Дела на апостолите (вики-превод)

Од Wikisource
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Евангелието според Јован (вики-превод) Дела на апостолите
Библија (вики-превод)
од н.п.
Писмо од апостол Павле до христијаните во Рим (вики-превод)


Глава 1[уреди]


Вовед[уреди]



1Драги Теофиле, во мојата прва книга[1] ти го опишав сето она што Исус го правеше и поучуваше од почетокот, 2па сѐ до денот кога се вознесе на небото. Пред да се вознесе, им даде упатства на апостолите што ги беше одбрал во содејство со Светиот Дух.

3Во текот на четириесет дена, по Неговото распнување, Исус повеќепати се појавуваше пред Своите апостоли со што недвосмислено им докажа дека навистина е жив. Тогаш им зборуваше за Божјото царство.

4На една од тие средби, додека јадеа заедно, им ги даде следниве упатства: „Не заминувајте од Ерусалим сѐ додека Небесниот Татко не ви го прати Светиот Дух, Кој ви го вети. Јас уште отпорано ви го кажав тоа. 5Јован Крстител крштаваше во вода[2], но по неколку[3] дена вие ќе бидете крстени во Светиот Дух.“

Вознесувањето на Исус[уреди]



6Додека апостолите беа со Исус, честопати Го прашуваа: „Господе, сега ли ќе го ослободиш Израел и ќе го возобновиш[4] нашето царство?“ 7Тој им одговори: „Времето и датумите ги определува небесниот Татко и не сметал за потребно вам да ви ги кажува! 8Но штом Светиот Дух ќе слезе врз вас, вие ќе добиете сила и ќе им проповедате за Мене на луѓето во Ерусалим, во цела Јудеја, во Самарија, и сѐ до крајот на земјата.“

9Откако им го рече ова, пред нивните очи Исус почна да се подига кон небото и тие Го гледаа сѐ додека облак не Го сокри од нивните погледи.

10Додека тие со вперени погледи кон небото гледаа како Тој заминува, пред нив се појавија двајца мажи[5] облечени во бело, 11и им рекоа: „Галилејци, зошто стоите и зјапате во небото? Истиот Исус, Кој пред вашите очи се вознесе на небото, повторно ќе дојде, на истиот начин на кој и замина!“

Црквата на апостолите во „Горната соба“[уреди]



12Тогаш апостолите се вратија во Ерусалим. Ова се случуваше на ридот наречен Маслинова Гора. Тој рид е близу до Ерусалим, на оддалеченост помала од еден километар[6]. 13Влегоа во градот и отидоа во горната соба на куќата каде што редовно престојуваа. Таму беа:

Петар,
Јован,
Јаков,
Андреј,
Филип,
Тома,
Бартоломеј,
Матеј,
Јаков (синот на Алфеј),
зилотот Симон и
Јуда (синот на Јаков).

14Сите овие луѓе сложно и редовно се собираа и заедно се молеа. Со нив беа и: Марија (мајката на Исус), повеќе други жени и браќата на Исус.

Избран заменик на Јуда Искариотски[уреди]



15По неколку дена се собраа околу сто и дваесет Христови следбеници. Петар стана и им се обрати: 16,Драги пријатели христијани! Уште пред неколку столетија, Светиот Дух ја претскажа судбината на Јуда Искариотски, преку зборовите искажани од царот Давид, запишани во Светото писмо. Значи, тоа што се случи со Јуда, предводникот на оние што го уапсија Исус, беше претскажано и мораше да се исполни, 17иако Јуда беше еден од нас и работеше заедно со нас.“

18(Со парите што ги доби за предавството на Исус, Јуда си купи[7] нива. Потоа таму се обеси, па падна[8] среде неа, распукнувајќи се, при што целата утроба му се истури. 19За ова дознаа сите жители на Ерусалим, па таа нива ја нарекоа Акал-Д'ма, што на нивниот[9] јазик значи „Крвна нива“.)

