I
Михаљано и Фитовски,
На исламот кучињата,
Од „злосторник“ македонски
Загинаа двамината.
II
Се раздвижи в Романија
В долж и в шир до што е живо,
Против волна Бугарија
И се што е справедливо.
III
Дипломати се вџашија
Од австриско-руска страна,
Остри ноти разменија
Против „злото“ на Балканот.
IV
Пресреќни се богатите
Заштита што ќе им дадат;
Запејаа по крчмите:
„Од џеб пара нам ни крадат“.
V
„Долу сета џган проклета,
Комитите, суртуците,
Македонците се ,пцета‘
Да се пикнат в затвор сите!“
VI
Туку, чујте, дипломати:
Народ срдба разгорува;
Изедници и џелати,
Чујте робот што зборува -
VII
Ерменија, земја ропска,
В крвје душманин ја дави,
Но, вашата душа скокотка
Пред светот ни да се јави.
VIII
За двајцана, шпионине,
Во бол срцето ви пати,
Со Турцине - тиранине
Љубезно сте прегрнати.
IX
0, врагови на правдата,
Тешка прелегаве гнете!
Не сметајте слободата
Дека ќе ја подзапрете!
X
Робот клетник македонски
До што е бол - ќе го жегне,
Но, јаремот отомански
Нема веќе да го тегне.
XI
Ќе нè бесат, ќе не внесат
Зад затворски лемни врати,
Но, пак нема да нè стресат
Варварине - дипломати!
XII
Не сме ние ни Романци,
Ни Бугари, Грци, Срби,
Разберете нѐ, поганци,
Денеска сме црно робје.