Прејди на содржината

Рут (вики-превод)/ 1 глава

Од Wikisource

нема Рут
1 глава
од н.п.
2 глава
Превод за Викиизвор.

1Беше тоа во деновите кога владееја[1] судиите. Глад завладеа во земјата и еден човек се пресели од Витлеем[2] Јудејски во Моавските области за да живее таму; тој, неговата жена и неговите два сина. 2Името на човекот му беше Елимелех[3], а на жена му Наоми[4]. Имињата на неговите два сина беа Махлон и Килион. Тие беа Ефратјани[5] од Витлеем Јудејски и заминаа во Моавските области, па таму живееја.

3Но умре Елимелех, мажот на Наоми и таа остана со своите два сина. 4Тие се оженија со Моавки[6]. Името на едната ѝ беше Орпа, а на другата Рут[7]. Живееја таму околу десет години. 5Тогаш умреа Махлон и Килион, па остана жената и без двата сина и без својот маж.

6Кога слушна дека ГОСПОД му помогнал на својот народ и обезбедил храна за него, се приготви таа, заедно со нејзините снаи, си замина од Моавските области и се врати дома. 7Го напушти местото каде што живееше и заедно со своите две снаи тргна по патот кој водеше кон Јудејската земја.

8Тогаш Наоми им рече на своите две снаи: „Одете, вратете се назад во домовите на вашите мајки! Можеби ГОСПОД ќе покаже милост кон вас, исто како што вие покажавте кон починатите и кон мене. 9Може ГОСПОД ќе ве награди и секоја од вас ќе најде спокојство во домот на својот маж.“, па ги бакна.

Но тие викнаа да плачат 10и ѝ рекоа: „Ќе се вратиме со тебе кај твојот народ.“

11Наоми им рече: „Вратете се ќерки мои! Зошто да доаѓате со мене? Има ли во мене уште синови[8] кои би можеле да ви станат мажи? 12Вратете се ќерки мои, одете! Јас сум премногу стара за да се мажам. Дури и да мислев дека има за мене надеж, уште оваа вечер да поминев со маж и да родев синови, 13зарем би ги чекале да пораснат? Зарем би останале немажени заради нив? Не ќерки мои, мојата горчина е поголема од вашата, зашто против мене се протегна раката ГОСПОДОВА.“

14Викнаа тие одново да плачат и тогаш Орпа ја бакна свекрва си, но Рут се припи кон неа.

15„Гледај!“ - рече Наоми - „Твојата јатрва се враќа кај својот народ и кај своите богови. Врати се и ти со твојата јатрва!“

16Но Рут одговори: „Не терај ме да те напуштам, да ти свртам грб! Каде ти ќе одиш, таму ќе одам и јас. Каде ти ќе застанеш, таму ќе застанам и јас. Твојот народ е и мој народ, твојот Бог е и мој Бог. 17Каде ти ќе умреш, таму ќе умрам и јас и таму ќе бидам погребана. Така ГОСПОД нека направи со мене, жесток нека биде, ако било што, освен смртта, нѐ раздели. 18Кога сфати Наоми дека Рут решила да оди со неа, престана да ја тера.

19И така тие двете одеа, сѐ додека не дојдоа во Витлеем. А кога стигнаа во Витлеем, се дигна на нозе целиот град заради нив и прашуваа: „Оваа Наоми ли е?“

20А таа им рече: „Не викајте ме Наоми[9], викајте ме Мара[10], зашто Семоќниот[11] горчина голема ми донесе. 21Полна излегов, а ГОСПОД празна ме врати. Зошто да ме викате Наоми? ГОСПОД ме порази! Семоќниот несреќа врз мене донесе.“

22Така се вратија Наоми и нејзината снаа Моавката Рут со неа, се вратија од Моавските области и пристигнаа во Витлеем во времето кога започнуваше жетвата на јачменот.

Белешки

  1. Букв. судеа, период од 1380 до 1050 г. пр. Хр.
  2. Витлеем, или поточно Бетлехем, што значи дом на лебот, е родниот град на Давид (1 Са 16:18).
  3. Елимелех значи: мојот Бог е цар
  4. Наоми значи благословена.
  5. Ефрат е името на областа околу Витлеем.
  6. Женењето со Моавки не било забрането (1 Мој. 19:36-37), иако ниту Моавците, ниту нивните синови до десеттото колено не смееле да влегуваат во „собранието на ГОСПОД“ (5 Мој.23:3).
  7. Рут на Хебрејски звучи како зборот за пријателство. Таа е една од четирите жени во родословот на Исус, даден во Евангелието според Матеј, останатите три се Тамар, Рахав и Бетшеба.
  8. Израелски закон, со кој се заштитува вдовицата и се обезбедува продолжување на семејната лоза (5 Мој 25:5-6).
  9. Наоми значи благословена.
  10. Мара значи горчлива, акцентот, како и кај повеќето хебрејски зборови паѓа на последниот слог.
  11. Хебр. Шадај.


Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse