1 Давид ги собра во Ерусалим сите израелски кнезови, племенските кнезови и главатарите на одредите кои му служеа на царот, илјадниците, стотниците и надгледувачите над сиот имот и над царевото богатство и над благото на неговите синови, заедно со дворјанците и јунаците, со сите храбри војници.
2 Станувајќи на нозе, царот Давид рече: „Чујте ме, браќа мои и народе мој! Јас намислив во своето срце да изградам дом каде би почивал Ковчегот на Господовиот Завет и за да биде подножје на нозете на нашиот Бог, та подготвив што е потребно за градењето.
3 Но Бог ми рече: ‘Ти не ќе изградиш Дом на Моето Име, зашто си воин и пролеваше крв.’
4 Господ, Израелевиот Бог, ме избра мене од сиот мој род за да бидам цар над Израел засекогаш; зашто го избра Јуда за кнез, а од Јудиниот дом домот на мојот татко; од синовите на мојот татко Му беше драго да ме постави мене цар над сиот Израел.
5 Така од моите синови, зашто Господ ми даде многу синови, го избра мојот син Соломон да седи на престолот на Господовото царство над Израел.
6 И ми рече: ‘Твојот син Соломон ќе Ми ги изгради Мене Мојот Дом и Моите дворови; зашто него си го избрав за син, и Јас ќе Му бидам Татко.
7 Ќе го утврдам неговото царство за секогаш ако ги врши постојано Моите заповеди и Моите закони како денес .’
8 И така, сега, пред очите на сиот Израел, на Господовиот собир, и пред својот Бог, Кој нè слуша, велам: пазете ги и барајте ги сите заповеди на Господа, својот Бог, за да ја задржите во сопственост оваа добра земја и за да им ја оставите во наследство на своите синови по себе довека.”
9 ”А ти, сине мој Соломоне, познај Го Бога, својот Татко, и служи Му со сето срце и со драговолна душа, зашто Господ ги испитува сите срца и ги знае сите мисли и намери; ако Го бараш, ќе биде најден од тебе; ако Го оставиш, ќе те отфрли засекогаш.
10 Разбери сега дека Господ те избра за да градиш Дом за Светилиштето, биди јунак и работи!”
11 Тогаш Давид му го предаде на својот син Соломона нацртот на тремот, на неговите куќи, на ризницата, на горниците, на внатрешните соби и на Домот за Ковчегот;
12 нацртот на сè што му дојде преку Духот за дворовите на Господовиот Дом, за сите соби наоколу, за сокровиштето на Божјиот Дом, за ризницата на посветените работи,
13 за свештеничките и левитските редови, за секоја службена работа во Господовиот Дом и за сите службени садови во Господовиот Дом:
14 злато во прачки, злато потребно за сите златни посатки на оваа или онаа служба; сребро во прачки потребно за сите сребрени посатки, за сите посатки на оваа или онаа служба;
15 прачки за златни светилници со златни светилки, според тежината на секој светилник и на неговите светилки, и за сребрените светилници според тежината на секој светилник и на неговите светилки, според намената на секој светилник;
16 злато во прачки за столовите на кои ќе стојат лебните приноси, за секој стол; сребро за сребрените столовите,
17 за вилушки и за котлиња, за садови од чисто злато, за златни чаши, злато во прачки за секоја чаша; за сребрени чаши, сребро во шипки за секоја чаша,
18 за кадилниот жртвеник пречистено злато во прачки; за нацртот на колата со златни херуви кои ќе го засолнуваат Господовиот Ковчег на Заветот со раширени крилја.
19 ”Сè тоа - рече Давид - во склад со она што Господ ми даде да напишам со сопствена рака, за да Го објасни целото дело за кое Тој набави нацрт.”
20 Тогаш Давид му рече на својот син Соломон: „Биди јунак и храбар, и работи! Не бој се и не плаши се, зашто Господ, Бог, мојот Бог, ќе биде со тебе! Не ќе те напушти ниту ќе те остави додека не ја свршиш сета работа за служба околу Господовиот Дом;
21 Еве ги свештеничките и левитските редови за секаква служба во Божјиот Дом; имаш покрај себе за секоја работа секакви луѓе, подготвени и вешти за секоја служба, кнезовите и сиот народ се под твое заповедништво.”