Второ писмо од апостол Петар (вики-превод)
Прво писмо од апостол Петар (вики-превод) | Второ писмо од апостол Петар Библија (вики-превод) од н.п. |
Прво писмо од апостол Јован (вики-превод) |
Глава 1
[уреди]
Авторство и поздрави
[уреди]
1Од Симеон Петар, слуга и апостол на Исус Христос,
до оние што ја имаат истата скапоцена вера што ја имаме и ние, вера што ни беше дадена преку праведноста на Исус Христос, нашиот Бог и Спасител.
2Ви посакувам сѐ подобро да го запознавате Исус, нашиот Бог и Господ[1], а преку тоа Бог да ви биде сѐ поблагонаклонет и во изобилие да ви дава мир.
Божјиот повик на свет живот
[уреди]
3Запознавајќи го Христос, Неговата божествена сила ни подарува сѐ што ни е потребно за да живееме побожен живот. Тој нѐ повика да ги примиме Неговата слава и добрина.
4Бог ни даде големи и скапоцени ветувања преку кои и вие можете да добиете божествена природа. Со неа ќе можете да им се противставите на вашите грешни страсти и да го избегнете погубното влијание на овој свет.
5Затоа со сите сили потрудете се да ја унапредите својата вера. Додајте ѝ добрина, на добрината додајте ѝ знаење,
6на знаењето додајте му самоконтрола, на самоконтролата додајте ѝ трпеливост, на трпеливоста додајте ѝ побожност,
7на побожноста дојдајте ѝ љубов[2] спрема сите христијани, а кон сето тоа додајте несебична љубов спрема секого.
8Ако ги имате ваквите доблести во изобилие, ќе покажете дека вашето познавање на нашиот Господ Исус Христос ве има направено корисни и плодоносни.
9Кој ги нема овие доблести, тој е слеп, или кратаковид, и заборавил дека Бог го исчисти од неговите стари гревови.
10Затоа, драги пријатели христијани, потрудете се да покажете дека Бог навистина ве повикал и ве одбрал. Правејќи го ова, никогаш нема да се сопнете и да паднете.
11Тогаш Бог широко ќе ги отвори портите на небото за да влезете во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
12Знам дека вие веќе сега сте цврсто втемелени во вистината и добро ги знаете овие нешта, но сепак јас секогаш ќе настојувам да ве потсетувам.
13Сѐ додека сум во овој шатор, моето смртно тело, сметам дека ми е должност да ве потсетувам.
14Нашиот Господ Исус Христос ми покажа дека моите денови овде на земјата се изброени и јас брзо ќе го напуштам овој шатор.
15Затоа ќе направам сѐ што зависи од мене, за и после моето заминување вие да ги помните овие нешта.
Веродостојноста на Божјите објави
[уреди]
16Кога ви кажувавме за силата на нашиот Господ Исус Христос и за Неговото повторно доаѓање, ние не се служевме со лукаво смислени прикаски! Ние со свои очи ја видовме Неговата величественост!
17Прими чест и слава од Бог Таткото кога Божјиот славен, величествен глас се спушти од небото кон Него:
=П „Ова е Мојот Син, Мојот љубимец, =П Со Него сум целосно задоволен.“
18Кога се случи тоа ние бевме таму, на светата гора, заедно со Исус и го слушнавме тој глас од небото.
19Тоа уште повеќе нѐ разувери во вистинитоста на она што го претскажуваа пророците. Затоа, добро ќе сторите ако на нивните пораки гледате како на светило што свети во темнината, сѐ додека не осамне денот кога Христос, ѕвездата Деница, ќе заблеска во вашите срца.
20Пред сѐ треба да знаете дека ниту едно пророштво во Светото Писмо не е нечија самоволна објава,
21затоа што пророштвата никогаш не биле дадени по желба на некој човек, туку Светиот Дух ги поттикнувал и водел Божјите луѓе да го зборуваат она што им било наложено од Бог.
Глава 2
[уреди]
Лажните вероучители и Божјата осуда
[уреди]
1Но имаше и лажни пророци меѓу Израелците[3], како што и меѓу вас ќе има и лажни вероучители. Тие подмолно ќе воведуваат погубни ереси, свртувајќи се дури и против Господарот што ги откупи. Така тие брзо ќе навлечат врз себе уништување.
2Многумина ќе тргнат по нивните срамни патишта и заради нив лошо ќе се зборува за Патот[4] на вистината.
3Поради алчност ќе измислуваат разни прикаски, само за да извлечат од вас материјална корист. Но Бог уште одамна им пресудил на таквите. Уништувањето нив будно ги чека.
4Зашто Бог не ги поштеди ни ангелите што згрешија, туку ги предаде во оковите на мракот, ги фрли во пеколот[5], за да бидат таму чувани сѐ до Судниот ден.
5Не го поштеди ни древниот свет, туку пушти потоп и ги уништи безбожниците. Го сочува само Ное, кој проповедаше праведност, и неговото седумчлено семејство.
6Градовите Содом и Гомора[6] во прав и пепел ги претвори! Им пресуди и ги разори на страотен начин, како пример за сите што сакаат да бидат безбожни.
7Но Лот беше праведен и се згрозуваше од развратот на тие изопачени луѓе. Затоа Бог него го избави.
8Тој беше праведен човек и за него беше душевно измачување да живее со Содомјаните и секојдневно да ги гледа и слуша како прават секакви зла.
9Бог знае како да ги избави побожните луѓе од нивните неволи, а неправедните ги казнува уште додека го очекуваат Судниот ден.
10Тоа посебно се однесува на оние што се раководат од телото и грешните страсти и го презираат Божјиот авторитет. Во нивната дрскост тие луѓе немаат никаква почит спрема славните небесни суштества, туку се осмелуваат дури и да ги навредуваат!
11Дури ни ангелите, иако се многу посилни и помоќни од нив, не изнесуваат пред Господ такви навредливи обвиненија против нив.
12Таквите луѓе се како неразумни животни, кои се определени за да бидат ловени и убивани. Се потсмеваат на нешта што не ги разбираат. Затоа и ќе загинат како животни.
13Ќе страдаат како казна за сите страдања што ги предизвикале. За нив претставува уживање среде бел ден да се препуштат на разврат. Кога јадат и пијат со вас, тие се дамки на вашиот углед и само ве осрамотуваат, затоа што тоа го прават од нечисти мотиви.
14Очите им се полни со прељуби. Нивната желба за грев е незаситна. Ги заведуваат неутврдените луѓе, а срцата им се навикнати на алчност. Тоа се проколнати луѓе!
15Оставајќи го правиот пат, тие заталкаа. Се поведоа по примерот на пророкот Балаам, синот на Беор[7], кој за пари беше спремен да постапува неправично.
16Но тој беше прекорен за својот престап. Неговото магаре, немо животно, проговори со човечки глас и го натера да прекине со тие неразумни постапки.
17Таквите луѓе се како пресушени извори, како облаци разнесени од ветрот. За нив е обезбедено место во најцрната темнина.
18Устите им се полни со празни фалби. Со своите незауздани телесни похоти, тие ги заведуваат луѓето кои одвај се истргнеле од живеење во заблуди.
19Им ветуваат слобода, а самите се робови на корупција, зашто човек му робува на она што не може да го заузда.
20Ако кога дознаа за нашиот Господ и Спасител Исус Христос тие навистина се оттргнаа од валканите навики на овој свет и сега пак се вплеткуваат во стапицата на развратноста и претрпуваат пораз, тогаш нивната сегашна состојба е полоша од онаа на почетокот!
21Подобро ќе беше да не го запознаеја патот на праведноста, отколку, откако го запознаа, да ѝ свртат грб на светата заповед што им беше дадена!