20<Во книгата на псалмите стои запишано:

,Домот да му се запусти,
никој во него да не живее[10]!'


и


,Службата негова друг нека ја преземе[11]!'



21Затоа треба да одбереме човек што ќе го замени Јуда. Тоа треба да биде некој што бил со нас во текот на целото време, откако Господ Исус дојде, па сѐ додека си замина, 22некој што бил со нас откако Јован Крстител Го крсти Исуса, па сѐ до денот кога Исус се вознесе на небото. Тој човек треба да биде и очевидец на воскреснатиот Исус, како што сме и ние.“

23Тогаш предложија двајца: првиот беше Јосиф Барсаба[12], познат и како Јуст, а вториот беше Матија. 24Пред да го извршат изборот, се помолија вака: „Господе, ти знаеш што лежи во срцето на секој човек. Покажи ни кого од овие двајца си го одбрал 25да биде апостол наместо Јуда, кој нѐ изневери и заврши таму каде што припаѓа.“ 26Со ждрепка го одбраа Матија, кој им се приклучи на останатите единаесет апостоли.

Глава 2[уреди]


Доаѓањето на Светиот Дух[уреди]



1Кога дојде празникот Духовден[13], сите христијани се собраа на едно место. 2Тогаш ненадејно од небото се чу бучава како од силен виор. Бучавата ја исполни целата куќа каде што беа собрани. 3Се појавија одвоени јазици, како од оган, и се спуштија врз секој од нив. 4Сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на различни[14] јазици, како што им даваше способност Светиот Дух.

5Во тоа време во Ерусалим престојуваа побожни Евреи дојдени од секој народ под небесниот свод. 6Кога ја слушнаа бучавата, мнозина дотрчаа да видат што се случува и се збунија, зашто секој ги слушаше христијаните како зборуваат на неговиот јазик!

7Сите се чудеа и збунето, велеа: „Како е можно ова? Зар сите овие луѓе што зборуваат не се од Галилеја? 8Како, тогаш, секој од нас го слуша јазикот од својот роден крај? 9Меѓу нас има Партјани, Мидјани и Еламијци, потоа луѓе што живеат во Месопотамија, во Јудеја, во Кападокија, во Понт и во Азија[15], 10во Фригија и во Памфилија, во Египет, во областите на Либија близу до Киренеја, како и гости од Рим 11(Евреи и новообратени[16]), луѓе од Крит и Арапи, и сите ние ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за прекрасните дела што ги извршил Бог!“ 12Зачудени и збунети, еден на друг си велеа: „Што ли значи ова?“ 13Други, пак, се потсмеваа и велеа: „Пијани се! Се изнапиле слатко вино!“

Петар им се обраќа на насобраните[уреди]



14Тогаш стана Петар, заедно со другите единаесет апостоли, и гласно им се обрати на насобраните: „Луѓе, Евреи и сите други што живеете во Ерусалим! Ова треба да го знаете! Послушајте ме што ќе ви кажам: 15Овие луѓе не се пијани, како што некои од вас претпоставуваат, зашто одвај е девет[17] часот наутро. 16Ова што се случи утрово е исполнување на она што беше претскажано преку пророкот Јоел:

17,Во последните денови' - вели Бог -
,ќе излеам од Мојот Дух врз сите луѓе,
па ќе пророкуваат синовите и ќерките ваши,
момчињата ќе имаат виденија,
а старците ќе сонуваат соништа.


18Во тие денови ќе излеам од Мојот Дух
врз сите Мои слуги и слугинки,
и тие ќе пророкуваат.


19Ќе правам чуда горе во небесата
и видливи докази долу на Земјата -
крв и оган и столбови од чад.


20Сонцето ќе поцрни,
а месечината ќе се вцрви како крв,
пред да дојде тој голем и славен Господов ден.


