Слобода или смрт (1898)/ Пред кафезот

Од Wikisource
Пред кафезот

од Атанас Раздолов
Објавена во Софија на 26 октомври 1897 г.

Славејчето гласовито
Во кафез мал пее,
А пак мене јад срцето
Ми го полни, лее.

Но, набргу славејчето
Молкнува... се чини:
Жаловито загледува
Височини сини!

И - потоа, глава ведне,
Мижи и се руши...
Засекогаш издивнува:
Душата ја пушти!

Таа песна на славејот
Ме боли, ме дразни -
Така денес и јас страдам
Од тирани разни.

Денес и јас ко славејон
Чиниш в кафез стојам;
Пеам, тажам и копнеам
По друшката своја!

Та животот и за мене
Зандана е тмурна,
Та, судбина зла и мене
В неволи ме турна.

Другарка ми и мајка ми
Далеку се сега,
По севезден жал по мене
Кутрите ги стега.

А јас самјак низ Софија
Гол и бос се шетам,
Јадови по крајот татков
Во срцето гнетам.

Туку, кому ли ги зборам
Зборовите жални?!
Многу ретко има луѓе
Чесни, идеални.

Пријатели немам, кои
Ќе можат да слушнат
Што ли љубам, што ли мразам
Со младава душа!