Јас сакам да станам поет-динамит,
поет на борбата
со рафал во душата,
устремен напред
кон утрешниот ден,
со душа прекалена во тешки борби
во кои само љубовта кон робот татни.
Јас сакам да станам поет на трудот
и зад барикадите,
со пролет во душата
да пеам развиорен
со пушка в раце.
И пламен, во злите утроби на бедата
да стане барут на мојот стих
и виор бурен на моите мечти.
Јас сакам да станам поет-работник,
со песна груба
како плускавиците
на моите раце,
со моќен пламен на срцето.
Во него да пее великиот копнеж
и нашиот устрм
цврст како челик...
Јас сакам да станам поет-динамит,
со јарост во градите, со пролет во мечтите,
слбоден и силен и за борби жеден
буен,
бестрашен,
со глас бојна – труба,
јас сакам да станам поет на трудот,
на песната груба.
Затоа те љубам само тебе
о бурна борбо, о вриежу силен;
во твоите пазуви нека ме погребат
мене, синот и поетот огнолик на трудот.
И на барикади моќни кога ќе стапнам
среде дожд куршуми,
среде јаросен дим,
под јаркото сонце
ќе пеам
среќен!
И во мене денес љубов безмерна ечи
во бурната борба, во вриежот тој,
срцето денес нека ми биде пламен рафал
душата бура,
а рацете – меч.