настојува да се испитаат причините што довеле до поведување на постапка за развод на бракот, ќе се обиде да се измират брачните другари, а по потреба ќе им се препорача да се обратат на предбрaчното и брачното советувалиште или друга установа која може да им даде потребен совет.

Член 243


Кога ќе оцени дека тоа е во интерес на мирењето, претседателот на советот може да води разговор одделно со секој брачен другар.

Член 244


На рочиштето за обид за мирење, како и во текот на целата постапка за развод на брак, судот соработува со центарот за социјална работа.

Член 245


За одржаното рочиште за мирење претседателот на советот составува службена белешка.

Член 246


Ако обидот за мирење не успее, претседателот на советот, закажува рочиште за главна расправа и на тужениот му ја доставува тужбата за развод на брак, укажувајќи на присутната странка на последиците од недоаѓање утврдени во член 254 од овој закон.

Член 247


Во поканата за рочиште за главна расправа ќе се наведе, дека за тужителот ќе настанат последици од член 254 на овој закон ако не дојде на првото рочиште за главна расправа. За недоаѓање на наредните рочишта ќе се применат одредбите за мирување на постапката согласно со Законот за процесната постапка.

Член 248


Претседателот на советот не мора да закаже рочиште за главна расправа ако мирењето не успеало, а е поведена постапка за развод на брак со предлог за спогодбен развод на брак на брачни другари кои немаат заеднички деца. Во случај од став 1 на овој член, претседателот на советот, откако ќе утврди дека брачните другари, заемната согласност за развод на бракот ја донеле слободно, сериозно и непоколебливо, донесува пресуда со која бракот ќе го разведе.

Член 249


Ако во бракоразводниот спор се решава за чување, издржување и воспитание на децата, судот ќе го повика центарот за социјална работа да учествува на рочиштето заради заштита на интересите на децата и ќе му ги достави сите одлуки донесени во таа постапка. Во постапката од став 1 на овој член центарот за социјална работа ќе даде предлог за чување, издржување и воспитание на децата, а може, во границите на овој предлог, да изнесува нови факти и докази што странките не ги навеле, да вложува правни средства и да презема други процесни дејства во интерес на децата.

Член 250


Имотните спорови меѓу брачните другари освен споровите за издржување не може да се решаваат заедно со бракоразводниот спор.

Член 251


Во текот на постапката за бракоразводните спорови судот може со решение да определи привремени мерки заради давање издршка на заедничките деца и за нивно доверување на чување и воспитание. Привремените мерки од став 1 на овој член можат да се определат послужбена должност, по предлог на една од странките, како и на предлог на центарот за социјална работа. Привремените мерки од став 1 на овој член судот може да ги определи и во корист на брачниот другар, по негов предлог. Жалбата против решението од ставовите 1, 2 и 3 на овој член не го задржува извршувањето на решението.

Член 252


Привремените мерки траат до правосилното завршување на постапката, но судот може по службена должност или по барање на една од странките нив да ги менува.

Член 253


Кога бракот се разведува по заемна согласност на брачните другари, а брачните другари имаат малолетни или полнолетни деца над кои е продолжено родителското право, спогодбата од став 2 на член 39 од овој закон за начинот на вршењето на родителските права и за доверување на децата на чување и воспитание, се поднесува писмено или усно во записник кај надлежниот првостепен суд.

Ако кон предлогот за спогодбен развод на брак, не е доставена и спогодбата од став 1 на овој член, судот ќе постапи согласно со одредбите од Законот за процесната постапка за неуредни поднесоци.

Член 254


Ако тужителот, односно неговиот полномошник не дојде на првото рочиште за главната расправа, ќе се смета дека тужбата за развод на брак е повлечена.

За недоаѓање на странките на наредните рочишта ќе се применуваат одредбите од Законот за процесната постапка за мирување на постапката.

