Прва книга за царевите/ 2 глава

Од Wikisource

1 глава Прва книга за царевите
2 глава
од н.п.
3 глава
Текстот е базиран на македонскиот превод на Библијата од 1999 година.

  1 Кога Давидовите денови се приближија до својот свршеток, Давид му заповеда на својот син Соломон:
  2 ”Сега поаѓам на патот на сите смртници. Ти биди храбар и покажи се маж.
  3 Слушај ги наредбите на Господа, својот Бог, оди по Неговите патишта, држи се за Неговите закони и наредби и за Неговите поуки, како што е напишано во Мојсеевиот Закон, за да успееш во сè што ќе преземеш и секаде каде што ќе се завртиш;
  4 за да го исполни Господ Своето ветување што ми го даде: ‘Ако твоите синови ќе пазат на својот пат, одејќи верно пред Мене, со сето свое срце и со сета своја душа, секогаш еден од нив ќе седи на Израелевиот престол.’
  5 И самиот знаеш што ми стори Јоав, синот Серуин, што им направи на двата Израелеви војсководачи: на Авенир синот Ниров, и на Амас, синот Етеров, кога ги уби и со тоа пролеа крв во мир како во војна, та го испрска со крв појасот околу својот крст и обувките на своите нозе.
  6 Ти постапи според својата мудрост, и не оставај неговата седа коса да почине мирно во гробот.
  7 А на синовите на Галадецот Варзелај врати им ја љубовта: нека бидат меѓу оние кои ќе јадат покрај твојот стол, зашто ми помогнаа кога бегав пред твојот брат Авесалом.
  8 Пред себе го имаш Симеј, синот Гирин, Венијаминец од Ваурим, кој ме проколнуваше со ужасни клетви во оној ден кога бегав во Маханаим. Ама тој ми слезе во пресрет при Јордан, и му се заколнав на Господа: ‘Нема да го погубам со меч.’
  9 Ама ти не му го проштавај тоа, зашто си мудар човек, и веќе ќе знаеш како треба да постапиш за да му ја испратиш седата коса со крв во гробот.”
10 И потоа почина Давид покрај своите татковци, и беше погребан во Давидовиот Град.
11 Давид царуваше над Израел четириесет години: во Хеврон царуваше седум години, во Ерусалим царуваше триесет и три години.
12 Соломон седна на престолот на Давида, својот татко, и неговата власт мошне се зацврсти.
13 Ама Адониј, синот Агитин, дојде кај Витсавеа, Соломоновата мајка, и падна ничкум пред неа. Таа го праша: „Дали е со мир твоето доаѓање?” Тој одговори: „Да, со мир е.”
14 И продолжи: „Имам нешто да ти речам.” Таа рече: „Зборувај.”
15 Тогаш тој рече: „И самата знаеш дека царството ми припаѓаше мене, и дека сиот Израел чекаше јас да бидам цар. Ама царството се измести од мене, и му припадна на мојот брат, зашто Господ му го наменил.
16 Сега јас те молам само едно: Немој да ме одбиеш.” Таа рече: „Зборувај.”
17 А тој продолжи: „Речи му те молам, на царот Соломон, да ми ја даде за жена Сунамката Ависага!”
18 А Витсавеа одговори: „Добро, ќе му зборувам на царот за тебе.”
19 И така кога Витсавеа влезе кај царот Соломон за да зборува за Адониј, царот стана и и тргна во пресрет, се поклони пред неа, потоа седна на својот престол, и заповеда те наместија столица за царицата мајка, и таа седна од неговата десна страна.
20 Тогаш му рече: „Нешто ќе побарам од тебе, немој да одбиеш.” Царот и одговори: „Барај мајко, зашто нема да те одбијам.”
21 Таа продолжи: „Нека му биде дадена на твојот брат за жена Сунамката Ависага.”
22 Царот Соломон одговори и и рече на својата мајка: „Зошто ја бараш Сунамката Ависага за Адониј? Барај веднаш и царство за него! Зашто тој е мој постар брат, а со него се свештеникот Авијатар и Јоав, синот Серуин!”
23 Тогаш царот Соломон се заколна во Господа: „Бог нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго, ако Адониј не го изрече тоа по цена на својот живот!
24 Живиот ми Господ, Кој ме потврди и ме стави на престолот на мојот татко Давид, и Кој ми даде дом како што вети: Адониј ќе умре уште денес.”
25 И царот Соломон го испрати Венаја, синот Јодаев, кој го удри, та Адониј умре.
26 Потоа царот му нареди на свештеникот Авијатар: „Оди во Анатот на својот имот. Си заслужил смрт, ама нема да те погубам денес, зашто го носеше Господовиот Ковчег пред мојот татко Давид и ги сподели сите страдања со мојот татко.”
27 И Соломон го исклучи Авијатара од Господовото свештенство, за да го исполни така Господовиот збор, што го изрече против Илиевиот дом во Сило.
28 Кога гласот стигна до Јоава - Јоав беше со Адониј, иако не му се приклучи на Авесалома - тој избега во Господовиот Шатор и се фати за роговите на жртвеникот.
29 И му јавија на царот Соломон: „Јоав избега во Господовиот Шатор, ене го покрај жртвеникот.” Тогаш Соломон му порача на Јоава: „Зошто се држиш за жртвеникот?” Јоав одговори: „Се исплашив од тебе и побегнав пред Господа.” Тогаш Соломон му нареди на Венаја, синот Јодаев: „Оди и убиј го!”
30 Венаја отиде во Господовиот Шатор и му рече на Јоава: „По царска наредба: излези!” Тој одговори: „Не сакам, имам желба да умрам тука!” Венаја му јави на царот: „Ете што ми рече Јоав и што ми одговори.”
31 Царот му рече: „Направи како што рекол: убиј го, потоа закопај го. Така ќе ја симнеш од мене и од домот на мојот татко невината крв што Јоав ја пролеа.
32 Господ ќе направи неговата крв да падне на неговата глава, зашто уби два човека поправедни и подобри од себе; ги уби со меч без знаење на татка ми Давида: Авенира, синот Ниров, водачот на Израелевата војска, и Амаса, синот Етеров, јудејскиот војвода.
33 Нивната крв нека падне на главата на Јоава и на неговото потомство довека, а на Давида, на неговото потомство, на владеечката куќа и на престолот, нека им биде траен мир од Господа.”
34 И Венаја, синот Јодаев, отиде, се нафрли врз Јоава и го усмрти. Го погребаа Јоава во неговиот дом во пустинатата.
35 На негово место царот го постави на чело на војската Венаја, синот Јодаев, а на местото на Авијатар го постави свештеникот Садок.
36 Соломон го повика Симеја и му рече: „Изгради си куќа во Ерусалим: тука живеј, и не излегувај оттаму никаде.
37 Во оној ден кога ќе излезеш и кога ќе го поминеш потокот Кедрон, знај дека ќе умреш. Твојата крв на твоја глава.”
38 Симеј му одговори на царот: „Добро. Како што ќе каже мојот господар цар, така ќе направи твојот слуга.” И Симеј живееше долго во Ерусалим.
39 Но по три години се случи да му избегаат на Симеј двајца слуги кај Ахис, синот Махин, гатскиот цар. И го известија Симеј: „Ене ти ги слугите во Гат.”
40 Тогаш Симеј стана, го насамари ослето и отиде во Гат, кај Ахис, за да ги бара своите слуги. И Симеј се врати и ги доведе своите слуги од Гат.
41 И му јавија на Соломона: „Симеј отиде од Ерусалим во Гат, и се врати.”
42 Царот го повика Симеја и му рече: „Не се заколнав ли во Господа и нели те опоменав строго: ‘Во оној ден кога ќе излезеш и ќе тргнеш било каде, знај добро дека ќе умреш!’ А ти ми одговори тогаш: ‘Добар е зборот што го чув.’
43 Зошто не ја запази Господовата заклетва и заповедта што ти ја дадов?”
44 Уште му рече царот на Симеја: „Ти го знаеш сето зло што си му го сторил на татака ми Давида. Твоето срце е свесно за тоа. Господ нека направи твоето зло да се врати на твојата глава.
45 А царот Соломон е благословен, и Давидовиот престол ќе биде цврст пред Господа довека.”
46 И царот му заповеда на Венаја, синот Јодаев, та тој излезе и го удри Симеја, и така Симеј умре. Така се зацврсти царството во Соломоновата рака.

Поврзано

Надворешни врски


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.