22Ним им се случи она што го кажуваат поговорките:
=П
<Песот се враќа на сопствената блујавица[8].“
и
=П
<Откако се искапила, свињата во калта се вратила!“
Глава 3
[уреди]
Господ ќе се врати!
[уреди]
1Драги мои, ова е веќе второ писмо што ви го пишувам, за да ви ги освежам сеќавањата и да ве поттикнам искрено да расудувате.
2Потсетувајте се на зборовите што ги кажуваа светите пророци и на заповедите на нашиот Господ и Спасител, дадени преку апостолите.
3Прво, треба да знаете дека во последните денови ќе дојдат луѓе што ќе ѝ се подбиваат на вистината, ќе се раководат од своите грешни страсти
4и ќе велат: „Што се случи со ветувањето дека Христос ќе се врати? Нашите предци одамна изумреа, а во светот сѐ си тече онака како што било уште од неговото создавање!“
5Тие како да забораваат дека небесата постојат веќе многу долго време, и дека преку Божјата заповед Земјата излезе од вода, останувајќи опкружена со вода.
6На Божја заповед светот потоа беше поплавен од водите и беше уништен.
7На Божја заповед сегашните небо и Земја се чуваат сѐ до Судниот ден. Тогаш оган ќе ги проголта, а безбожниците ќе бидат уништени.
8Драги мои, една работа да не заборавате: за Господ еден ден е како илјада години и илјада години се како еден ден.
9Господ не одолговлекува со исполнувањето на Своето ветување, како што некои мислат. Тој само е трпелив, зашто не сака никој да заврши во пропаст, туку секој да се покае и да се спаси.
10Денот кога Господ ќе се врати, ќе ве изненади како крадец. Небесата ненадејно ќе исчезнат со силна бучава. Елементарните состојки во оган ќе се распаднат, а Земајта и сите остварувања на неа, ќе исчезнат[9].
11Кога знате дека сето ова ќе пропадне, како треба да се однесувате? Треба да водите свет живот, посветен на Бог,
12да го чекате и да го посакувате доаѓањето на тој Божји ден што поскоро. Тогаш небесата ќе бидат запалени и уништени, а елементарните состојки од жештина ќе се растопат.
13Но за нас Бог вети ново небо и нова Земја, каде што ќе владее праведност. Ова со нетрпение го очекуваме!
14Очекувајќи го ова, пријатели мои, потрудете се Христос да ве затекне чисти, без пороци и помирени со Бог.
15Ценете ја трпеливоста на нашиот Господ, бидејќи таа дава можност што повеќе луѓе да се спасат. За тоа ви пиша и нашиот сакан брат Павле, воден од мудроста што Бог му ја дал.
16Тој за ова пишува во сите свои писма. Во тие писма има и работи што се тешки за разбирање, па некои неуки и неутврдени луѓе ги извртуваат, како што извртуваат и други делови од Светото писмо. Така самите ќе се уништат.
17Но вие, драги мои, благовремено сте предупредени. Чувајте се да не застраните, да не бидете заведени од овие зли луѓе и да ја загубите сигурната позиција на која се наоѓате.
18Трудете се да придобиете сѐ поголема благонаклоност од нашиот Господ и Спасител Исус Христос и сѐ подобро да Го запознавате.
Нему Му припаѓа славата и сега и во вечни времиња. Амин[10].
- ↑ Или: Ѓда Го запознавате Бога и Исус, нашиот ГосподЃ.
- ↑ Грчки: Ѓбратска љубовЃ.
- ↑ Буквално: ЃнародотЃ.
- ↑ За христијанството, па и лично за Христос.
- ↑ Грчки: ЃтартаросЃ.
- ↑ 1 Мој 19:24.
- ↑ Во некои ракописи: ЃБосорЃ.
- ↑ Пог. 26:11.
- ↑ Во некои ракописи: Ѓќе изгоратЃ. Други можни значења се: „ќе им биде пресудено“ и „ќе бидат разоткриени“.
- ↑ Во некои ракописи нема Амин.