21Тогаш секој што ќе го повика
името Господово ќе биде спасен[18].'“


22Израелци, слушнете ги овие зборови: Бог јавно го поддржа Исуса од Назарет со тоа што преку Него изврши многу чуда, несекојдневни работи и чудотворни докази. Тоа и самите добро го знаете. 23Но се случи онака како што беше определено и предвидено од сезнајниот Бог: вие Го предадовте Исус и со помош на еден паганин[19], Го распнавте на крст и Го убивте. 24Но Бог Го воскресна, ослободувајќи Го од смртта која очајнички настојуваше да Го задржи, но не можеше. 25За Него, Давид вели:

„Знам дека Господ е постојано со мене,
Тој ми е оддесно -
нема да потклекнам!
26Поради тоа срцето ми е весело,
и душата ми се радува;
а и телото во надеж ќе ми почива,
27зашто Ти во гробот нема да ме оставиш,
ниту ќе дозволиш
Твојот Светец да доживее распаѓање.
28Ти ми го објави патот на животот,
Твоето присуство ќе ме исполни[20] со радост.“


29Луѓе, браќа, јасно е дека нашиот прататко Давид овде не зборува за себе, зашто тој умре, беше погребан и неговиот гроб е тука, меѓу нас, сѐ до денешен ден. 30Но бидејќи беше пророк и знаеше дека Бог му се беше заколнал оти потомок од неговите бедра ќе седи на неговиот престол, 31претскажувајќи за тоа, тој зборуваше за воскреснувањето на Христос[21], Кој, ниту беше оставен во гробот, ниту Неговото тело доживеа распаѓање.

32Бог Го воскресна Исуса и сите ние сме сведоци за тоа. 33Откако беше вознесен и поставен од десната страна на Бог, и откако го прими Светиот Дух што Му беше ветен од Небесниот Татко, го излеа врз нас, како што вие сега гледате и слушате. 34Зашто, самиот Давид не се вознесе на небото, а сепак рече:

„Му рече Господ[22] на мојот Господ:
Седни на почесното место, од Мојата десна страна,
35додека не ги претворам Твоите непријатели
во чергиче што ќе го газат стапалата Твои[23]!'“


36Затоа нека знаат сите Израелци и нека бидат уверени дека Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Месија[24]!“

37Ова што го слушнаа до срце ги прободе, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе, браќа, што да правиме?“

38Петар им одговори: „Секој од вас треба да се покае за своите гревови, и да се крсти во името на Исус Христос, за да ви бидат простени гревовите. Потоа ќе ви биде подарен Светиот Дух, а со Него и духовни дарби. 39Ветувањето што Бог му го даде на Давид се однесува на вас, на вашите деца, како и на неевреите[25], и на сите што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика.“

40Со овие, и со многу други зборови Петар им проповедаше и ги повикуваше: „Спасете се од ова расипано поколение!“

41Во тој ден околу три илјади души искрено ги прифатија неговите зборови, па се крстија и се приклучија кон христијаните. 42Тие се посветија на учење од апостолите, на заедничките собири, на редовно учество на Господовата вечера[26] и на молитви.

Првите христијански заедници[уреди]



43Кај народот се појави страв, зашто апостолите правеа многу чуда и видливи докази. 44Сите христијани се здружија и сѐ што имаа им беше заедничко. 45Ги продаваа своите имоти и наследства и на секого му даваа според неговите потреби. 46Секој ден се собираа во храмот, сложни и посветени. Организираа Господова вечера по домовите и секој ја делеше својата храна со другите, радосно и со чисто срце. 47Го славеа Бога и беа омилени кај сите луѓе. А Господ секојдневно им придодаваше новоспасени души.

Глава 3[уреди]


Петар исцелува сакат питач[уреди]



1Еден ден, Петар и Јован се упатија кон храмот. Беше три часот попладне - време за молитва. 2Токму тогаш донесоа еден човек, сакат во нозете од раѓање, што секојдневно го носеа и го оставаа пред познатата „Красна порта“, за да проси милостина од луѓето што доаѓаа во храмот. 3Кога виде дека Петар и Јован ќе влегуваат во храмот, запроси да му дадат нешто. 4Петар и Јован го погледнаа и му рекоа: „Погледни нѐ!“ 5Сакатиот молежливо ги гледаше, очекувајќи милостина.

