Прејди на содржината

Прво писмо од апостол Петар (вики-превод)

Од Wikisource
Писмо од апостол Јаков (вики-превод) Прво писмо од апостол Петар
Библија (вики-превод)
од н.п.
Второ писмо од апостол Петар (вики-превод)


Глава 1

[уреди]


Поздрави

[уреди]



1Од Петар, апостол на Исус Христос, до луѓето одбрани од Бог што живеат во туѓина, распрснати низ Понт, Галатија, Кападокија, Азија и Витинија. 2Бог Таткото реши да ве одбере, а Неговиот Дух ве направи свети. Вие Го послушавте Исус Христос и сега сте попрскани[1] со Неговата крв.
Ви посакувам Бог да ви биде изобилно благонаклонет и да ви дава сѐ подлабок мир.

За спасението, некогаш и сега

[уреди]



3Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој поттикнат од Својата огромна милост, одново нѐ роди! Сега живееме со надеж која произлезе од воскресението на Исус Христос. 4Очекуваме наследство што не се распаѓа, неосквернето, што не венее. Тоа наследство Бог го чува за нас на небото.

5Божјата сила ќе ве чува сѐ до последниот ден[2], бидејќи имате доверба во Него. Тогаш Бог јавно ќе го објави вашето спасение. 6Затоа треба неизмерно да се радувате, макар што, ако е неопходно, уште кратко време ќе минувате низ разни маки и искушенија. 7Преку нив се проверува вредноста на вашата вера. Дури и златото, кое е само од привремена полза, со оган се проверува. Вашата вера е многу повредна. Така, ако успешно ја поминете таа проверка, вие ќе добиете пофалба, слава и чест на денот кога Исус Христос ќе Му се открие на целиот свет.

8Вие Го сакате Христос, иако никогаш не сте Го виделе, верувате во Него, иако не ви е пред очи. Затоа ќе се радувате со величествена радост што не може да се опише, 9оти ќе ја постигнете целта на вашата вера - спасението на своите души.

10Токму за ова спасение сакаа повеќе да дознаат и пророците. Тие пророкуваа за тој незаслужен подарок што требаше да дојде. 11Се обидуваа да дознаат на кого се однесува тоа и кога ќе се случи. Духот на Христос беше во нив и им претскажуваше дека Месијата најпрво ќе страда, а потоа ќе се стекне со голема слава. 12Ним им беше откриено дека ова нема да се случи во нивно време, и дека тие претскажуваат работи за иднината, за вас. Тие работи сега ви беа објавени преку оние што ви ја проповедаа Радосната вест, со силата на Светиот Дух испратен од небото. Дури и ангелите копнеат да проникнат во овие работи, да ги разберат.

Поттик за свет живот

[уреди]



13Затоа, впрегнете го својот ум, размислувајте трезвено. Сета своја надеж положете ја во благонаклоноста што ќе ви биде дадена кога ќе се врати Исус Христос! 14Бидете Му послушни на Бог, бидејќи сте Негови деца. Немојте да им се препуштате на вашите поранешни страсти од времето кога живеевте во незнаење. 15Напротив, бидете свети во сите свои постапки, бидејќи вие сте Божји избраници, а Тој е свет. 16Самиот Бог во Светото Писмо ни порачува:
<Бидете свети, затоа што Јас сум свет[3]!“

17Кога веќе Бога го сметате за ваш небесен Татко, Кој секого наградува или казнува според постапките, без пристрасности спрема поединци, тогаш, сѐ додека живеете како туѓинци, овде на земјава, однесувајте се со страхопочит спрема Бог. 18Вие знаете каква цена беше платена за да бидете откупени од безвредниот начин на живеење што го имавте наследено од вашите татковци. Знаете дека не бевте откупени[4] со сребреници и златници, кои се потрошни нешта, 19туку со скапоцената крв на Христос, безгрешното, совршено Божјо Јагне. 20Бог Него Го одбра за оваа цел уште пред создавањето на светот, но дури сега, во овие последни времиња, Го испрати на Земјата заради вас. 21Преку Христос вие поверувавте во Бог, во Оној што Го воскресна од мртвите и Го прослави. Затоа можете со целосна доверба да ја положите својата надеж во Бог.

