Писмо од апостол Павле до христијаните во Рим (вики-превод)

Од Wikisource
Дела на апостолите (вики-превод) Писмо од апостол Павле до христијаните во Рим
Библија (вики-превод)
од н.п.
Прво писмо од апостол Павле до христијаните во Коринт (вики-превод)


Глава 1[уреди]




1Од Павле, слуга на Исус Христос. Бог ме повика да бидам апостол и да се посветам на проповедање на Радосната вест. 2Неа Бог уште одамна ја вети, како што имаат запишано во Светото писмо Неговите пророци. 3Радосната вест зборува за Неговиот Син. Тој според Својата човечка природа му беше наследник на Давид. 4Што се однесува до Неговата божествена светост, Тој со голема сила покажа дека е Божји Син, со тоа што воскресна од мртвите. Тоа е Исус Христос, нашиот Господ. 5Преку Него и во Негово име Бог ни ја даде таа привилегија да бидеме Негови апостоли и да ги повикуваме луѓето од сите народи кон покорност што доаѓа од вера. 6Меѓу оние што се повикани да Му припаѓаат на Исус Христос сте и вие.

7До сите вас во Рим, до сите што Бог ги сака и што се повикани да бидат Негов народ.
Ви посакувам нашиот Татко, Бог и Господ Исус Христос да ви бидат благонаклонети и да ви дадат мир.

Молитва за благодарност.[уреди]



8Најнапред сакам да Му заблагодарам на мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, зашто за вашата вера се раскажува по целиот свет. 9Бог, Оној на Кого јас Му служам со сето свое срце во проповедањето на Радосната вест за Неговиот Син, ми е сведок дека во моите молитви постојано си спомнувам за вас.

10Секогаш во моите молитви барам, ако е според Божја волја, патот да ме наведе да дојдам кај вас.

11Копнеам да ве видам, за да можам да споделам со вас некој духовен дар, па да зацврснете, 12да се охрабриме еден со друг, преку [1]верата што е и ваша и моја. 13Сакам да знаете драги пријатели дека често пати посакував да дојдам кај вас, за и меѓу вас да има плодови од мојата работа, како што има меѓу останатите народи. Но сѐ до сега бев спречен.

14Се чувствувам должен и кон цивилизираните народи и кон останатите, кон мудрите и кон неразумните, 15па, колку што тоа зависи од мене, желен сум да дојдам кај вас во Рим и да проповедам.

Силата на Радосната вест.[уреди]



16Не, јас не се срамам од Радосната вест. Таа е силата со која Бог ќе го спаси секој што верува, прво Евреите, а потоа и останатите народи. 17Преку неа е откриено како Бог ќе се измири со сите што се [2]верни, но само со верните. Токму тоа и го пишува во Светото Писмо: <[3]А праведниот преку вера ќе живее."

Вината на човештвото.[уреди]



18Бог јасно покажа дека се гневи од небото против сите безбожни и неправедни луѓе, што со својата неправичност ја замаглуваат вистината. 19Она што може да се знае за Бог тие го знаат, зашто Бог тоа јасно им го покажа. 20Она што е кај Бог невидливо, Неговата вечна моќ и божествена природа, може јасно да се согледа преку создавањето на светот и да се разбере преку сѐ што е создадено. Затоа за безбожните нема оправдување. 21Тие, иако знаат за Бог, ниту Го почитуваат, ниту Му се благодарни. Напротив, потонаа во празни мудрувања, а нивните неразумни умови се помрачија. 22Иако тврдат дека се мудри, испаднаа глупави. 23Наместо да Го слават бесмртниот Бог, тие слават ликови на смртни луѓе, птици, четвороножни животни и влекачи.

24Затоа Бог ги препушти на страстите на нивните срца, на нечистотија, самите меѓу себе да си ги понижуваат телата. 25Ја заменија вистината за Бог со лага, па му служат и му се поклонуваат на создаденото, а не на Оној што го создал, Кој е благословен за вечни времиња. Амин.

26Затоа Бог ги препушти на нивните ниски страсти. Дури и нивните жени веќе не сакаат да водат љубов на природен начин, туку прават едни со други работи што се спротивни на нивната природа. 27Истото се случува и со мажите. Напуштајќи ја природната склоност кон жените, ги распалија страстите еден кон друг, мажи со мажи правеа срамни нешта и добија заслужена казна за нивната расипаност.

28Како што тие одбија да го прифатат Бог во своите умови, така Тој ги предаде на изопачени умови, да прават недолични работи. 29Се исполнија со секаков вид неправичност, лошотија, алчност и злоба. Се исполнија со завист, убиства, раздор, измама и расипаност. Тие зборуваат лошо еден за друг, 30клеветат, Го мразат Бог, дрски се и безобразни, фалбаџии, само измислуваат нови начини да направат некое зло. Непослушни се кон родителите, 31несовесни, што ќе ветат не исполнуваат, бездушни се и безмилосни. 32Иако го знаат Божјиот праведен Закон, според кој сите што така постапуваат заслужуваат смрт, не само што си тераат по свое, туку ги поттикнуваат и другите да прават така.

Глава 2[уреди]


Божјиот суд.[уреди]



1Некои од вас секого што ќе стигнат го осудуваат дека не постапува како што треба. Нема оправдување за таквото однесување. Кога ги осудувате луѓето, а потоа и вие истото го правите, самите себе се осудувате. 2Ние знаеме дека Бог е во право кога суди против оние што вака се однесуваат. 3Дали мислиш дека осудувајќи ги другите ќе ја избегнеш Божјата пресуда, иако и ти истото го правиш, 4или ја презираш Божјата огромна благонаклоност, толерантност и стрпливост, не сфаќајќи дека Бог е благонаклонет кон тебе за да те доведе до покајување?

5Но, заради твојата тврдоглавост, заради тоа што во тебе каење нема, ти уште пожестоко ќе бидеш казнет на денот кога Бог ќе покаже колку е гневен и кога праведно ќе им суди на сите луѓе, 6кога <[4]Бог секого ќе го награди зависно од тоа како постапувал." 7Од една страна на оние што се однесуваат добро, стрпливо надевајќи се на слава, чест и бесмртност, Бог ќе им даде вечен живот, 8но за оние што се себични, што ја отфрлаат вистината и го следат злото, ќе има гнев и лутина. 9Маки и страдања ќе има за сите што прават зло, прво за Евреите, но и за останатите народи, 10а слава, чест и мир за секој што прави добро, прво за Евреите, а потоа и за останатите народи. 11Кај Бог нема пристрасност.

12Оние што грешат не познавајќи го Законот, ќе бидат казнети затоа што прават зло. Оние, пак, што го знаат Законот, а сепак грешат, ќе бидат судени според Законот. 13Не се праведни пред Бог оние што имале можност да го слушнат Законот, туку оние што постапуваат според него.

14Има луѓе што не го знаат Законот, но сепак природно се придржуваат кон заповедите што произлегуваат од него. Тие не го знаат Законот, а природно им е да се придржуваат до неговите заповеди. 15Тоа е доказ дека она што Законот го бара е запишано во нивните срца. За нив мерило за однесувањето е и нивната совест, нивните мисли што понекогаш ги обвинуваат, а понекогаш ги бранат. 16Тоа ќе се види во денот кога Бог, преку Исус Христос, ќе го суди она што е сокриено во луѓето, како што и кажува Радосната вест што јас ја пренесувам.

Евреите и Законот.[уреди]



17Ако ти се нарекуваш Евреин и се потпираш на Законот, фалејќи се со посебната поврзаност на твојот народ со Бог, 18ако знаеш што на Бог Му е по волја и го одобруваш она што е најдобро, затоа што си учел од Законот, 19веруваш дека можеш да им бидеш водач на слепите, светло на оние што живеат во мрак, 20ако поучуваш неразумни и млади, имајќи во Законот пример за знаење и вистина, 21може ли, учејќи ги останатите, самиот себе да не се поучиш!? Ти што велиш дека не треба да се краде, дали и самиот не крадеш!? 22Ти што велиш дека не треба да се прават прељуби, дали и самиот не правиш прељуби!? Ти што се гнасиш од идоли, дали и самиот не ограбуваш храмови!? 23Ти што се фалиш со Законот, а сепак го прекршуваш со тоа Му нанесуваш срам на Бог. 24Токму така и стои запишано во Светото писмо: <[5]Зашто поради вас незнабошците зборуваат навредливо за Божјото име."