Член 255


Кога постапката за развод е поведена по предлог за спогодбен развод, па на рочиштето за главна расправа изостане еден или двајцата брачни другари, а не го оправдале изостанокот иако се уредно поканети, ќе се смета дека предлогот е повлечен.

Член 256


При оцена на спогодбата на брачните другари судот е должен да прибави мислење од центарот за социјална работа и доколку оцени дека спогодбата е спротивна на интересите на децата, ќе донесе своја одлука. Центарот за социјална работа е должен во рок од 15 дена од приемот на барањето од судот да даде мислење во смисла на став 1 од овој член. Мислење од став 1 на овој член судот ќе прибави од центарот за социјална работа и во споровите кога се бара развод на брак со тужба.

Член 257


Фактите врз кои странките го засноваат тужбеното барање во брачниот спор, а странките во спорот имаат заеднички малолетни деца и кога тие факти се однесуваат на децата, судот може да ги утврдува и кога тие не спорни меѓу странките. Судот не смее да се впушти во испитување на вистинитоста на другите факти за кои дознал од исказот на странките или на друг начин, а кои би можеле да претставуваат друга бракоразводна причина како основа на тужбата.

Член 258


Доколку бракот се разведува по предлог за спогодбен развод на брак образложението на пресудата содржи само констатација дека брачните другари својата согласност за развод на брак ја донеле слободно, сериозно и непоколебливо.

Член 259


Пресудата со која се разведува бракот по предлог за спогодбен развод на брак може да се побива:

1. поради суштествена повреда на одредбите на процесната постапка од член 354 став 2 на Законот за процесната постапка;

2. поради погрешна примена на материјалното право и

3. поради тоа што предлогот за развод на брак по заемна согласност бил даден во заблуда, под влијание на сила или закана и во случај ако за донесување на ова пресуда не постоеле услови одредени со овој закон.

Против првостепената пресуда од став 1 на овој член странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена. Жалбата во која се изнесени причините поради кои жалба не може да се изјави ќе се отфрли како недозволена. Против одлуката на второстепениот суд од став 1 на овој член не е дозволена ревизија.

Член 260


Ако со правосилна пресуда бракот е разведен или поништен, одлуката за развод на брак, односно поништување на брак не може да се побива со вонредни правни лекови.

Член 261


Одредбите од членовите 251, 252 и 256 ќе се применуваат и на споровите со кои се бара поништување на бракот.

III

Постапка во споровите за утврдување и оспорување на татковството и мајчинството[уреди]

Член 262


Во споровите за утврдување или оспорување на татковство или мајчинство, малолетното дете може да поднесе тужба или пред судот од општа месна надлежност или пред судот на чие подрачје има живеалиште, односно престојувалиште. Пред судот на своето живеалиште, односно престојувалиште детето може да поднесе тужба и по полнолетството, но само доколку тужениот нема живеалиште, односно престојувалиште на територијата на Република Македонија. Одредбите од став 1 на овој член се применуваат и во случаите кога детето поднесува тужба заедно со друго лице.

Член 263


Како странки во спорот за утврдување на татковство се лицето чие татковство се утврдува, детето и мајката на детето, а центарот за социјална работа само кога согласно со одредбите на овој закон е овластен да поведе постапка за утврдување на татковство. Како странки во спорот за оспорување на татковство се лицето кое го оспорува татковството, лицето чие татковство се оспорува, детето и мајката на детето. Кога татковството го оспорува мажот на мајката од подоцнежниот брак, како странка во постапката е и мажот на мајката од поранешниот брак.

Член 264


Ако со тужбата за утврдување и оспорување на татковство како тужители и тужени не се опфатени сите лица кои мораат да бидат странки во постапката, судот ќе го подучи тужителот да го тужи и лицето кое со тужбата не е опфатено или да го повика лицето да се приклучи кон тужбата како нов тужител.

Ако тужителот во рокот што ќе го одреди судот не ја прошири тужбата на сите лица кои мораат да бидат странки во постапката или ако тие лица не се приклучат кон тужбата, судот по тужбата ќе постапи согласно со одредбите од Законот за процесната постапка за неуредни поднесоци.

