Прејди на содржината

Програмски принципи на Младата Македонска Книжовна Дружина

Од Wikisource
Програмски принципи на Младата Македонска Книжовна Дружина

од непознат
јануари 1892
Поминаа цели 54 години откако покојниот Mакедонец Барон Костадин Бели го упатил од Виена горниот повик кон своите еднородци Македонци во кој е излеана сета негова душа, срце и нерви. Жално е дека неговите патриотски совети, засновани врз вечни вистински принципи досега не биле чуени од оние на кои им се тие упатени. Напишани на грчки јазик, тие можеле да се користат само од Грците. Но за тоа никој не смее да го обвинува покојниот Барон: тогаш нашата татковина беше покриена со дебел мрак, нашиот народен јазик задушен, во нашите училишта и цркви се читало и поело на грчки, и Костадин Бели се служи со богат доминантен грчки јазик.

Да, нашиот сонародник ни наспомнува за еден најсвет долг. И навистина, што е посреќно, што е поблагородно од тоа да и служиш и да работиш за татковината, за општонародно добро, од кое зависи и личната наша среќа?

Надвор од татковината, отфрлен од народот, човекот е најнесреќен, и тоа ако сака да биде облеан во злато. Народот, татковината, општеството се нешто, човекот е единица ништо.

Зборовите на нашиот сонародник се прекрасен доказ за тоа.

Претрупан со богатства, кои му придобиле почести и баронска титула во престолнината на Австрија, нашиот сонародник се чувствува незадоволен, нему му недостига многу нешто.

Но, и покрај ова незадоволство, тој не извикува како Соломон: „Суета на суетите!”, ами вика од далечната туѓина: татковина, народе!

Така човекот има потреба од татковината и од народот, но и татковината има потреба од човекот; денес татковината има потреба од нас.

Само еден поглед е доволен за да се видат очајничките потреби на нашата татковина. Благодарение на последните политички настани на нашиот Полуостров и географската положба на Македонија, денеска таму се собрале севозможни надворешни елементи кои, воодушевени од своите за нашата иднина разурнувачки планови и интереси, слободно и со трескава енергија го засолуват антагонизмот, кој и без тоа постои во земјата. Само еден силен отпор од наша страна може да не’ зачува од грабливите посегнувања. Но, во денешнава состојба ние не можеме да извршиме слично дело; за тоа нам ни се потребни сили, а нашите се разнишани, раздробени. Значи, треба да се обединиме, да ги собереме во една општа, моќна сила народна сила, ако сакаме да ја зачуваме иднината на нашата татковина.

Тоа треба да биде стремежот на секој чувствителен Македонец, каде и да се наоѓа тој. Младата македонска книж.(овна) дружина ја има предвид токму оваа цел. Видно е дека таа претензија е многу голема. И навистина, таа многу ги надминува силите со кои засега располага Дружината. Но во истото време Дружината верува дека таа нема да биде за долго време изолирана од патриотите.

За постигнување на таа цел “Дружината” ја издава својата “Лоза”.

Им остава на оние што се интересираат да се притечат со морална и материјална поддршка, со кое, меѓу другото, ќе поттикнат и еден книжевен зафат.