Прејди на содржината

Слобода или смрт (1898)/ Малешевски гори

Од Wikisource
Малешевски гори

од Атанас Раздолов

Во вас се родив, Малешевски гори,
Духот мој, во вас, слободен се стори,
Туку, тиранството - ужасен гнет,
Мене ме набрка в белиот свет,
Турчинот жесток ме клоцна во туѓината,
Разделувајќи ме од татковината.
По твоите честаци, по полјаните,
Борците храбри, великаните,
Во борба стотици стануваа,
Куршуми нив ги пронижуваа,
Ним си им сега гробница клета,
Мајчичка мила, мајчичка света!
Твоето сртје, твоето врвје,
Твоите долови пливнати в крвје,
Твоите пазуви копнеат да им дадеш
Колку за закрила - сенародна надеж,
Твоите чеда низ вас се скитаат
Правина да ти донесат итаат.
Во вас се кренал Иљо војводата
Со крв да ѝ наздрави на слободата,
А Стојмен, стариот јунак, ставил
Пушка на рамо, прв се јавил
Препашан со фишеклиите,
За да ги разгласи арамиите,
Како заштитници на рајата
И врагови на агата.
Низ вас се шетам, родни планини,
Ги абам своите златни младини.
Ме следат волците, лисиците,
Ми кобат коба стрвниците и птиците,
Вијат и пиштат, крештат, се церат,
Врз мене канат да се зберат,
Жално врз мене вртат и гракаат,
Чунки да ме дочеречат сакаат,
Мене - на црното ропство рожба,
Мене - најгрдата грешка божја.
Но, вие, гори малешевски, будни,
Пак ќе запеете песни чудни
За мене клетник, за војводата
Паднат за братството, слободата,
За народ поробен што пати,
Кому слободата се ќе му врати!
Туку не верувам, прекрасни гори,
Тоа тукутака да се стори...
Мене судбината ми одредила
Тука да изгубам бујна сила;
Тука, во борба лута и света
Крајот на животот да го сетам;
Само, каде и да паднам
Од нечија рака гадна,
Завештанието го давам мое:
Поп над гроб да не ми пое!