Член 265


Странките кои во тужбата за оспорување и утврдување на татковството или мајчинството се означени како тужители или тужени се единствени сопроцесници. Кога тужбата ја поднесува овластено лице во законски рок, на тужбата може да и се придружи и лице на кое му истекнал рокот за поднесување на тужба.

Член 266


Ако детето и родителот, кој по законот го застапува детето, имаат спротивни интереси, центарот за социјална работа ќе му постави на детето старател за посебни случаи.

Член 267


Во споровите за утврдување или оспорување на татковството ќе се применуваат одредбите на членовите 234 став 2, 251 и 252 од овој закон. Во споровите за утврдување на мајчинството соодветно ќе се применуваат сите одредби како во споровите за утврдување или оспорување на татковството.

Член 268


Ако во спорот за утврдување на татковството, тужениот го признае татковството, постапката се запира, а судот ќе постапи согласно со член 51 став 2 на овој закон.

Член 269


Постапката за оспорување на мајчинството се води одделно од постапката за утврдување на мајчинството. По исклучок од став 1 на овој член доколку постапката ја поведува жената која се смета за мајка на детето се води единствена постапка.

Член 270


Одредбите од член 257 на овој закон се применуваат и во споровите за утврдување и оспорување на татковството и мајчинството и за поништување на татковството утврдено со признание.

Член 271


Во споровите за утврдување и оспорување на татковство и мајчинство, против правосилна пресуда е дозволена ревизија.

IV

Постапка во спорови за доверување на деца на чување и воспитание[уреди]

Член 272


Во постапката заради доверување на деца на чување и воспитание судот не е врзан со барањата на странките.

Член 273


Против второстепената одлука за доверување на деца на чување и воспитание е дозволена ревизија. Кога одлуката за доверување на деца за чување и воспитание се донесува во брачен спор, правните последици од оваа одлука настануваат оној ден кога ќе настанат и правните последици од пресудата со која се утврдува дека бракот не постои или се поништува или се разведува.

V

Постапка во споровите за издржување[уреди]

Член 274


Со пресудата со која бракот се поништува или се разведува, судот ќе донесе одлука за издржување на лицата утврдени во член 179 од овој закон.

Член 275


Одлука за издржување на детето судот може да донесе и во спорови за утврдување или оспорување на татковство или мајчинство, кога донесувањето на оваа одлука, со оглед на исходот на спорот и околностите на случајот, е можно и потребно.

Член 276


Во спорот за издржување нема да се применуваат одредбите од Законот за процесната постапка кои се однесуваат на постапката во спорови од мала вредност.

Член 277


Во споровите за издржување на малолетно дете или полнолетно дете над кое е продолжено родителското право се применува одредбата од член 272 на овој закон.

Член 278


Жалбата изјавена против одлуката на судот во споровите за издржување не го задржува нејзиното извршување.

Член 279


Во споровите за издржување е дозволена ревизија.

VI

Постапка на извршување[уреди]

Член 280


За одлучување по предлогот за извршување на одлуката на судот со која се наложува да се предаде детето на родителот или на друго лице, односно установа на која детето е доверено на чување и воспитание, месно надлежен е судот според местото на живеење или престојување на родителот кој го бара извршувањето, како и судот на чија територија се наоѓа детето. За спроведување на извршувањето месно надлежен е судот на чија територија се затекнало детето.

Член 281


При спроведувањето на присилно извршување судот води сметка за итноста на постапката и за потребата да се заштити личноста на детето. Судот, откако ќе ги оцени сите околности на случајот, ќе одлучи дали извршувањето ќе го спроведе со изрекување на парична казна против лицето кај кого се наоѓа детето или со одземање на детето од тоа лице. Ако целта на извршувањето не може да се постигне со изрекување и извршување на одлуката за парична казна, извршувањето ќе се спроведува со одземање на детето од лицето кај кого детето се наоѓа и со предавање на детето на родителот, односно друго лице или установа на која тоа е доверено на чување, одгледување и воспитание. Во постапката за извршување судот ќе побара помош од центарот за социјална работа.