25Од обрежувањето има полза само ако се придружуваш кон Законот. Ако го прекршуваш, исто е како и да не си обрежан. 26Затоа, ако необрежан човек се придржува кон Законот, зарем нема да се смета за еднакво добар со обрежаните. 27Оние што телесно не се обрежани, а сепак го спроведуваат Законот, ќе ве осудат вас што, иако го имате Законот напишан и сте обрежани, сепак го прекршувате.

28Човек не станува Евреин со тоа што ќе почне да се облекува и да се однесува како Евреите, не станува Евреин со тоа што телесно ќе се обреже. 29Вистински Евреин е оној што е Евреин длабоко во себе. Обрежувањето е вистинско ако е направено врз срцето. Тоа е дело на Светиот Дух, а не на пишаниот Закон. Тогаш славата доаѓа од Бог, а не од луѓето.

Глава 3[уреди]




1Значи предност ли е да се биде Евреин? Има ли некаква корист од обрежувањето? 2Голема предност е во секој поглед! Прво, Светото писмо им е ним доверено.

3Што ако некои од нив не поверуваа? Дали тоа значи дека и на Бог не може да Му се верува? 4Секако не! Дури и сите луѓе да испаднат лажговци, на Бог може да Му се верува, како што стои запишано:
<[6]Ќе се покаже дека е вистина она што го зборуваш
и ќе извојуваш победа кога ќе бидеш суден."

5Но ако нашата неправедност ја изнесува на виделина Божјата праведност, што тоа значи? Дека Бог неправедно истура гнев врз нас? (Зборувам онака како што луѓето размислуваат.) 6Секако не! Ако беше Бог неправеден, како тогаш би можел да му суди на светот!? 7Некој може ќе рече: <Ако преку мојата лага, уште повеќе доаѓа до израз Божјата вистина и Неговата слава се возвеличува, зошто тогаш Бог ме смета грешник?" 8Има луѓе што лажно нѐ обвинуваат и тврдат дека ние велиме: <Да правиме лоши работи, за од тоа да испадне добро!" Не е така, а тие ќе си ја добијат казната што ја заслужуваат.

Никој не е праведен.[уреди]

9Што следува од ова? Дали ние Евреите сме подобри од останатите народи? Не, не сме. Ние веќе рековме дека и Евреите и останатите народи ги раководи гревот. 10Како што е напишано во Светото писмо:
<[7]Нема ниту еден праведен,

11нема ниту еден што разбира,
нема ниту еден што Го бара Бог.

12Сите скршнаа и станаа отпад.
Нема ниту еден единствен човек,
што прави добро."

13<[8]Грлата нивни - гробови отворени,
јазиците само за злобни лаги им служат."
<[9]Зад усните отров змијски кријат."

14<[10]Устите им со клетви и горчина се полни."

15<[11]Брзи се стапалата нивни да пролеваат крв.

16Кај ќе стапнат - [12]трева не расте.

17Да живеат во мир тие не знаат."

18<[13]Страв од Бог кај нив нема."

19Ние знаеме дека она за што зборува Законот се однесува на сите што се должни да му се покоруваат. Затоа за никого нема изговор и целиот свет е одговорен пред Бог. 20Со спроведување на Законот никој нема да биде оправдан! Напротив, преку Законот само стануваме свесни за нашата грешност.

Како Бог нѐ измирува со Себе.[уреди]



21Сега гледаме како Бог нѐ измирува со Себе. За тоа зборуваат и [14]Законот и Пророците. Бог не се измирува со нас затоа што ние му се покоруваме на Мојсеевиот Закон, 22туку затоа што веруваме во Исус Христос. Тоа важи за сите што веруваат. Нема никаква разлика, 23зашто сите згрешија и сите се лишени од Божјата слава. 24Оправдувањето е подарок. Тоа доаѓа затоа што Бог е благонаклонет кон нас. Бог се измирува со нас преку откупот што го плати Исус Христос. 25Него Бог Го испрати да биде [15]жртва за нас. Исус ја пролеа Својата крв, за оние што веруваат во Него да можат да се измират со Бог. Бог ова го направи за да не се доведе во прашање Неговата праведност, а сепак нашите претходно направени гревови да не се земат во обзир. 26Тој долго време имаше трпение со нас, за во ова наше денешно време да покаже дека е правичен. Така Неговата правичност не е доведена во прашање, а оние што веруваат во Исус се оправдани.

27Има ли тука место за фалење? Се разбира не. Кој е начинот, преку покорување на Законот ли? Не, туку преку вера. 28Ние сметаме дека човек се измирува со Бог затоа што верува, а не затоа што се придржува до Законот. 29Дали Бог им припаѓа само на Евреите? Зарем тој не им е Бог и на останатите народи? Се разбира дека е! 30Има е само еден Бог и Тој ги прифаќа и обрежаните и необрежаните, едноставно затоа што веруваат. 31Значи ли тоа дека ние го поништуваме Законот преку верата? Никако! Ние само го потврдуваме.

Глава 4[уреди]


Примерот на Авраам.[уреди]



1Што по ова прашање можеме да научиме од нашиот прататко Авраам? 2Ако Авраам бил оправдан заради неговите постапки, тој имал причина да се фали. Но тој сигурно не би можел да му се фали на Бог. 3Светото Писмо вели: <[16]Авраам поверува и Бог го прифати како праведен."

4Кога некој работи, наградата што му се дава не претставува подарок, туку обврска. 5Од друга страна, оној што се потпира на својата вера, а не на исправноста на своите постапки, што верува во Оној што ги оправдува грешниците, токму заради таа негова вера Бог го измирува со Себе. 6Давид зборува за истото нешто кога вели дека е благословен оној човек кого Бог го смета за праведен, без оглед на неговите постапки:

7<[17]Благословени се оние чии престапи се простени,
чии гревовите се покриени.

8Благословен е оној човек
чиј грев Бог никогаш нема да го земе во обзир."

9Дали овој благослов важи само за обрежаните, или важи и за необрежаните? Велиме Бог го прифати Авраам, затоа што Авраам имаше вера во Него. 10Кога го прифати? Дали тоа беше пред Авраам да се обреже, или после? Тоа се случи пред Авраам да биде обрежан.

11Тој се обрежа, за со тој чин да покаже дека Бог го прифати заради неговата вера што ја имаше додека сѐ уште не беше обрежан. Така тој им стана татко на сите што се верни и Бог ги прифаќа како праведни, иако не се обрежани. 12Истовремено им стана татко на сите што се обрежани, но не се само обрежани, туку и го следат примерот на нашиот татко Авраам, и веруваат исто како што тој веруваше додека сѐ уште не беше обрежан.

Божјото верување е примено преку вера.[уреди]



13Бог им вети на Авраам и на неговите потомци дека тие ќе го наследат светот. Ова ветување не им беше дадено затоа што Авраам му се покоруваше на Законот, туку заради неговата вера, заради што Бог и го прифати како праведен. 14Ако вистински наследници се оние што му се покоруваат на Законот, верата нема никаква вредност и Божјото ветување веќе не важи.

15Кога се крши Законот Бог се гневи. Каде што нема Закон, нема ни прекршување на Законот.

16Ветувањето е засновано на вера, за да биде применливо на сите на кои Бог им е благонаклонет и да го опфати сето потомство на Авраам. Тоа важи не само за оние што живеат според Законот, туку и за оние што му се потомци, затоа што ја имаат истата вера што ја имаше и тој. Авраам е прататко на сите нас. 17Во Светото Писмо стои запишано: <[18]Те направив татко на многу народи." Авраам веруваше во Него и затоа Бог му го даде ова ветување, Бог, Оној што мртви оживува, она што не постои ќе го викне и тоа станува стварност. 18Авраам, иако изгледаше дека е тоа невозможно, поверува дека тој ќе стане татко на многу народи, заради тоа што му беше кажано: <[19]Толкав ќе биде бројот на твоите потомци." 19Не му ослабна верата. Знаеше дека неговото тело е речиси мртво. Имаше околу сто години, а и Сара веќе не можеше да раѓа. 20Тој не се посомнева во ветувањето што му го даде Бог. Верата му даде сила и тој му оддаде слава на Бог. 21Беше целосно убеден дека Бог е способен да го направи она што го вети. 22Кога пишува: <[20]И беше прифатен како праведен." 23не се мисли само на Авраам, 24туку и на нас што веруваме во Оној што Го воскресна од мртвите нашиот Господ Исус, 25Кој беше предаден на смртта заради нашите гревови, и беше воскреснат за ние да бидеме оправдани.