6Тогаш Петар му рече: „Немам ни сребреници, ни златници, но тоа што го имам, ти го давам: Во името на Исус Христос од Назарет, стани и ќе проодиш!“

7Потоа го фати за десната рака и го исправи. Во истиот миг му зацврснаа стапалата и глуждовите! 8Скокна, застана на свои нозе и почна да оди! Заедно со нив влезе во храмот, скокајќи и славејќи го Бога.

9Целиот народ го виде како оди и го слави Бога. 10Тие знаеа дека тоа беше истиот човек што седеше и просеше пред Красната порта на храмот и од восхит не можеа да се изначудат на она што се случи.

Петар проповеда во храмот[уреди]



11Сиот народ се насобра околу нив, под Соломоновиот трем. Човекот не се одвојуваше од Петар и Јован. Луѓето стоеја, стаписани од тоа што се случи.

12Кога Петар виде дека луѓето се чудат, им рече: „Луѓе, Израелци, зошто се чудите на ова? Зошто зјапате во нас, небаре ние со своја сила или побожност направивме овој човек да прооди!? 13Преку ова дело, Богот на Авраам, на Исак, на Јаков и на сите наши предци, Го прослави Својот Слуга Исус. Вие Го предадовте и се откажавте од Него пред Пилат, кога тој беше решил да Го ослободи. 14Се откажавте од Светиот и Праведниот, а побаравте да биде пуштен на слобода еден убиец! 15Зачетникот на животот Го убивте! Но Бог Го воскресна од мртвите - ние сме живи сведоци за тоа. 16Овој човек, кого вие добро го познавате, се исцели врз основа на верата во Неговото име. Верата во Исусовото име го оздраве, пред вашите очи.

17Браќа, знам дека вие и вашите водачи го направивте тоа од незнаење, 18но Бог на тој начин го исполни она што го беше претскажал преку сите пророци: дека Месијата[27] испратен од Него ќе мора да помине низ овие страдања. 19Затоа покајте се и свртете се кон Бог, за да ви бидат избришани гревовите. 20Тогаш, присуството на Господ во вашите животи ќе ви донесе освежување и Бог ќе ви Го испрати Месијата Исус, Кој од порано ви беше претскажан. 21Исус треба да остане на небото, сѐ додека не дојде време Бог да обнови сѐ, како што ни вети уште одамна преку Своите свети пророци. 22Уште Мојсеј беше претскажал: >Господ, вашиот Бог, ќе ви издигне од вашиот народ Пророк, како што сум јас. Сѐ што ќе ви каже Тој - слушајте Го![28] 23Секој што нема да Го послуша Тој Пророк, ќе биде истребен од Божјиот народ[29].'

24А и сите пророци, од Самоил и неговите наследници, па наваму, зборуваа токму за ова време. 25Вие сте потомци на пророците, вие сте тие за кои Бог на вашите предци им даде завет, ветувајќи му на Авраам: >Преку твоето потомство ќе бидат благословени сите народи на земјата[30].' 26Штом Бог Го издигна Својот Слуга, Го испрати прво кај нас, за да ве благослови со тоа што секого од вас ќе го одврати од вашите грешни патишта.“

Глава 4[уреди]


Националните и верските водачи против апостолите[уреди]



1Додека Петар и Јован уште му зборуваа на народот, им пријдоа неколку свештеници, заповедникот на гардата во ерусалимскиот храм и неколку садукеи. 2Тие беа многу вознемирени поради тоа што апостолите го учеа народот и, повикувајќи се на воскреснатиот Исус, тврдеа дека постои воскресение на мртвите. 3Ги фатија и ги фрлија в затвор до следниот ден, зашто веќе беше вечер. 4Мнозина од оние што ја слушнаа проповедта на апостолите поверуваа, па бројот на христијаните се зголеми на околу пет илјади, сметајќи ги тука само возрасните мажи.

5Утредента се состана Народниот Совет составен од сите управници, старешини и вероучители во Ерусалим. 6Дојде првосвештеникот Анан, дојдоа и Кајафа, Јован, Александар како и сите други роднини на првосвештеникот. 7Ги доведоа Јован и Петар, ги поставија на средината, па почнаа да ги испрашуваат: „Кој ви даде право, кој ве овласти да го правите ова?“

8Исполнет со Светиот Дух, Петар им рече: „Управници и старешини на народот! 9Ако денес нѐ испрашувате за доброто дело спрема сакатиот човек, ако сакате да дознаете како беше исцелен, тогаш, 10знајте и вие и сиот израелски народ, дека човекот пред ваши очи застана на свои нозе во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, а Бог Го воскресна од мртвите! 11Исус е Тој за Кого во Светото писмо пишува:


>Каменот што ѕидарите го отфрлија 


стана темелен камен[31].'



12Под сиот небесен свод има само едно име на кое луѓето можат да се повикаат за да се спасат, а тоа е Исус Христос!“

13Членовите на Народниот Совет се зачудија кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, зашто беше очигледно дела тие се обични, необразовани луѓе. А ги препознаа дека тие луѓе беа со Исус. 14Но човекот што беше исцелен стоеше тука, пред нив, и тие немаа што да приговорат. 15Тогаш им наредија на Петар и Јован да излезат надвор од собранието[32], а тие почнаа да се советуваат: 16<Што да правиме со овие луѓе? Големо чудо се случи преку нив и тоа на сите во Ерусалим им е познато. Тоа не можеме да го порекнеме. 17Но можеби можеме да ги запреме да го шират тоа учење меѓу народот. Да им забраниме никому повеќе да не му зборуваат за Исус!“

18Ги повикаа апостолите внатре и им наредија ништо да не зборуваат за Исус, ниту да поучуваат во Негово име.

19Но Петар и Јован им одговорија: „Самите проценете, дали Бог ќе се сложи повеќе да ве слушаме вас отколку Него!? 20Не можеме да молчиме за она што го видовме и чувме!“

21Членовите на Народниот Совет им се заканија, но сепак ги ослободија. Не можеа да најдат ништо за што би можеле да ги казнат. А се плашеа дека и народот ќе крене бунт, зашто сите Го славеа Бога за чудото што се случи: 22беше исцелен човек што повеќе од четириесет години бил сакат во нозете!

Молитва за смелост наспроти прогонствата[уреди]



23Веднаш штом беа ослободени, Петар и Јован се вратија меѓу своите пријатели христијани и им кажаа за сѐ што им рекоа свештеничките поглавари и старешините. 24Кога го чуја тоа, сите сложно повикаа кон Бог и рекоа: „Семоќен Господару, Создателе на небото и Земјата, на морињата и на сите суштества во нив! 25Ти, преку Светиот Дух, го поттикна нашиот прататко Давид да ги искаже следниве стихови:


>Зошто беснеат паганските народи, 


луѓето коваат залудни завери?



26Цареви по земјата се креваат

и владетели се здружуваат, 


против Господ и против Неговиот Помазаник[33].'



27Токму тоа се случи овде, во овој град: царот Ирод Антипа, гувернерот Понтиј Пилат, пагани и Израелци, се здружија против Исус, Твојот свет Слуга, Кого Ти Го определи за Месија. 28Но сѐ што сторија тие претставува исполнување на она што го определија Твојата рака и Твојата мудрост. 29Ги гледаш сега, Господе, нивните закани! Дај им на Своите слуги смелост да ја проповедаат Твојата порака! 30Испружи ја раката Твоја за да исцелуваш, да даваш видливи докази, чуда да се случуваат во името на Твојот свет Слуга Исус!“

31Штом се помолија, местото на кое беа собрани се затресе и сите се исполнија со Светиот Дух, па со смелост продолжија да ја проповедаат Божјата порака.