22Сега, откако ѝ се покоривте на вистината, ги исчистивте своите души. Од тоа произлезе искрена, братска љубов меѓу вас. Затоа, сакајте се меѓусебно искрено и од сѐ срце. 23Сакајте се затоа што сега сте наново родени, не од земни родители, кои би ви ја пренесле и смртта, туку од бесмртниот Родител, преку живиот и вечен Божји Збор. 24Светото писмо вели::


„Секој човек е како трева, 


а секоја човечка слава и убавина 


се како цвеќе во ливада; 


тревата се суши, цвеќето венее,



25само зборот Господов вечно ќе живее[5].“


Тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана.

Глава 2

[уреди]




1Затоа ослободете се од сѐ што е злобно, немојте да лажете и да лицемерите, немојте да завидувате и да клеветите. 2Бидете како новороденчиња, секогаш жедни за чисто духовно млеко, преку кое ќе растете и ќе се спасите, 3сега кога лично се уверивте дека Господ е добар.

Скапоцен темел и света градба

[уреди]



4Дојдете кај Исус Христос. Тој е Живиот Камен, Кој, навистина од луѓето беше отфрлен, но Бог го одбра и за Него е скапоцен. 5Сега и вие, како живи камења сте вградени во еден духовен дом, за да бидете свето свештенство, да принесувате духовни жртви прифатливи за Бог, заради Исус Христос. 6За ова во Светото Писмо Бог вели:


„Еве, ќе поставам во Ерусалим[6] Камен-темелник, 


одбран и скапоцен, 


кој ќе поверува во Него, 


никогаш нема да се разочара[7].“ 




7Да, за вас што верувате:


„Тој Камен што ѕидарите го отфрлија, 


стана камен-темелник[8],“ скапоцен Камен. А за оние што Го отфрлија, истиот тој камен е:



8<Камен од кој ќе се сопнуваат,
карпа преку која ќе паѓаат[9].“
Тие се сопнуваат затоа што не ја слушаат и не ја веруваат Божјата порака. Затоа таква судбина им е определена.

9Но вие сте одбрани луѓе, царско свештенство, свет народ, луѓе што Му припаѓаат на Бог. Вие сте избрани за да им ја покажете на луѓето Божјата добрина, зашто Тој ве изведе од темнината и ве воведе во Својата прекрасна светлина.

10<Вие што порано не бевте сметани за народ,

сега сте Божји народ; 


вие над кои немаше кој да се сожали, 


сега добивте милост од Бога[10].“ 



Живејте примерно

[уреди]



11Драги мои, вие сте привремени жители, туѓинци на оваа земја. Затоа ве молам да не им се препуштате на телесните страсти, зашто тие војуваат против вашите души. 12Однесувајте се примерно спрема луѓето кои не Го познаваат Бога. Иако тие ве клеветат дека сте злосторници, кога ќе видат дека вршите добри дела, ќе Го прослават[11] Бог во денот кога Тој ќе ги посети[12].

13Заради Господ, покорувајте им се на институциите на власта: било на царот, како на врховен владетел, 14било на управниците назначени од него. Тие се поставени за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние што прават добро.

15Бог сака со правење добро да ги замолкнете неоснованите обвинувања на неразумните луѓе. 16Вие не сте робови, туку слободни луѓе, но не треба да ја користите слободата како изговор за да правите зло, туку да живеете служејќи Му на Бог. 17Почитувајте ги сите луѓе. Сакајте ги христијаните, имајте страхопочит спрема Бог и почитувајте ја власта[13].