Глава 5[уреди]


Измирени со Бог.[уреди]

1Сега, преку вера, станавме прифатливи за Бог, па заради нашиот Господ Исус Христос, живееме во мир со Бог. 2Преку Исус почувствувавме колку е Бог благонаклонет кон нас. Таквата благонаклоност не сме ја заслужиле, туку сме ја добиле преку вера. Затоа се гордееме и со нетрпение очекуваме да нѐ огрее и нас Божјата слава. 3Не тоа не е сѐ. Ние се гордееме кога страдаме, затоа што знаеме дека страдањето создава стрпливост, 4стрпливоста го гради карактерот, а тој ни дава надеж 5што никогаш нема да нѐ разочара. Бог, преку Светиот Дух што ни го даде, ги исполни нашите срца со Неговата љубов.

6Уште додека бевме беспомошни и грешни, кога дојде определеното време, Христос умре за нас. 7Тешко некој би посакал да умре за чесен човек. За добар човек можеби некој и би се решил да умре, 8но Бог ни покажа колку многу нѐ сака уште додека бевме грешници. Тогаш Христос умре за нас.

9Сега, откако сме оправдани затоа што Христос пролеа крв за нас, сосема сме сигурни дека преку Исус ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев. 10Ако додека сѐ уште бевме непријатели, се помиривме преку смртта на Неговиот син, колку повеќе сега, кога сме веќе помирени, ќе бидеме спасени затоа што Исус е жив. 11Тоа не е сѐ. Ние се гордееме заради она што Бог го направи преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого се помиривме со Бог.

Адам и Христос.[уреди]



12Гревот навлезе во овој свет преку еден човек, а со него дојде и смртта. Сите луѓе згрешија, па затоа секој мора да умре. 13Гревот постоеше во овој свет и пред Законот, но кога нема Закон гревот не се зема во обзир. 14И покрај тоа и тие што живееја пред Мојсеј, уште од времето на Адам, не ја одбегнаа смртта. Не ја одбегнаа ни оние што не згрешија на истиот начин на кој згреши Адам. Адам беше слика на Оној што требаше да дојде. 15Но дарот не е како престапот. Ако заради престапот на еден човек, многумина умреа, колку повеќе Божјата благонаклоност и дарот што го добивме заради љубовта што еден човек, Исус Христос, ја покажа кон нас, ќе се излее врз многумина. 16Божјиот дар не е како гревот на еден човек. Пресудата што се изрекува за еден престап е: <Виновен!", а Бог, и покрај тоа што ние многу пати сме грешеле, ни подари оправдување. 17Смртта завладеа преку престапот на само еден човек, но тоа не може да се спореди со она што го направи Исус Христос. Затоа оние што ја примиле Божјата изобилна благонаклоност и дарот на праведност ќе владеат со своите животи. 18Значи, како што еден престап доведе до осуда на сите луѓе, така преку една праведна постапка дојде до оправдување што им носи живот на сите луѓе. 19Како што преку непокорноста на еден човек многумина станаа грешници, така преку покорноста на еден Човек многумина ќе станат праведни. 20Законот беше даден за да се види колку е гревот моќен. Но и покрај тоа што гревот многу нарасна, Божјата благонаклоност испадна посилна. 21Гревот владееше служејќи се со смртта. Но сега владее Божјата благонаклоност. Бог нѐ прифати заради нашиот Господ, Исус Христос и затоа ние ќе добиеме вечен живот.

Глава 6[уреди]


Мртви за гревот, но живи за заедништво со Христос.[уреди]

1Што да кажеме на ова? Треба ли да продолжиме да грешиме, за Бог да стане уште поблагонаклонет кон нас? 2Никако! За гревот ние сме веќе мртви. Како може тогаш да продолжиме да живееме во грев. 3Зарем не знаете дека сите што се крстени во името на Исус Христос, на тој начин зеле учество во Неговата смрт? 4Кога бевме крстени ние умревме и бевме погребани со Исус. Тоа го сторивме за, како што Христос воскресна од мртвите со помош на величествената сила на Таткото, така и ние да зачекориме во еден нов живот.

5Ако на ваков начин Му се придруживме во Неговата смрт, ќе Му се придружиме и во Неговото воскреснување. 6Сега знаеме дека нашата стара природа беше закована на крстот заедно со Исус, за да му се одземе силата на грешното тело. Затоа ние веќе не треба да му бидеме робови на гревот. 7Гревот не може да владее со луѓе што се мртви.

8Ние умревме со Христос, па затоа веруваме дека со Него и ќе живееме. 9Знаеме дека откако Христос беше воскреснат од мртвите, нема повторно да умре. Смртта над Него веќе нема моќ. 10Тој за гревот е веќе мртов, еднаш засекогаш. Животот што сега го живее е за Бог. 11Така и вие треба да сметате дека сте мртви за гревот, а заедно со Исус Христос, живи за Бог. 12Не му дозволувајте на гревот да владее со вашите тела. Тие се смртни, па затоа немојте да им се покорувате на нивните страсти. 13Не дозволувајте деловите од вашето тело да бидат орудија на неправедноста и да прават грев. Предајте му се на Бог како луѓе оживеани од мртвите. Нека секој дел од вашето тело стане орудие на праведноста и нека Му служи на Бог. 14Не му дозволувајте на гревот да владее со вас, затоа што вас веќе не ве раководи Законот, туку тоа што Бог ви е благонаклонет.

Робови на праведноста.[уреди]

15Што тоа значи? Смееме ли ние да грешиме, заради тоа што не се раководиме според Законот, туку според Божјата благонаклоност? Никако! 16Зарем не знаете дека на оној на кого ќе му се понудите да му се покорувате и да му робувате, негови робови и ќе станете? Можете да му робувате на гревот, а тоа води во смрт, или да Му бидете послушни на Бог и да се измирите со Него. 17Вие му бевте робови на гревот. Благодарен сум Му на Бог што од сѐ срце поверувавте во ова учење што го прифативте. 18Сега кога сте веќе ослободени од гревот, вие ѝ станавте робови на праведноста. 19Јас ви давам едноставни примери, затоа што вие сѐ уште сте слаби. Вие порано ги предававте деловите на вашите тела да ѝ бидат робови на нечистотијата, на беззаконието што не знае за граници. Сега предајте се целосно и станете ѝ робови на праведноста, за да станете свети. 20Кога му бевте робови на гревот, вие не водевте сметка за праведноста. 21Што добивте правејќи нешта од кои сега се срамите? Тие водат право во смрт! 22Сега сте ослободени од гревот и Му станавте робови на Бог. Тоа ќе ве направи свети и ќе ви даде вечен живот. 23Плата за гревот е смрт! Вечниот живот е незаслужен дар од Бог, даден преку Исус Христос, нашиот Господ.

Глава 7[уреди]


Илустрација од бракот.[уреди]



1Драги мои, знам дека го знаете Законот и знаете дека тој има моќ над луѓето само додека се живи. 2Мажена жена е врзана со закон со својот сопруг, но ако тој умре, таа веќе е ослободена од таа законска обврска. 3Ако таа заживее со друг маж додека нејзиниот сопруг е сѐ уште жив, таа ќе биде наречена прељубница, но ако сопругот умре, таа е ослободена од законската обврска и ако се омажи со друг човек нема да биде прељубница.

4Така е и со вас, драги мои. За Законот вие сте мртви, затоа што сте дел од Христовото тело. Сега слободно можете да бидете со Исус, со Оној што беше воскреснат од мртвите, за да Му бидете од корист на Бог. 5Додека живеевме раководени само од нашите тела, грешните страсти, поттикнати од Законот, работеа во деловите на нашите тела и нѐ водеа право во смрт. 6Сега сме ослободени од Законот, мртви за она што нѐ држеше заробени. Можеме да Му служиме на Бог на нов начин, со тоа што ќе Му се покоруваме на Неговиот Дух, а не на стариот начин, со тоа што ќе му се покоруваме на пишаниот Закон.

