Прва книга Самоилова/ 6 глава

Од Wikisource

5 глава Прва книга Самоилова
6 глава
од н.п.
7 глава


  1 Ковчегот на Господа беше седум месеци во земјата на Филистејците.
  2 Тогаш Филистејците ги свикаа свештениците и вражалците и ги прашаа: „Што да правиме со Господовиот Ковчег? Поучете нè како да го испратиме назад на неговото место.”
  3 Тие одговорија: „Ако сакате да го вратите Ковчегот на Израелевиот Бог, не праќајте го назад празен, туку покрај него испратете и надоместница. Тогаш ќе се излечите и ќе знаете зошто Неговата рака не се сврти од вас.”
  4 Тие прашаа: „Каква надоместница треба да Му испратиме?” Тие одговорија: „Според бројот на Филистејските кнезови пет златни чиреви и пет златни стаорци, зашто е иста неволја и на вас и на вашите кнезови.
  5 И така, направете слики на своите чиреви и слики на своите стаорци, што ви ја сотруваат земјата, и дајте Му слава на Израелевиот Бог. Можеби ќе ја тргне Својата рака од вас, од вашите богови и од вашата земја.
  6 Зошто сакате да ви окорави срцето, како што им беше окоравено на Египетците и на фараонот? Кога Бог ги притисна, не ги пуштија ли тогаш да си одат?
  7 Подгответе сега една нова кола и земете две крави доилки, што уште не носеле јарем: впрегнете ги кравите во колата, а нивните телиња одведете ги назад во стајата.
  8 Тогаш ќе го земете Господовиот Ковчег и ќе го ставите во колата. Златните предмети што Му ги принесувате како жртва за престап ќе ги сложите во ковчеже покрај него, и така нека тргне.
  9 Потоа гледајте: ако тргне кон својот крај, по патот кон Вет Семес, тогаш е очигледно дека Тој ни го задаваше ова големо зло; ако не тргне така, ќе знаеме дека не нè удрила Неговата рака, туку дека тоа ни стана случајно.”
10 Луѓето направија така: зедоа две крави доилки и ги впрегнаа во колата, а нивните телиња ги задржаа во стајата.
11 Господовиот Ковчег го ставија на колата, и ковчежето со златните стаорци и со ликовите на своите чиреви.
12 Кравите удрија право по патот кон Вет Семес, и еднакво одеа по истиот пат, мукаа одејќи, а не свртуваа ни десно ни лево. Филистејските кнезови ги придружуваа до границата на Вет Семес.
13 Жителите на Вет Семес токму беа зафатени со жетвата на пченицата во долината. Подигнувајќи ги очите го здогледаа Ковчегот и му потрчаа во пресрет со радост.
14 Кога колата стигна во нивата на Ветсемеецот Исус, застана. Таму имаше голем камен. Тогаш ги исцепија дрвата од колата и Му ги принесоа кравите како жртва паленица на Господа.
15 Левитите го беа симнале Господовиот Ковчег и ковчежето, што беше покрај него и во кое беа златните предмети, и сè беа сложиле врз оној голем камен. Жителите на Вет Семес Му принесуваа во тој ден жртви паленици и Му колеа жртви закланици на Господа.
16 Кога го видоа тоа петте филистејски кнезови, се вратија во Акарон истиот ден.
17 А ова се петте златни чиреви што Филистејците Му ги испратија како жртва за престап на Господа: еден за Азот, еден за Газа, еден за Аскалон, еден за Гат, еден за Акарон.
18 А златни стаорци имаше толку колку сите филистејски градови во сите пет кнежевства, од утврдените градови до отворените села. Сведок е големиот камен врз кого го положија Господовиот Ковчег, и кој уште и денес стои во нивата на Исуса од Вет Семес.
19 И Тој ги удри жителите на Вет Семес бидејќи погледнаа во Господовиот Ковчег. Затоа Господ порази педесет илјади и седумдесет луѓе меѓу нив. Народот тагуваше заради тоа што Господ ги порази со големо истребување.
20 Тогаш луѓето во Вет Семес рекоа: „Кој би можел да опстои пред Господа, пред Овој Свет Бог? Кому ќе Му отиде сега од нас?”
21 И им испратија пратеници на жителите на Киријат Јарим и им порачаа: „Филистејците го вратија Господовиот Ковчег. Дојдете и однесете го при себе.”

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]


Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.