VII

Преодни и завршни одредби[уреди]

Член 282


Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 283


Управните и судските постапки покренати пред влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според одредбите од овој закон.

Член 284


Старателите поставени според досегашните прописи продолжуваат да работат според одредбите од овој закон.

Член 285


Со влегување во сила на овој закон престануваат да важат: Законот за брак (“Службен весник на СРМ” број 35/73, 28/74 и 13/78), Законот за односите на родителите и децата (“Службен весник на СРМ” број 5/73, 17/73), Законот за посвојување (“Службен весник на СРМ”, број 5/73, 17/73), Законот за старателство (“Службен весник на СРМ” број 5/73) и Законот за посебни процесни постапки во семејните спорови (“Службен весник на СРМ” број 13/78).

Подзаконските прописи донесени врз основа на законите од став 1 на овој член ќе се применуваат до донесувањето на прописите од член 282 на овој закон.

Член 286


Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”

Забелешки, изменување и дополнување

  1. Членот 1 се менува и гласи: "Cо овој закон се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, нарушените односи и насилството во бракот и семејството, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови."
    Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 38/2004, Член 1
  2. Во членот 4 се додава нов став 2, кој гласи: " Републиката обезбедува заштита на бракот и семејството од нарушени односи и насилство во бракот и семејството. "
    Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 38/2004, Член 2
  3. Во членот 14 став 1 по зборот "семејството," се додаваат зборовите: "насилството во бракот и семејството, дел од работите сврзани со". По ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи: "За работите од ставот 1 на овој член кои се однесуваат на посвојувањето одлучува Комисија за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика (во натамошниот текст: Комисија)." Bо ставот 2 кој станува став 3 по зборовите: "центарот за социјална работа" се додаваат зборовите: "и Комисијата", а зборот "применува" се заменува со зборот "применуваат". По ставот 3 кој станува став 4 се додава нов став 5, кој гласи: "По жалбите изјавени против решенијата на Комисијата решава соодветна комисија за работи од социјалната политика при Владата на Република Македонија(во натамошниот текст: Комисија при Владата на Република Македонија). " Ставот 4 кој станува став 6 се менува и гласи: "Жалбите изјавени против решенијата на центарот за социјална работа и Комисијата не го задржува нивното извршување. "
    Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 38/2004, Член 3
  4. По членот 14 се додаваат два нови члена 14-а и 14-6, кои гласат: "

    Член 14-а


    Овластувањето за спроведување на извршувањето на решенијата на центарот за социјална работа, службеното лице го докажува со легитимација. Легитимацијата на службеното лице ја издава министерот за труд и социјална политика. Образецот на легитимацијата на службеното лице и начинот на нејзиното издавање го пропишува министерот за труд и социјална политика.

    Член 14-б


    Бројот на извршителите и овластувањата кои ги имаат извршителите ги определува министерот за труд и социјална политика со решение. "
    Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 38/2004, Член 4

  5. Во членот 47 по ставот 3 се додава нов став 4 кој гласи: “Малолетните деца имаат право да одржуваат непосредни контакти со родителите и други блиски роднини на родителот кој е умрен, на кого му е одземено родителското право или од други причини е спречен да го врши родителското право”.
    Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 9/1996, Член 1
  6. Во членот 79 по ставот 3 се додава нов став 4 кој гласи:
    (4) Во случај кога не се остварува правото на малолетното дете да одржува непосредни контакти со родителите и други блиски роднини на родителот кој е умрен, на кого му е одземено родителското право или од други причини е спречен да го врши родителското право, Центарот за социјална работа, донесува решение за начинот на одржување па непосредните контакти.
    Закон за изменување и дополнување на законот за семејството, Сл. весник на РМ бр. 8/1996, Член 2