Прва книга Мојсеева/ 19 глава
18 глава | Прва книга Мојсеева 19 глава од Мојсеј |
20 глава |
1 Вечерта, два ангела стигнаа во Содом, додека Лот седеше под Содомската врата. Кога Лот ги виде, стана и им тргна во пресрет. Им се поклони со лицето до земја, а тогаш им рече:
2 „Ве молам, господари, вратете се во куќата на својот слуга, за да преноќевате и за да си ги измиете нозете; а утре рано тргнете на пат.” А тие рекоа: Не, ќе преноќеваме на улица.”
3 Но тој ги викаше упорно и тие се вратија кај него и влегоа во неговата куќа. Тој ги нагости, им испече бесквасен леб и јадоа.
4 Уште не беа легнале, да одморат, кога жителите на градот, Содомците, млади и стари, целиот народ до последниот човек, ја опкружија куќата.
5 Го викнаа Лота и му рекоа: „Каде се луѓето, кои дојдоа ноќеска кај тебе? Изведи ни ги, за да ги познаеме?”
6 Лот излезе пред нив, на влезот, и ја затвори вратата зад себе.
7 „Браќа мои - им рече тој - ве молам, не правете го тоа зло!
8 Еве, имам две ќерки, до кои маж уште не се допрел: ќе ви ги изведам нив, па правете со нив што сакате; само на овие луѓе не им правете ништо, зашто дојдоа под сенката на мојот покрив.”
9 „Отстапи оттаму! - рекоа. - Дојде како придојденец, а веќе се поставува како судија. Сега ќе ти сториме тебе поголемо зло отколку ним.” И се засилија кон човекот, Лот, и се нафрлија на вратата, за да ја скршат.
10 Тогаш двајцата ги испружија рацете надвор, го повлекоа Лота при себе, и ја затворија вратата;
11 а луѓето пред вратата, младите и старите, ги заслепија со блесок, така што не можеа да ја најдат вратата.
12 Тогаш двајцата го прашаа Лота: „Кого имаш уште тука: синови и ќерки, сè што имаш, изведи ги од местово!
13 Зашто ние ќе го истребиме местово: викотницата против нив стана пред Господа, толку голема, што Господ нè испрати да го уништиме.”
14 Лот излезе да им го каже тоа на своите идни зетови, што имаа намера да ги земат неговите ќерки, и рече: „Станете! Заминете од ова место, зашто Господ ќе го уништи градот!” Но на неговите зетови им се стори дека тој се шегува.
15 Кога се замугри, ангелите настојуваа при Лота, велејќи: „Стани! Земи ги својата жена и своите две ќерки, што се тука, за да не бидеш погубен со казната на градот!”
16 Ама тој се двоумеше. Затоа тие го фатија за раце, исто и неговата жена и неговите две ќерки, и - според Господовото смилување над нив - ги одведоа и ги оставија надвор од градот.
17 Штом ги изведоа во полето, едниот проговори: „Бегај, за да го спасиш животот! Не се обѕрнувај, ниту запирај некаде во рамницата, за да не загинеш!”
18 Но Лот одговори: „Не така, господине!
19 Туку, ако твојот слуга најде милост во твоите очи - а веќе ми искажа толкава милост, спасувајќи ми го животот - јас не можам да побегнам во планината, а да не ме најде несреќа и да загинам.
20 Ене град онаму, доста е близу за да побегнам во него, а местото е толку мало. Остави ме да избегам онаму - местото е навистина мало - дај, да го спасам животот!”
21 Му одговори: „Ќе ја послушам и таа твоја молба, и нема да го разурнам градот за кој зборуваш.
22 Бргу! Бегај онаму, зашто не можам да направам нешто додека ти не стигнеш таму.” Затоа градот се вика Сигор.
23 Додека сонцето изгреваше над земјата, Лот влегуваше во Сигор.
24 Господ истури сулфурен оган од небото на Содом и Гомор,
25 и ги уништи оние градови, и сета таа рамница, сите градски жители и сите растенија на земјата.
26 А Лотовата жена се обѕрна, и се претвори во столб од сол.
27 Утреден, рано во мугрите, Авраам поита на местото каде што стоеше пред Господа,
28 го насочи погледот кон Содом и Гомор и кон сета рамница во далечина: и виде како се крева дим над земјата, како дим од некаква печка.
29 И така Бог, додека ги разурнуваше градовите во рамницата, во кои живееше Лот, се сети за Авраама и го отстрани Лота од пропаст.
30 Лот се плашеше да живее во Сигор, па, со своите две ќерки, отиде од Сигор горе и се настани во планината. Тој и неговите две ќерки живееја во пештера.
31 Постарата и рече на помладата: „Татко ни остаре, а на земјата нема маж за да влезе при нас, како што е обичај по цел свет.
32 И така, да го испијаниме со вино нашиот татко, и да легнеме со него: така со таткото ќе го запазиме потомството.”
33 Во онаа ноќ го испијанија таткото со вино, и постарата отиде да легне со татка си, а тој не знаеше ни кога легнала ни кога станала.
34 На другиот ден постарата и рече на помладата: „Ете, сношти јас лежев со татка ни; да го испијаниме и ноќеска, па оди и ти да лежиш со него: така ќе му го запазиме потомството на таткото.”
35 Го испијанија таткото со вино и во таа ноќ, па помладата отиде и легна со него, а тој не знаеше ни кога легнала ни кога станала.
36 Така обете Лотови ќерки забременија од таткото.
37 Постарата роди син и му даде име Моав (Тој е од мојот татко). Тој е прататко на денешните Моавци.
38 И помладата роди син и му даде име Бен-Ами (Тој е син на мојот род). Тој е прататко на денешните Амонци.
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse