1 За началникот на пејачите. На Шошан. Поука за Кореевите синови. Љубовна песна. Прекрасни зборови извираат од моето срце: својата песна му ја пејам на царот, јазикот ми е како трска на брзописецот.
2 Убав си, најкрасен меѓу човечките синови, милина ти се разлева по усните, заради тоа Бог нека те благослови довека.
3 Препаши меч на своето бедро, јунаку, наметни се со сјај и величество!
4 Јавни победнички во своето величие, заради вистината, кротоста и правдата, Твојата десница нека научува страшни нешта!
5 Остри се Твоите стрели, народи паѓаат пред Тебе, и царските непријатели ги напушта храброста.
6 Твојот престол, Боже, е до вечни векови, и праведен жезал - е жезал на Твоето Царство!
7 Ти ја љубиш правдата, а го мразиш беззаконието, заради тоа, Господ, Твојот Бог, Тебе Те помаза со масло на радоста, како никого од Твоите другари.
8 На смирна, алој и касија мирисаат твоите облеки, од дворците, од слонова коска, Те веселат псалтири.
9 Царските ќерки се меѓу твоите почесни, оддесно ти е царицата во офирско злато.
10 „Слушај ќерко, погледај, прислушни: заборави го својот народ и домот на татка си!
11 Ако ја посака царот твојата убавина, поклони му се скромно, зашто тој е твој господар.
12 Тирската ќерка доаѓа со дар, народните првенци ја бараат твојата наклонетост.”
13 Целата слава на царската ќерка е внатре, нејзините облеки се везени со злато.
14 Ја доведуваат при царот во облека со шарен вез, придружба и се девици - нејзините другарки.
15 Со веселба и радост ги доведуваат, влегуваат во царскиот дворец.
16 Твоите синови ќе ги наследат твоите татковци, ќе ги поставиш за кнезови на целата земја.
17 Од колено на колено ќе го навестуваат Твоето име, народите ќе Те фалат во вечни векови.