Рут (вики-превод)/ 2 глава

Од Wikisource

1 глава Рут
2 глава
од н.п.
3 глава
Превод за Викиизвор.

1А Наоми имаше еден роднина по мажот, многу прочуен човек од родот на Елимелех. Името му беше Боаз[1].

2Моавката Рут ѝ рече на Наоми: „Пушти ме да одам во полето и да собирам[2] меѓу снопјето зад оние во чии очи ќе најдам наклоност.“, а таа ѝ рече: „Оди ќерко!“ 3Па ја остави и отиде да собира во полето зад жетварите. Така се случи да се погоди на делот од полето што му припаѓаше на Боаз, кој беше од родот на Елимелех.

4Токму тогаш Боаз пристигна од Витлеем и ги поздрави жетварите: „ГОСПОД со вас!“, а тие му одговорија: „ГОСПОД да те благослови!“

5Боаз го праша слугата, оној што ги водеше жетварите: „Чија е онаа жена?“ 6А слугата, оној што ги водеше жетварите, му одговори и рече: „Таа млада жена е Моавката која се врати заедно со Наоми од Моавските области. 7Ми рече: >,Пушти ме да собирам, да го прибирам она што ќе остане меѓу снопјето зад жетварите.’, и ете ја, работи од утро, па сѐ до сега, само малку што си почина под сенка.“

8Тогаш Боаз ѝ рече на Рут: „Слушај ќерко, да не одиш да прибираш на друга нива и да не си одиш одовде! Тука остани со моите слугинки. 9Гледај каде ќе жнеат и оди[3] по нив, а јас им реков на мажите да не те задеваат. Кога ќе ожеднеш, оди кај стомните и напиј се од она што го налеале мажите.

10Тогаш таа падна на колена, се поклони до земја и извика кон него: „Со што сум нашла наклоност во твоите очи, и си ме забележал, иако сум туѓинка?“

11А Боаз ѝ одговори, и ѝ рече: „Многу ми имаат кажувано за сѐ што си направила за твојата свекрва, по смртта на нејзиниот маж. Дека си го напуштила татко ти и мајка ти и својата родна земја и си дошла кај народ кој до вчера не си го ни познавала. 12ГОСПОД нека ти плати за твоите дела, богата нека биде твојата награда од ГОСПОД, Бог на Израел, под чии крилја си дошла да бараш прибежиште.“

13Таа рече: „Можам ли да најдам наклоност во твоите очи, господару мој, зашто ти ме утеши и му проговори на срцето на твојата слугинка, иако јас не сум ни колку твоите слугинки?“ 14А Боаз ѝ рече: „Кога ќе дојде време за ручек, дојди и јади од лебот, макај во оцетот.“ А кога седна до жетварите, ѝ понуди пржено жито. И таа јадеше, се најаде, и дури ѝ остана.

15Кога стана да собира, Боаз им нареди на мажите: „Дури и ако собира меѓу сноповите, да не ја вознемирувате, 16туку фрлајте ѝ од она што ви е во рацете, оставајте за таа да може да собира и немојте да ја прекорувате!“

17Така таа собираше во полето сѐ до вечерта. Тогаш го оврши она што го собра и имаше околу една ефа[4] јачмен. 18Го зеде и го однесе во градот. Виде свекрва ѝ што беше собрала, а Рут ѝ носеше, и ѝ даде од она што ѝ беше останало од храната.

19Тогаш свекрва ѝ ја праша: „Каде собираше денеска? Каде работеше? Благословен нека биде оној што те забележал?“, а Рут ѝ раскажа на свекрва си со кого работеше и рече: „Името на оној со кого работев денеска му е Боаз.“

20Наоми ѝ рече на снаа си: „Благословен да е од ГОСПОД оној чија милост не престанува ниту кон живите, ниту кон мртвите.“, па ѝ рече: „Тој човек ни е близок роднина и наш спасител[5].“

21Моавката Рут тогаш рече: „Тој човек дури ми рече да останам со неговите работници, сѐ додека не ја завршат целата негова жетва.“ 22Наоми ѝ рече на својата снаа Рут: „Добро е ќерко што ќе одиш со неговите девојки, за да не те повредат на некоја друга нива.“

23Така таа остана близу до слугинките на Боаз и собираше сѐ додека не заврши жетвата на јачменот и жетвата на пченицата, и живееше со својата свекрва.


Белешки

  1. Боаз веројатно значи: во него е силата. Тој влегува во родословот на Исус (Мат 1:5; Лука 3:32).
  2. Мојсеевиот закон им наредува на земјосопствениците да го оставаат за сиромашните, туѓинците, вдовиците и сираците она што жетварите ќе го испуштат, за да може и тие да соберат храна.
  3. Спротивно од обичаите кај нас, кај Евреите мажите жнееле, а жените оделе по нив и го врзувале ожнеаното во снопови. На Рут ѝ било дозволено да оди зад жените и да го собира она што тие ќе го испуштат.
  4. Околу дваесет и два литри.
  5. Роднина кој е одговорен за заштита на бедните членови од поширокото семејство: да обезбеди наследник за починатиот брат (5 Мој 25:5-10), да ја откупи земјата која сиромашниот роднина ја продал надвор од семејството (3 Мој 25:25-28), да откупи роднина продаден како роб (3 Мој 25:47-49) или да се одмазди за убиството на роднината (4 Мој 35:19-21).


Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.