Христијански комуни[уреди]



32Сите што поверуваа беа толку сплотени и еднодушни, што никој од нив не зборуваше за својот имот како негова лична сопственост, туку сѐ им беше заедничко. 33Апостолите со голема смелост сведочеа за воскресението на Господ Исус, и Бог спрема сите нив беше многу благонаклонет. 34Меѓу нив немаше сиромаси, зашто оние што имаа ниви и куќи, ги продаваа и парите од продаденото 35им ги даваа[34] на апостолите, а тие на секого му делеа според неговите потреби.

36На пример, Јосиф, кого апостолите го нарекоа Барнаба, односно „Утешител[35]“ кој беше од племето на Левиј, а родум од Кипар, 37имаше нива, и откако ја продаде, ги донесе парите и им ги предаде на апостолите.

Глава 5[уреди]


Казната над Ананиј и Шапира поради лажење[уреди]



1А еден друг човек, по име Ананиј, во договор со својата жена Шапира[36] исто така продаде една од своите ниви 2но само дел од парите им донесе на апостолите, тврдејќи дека тоа се сите пари. За сето ова знаеше и неговата жена.

3Тогаш Петар му рече: „Ананиј, зошто дозволи сатаната да ти го исполни срцето, да го излажеш Светиот Дух и да прикриеш дел од парите што ги доби за нивата? 4Нивата беше твоја. Твоја работа беше дали ќе ја продадеш, или не. И кога ја продаде, парите беа твои. Зошто се реши на измама? Ти се обиде да Го измамиш Бога, а не луѓето!“

5Кога Ананиј ги слушна овие зборови, падна и умре! Сите што слушнаа за ова многу се исплашија. 6Неколку момчиња станаа, го завиткаа во платно, го изнесоа и го погребаа.

7По околу три часа, дојде неговата жена и влезе, не знаејќи што се случи. 8Петар ја праша: „Кажи ми, за толку пари ли беше продадена нивата?“
<Да, за толку“ - рече таа.

9Петар ѝ рече: „Зошто се договоривте да го ставате на проверка Духот Господов? Еве ги пред врата момчињата што отидоа да го погребат твојот маж, па и тебе мртва ќе те изнесат!“ 10И таа веднаш падна пред неговите нозе и умре. Кога влегоа момчињата, ја најдоа и неа мртва, па ја изнесоа и ја погребаа покрај нејзиниот маж.

11Голем страв ја зафати целата црква и сите што слушнаа за ова.

Големиот углед на првите христијани[уреди]



12Преку рацете на апостолите беа покажувани многу видливи докази и чуда среде народот. Тие редовно се состануваа во храмот, под тремот на Соломон и сите беа сложни. 13Иако луѓето многу ги почитуваа, никој не се осмелуваше да им се придружи во храмот. 14Од друга страна, се умножуваше бројот на луѓето што веруваа во Господ, мноштво мажи и жени. 15Луѓето изнесуваа на улиците болни, положени на носила и постели, со надеж дека барем сенката на апостолот Петар ќе падне на некој од нив и ќе ги исцели. 16Се собираа многу луѓе и од градовите околу Ерусалим. Носеа болни и обземени од демонски духови, и сите беа исцелувани.

Верските водачи ги прогонуваат Христовите апостоли[уреди]



17Тогаш првосвештеникот и неговите пријатели, садукеите, се исполнија со завист, 18па ги уапсија апостолите и ги фрлија в затвор. 19Но уште истата вечер ангел Господов им ги отвори вратите на затворот и ги ослободи, велејќи им: 20<Одете, застанете во храмот и проповедајте им ја на луѓето оваа порака[37] што е од животна важност!“ 21Апостолите ги послушаа и уште на разденување влегоа во храмот и ги поучуваа присутните.
Кога дојде првосвештеникот со својата свита, го свика Врховното собрание[38] составено од верските водачи и старешините на Израел, па порачаа да ги доведат затворениците. 22Но испратените од гардата на храмот не ги најдоа апостолите во затворот, па се вратија и им рекоа: 23<Затворот беше заклучен, со целото обезбедување и стража пред вратата, но кога влеговме внатре, никого не најдовме!“ 24Кога го слушнаа ова заповедникот на гардата во храмот и првосвештеникот, се збунија и се прашуваа, што значи ова!?