Законот и гревот.[уреди]

7Што тоа значи? Дали Законот е грешен? Никако! Но јас не знаев каков е гревот. За него дознав преку Законот. Не знаев што е тоа алчност пред Законот да каже: <[21]Не посакувај туѓо!" 8Гревот, ја искористи приликата, па преку таа заповед поттикна во мене најразлични грешни страсти. Без Законот гревот е мртов. 9Пред да го знам Законот јас бев жив. Но кога ја слушнав таа заповед, гревот оживеа 10и јас умрев. Така открив дека заповедта чија намера е да ми даде живот всушност води во смрт. 11Гревот ја искористи таа заповед да ме измами и да ме убие. 12Законот си е свет. Таа заповед е света, исправна и добра. 13Дали ова значи дека мојата смрт ја предизвика она што е во суштина добро? Никако! Гревот е тој што ме уби, искористувајќи ја заповедта. Но истовремено преку таа заповед, се покажа дека гревот е нешто лошо и грозно.

Судирот што постои во секој човек.[уреди]

14Знаеме дека Законот е духовен, а јас сум човек од крв и месо, продаден на гревот. 15Јас не го разбирам она што го правам. Не го правам она што го сакам, туку она што го мразам. 16Со самото тоа што не сакам да го правам она што го правам, јас се согласувам со Законот и потврдувам дека тој е добар. 17Значи, не сум јас оној што тоа го прави, туку гревот што живее во мене. 18Јас знам дека во мене, во моето тело, нема ништо добро. Имам желба да правам добро, но не успевам во тоа. 19Не го правам она што е добро, како што би сакал, туку она што е зло, иако не го сакам. 20Но ако не го сакам она што го правам, не сум веќе јас тој што тоа го прави, туку гревот што живее во мене. 21Сфатив дека по правило вака испаѓа, кога сакам да правам добро, ете ти го злото до мене. 22Јас, длабоко во себе му се восхитувам на Божјиот Закон, 23но во целото мое тело гледам еден друг закон што војува против мојот ум и ме држи заробен од гревот, кој е тука, во моето тело. 24Кутар човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело што ме води во смрт!? 25Но, благодарен сум Му на Бог, што го стори тоа преку Исус Христос, Нашиот Господ. Така, од една страна, со мојот ум Му служам на Божјиот Закон, а од друга страна, со моето тело му робувам на гревот.

Глава 8[уреди]


Живот во Светиот Дух.[уреди]

1Заради тоа оние што се на страната на Исус Христос нема да бидат осудени, 2затоа што преку Исус Христос законот на Духот што дава живот ве ослободи од законот на гревот, што води во смрт. 3Она што беше невозможно за Законот, затоа што луѓето се слаби, тоа Бог го стори испраќајќи го Својот Сопствен Син во тело слично на грешните човечки тела, за да се справи со гревот. Така Тој го осуди гревот кај луѓето. 4Така она што Законот со право го бара може да биде исполнето во нас што не се раководиме според телото, туку според духот. 5Оние што се раководат според телото, размислуваат за телесни нешта, а оние што се раководат според духот, размислуваат за духовни нешта. 6Кога во еден ум царува телесното - тоа води во смрт. Кога со умот владее духовното - тоа донесува живот и мир. 7Умот што се раководи од телесното е непријателски настроен кон Бог. Тој не му се покорува на Божјиот Закон. Не може да му се покори. 8Оние што се раководат според телото не можат да Му угодат на Бог. 9Но во вас не владее телесното, туку духовното, затоа што во вас живее Божјиот Дух. Ако некој од вас Го нема во себе духот на Христос, тој не Му припаѓа на Христос. 10Христос живее во вас. Вие сте живи затоа што Бог ве прифати, иако вашите тела мора да умрат заради вашите гревови. 11Бог Го воскресна Исус! Неговиот Дух сега живее во вас, па со Негова помош и вас ќе ве воскресне. 12Драги мои, ние не сме му должници на телесното, па да живееме само за задоволување на телесните потреби. 13Ако живеете раководени од телесното вие сте осудени на смрт. Но ако со помош на Божјиот Дух, ги совладате навиките на телесното, ќе останете живи. 14Само тие што се водени од Божјиот Дух се Негови деца. 15Божјиот Дух не сака да нѐ направи робови што ќе се плашат од Него. Напротив, ние сме сега Негови деца и заради тоа Го викаме <Абба", што значи Татко. 16Божјиот Дух Лично, заедно со нашиот дух, ни сведочи дека сме ние Божји деца. 17Ако сме деца, ние сме и наследници. Од една страна ние сме Божји наследници, од друга страна сонаследници со Христос. Ако ние сме страдале заедно со Него, заедно со Него ќе добиеме и слава.

Идната слава.[уреди]

18Јас мислам дека страдањата низ кои во денешно време минуваме не можат ни да се споредат со славата што доаѓа и што ќе ни биде откриена. 19Сѐ што е создадено со нетрпение чека да види кои ќе бидат Божјите деца. 20Сѐ што е создадно ѝ беше потчинето на суетата, не по своја волја, туку по волјата на оној што ги потчини. Затоа живеат во надеж 21дека и тие ќе биде ослободени од стегите на смртта и ќе ја добијат слободата што произлегува од привилегијата да се биде Божјо дете. 22Знаеме дека сѐ до сега целиот свет стенка и се грчи од болка, како жена што се породува. 23Не само светот, стенкаме и ние што ги уживаме првите плодови на Светиот Дух. И ние во себе стенкаме, желно очекувајќи Бог да нѐ направи негови деца и да ги ослободи нашите тела. 24Таа надеж е она што нѐ одржува. Надежта, ако е веќе доживеана, не е надеж. Зошто некој би се надевал и би очекувал нешто што веќе го има?! 25Ако се надеваме на она што сѐ уште го немаме, стрпливо и желно ќе го очекуваме. 26На истиот начин и Светиот Дух ни се придружува и ни помага во нашата слабост. Ние не знаеме како би требало да се молиме. Светиот Дух се застапува за нас со неописива жестина. 27Бог знае што има во срцата на луѓето и знае што мисли Светиот Дух, затоа што Тој се застапува за оние што според Божја волја се посветени. 28Знаеме дека на оние што Го сакаат Бог и што се повикани да Му служат сѐ им оди на добро. 29Оние што Тој ги одбрал, ги предодредил да бидат слични на Неговиот Син, за Исус да биде Првороден што има многу браќа и сестри. 30Бог ги повикал оние што ги предодредил. Нив ги измирил со Себе и им дал удел во Неговата слава.

Божјата љубов во Исус Христос.[уреди]

31Што на ова да кажеме? Ако е Бог со нас, кој ќе биде против нас! Оној што 32Својот Сопствен Син не Го поштеди, туку Го даде заради сите нас, зарем нема заедно со Него да ни подари и сѐ друго? 33Кој смее да подигне обвинение против оние што се од Бог одбрани, оние што Бог ги очисти?! 34Кој смее да осудува? За нас се застапува Исус Христос. Тој умре и беше воскреснат, а сега е до Бог, од Неговата десна страна. 35Кој може да нѐ одвои од љубовта на Христос? Можат ли тешкотиите, маките, прогоните, гладта, студот или заканите со смрт? 36Како што е напишано во Светото писмо: <[22]Заради Тебе секојдневно се соочуваме со смртта. Со нас постапуваат како со овци одредени за клање." 37Не, во сѐ ова ние сме повеќе од победници преку Оној што нѐ сака, 38затоа што јас сум убеден дека ни животот ни смртта, ни ангелите, ни владетелите, ни она што е, ни она што ќе дојде, ни силите 39над нас ни силите под нас, ниту било што на овој свет не може да нѐ одвои од Божјата љубов искажана преку Исус Христос, нашиот Господ.

Глава 9[уреди]


Бог и неговиот народ.[уреди]



1Јас ја кажувам вистината. Му припаѓам на Христос и не лажам. Мојата совест, водена од Светиот Дух, ми сведочи дека не лажам 2кога ви кажувам колку е голема мојата тага, каква непрестана болка има во моето срце, 3за мојот народ, за оние што се моја крв и месо. Заради нив јас се молев да бидам проколнат, издвоен од Христос. 4Тие се наследници на Израел, Божји одбран народ. Ним Бог им ја покажа Неговата слава и со нив склучи завет. Ним им беше даден Законот, ним им беше доверено да служат во храмот, ним им беа дадени ветувањата. 5Од нив потекнуваат партијарсите, од нив потекнува Христос по тело. Бог, Оној што владее над сѐ нека биде благословен за вечност. Амин.

6Не се работи за тоа дека Божјиот збор не се исполни. Не сите Израелци се Божји народ. 7Не сите потомци на Авраам се негови вистински наследници, туку: <[23]Оние што се преку Исак ќе се сметаат за твои наследници." 8Со други зборови, не се Божји деца оние што се родени на вообичаениот начин. Вистинските потомци се децата што беа родени онака како што вети Бог. 9Вака гласи ветувањето: <[24]Точно во определеното време јас ќе дојдам и Сара ќе добие син." 10Ова не е сѐ. Слично нешто се случи и со Ревека. Таа зачна близнаци од еден ист човек, од нашиот предок Исак. 11Но, за изборот на наследникот да биде целосно резултат на Божјата намера, уште пред тие да се родат и да сторат било добро или зло, 12Бог ѝ рече на Ревека: <[25]Поголемиот син ќе му служи на помалиот." Изборот не беше резултат на нивните заслуги, туку зависеше само од Оној што одбираше, од Бог. 13Токму затоа Светото писмо вели: <[26]Јаков го сакав, а Есав го мразев."

14Значи ли ова дека Бог е неправеден. Се разбира, не! 15На Мојсеј му рече:
<[27]Кон кого сакам, кон тој ќе имам милост, со кого сакам, со тој ќе сочувствувам."

16Сѐ зависи од Божјата милост, а не од желбите и напорите на луѓето. 17Вака вели Светото Писмо за фараонот: <[28]Токму заради ова те направив цар, за да се покаже преку тебе Мојата сила и за да се прочуе Моето име по целата земја." 18Значи, кон кого сака Бог ќе има милост, а кого сака ќе го направи тврдоглав.

Божјиот гнев и Неговата милосрдност.[уреди]



19Некој може ќе рече: <Зошто тогаш Бог смета дека грешката е кај нас? Кој може да Му се спротивстави на она што Бог има намера да го стори?" 20Драги мои! Кои сте вие, па да се препирате со Бог?! Може ли парчето глина да му каже на грнчарот: <[29]Зошто си ме направил вакво?" 21Зарем грнчарот нема право од иста грутка глина да направи еден сад за почесна и еден сад за секојдневна употреба. 22Токму така и се случи. Бог сакаше да го искаже Неговиот гнев и да ја покаже Неговата сила, но сепак се однесуваше многу стрпливо со оние на кои им беше гневен, оние што ги чекаше уништување. 23Така Тој ја покаже величественоста на Неговата слава и ја излеа врз оние што Му беа драги, оние што ги беше приготвил за слава? 24Во овие вториве сме вброени и ние, а нас нѐ има не само од Евреите, туку и од останатите народи. 25Како што во книгата на Осија се вели:
<[30]На оние што не се мој народ ќе им речам: >Мој народе!' На оние што не беа сакани ќе им речам: >Драги мои!'"

26и
<[31]На истото место каде што им беше речено: >Вие не сте мој народ.' ќе бидат наречени деца на Живиот Бог." 27Токму заради ова Исаија вика за Израел:
<[32]Дури и ако синовите на Израел станат многубројни како морската песок, само мал број од нив ќе се спасат! 28Брзо Господ ќе го исполни тоа што го има кажано за земјата." 29Исаија уште од порано има речено:
<[33]Ако Господ Семоќен не оставеше од нас преживеани, како Содом ќе станевме, како Гомора ќе се запустевме!"

Израел и Радосната вест.[уреди]



30Што ова значи? Останатите народи, иако не се трудеа да се измират со Бог, добија можност за измирување и тоа преку вера. 31Израелците се обидуваа да се измират со придржување кон Законот, но не успеаја. 32Зошто? Затоа што не се потпираа на верата, туку на сопствените постапки. Тие се сопнаа од каменот на сопнување, 33токму како што и пишува во Светото писмо:
<[34]Еве ќе поставам во Сион камен од кој ќе се сопнат, карпа од која ќе паднат, а оние што веруваат во Него, нема да се разочараат."

Глава 10[уреди]




1Драги мои, мојата најголема желба и молитва кон Бог е Израелците да се спасат. 2Јас знам дека тие искрено Го сакаат Бог, но таа нивна ревносност не е заснована на знаење. 3Тие не го знаат начинот на кој Бог се измирува со луѓето. Сакаат тоа да го сторат онака како што тие сметаат дека е исправно, а не онака како што смета Бог. 4Но со Христос Законот веќе не е неопходен. Сите што веруваат се измируваат со Бог.

Спасението е за сите.[уреди]



5Мојсеј вели дека човек може да се измири со Бог ако се придржува кон Законот: <[35]Ако сакате да останете живи, придржувајте се до сите заповеди на Законот."

6Но луѓето што преку нивната вера се измириле со Бог никогаш не би прашале: <[36]Кој може да се качи на небо и да Го симне Христос?" 7Тие никогаш не би прашале: <[37]Кој може да се симне во светот на мртвите и да Го оживее Христос!?" 8Оние што се измирени со Бог преку нивната вера едноставно велат:
<[38]Пораката е близу до тебе, на твоите усни, во твоето срце."
Точно тоа е учењето за верата што ние го проповедаме.

9Ако ти со својата уста признаваш дека Исус е Господ, ако во своето срце веруваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ти ќе бидеш спасен. 10Ако искрено веруваш и им кажуваш за својата вера на луѓето околу тебе, Бог ќе те прифати и ќе те спаси.

11Вака вели Светото Писмо: <[39]Секој што верува во Него нема да се разочара." 12Нема разлика дали човек е Евреин или припадник на некој друг народ. Постои само еден Господ и Тој е дарежлив кон сите што бараат помош од Него. 13<[40]Секој што ќе побара помош од Господ ќе биде спасен."

14Но како може луѓето да бараат помош од Господ ако не поверувале!? Како да поверуваат, ако не ја слушнале пораката? Како да слушнат, ако никој не им проповеда? 15Како може некој да проповеда, ако не е испратен од Господ? Во Светото писмо пишува:
<[41]Колку е прекрасно да видиш дека доаѓаат оние што носат Радосна вест." 16Но не ѝ поверуваа сите на Радосната вест. Исаија вели: <[42]Господе, има ли некој што верува во тоа што го зборуваме?" 17Никој не може да поверува ако не ја слушне пораката за Спасителот. 18Но зарем Израелците не слушнаа? Се разбира дека слушнаа:
<[43]Нивниот глас се расчу до краиштата на земјата, нивните зборови допреа до целиот свет."

19Пак ќе речам, зарем на Израелците не им е јасно? Па и Мојсеј им рече:
<[44]Ќе направам да им станат љубоморни на оние што како народ се никој и ништо, ќе направам да му се лутат на народ што ништо не знае." 20Исаија многу отворено кажува:
<[45]Мене Ме најдоа оние што не Ме бараа, им се појавив на оние што не прашуваа за Мене." 21а за Израелците тој вели: <[46]Цел ден рацете ги пружав, кон народ непокорен и своеглав."

Глава 11[уреди]


Божјата милост за Израел.[уреди]

1Значи ли тоа дека Бог му сврте грб на Својот народ? Никако! Па и јас сум Израелец, потомок на Авраам, припадник на племето Бенјамин. 2Бог не му сврте грб на Својот одбран народ. Зарем не знаете што вели Светото Писмо во оној дел кога Илија вика кон Бог против Израел:

3<[47]Господе! Пророците Твои ги убија, жртвениците Твои ги раскопаа! Само јас останав, а и мене ме бараат за да ме убијат!" 4Но како Бог му одговора на Илија: <[48]Јас сочував за себе седум илјади што не клекнаа на колена пред Баал."

5Така е и денеска. Бог е благонаклонет кон Израелците, па и од нив има верни. 6Тоа е затоа што Бог е благонаклонет кон нив, а не затоа што тие со своите постапки тоа го заслужиле. Ако Бог не беше благонаклонет кон нив, тоа немаше да се случи.

7Сега испадна дека само мал број одбрани го добија она што сите Израелци го бараа. Останатите беа премногу тврдоглави. 8токму како што е напишано во Светото писмо:
<[49]Бог ги заглупи, ги заслепи, ги направи глуви и такви се сѐ до ден денешен." 9Давид вели:
<[50]Трпезата нивна нека им стане стапица, да се фатат, да се уловат и да си ја добијат заслужената казна.

10Очите нека им се помрачат, за да не гледаат и довека грбави да одат!"

11Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да се опорават? Се разбира, не! Нивната грешка овозможи останатите народи да се спасат, а тоа кај Израелците да предизвика љубомора. 12Ако нивната грешка донесе толкав благослов за светот, ако нивната духовна сиромаштија донесе толкаво духовно богатство за останатите народи, колку поголем благослов ќе има кога тие целосно ќе се приклучат!?

Спасението на останатите народи.[уреди]



13Сега ви се обраќам вам, што не сте Евреи. Сѐ додека сум ваш апостол ќе се гордеам со тоа што ми е доверена таа задача. 14Белки така ќе предизвикам љубомора кај оние што се моја крв и месо, па и некој од нив ќе се спаси. 15Ако преку тоа што тие го отфрлија Бог, останатите народи се измирија, кога ќе Го прифатат, тоа не би можело да значи ништо друго туку воскреснување на мртвите. 16Ако првото парче леб од новата жетва се освети така што ќе Му се принесе на Бог, свети ќе бидат сите лебови месени од таа жетва. Ако е коренот свет, свети ќе бидат и гранките.

17Вие сте како гранки од дива маслина, накалемени на питомо дрво. Неколку гранки беа скршени, а вие го зазедовте нивното место и сега ги уживате благодетите како да сте гранки од питомата маслина. 18Немојте да мислите дека сте вие подобри од гранките што беа искршени. Не заборавајте дека не сте вие тие што го одржуваат коренот, туку тој вас ве одржува во живот.

19Можеби ќе речете: <Гранките беа искршени, за ние да бидеме накалемени." 20Тоа е вистина. Тие беа искршени затоа што немаа вера, а вие го зазедовте нивното место затоа што имате вера. Затоа немојте да бидете горделиви, туку имајте стравопочит. 21Ако Бог не ги поштеди природните гранки, ни вас нема да ве штеди. 22Погледнете колку благ и колку жесток Бог може да биде. Жесток кон оние што паднаа, а благонаклонет кон вас. Ако продолжите да верувате во Неговата благонаклоност, Тој ќе остане благ кон вас. Ако не и вие ќе бидете отсечени.

23Така ќе бидат накалемени и оние што ќе поверуваат. Бог може нив повторно да ги врати назад. 24Ако вие бевте отсечени од дивата маслина и наспроти она штое е природно бевте накалемени на питомата маслина, колку полесно оние што се дел од питомата маслина можат пак да бидат накалемени на нивното питомо дрво.

Божјата милост за сите.[уреди]

25Драги мои, сакам да ви ја откријам оваа тајна, за не мислите дека сте многу мудри. Тврдоглавоста на дел од Израелците ќе трае сѐ додека не се пополни бројот од нееврејските народи. 26Така сите Израелци ќе бидат спасени, како што е напишано во Светото писмо: <[51]Од Сион ќе дојде Избавител. Тогаш потомците на Јаков ќе престанат да бидат зли. 27Ова е мој Завет за нив. Тогаш ќе ги отстранам нивните гревови."

28Тие не ја прифатија Радосната вест и затоа Му станаа непријатели на Бог. Тоа се случи за вие да добиете можност да ја слушнете Радосната вест. Но тие се сепак одбран народ и Бог ги сака зарадни нивните предци. 29Бог не си ги зима назад даровите што ги дава и кога некого ќе одбере, не се предомислува. 30Порано вие Му бевте непокорни на Бог. Сепак, заради тоа што и тие Му станаа непокорни на Бог, вие бевте помилувани. 31На истиот начин, заради тоа што Бог се смилува над вас, ќе се смилува и над нив. 32Сите Му беа непокорни на Бог, па затоа Тој се однесува кон сите како кон затвореници. Тоа го прави за да покаже дека им е благонаклонет.

33О колку длабоки и изобилни се мудроста и знаењето на Бог! Колку несфатливи се Неговите пресуди, колку таинствени се Неговите патишта. 34<[52]Знаел ли некој некогаш што Господ мисли? Му бил ли некој советник?" 35<[53]Кој Нему нешто Му дал, па очекува да му биде вратено?" 36Сѐ е од Него создадено и сѐ Тој одржува во живот. Сѐ е Негово. Нему слава нека Му е во вечни времиња. Амин.

Глава 12[уреди]


Да се живее, служејќи Му на Бог.[уреди]



1Драги мои, Бог е благонаклонет кон вас. Затоа ве молам да Му ги принесете вашите тела како жива жртва, света и пријатна за Бог. Тоа е најдобриот начин да Му служите. 2Не им се прилагодувајте на луѓето околу вас, туку допуштете Бог одвнатре да ве промени со тоа што ќе го промени начинот на кој размислувате. Така ќе дознаете што Бог сака, што е добро, што Му е пријатно и што е совршено.

3Јас знам каква благонаклоност Бог покажа кон мене и затоа на секој од вас му велам да не мисли дека е подобар отколку што навистина е. Бидете скромни и проценувајте ја сопствената вредност зависно од верата што Бог ви ја дал. 4Како што ние во едно тело имаме многу органи и секој орган си има своја функција, 5така и ние, иако сме многу, во Христос сите сме едно тело и секој им припаѓа на останатите.

6Бог беше благонаклонет кон нас и на секој му даде различни дарби. Ако е некој надарен да пророкува, нека пророкува зависно од тоа колкава е верата што ја има. 7Ако е некој надарен да служи, нека служи, ако е надарен да поучува, нека поучува, 8ако е надарен да ги охрабрува останатите, нека го прави тоа. Ако некој дава, нека дава од сѐ срце. Ако раководи, нека раководи најдобро што знае и умее. Ако од милосрдие им помага на луѓето, нека го прави тоа со радост.

9Сакајте искрено. Мразете сѐ што е зло и цврсто држете се до доброто. 10Сакајте се како браќа. Кога се работи за почести, давајте им предност на останатите. 11Бидете ревносни, а не мрзливи. Служете Му на Господ со огнена страст во вашите срца. 12Надежта што ја имате нека ви дава радост. Кога ви е тешко, бидете стрпливи и постојано молете се. 13Грижете се за потребите на верните и бидете гостопримливи.

14Благословувајте ги оние што ве прогонуваат. Наместо да ги колнете, благословувајте ги. 15Радувајте се со оние што се радуваат, тагувајте со оние што тагуваат. 16Немојте да правите разлики меѓу луѓето. Немојте да бидете горделиви. Не треба да ви биде тешко да работите и скромни работи. Немојте да мислите дека сте вие многу паметни. 17Никому зло за зло не враќајте. Трудете се да го правите само она што сите го сметаат за добро. 18Колку што тоа зависи од вас, трудете се да живеете во мир со сите луѓе. 19Драги мои, немојте да се одмаздувате. Оставете Божјиот гнев тоа да го стори. Во Светото писмо Господ вели: <[54]Одмаздувањето е Моја работа. Јас ќе враќам." 20Напротив: <[55]Ако е гладен твојот непријател, нахрани го, ако е жеден дај му да пие. Со тоа разгорен јаглен ќе натрупаш врз неговата глава." 21Не дозволувајте злото да ве победи. Вие злото победувајте го со доброто.

Глава 13[уреди]


Должности во однос на властите.[уреди]



1Секој нека им се покорува на властите што му се надредени, затоа што ниту една власт не се воспоставува без дозвола од Бог, па и постоечките власти се од Бог назначени. 2Оној што им се спротивставува на властите, му се спротивставува на она што е од Бог одбрано и ќе биде казнет. 3Владетелите не се закана за добрите, туку за лошите луѓе. Нема потреба да се плашиш од власите. Прави добро и тие ќе те пофалат. 4Владетелот е Божји слуга и негова должност е да работи за твое добро. Ако правиш зло - плаши се, зашто владетелот не носи попусто сабја! Тој е Божји слуга и со гнев им се одмаздува на оние што прават зло. 5Затоа, неопходно е да се покоруваш, не само заради стравот од казна, туку и затоа што совеста така ти наложува.

6Од истата причина ги плаќате и даноците. Извршителите на власта се Божји слуги што работат за општо добри и тоа им е професија. 7Затоа давајте им го она што им припаѓа. Плаќајте го и персоналниот и данокот на имот, почитувајте ги властите, укажувајќи им ја стравопочитта што ја заслужуваат.

Што треба да правиме еден кон друг.[уреди]

8Немојте никому да му останете должни. Нека ни остане само должноста да се сакаме еден со друг, затоа што оној што ги сака останатите, со тоа го исполнува Законот. 9Заповедите: <[56]Не прави прељуба! Не убивај! Не кради! Не завидувај!", всушност сите заповеди се содржани во заповедта: <[57]Сакај ги луѓето околу тебе толку колку што самиот себе се сакаш!" 10Ако некого го сакаш, не можеш да му нанесеш зло. Затоа ако ги сакаш луѓето, го исполнуваш и Законот. 11Знаете во какво време живееме. Дојде време да се разбудите. Денот кога ќе бидеме спасени е сега поблизу до нас, отколу во моментот кога поверувавме. 12Ноќта е при крај, денот се ближи. Да престанеме да го правиме она што ѝ припаѓа на темнината. Да се вооружиме со оружјата на светлината. 13Однесувајте се примерно, како да е ден, без оригии и пијанства, без блуд и разврат, без кавги и љубомора. 14Дозволете Му на Господ Исус Христос да биде близу и постојано до вас, како што е облеката што ја носите и не му дозволувајте на телото да ве надвладее со неговите страсти.

Глава 14[уреди]


Не судете му на својот брат.[уреди]



1Прифатете ги оние што се слаби во верата, без да ги осудувате за тоа што по одредени прашања имаат поинакво мислење од вас. 2Некој верува дека смее да јаде сѐ. Друг, пак, затоа што е слаб во верата, смета дека смее да јаде само растителна храна. 3Оној што јаде сѐ не треба да го презира оној што јаде само одредена храна и обратно. Бог ги прифаќа и едните и другите. 4Со кое право ти осудуваш туѓ слуга. Единствено неговиот Господар има право да го оправда или да го осуди. Не грижете се, Господ ќе ги сочува од сериозни грешки. Тој е способен да ги постави на здрави нозе.

5Некои верни сметаат дека еден ден е поважен од останатите, а други ги сметаат сите денови за еднакви. Секој нека си процени онака како што му наложува неговиот разум. 6Оној што на одреден ден му дава поголемо значење од останатите денови во неделата, тоа го прави од почит кон Господ. Оној што прави разлика меѓу тоа што смее, а што не смее да јаде, го прави тоа од почит кон Господ и на тој начин Му искажува благодарност. Оној што смета дека смее да јаде сѐ, исто така тоа го прави од почит кон Господ и со тоа исто така Му искажува благодарност. 7Никој од нас за себе не живее и за себе не умира. 8Додека сме живи, за Господ живееме. Кога умираме, за Господ умираме. Живи или мртви, ние сме Господови.

9Токму заради ова Христос умре и оживеа, за да им биде Господ и на мртвите и на живите. 10Зошто ги критикувате останатите верници? Зошто дури и ги презирате? Сите ние ќе застанеме пред Божјиот судски престол. 11Во Светото писмо Господ вели: <[58]Во Себе се колнам, нема колено што не ќе клекне пред Мене, нема јазик што нема да признае дека Јас сум Бог."

12Секој од нас лично за себе ќе полага сметка пред Бог.

Внимавајте да не предизвикате вашиот брат да падне.[уреди]



13Затоа, да престанеме да се осудуваме едни со други. Да се потрудиме да не поставуваме сопки и стапици пред останатите верници. 14Како човек што е на страната на Господ Исус, јас сум убеден дека секоја храна, сама по себе е добра за јадење. Меѓутоа, ако некој смета дека не треба да јаде извесни нешта, за него тие се одвратни. 15Ако со храната што ја јадете повредувате некои од останатите верници, вие не постапувате во склад со љубовта. Христос умре за нив. Немојте сега вие заради некаква си храна да ги уништувате. 16Не дозволувајте заради вашето право да јадете сѐ да Му се нанесува навреда на Христос. 17Божјото царство не зависи од тоа што човек јаде и пие, туку од тоа дали е праведен, дали е измирен со Бог и дали ја има радоста што ја дава Светиот Дух. 18Ако Му служите на Христос на ваков начин, ќе му бидете по волја на Бог и ќе бидете почитувани од луѓето.

19Да се стремиме кон она што донесува мир и взаемно нѐ изградува. 20Немојте заради храна да го уништувате она што е дело на Бог. Сѐ смее да се јаде, но погрешно е заради она што го јадете да предизвикате некој да потклекне. 21Најдобро е да не јадете месо, да не пиете вино, да не правите ништо што може да предизвика некој од верните да потклекне. 22Она што го верувате во однос на овие нешта нека си остане меѓу вас и Бог. Среќен е оној што не се чувствува виновен затоа што прави нешто што смета дека е исправно. 23Но ако некој се сомнева дали нешто смее да јаде, а сепак го јаде, тој оди против сопственото уверување. Сѐ што правите спротивно од она што го верувате е грев.

Глава 15[уреди]


Угодувајте им на другите, а не на себе.[уреди]

1Ние што сме силни во верата треба да ја поднесуваме слабоста на оние што се послаби, а не да си угодуваме самите на себе. 2Секој од нас треба да им угодува на верните што се околу него, за нивно добро, за да ги изградува. 3И Христос не си угодуваше Самиот на Себе, туку, како што е напишано: <[59]Навредите што беа наменети за вас паднаа врз Мене." 4Сѐ што во минатото е напишано во Светото писмо, напишано е за ние да се поучиме, да оцврснеме, да се охрабриме и да не губиме надеж.

5Сега, нека Бог, изворот на нашата цврстина и храброст, ви даде да бидете сложни меѓу себе и да го следите примерот на Исус Христос, 6па сите заедно и сложно да Го прославувате Бог и Таткото на нашиот Господ Исус Христос.

Радосната вест за останатите народи.[уреди]



7Прифаќајте се еден со друг, како што Христос ве прифати вас. Тоа е за Божја слава. 8Сакам да знаете дека Христос им стана слуга на Евреите за да се потврди дека Бог го исполни ветувањето што им го даде на нивните предци. Постои и друга причина зошто Тој дојде, 9а тоа е за останатите народи да Го прославуваат Бог заради Неговата милост, како што е напишано во Светото писмо: <[60]Затоа ќе Те славам меѓу останатите народи, на името Твое славопои ќе му пеам." 10и на друго место: <[61]Радувајте се сите што не сте Евреи, заедно со народот Негов!" 11и повторно: <[62]Славете Го Господ сите народи, сите луѓе Него нека Го слават!" 12а Исаија вели: <[63]Ќе се појави потомок на Јеше, ќе се крене за да владее со нееврејските народи, и на Него тие ќе се надеваат."

13Сега, нека Бог, Оној што дава надеж, ве исполни со радост и мир заради вашата вера, а вашата надеж нека продолжи да расте, поткрепена од силата на Светиот Дух.

Причината зошто Павле пишува толку остро.[уреди]



14Убеден сум, драги мои, дека вие сте полни со добрина, дека имате знаење и дека сте способни и други да поучувате. 15Сепак, за некои работи остро ви напишав, за да ве потсетам. Бог беше благонаклонет кон мене. 16Ме одбра да Му служам на Исус Христос меѓу нееврејските народи, со тоа што ќе извршувам една света задача: ширење на Божјата Радосна вест. На тој начин Светиот Дух ќе може да направи од нееврејските народи принос што ќе биде свет и прифатлив за Бог.

17Јас сум на страната на Исус Христос и затоа се гордеам со тоа што го работам за Бог. 18Јас се осмелувам да зборувам само за она што Христос го изврши преку мене, за тоа како ми дозволи да зборувам и делувам, за и оние што не се Евреи да Му се покорат. 19Зборувам за тоа како Христос правеше чуда, им даваше чудотворни знаци на луѓето со помош на силата на Светиот Дух. Им ја проповедам Радосната вест за Него почнувајќи од Ерусалим, па сѐ до [64]Илирик. 20Моја намера е да ја проповедам Радосната вест онаму каде што сѐ уште не слушнале за Христос. Не сакам да градам врз туѓ темел. 21Напротив, сакам да биде онака како што е напишано во Светото писмо: <[65]Ќе сфатат оние на кои не им беше кажувано за Него, ќе разберат оние што немаа слушнато."

Намерата на Павле да го посети Рим.[уреди]



22Затоа јас долго време бев спречен да дојдам кај вас. 23Сега, меѓутоа, нема веќе во овие области за мене простор за работа па, заради тоа што веќе повеќе години имам желба да дојдам кај вас, 24ќе ве посетам кога ќе тргнам на пат за Шпанија. Се надевам дека на поминување ќе се видам со вас и дека вие, откако убаво ќе си поминеме, ќе ме испратите понатаму.

25Прво ќе одам за Ерусалим, за да им помогнам на посветените, 26зашто верните од Македонија и Ахаја имаа желба да дадат нешто добровлни прилози за оние верни во Ерусалим што се сиромашни. 27Тоа беше нивна желба. Се чувствуваа должни кон нив. Сметаа дека ако Евреите ги поделија духовните нешта со останатите народи, ред е и тие да им помогнат со материјални добра. 28Кога ќе ја завршам оваа работа и ќе им ги предадам овие [66]прилози, ќе ве посетам, а потоа ќе заминам за Шпанија. 29Знам дека кога ќе дојдам кај вас, ќе дојдам со целиот благослов на Христос.

30Драги мои, преку Господ Исус Христос и преку љубовта што доаѓа од Светиот Дух, ве молам искрено да Му се молите на Бог со мене и за мене. 31Молете се Бог да Ме заштити од неверниците во Јудеја, а посветените да го прифатат она што јас го работа. 32Така, исполнет со радост, да дојдам кај вас и, ако е Божја волја, да останам извесно време со вас. 33Сега нека Бог, Оној што ни дава мир, биде со сите вас. Амин.

Глава 16[уреди]


Поздрави.[уреди]



1Ви ја препорачувам нашата сестра Фоеба, која служи во црквата во Кенкреа. 2Прифатете ја онака како што прилега да се прифати човек верен на Господ. Помогнете ѝ за сѐ што ќе има потреба, затоа што таа им помогна на многумина, па ми помогна и мене.

3Поздравете ги [67]Приска и Акила, моите соработници во Исус Христос, 4кои ги ризикуваа сопствените животи заради мене, на кои не сум им благодарен само јас, туку и сите цркви на неевреите.

5Поздравете ја црвката што се собира во нивниот дом.
Поздравете го мојот драг пријател Ефаенет. Тој е првиот од Азија што се обрати за Христос.

6Поздравете ја Марија, која многу работеше за вас.

7Поздравете ги моите роднини Андроник и Јуниј, со кои заедно бевме во затвор. Тие се многу почитувани меѓу апостолите и уште пред мене беа Христови следбеници.

8Поздравете го мојот драг пријател во Господ Амфлиат.

9Поздравете го Урбан, кој работи со нас за Христос, поздравете го и мојот драг пријател Стахиј.

10Поздравете го Апелиј, потврден следбеник на Христос.
Поздравете го семејството на Аристобул.

11Поздравете го мојот роднина Херодион.
Поздравете ги оние од семејството на Нарциј што Му се верни на Господ.

12Поздравете ги Трифаена и Трифоса, кои работат за Господ.
Поздравете ја мојот драг пријател Персис, кој многу работеше за Господ.

13Поздравете го Руфус, посебен слуга на Господ. Поздравете ја и неговата мајка, која и мене ми беше како мајка.

14Поздравете го Асинхрит, Флегон, Хермес, Патробас, Хермас и нашите пријатели што се со нив.

15Поздравете ги Филолог и Јулија, Нереј и неговата сестра, Олимп и сите верни што се со нив.

16Поздравете се меѓусебно со свет бакнеж. Примете поздрави од сите Христови цркви.

Завршни упатства.[уреди]



17Ве предупредувам драги мои, да се пазите од оние што предизвикуваат поделби и поставуваат препреки на вашиот пат, што е спротивно на учењето што го примивте. Избегнувајте ги! 18Таквите луѓе не му служат на Христос, нашиот Господ, туку им служат само на сопствените [68]интереси. Преку лицемерни говори и ласкање тие ги измамуваат простодушните. 19Многу ми е мило што сите веќе слушнале колку сме Му вие послушни на Бог. Би сакал да бидете мудри во однос на она што е добро и да си немате работа со ништо што е зло. 20Бог, Оној што ни дава мир брзо ќе го згази сатаната под вашите стапала. Нашиот Господ Исус нека ви биде благонаклонет[69].

21Ве поздравува мојот соработник Тимотеј. Ве поздравуваат моите роднини Луциј, Јасон и Сосипатер.

22И јас Тертиј, оној што го испишувам ова писмо, ве поздравувам во Господ.

23Ве поздравува Гај, кој ни е домаќин и мене и на целата црква. Ве поздравува Ераст, градскиот благајник и нашиот пријател Квартус.

24[70]

Завршна молитва.[уреди]



25Молете Му се на Бог! Тој може да ве направи силни преку Радосната вест што ви ја пренесувам. Таа зборува за Исус Христос. Со векови ова беше тајна, 26но сега стана нешто што сите можат да го слушнат. Вечниот Бог им заповеда на Неговите пророци да пишуваат за Радосната вест, па сите народи да се покорат и да поверуваат. 27На единствениот Бог, на Оној што е мудар, преку Исус Христос, слава нека Му е во вечни времиња. Амин.




  1. Или: вие гледајќи ја мојата вера, а јас гледајќи ја вашата.
  2. Букв. од вера до вера.
  3. Авк. 2:4.
  4. Пс. 62:12, По. 24:12.
  5. Иса. 52:5, Езек. 36:22.
  6. Пс. 51:4.
  7. Псалми 14:1-3; 53:1-3; Проп. 7:20.
  8. Псалм 5:9.
  9. Псалм 140:3.
  10. Псалм 10:7.
  11. Иса. 59:7,8.
  12. Букв. беда и урнатини.
  13. Псалм 36:1.
  14. Се мисли на Стариот завет.
  15. Или како Оној што ќе го отстрани Неговиот гнев, бришејќи го гревот.
  16. 1 Мој 15:6.
  17. Псалм 32:1,2.
  18. 1 Мој. 17:5.
  19. Колку што има ѕвезди на небото (1 Мој. 15:5).
  20. 1 Мој. 15:6.
  21. 2 Мој. 20:17; 5 Мој. 5:21.
  22. Псалм 44:22.
  23. 1 Мој. 21:12.
  24. 1 Мој. 18:10,14.
  25. 1 Мој. 25:23.
  26. Мал. 1:2,3.
  27. 2 Мој. 33:19.
  28. 2 Мој. 9:16.
  29. Иса. 29:16; 45:9.
  30. Осија 2:23.
  31. Осија 1:10.
  32. Иса. 10:22,23.
  33. Иса. 1:9.
  34. Иса. 8:14; 28:16.
  35. 3 Мој. 18:5.
  36. 5 Мој. 30:12-13.
  37. 5 Мој. 30:12-13.
  38. 5 Мој. 30:14.
  39. Иса. 28:16.
  40. Јоел. 2:32.
  41. Иса. 52:7.
  42. Иса. 53:1.
  43. Псалм 19:4.
  44. 5 Мој. 32:21.
  45. Иса. 65:1.
  46. Иса. 65:2.
  47. 1 Цар. 19:10,14.
  48. 1 Цар. 19:18.
  49. 5 Мој. 2:4; Иса. 29:10.
  50. Псалм 69:22,23.
  51. Иса. 59:20,21; 27:9; Јер. 31:33,34.
  52. Иса. 40:13.
  53. Јов 41:11.
  54. 5 Мој. 32:35.
  55. Пог. 25:21,22.
  56. 2 Мој. 20:13-15,17; 5 Мој. 5:17-19,21.
  57. 3 Мој. 19:18.
  58. Иса. 45:23.
  59. Псалм 69:9.
  60. 2 Сам. 22:50; Псалм 18:49.
  61. 5 Мој. 32:43.
  62. Псалм 117:1.
  63. Иса. 11:10.
  64. Илирик е област северно од античка Македонија, покрај брегот на Јадранското море. Со оглед на тоа што за некаква мисија во таа област ништо не е спомнато, веројатно се мисли дека апостолот Павле дошол до самата граница на таа област.
  65. Иса. 52:15.
  66. Букв. плод.
  67. Скратено од Присцила.
  68. Букв. на сопствениот желудник.
  69. Во некои стари ракописи оваа реченица недостасува.
  70. Во некои стари ракописи стои и овој стих: <Благодатта на нашиот Господ Исус нека биде со сите вас. Амин."