Христос и Неговото страдање нека ви бидат пример

[уреди]



18Слуги[14], покорувајте им се со страхопочит на вашите господари, не само на оние што се добри и кротки, туку и на оние што се сурови. 19Вредно е во Божјите очи ако од обѕири спрема Него трпеливо поднесувате страдања на кои сте неправедно изложени. 20Инаку, зар би било за пофалба, ако трпите заслужена казна!? Но ако правите добро, а сепак страдате, тоа е вредно во Божји очи. 21Токму заради ова Бог и ве одбра. Христос страдаше за вас и ви даде пример што треба да го следите.

22<Грев Тој не направи,

лага не изусти[15].“



23Кога Го навредуваа,

Тој не им возвраќаше со навреди. 


Кога страдаше, 


Тој не се закануваше, 


туку се препушти во рацете на Бог, 


Кој суди праведно.



24Ги зеде нашите гревови

врз себе, на крстот, за да бидеме, 


мртви за гревот, 


да почнеме да живееме за праведноста. 


Тој доби рани за да бидете вие здрави.



25Талкавте како залутани овци.

Но сега се вративте кај Пастирот, 


кај Оној што се грижи за вашите души.

Глава 3

[уреди]


За сопругите

[уреди]



1Вие, мажените жени, треба да им се покорувате[16] на своите сопрузи, дури и ако тие не се однесуваат во согласност со Божјото Слово. Вашето поведение зборува посилно од зборови. Ќе ги придобиете 2преку вашето непорочно и побожно поведение.

3Вашата убавина да не биде само надворешна. Нека не се сведува на дотерување на косата, на накит и скапи облеки. 4Треба да зрачите со внатрешна убавина, со кроток и тивок дух, со нераспадлив накит, со она што е скапоцено пред Бог.

5Така во минатото се украсуваа светите жени. Имајќи вера во Бог, тие им се покоруваа на своите сопрузи. 6Така Сара му се покоруваше на Авраам, нарекувајќи го свој господар. Вие сте сега нејзини ќерки, и ако го правите тоа што е правилно, од ништо не треба да се плашите.

За сопрузите

[уреди]



7Вие, мажите треба да бидете внимателни спрема своите сопруги. Тие не се толку силни како што сте вие. Почитувајте ги затоа што и тие, заедно со вас, ќе го наследат Божјиот милостив подарок - вечниот живот. Само така вашите молитви нема да бидат попречувани.

За сите христијани

[уреди]



8На крајот, како заклучок, сите бидете сложни, сочувствителни еден спрема друг, сакајте се, бидете љубезни и понизни. 9Не враќајте зло за зло, ниту навреда за навреда. Напротив, дури и во такви ситуации бидете љубезни со луѓето и посакајте им добро. Токму заради тоа Бог и ве одбра и тоа е она што Тој го очекува од вас. Така ќе го добиете Неговиот благослов.

10<Човек што си го сака животот

и сака да доживее многубројни и среќни дни, 


нека си го варди јазикот од зла дума 


и усните од лага,



11Од злото настрана нека се држи

добро нека прави, 


кон мир нека се стреми 


и за мир нека работи.



12А Господ бдее над праведниците

и благонаклоно им ги слуша молитвите, 


додека спрема оние што вршат зло 


Господ го упатува Својот прекорен поглед[17].“

Кога страдате неправедно

[уреди]



13Ако ревносно правите добро, кој да ви напакости? 14Па дури и ако страдате, борејќи се за правдата, Господ ќе ве награди. Затоа, немојте да се плашите од нивните закани, не губете си го спокојството. 15Почитувајте Го Христос од сѐ срце, како свој Господ. Бидете секогаш подготвени да му одговорите на секој што ќе ве праша за вашата христијанска вера[18]. 16Одговарајте им на луѓето кротко и со страхопочит. Вашата совест треба да биде чиста. Тогаш оние што зборуваат против вас ќе бидат посрамени од вашето добро поведение, какво што и му прилега на еден следбеник на Христос. 17Па ако Бог допушти и да страдате, подобро е да страдате поради тоа што вршите добро, отколку да страдате поради зли дела.

18Па и Христос пострада,

кога умре за нашите гревови, 


еднаш за секогаш. 


Тој беше безгрешен, но умре за нас грешните, 


за да нѐ врати кај Бог. 