25Тогаш дојде еден човек и им рече: „Оние што ги фрливте в затвор сега се во храмот и го поучуваат народот!“

26Штом го чу ова заповедникот на гардата на храмот, со своите слуги, отиде и ги доведе апостолите, без да употреби сила, зашто се плашеше да не биде каменуван од народот.

27Потоа ги изведоа пред Врховното собрание и првосвештеникот почна да ги испрашува: 28<Јас најстрого ви забранив да зборувате за Исус, а вие го исполнивте Ерусалим со вашето учење и сте решиле врз нас да ја префрлите вината[39] за смртта на Тој Човек!“

29Петар и другите апостоли му одговорија: „Треба да Му се покоруваме првенствено на Бог, а потоа и на луѓето што ни се претпоставени. 30Вие Го убивте Исус, Го распнавте на крст, но Богот на нашите татковци Го воскресна, 31Го воздигна како наш Водач и Спасител, па го постави на почесното место - од Својата десна страна, за да им даде можност на Израелците да се покајат и Бог да им ги прости гревовите. 32За овие настани сведоци сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им го даде на оние што Му се послушни.“

33Кога членовите на Врховното собрание го слушнаа ова, збеснаа и решија да ги убијат Христовите апостоли! 34Но стана еден фарисеј по име Гамалиел, вероучител почитуван од целиот народ. Им нареди на апостолите да излезат на кратко. 35Потоа му се обрати на собранието: „Луѓе Израелци, размислете добро што ќе сторите со овие луѓе! 36Пред извесно време се беше кренал Тода, Кој за себе тврдеше дека е голем човек. Му се приклучија околу четиристотини луѓе. Тој беше убиен, а сите негови следбеници се распрснаа и исчезнаа. 37По него, за време на пописот[40], се појави галилеецот Јуда и привлече многу народ по себе. И тој загина, па сите негови следбеници се разбегаа. 38И за овој случај ве советувам: Оставете ги овие луѓе, пуштете ги, зашто ако целиот овој покрет и учење се од луѓе - ќе исчезнат, 39но ако се од Бога, не можете да ги уништите. Внимавајте, да не се впуштите во судир со Бог!“
Собранието го прифати неговиот совет. 40Ги викнаа апостолите, ги натепаа и им забранија никогаш повеќе да не зборуваат за Исус. Потоа ги пуштија. 41Апостолите си заминаа од Собранието, радосни што Бог ги удостои да пострадаат поради верност кон името на Исус. 42Потоа, секој ден, во храмот и по куќите*, непрестано го поучуваа народот и проповедаа дека Исус е долгоочекуваниот Месија.“

Глава 6[уреди]


Назначување на седум помошници[уреди]



1Во тоа време, откако бројот на христијаните се зголеми, Елините[41] се побунија против Евреите, зашто нивните вдовици беа занемарувани при секојдневното делење на храна. 2Тогаш дванаесетте апостоли ги свикаа сите христијани* и им рекоа: „Не е добро ние, апостолите, да го запоставуваме проповедањето на Божјата порака и да служиме околу трпезите. 3Затоа, браќа, одберете меѓу себе седуммина чесни мажи, со добар углед, исполнети со Светиот Дух и со мудрост, на кои ќе им го предадеме ова задолжение, 4а ние целосно ќе се посветиме на молитва и на проповедање на Божјата порака.“

5Ова им се допадна на присутните и ги одбраа: Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух, Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, новообратен прозелит од Антиохија. 6Ги доведоа пред апостолите, кои со положени раце над нив се помолија за нив.

