Прејди на содржината

Прва книга Мојсеева/ 18 глава

Од Wikisource

17 глава Прва книга Мојсеева
18 глава
од Мојсеј
19 глава


  1 Потоа Господ му се јави кај дабот Мамра, додека седеше пред влезот на својот шатор, во дневната жега.
  2 Кога ги подигна очите, забележа тројца мажи, како стојат не далеку од него. Штом ги здогледа, се стрча од влезот на шаторот, за да ги пресретне. Им се поклони до земја
  3 и рече: „Господи мој, ако најдов милост во Твоите очи, не одминувај го Својот слуга!
  4 Нека донесат малку вода и ќе ги измијат Вашите нозе; и одморете се под дрвово.
  5 Ќе донесам малку леб да ги поткрепите Своите срца, пред да заминете натаму, зашто навративте при Свој слуга.” Тие одговорија: „Добро, стори како што рече!”
  6 Авраам побрза во својот шатор, при Сбра, и и рече: „Бргу! Три мери чисто брашно! Замеси го и испечи погачи!”
  7 Тогаш Авраам отрча кај добитокот, фати младо и згоено теле и му го даде на момокот да го зготви набрзина.
  8 После зеде маст, млеко и зготвено теле и ги стави пред нив; а самиот стоеше пред нив, додека јадеа.
  9 „Каде е жена ти Сбра?”- го прашаа. А тој одговори: „Ене ја во шаторот.”
10 Тогаш еден од нив рече: „Јас пак ќе се вратам при тебе, догодина, во ова време; а твојата жена Сбра ќе има син.” Зад него, на влезот на шаторот, Сбра потслушнуваше.
11 А Авраам и Сбра беа остарени, во напредната возраст. На Сбра и прекрати вообичаеното кај жените.
12 Затоа Сбра се насмеа во себеси и си рече: „Откако овенав, сега ли ќе ја испитам радоста? Освен тоа и мојот господар е стар!”
13 Тогаш Господ го праша Авраама: „Зошто се насмеа Сбра, велејќи: ‘Како ќе родам јас кога сум стара?’
14 Има ли нешто невозможно за Господа? Ќе се вратам кај тебе откако ќе помине времето на бременоста: Сбра ќе има син.”
15 Тогаш Сбра одрече, велејќи: „Не се смеев.” Дека се исплаши. Но Тој рече: „Да, ти се смееше!”
16 Луѓето станаа и тргнаа кон Содом. Авраам тргна со нив, за да ги испрати.
17 Господ рече: „Зар да го кријам од Авраама она што ќе го сторам,
18 кога од Авраама ќе стане голем и броен народ, и во него ќе бидат благословени сите народи на земјата?
19 Зашто Јас го познавам него, тој ќе ги поучува своите деца и својот дом после него како да одат по Господовиот пат и да прават она што е праведно и добро, така да може Господ да го исполни она што му го вети на Авраама.”
20 Тогаш Господ продолжи: „Голема е викотница против Содом и Гомор, бидејќи нивниот грев е претежок.
21 Ќе слезам долу да видам дали прават навистина така, како што вели тужбата што стигна до мене. Сакам да разгледам.”
22 Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам стоеше уште пред Господа.
23 Тогаш Авраам се приближи и рече: „Ќе го погубиш ли и невиниот со виновниот?
24 Можеби има педесет праведници во градот. Зар ќе го уништиш местото и нема да го поштедиш заради педесетте невини, кои се таму?
25 Далеку да е од Тебе тоа да го погубиш невиниот со виновниот, така што и праведниот и нечесниот да поминат исто! Далеку да е од Тебе! Зар ни Судијата на целиот свет нема да суди праведно?”
26 „Ако најдам педесет праведни во градот Содом - одговори Господ - заради нив ќе го поштедам целото место.”
27 „Еве, јас пак се осмелувам да му зборувам на Господа, - пак проговори Авраам. - Јас, кој сум прав и пепел:
28 Можеби ќе има пет праведници помалку од педесет? Дали би го истребил целиот град заради петмината?” „Нема да го разурнам ако најдам таму четириесет и пет,” одговори.
29 Авраам пак рече: „Можеби ќе се најдат таму само четириесет?” Тој одговори: „Нема да го сторам тоа заради четириесетмината.”
30 Потоа рече: „Господ нека не се лути ако продолжам: „Можеби ќе се најдат таму само триесет?” Одговори: „Нема да го направам тоа ако најдам таму само триесет.”
31 Продолжи натаму: „Еве, пак се осмелувам да му зборувам на Господа. Можеби ќе се најдат таму случајно само дваесет?” Тој одговори: „Нема да го истребам градот заради дваесетмината.”
32 Најпосле рече: „Нека Господ не се гневи, ако речам само уште еднаш: Можеби случајно ќе има таму само десет?” Тој одговори: „Нема да го уништам заради десетте.”
33 Кога Господ го заврши разговорот со Авраама, замина, а Авраам се врати во своето место.

Поврзано

[уреди]

Надворешни врски

[уреди]

Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.


It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.

Public domainPublic domainfalsefalse