Телесно беше убиен, но преку Светиот Дух оживеа[19]. 




19Тој отиде да им проповеда на духовите што лежат в затвор, 20на оние што долго време во минатото беа непокорни, а Бог трпеливо ги чекаше, на оние што изгинаа во времето на Ное. Тогаш беше направен ковчегот во кој само неколкумина, односно осум души, се спасија од смрт преку водата.

21Таа симболика го претставува крштавањето со кое сега сте спасени. Крштавањето не е отстранување на нечистотијата од телото, туку завет пред Бог што се дава со чиста совест. Тоа е сега можно затоа што Исус Христос воскресна.

22Сега Христос е на небото и седи на почесно место - од десната[20] страна на Бог. Сите ангели, власти и сили се под Негова контрола.

Глава 4

[уреди]


Поттик на свет живот

[уреди]



1Кога Христос, додека беше овде на земјата, страдаше, и вие треба да бидете подготвени да страдате. Кога човек ќе умре, престанува да греши. 2Ако „умревте“ со Христос, вие веќе нема да живеете водени од вашите телесни страсти, туку во текот на вашиот овоземен живот ќе ја исполнувате Божјата волја. 3Доволно време потрошивте учествувајќи во она во што уживаат паганите: во неморал, незауздана похота, опивање, гозби, пијанки и одвратно идолопоклонство.

4Вашите поранешни пријатели се чудат што вие не сте веќе со нив во тоа море од расипаност, па затоа зборуваат против вас. 5Но тие ќе полагаат сметка пред Бог, Кој веќе е подготвен да им суди и на живите и на мртвите. 6Токму заради ова, Радосната вест им беше проповедана и на оние што починаа. Иако телесно беа казнети со смрт, тие ќе живеат духовно, како што и Бог живее како дух.

7Крајот е близу. Затоа бидете трезвени и ревносно молете се, 8а најмногу од сѐ, сакајте се меѓу себе длабоко и искрено, зашто љубовта покрива многу гревови. 9Бидете гостољубиви еден спрема друг, без да негодувате.

10Секој, согласно со дарбите што ги има, нека им служи на другите. На тој начин ќе докажете дека добро управувате со дарбите што ги дава Бог, дарежливо и разновидно. 11Ако е некој добар говорник, нека ја проповеда Божјата порака. Ако некој има дарба да им помага на луѓето, нека го прави тоа со силата што му ја дава Бог. Сѐ треба да се прави така што да Му се оддава слава на Бог, преку Исус Христос, на Кого Му припаѓаат славата и власта во вечни времиња. Амин.

Бидете пример и кога страдате

[уреди]



12Драги мои, нека не ве изненадува фактот што минувате низ огнени искушенија, небаре нешто неочекувано ви се случува! 13Радувајте се што преку страдањата се поистоветувате со Христос. Затоа, пак, ќе се радувате и веселите кога ќе се открие Неговата слава.

14Ако ве навредуваат поради тоа што сте Христови следбеници, тоа треба да ве радува! Тоа е доказ дека величествениот Божји Дух е во вас. 15Срамота е ако некој од вас биде казнет за убиство, за кражба, за злосторство или за правење сплетки, 16но ако страдате поради тоа што сте христијани, немојте да се срамите. Напротив, бидете Му благодарни[21] на Бог што го носите Христовото име!

17Бог веќе почна да суди и тоа најпрво меѓу Своите следбеници. Ако ние, христијаните сме судени, каков ли ќе им биде крајот на оние што ѝ се противат на Божјата Радосна вест!?

18<Ако праведните одвај се спасуваат,

што ли ќе биде со безбожните и грешните[22]!?“ 




19Заради тоа, оние што страдаат извршувајќи ја Божјата волја, нека Му ги доверат своите души на својот Творец, Кој никогаш не изневерува, и нека продолжат да прават добро.

Глава 5

[уреди]


Совети за црковните пастори и за младите луѓе

[уреди]



1Сакам да ги охрабрам црковните старешини. И јас сум старешина, сведок на страдањето на Христос и знам дека кога повторно ќе дојде и мене ќе ме огрее Неговата слава. 2Затоа ве молам, како што овчарот се грижи за своето стадо, така и вие да се грижите за оние што ви се од Бога доверени. Правете го тоа од сѐ срце, а не безволно. Грижете се за нив ревносно, заради Бог, а не од желба за печалба. 3Не господарете над луѓето што ви се доверени, туку бидете му пример на стадото. 4А кога ќе дојде Христос, Врховниот Пастир, вие ќе добиете венец што никогаш не свенува - божествена слава.

5Вие што сте помлади, слушајте ги старешините. Всушност, сите треба понизно да си помагате еден на друг, зашто:


„Бог на горделивите им се противставува, 


а спрема понизните е благонаклонет[23].“



6Бидете понизни пред Божјата моќна рака, за Бог да ве воздигне кога за тоа ќе дојде време. 7Сѐ што ве вознемирува препуштете Му го Нему. Тој се грижи за вас.

8Бидете трезвени и постојано на штрек! Внимавајте! Вашиот непријател, ѓаволот, како разјарен лав обиколува и си бара жртва за растргнување. 9Спротивете му се, без да се колебате во верата. Вие знаете дека христијаните во целиот свет минуваат низ истите страдања! 10Во Својата љубезност, Бог ве повика, преку Исус Христос, да бидете дел од Неговата вечна слава. Откако кратко време ќе истрпите, Тој ќе ве усоврши, ќе ве поткрепи, ќе ве направи цврсти и непоколебливи. 11Тој владее над сѐ, сега и за вечни времиња. Амин.

Поздрави

[уреди]



12Ова кратко писмо ви го пишувам со помош на Силван, кого го сметам за верен брат. Сакав да ве охрабрам и да ве уверам дека ја имате Божјата благонаклоност.

13Ве поздравува вашата сестринска црква од Рим[24].
Ве поздравува и Марко. Тој ми е како син.

14Поздравете се меѓусебно со искрени изрази[25] на христијанска љубов.
На сите што сте Христови следбеници ви посакувам мир. (Амин.)




  1. (2 Мој 24:3-8, Евр 9:18-21) Мојсеј ги попрскал Евреите со крвта на жртвите за да покаже дека ќе се придржуваат до заветот со Бог. Петар кажува дека крвта на Исус го запечатува заветот меѓу Бог и Неговиот народ.
  2. Денот кога Бог ќе им суди на сите луѓе.
  3. Цитат од 3 Мојсеева 11:44,45; 19:2; 20:7.
  4. Зборот што е употребен во старогрчкиот текст означува откупување на роб или на затвореник.
  5. Цитат од Исаија 40:6-8.
  6. Во грчкиот текст стои „Сион“ ( поточно е Цион ), што е синоним за Ерусалим, според името на ридот во градот.
  7. Иса. 28:16.
  8. Пс. 118:22. Всушност се работи за каменот што се ставал на врвот од арката или полутопчестиот свод и на кој се потпирала целата градба. Затоа буквално е наречен „аголен камен“ или „потпорен камен“.
  9. Иса. 8:14.
  10. Ос. 1:6,9; 2:23.
  11. Преносно: ќе поверуваат.
  12. Буквално: во денот на посетата.
  13. Буквално: царот.
  14. Зборот употребен во оригиналот се однесува само на една поповластена категорија на слуги што служеле во домовите на своите господари.
  15. Иса. 53:9.
  16. Или: да го прифатите авторитетот на своите сопрузи.
  17. Псалм 34:12-16.
  18. Буквално: надеж.
  19. Или: духовно оживеа.
  20. Почесно место, резервирано за оној што има моќ да управува во името на царот.
  21. Или: Напротив, донесете Му слава на Бог преку името „христијани“.
  22. Пог. 11:31.
  23. Пог. 3:34.
  24. Буквално: Вавилон. Ова најверојатно е симболичко име за градот Рим.
  25. Буквално: со бакнеж.