7Божјата порака сѐ пошироко се прифаќаше и бројот на христијаните во Ерусалим бргу се зголемуваше, па и голем број еврејски свештеници ја прифаќаа христијанската вера.

Апсењето на Стефан[уреди]



8Бог беше благонаклонет спрема Стефан и Му даде сила, па тој правеше големи чуда и изнесуваше докази меѓу луѓето. 9Но еден ден, неколку припадници на синагогата наречена „Синагога на ослободените“ почнаа да се расправаат со него. Тие беа Евреи од Киринеја, Александрија, Киликија и од областа Азија. 10Не можејќи да им се противстават на мудроста и на Духот со кои Стефан зборуваше, 11тие тајно наговорија неколку луѓе лажно да го обвинат, велејќи: „Го слушнавме како зборува многу навредливи работи против Мојсеј и против Бог!“

12Така успеаја да ги кренат на нозе народот, старешините и вероучителите, кои дојдоа кај Стефан, го фатија и го изведоа пред Врховното Собрание[42]. 13Истапија лажните сведоци и рекоа: „Овој човек не престанува да зборува против овој храм[43] и против Мојсеевиот Закон. 14Сме го слушнале како зборува дека Исус од Назарет ќе го уништи храмот и ќе ги измени обичаите што ни се предадени од Мојсеј.“

15Тогаш сите што седеа во Собранието се загледаа во Стефан, забележувајќи дека лицето му стана како лице на ангел.

Глава 7[уреди]


Говорот на Стефан пред еврејското Собрание[уреди]



1Тогаш првосвештеникот го праша Стефан: „Точни ли се исказите против тебе?“

2Стефан одговори: „Луѓе, браќа и татковци, сослушајте ме. Нашиот славен Бог му се јави на нашиот предок Авраам, додека тој сѐ уште беше во Месопотамија, пред да се насели во Харан[44], 3и му рече: >Напушти ја оваа земја, напушти ги твоите роднини и појди во земјата што Јас ќе ти ја покажам[45].'

4Тогаш Авраам ја напушти земјата на Халдејците и се насели во Харан. По смртта на неговиот татко, се пресели во оваа земја во која сега ние живееме. 5Бог не му даде наследство ниту една педа земја, но, уште пред да има деца, му вети дека на неговите потомци ќе им ја даде во наследство целата земја. 6Му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја, каде што ќе ги претворат во робови и ќе ги измачуваат четиристотини години. 7>Но на народот на кој ќе му робуваат, Јас ќе му судам!' - рече Бог. >Кога ќе излезат оттаму, ослободени, ќе Ми служат на ова место[46].' 8Потоа му го заповеда на Авраам заветот за обрежувањето. Авраам доби син - Исак, и го обрежа кога наполни осум дена. Потоа и Исак доби син - Јаков. Јаков е таткото на дванаесетте родоначалници на еврејскиот народ.

9Синовите на Јаков му љубомореа на својот брат Јосиф, и го продадоа како роб во Египет, но Бог беше со него 10и го избави од сите неволи што го снајдоа. Бог му беше благонаклонет и му даде мудрост, па фараонот, царот на Египет, го постави за управител над целата земја и над целиот свој дом.

11Тогаш Египет и Канаан ги погоди глад, па нашите прадедовци се најдоа на голема мака, не можејќи да набават храна. 12Кога Јаков слушна дека во Египет има жито, ги испрати таму своите синови[47]. Тоа беше нивната прва посета. 13Кога и по вторпат отидоа во Египет, Јосиф им се откри на своите браќа. Така фараонот го запозна неговото семејство. 14Потоа Јосиф испрати да го повикаат неговиот татко Јаков и сите негови роднини, седумдесет и петмина на број. 15Така Јаков се досели во Египет. Таму умреа и тој и нашите прадедовци. 16Подоцна, коските им беа пренесени во Шехем, каде што беа погребани во гробницата што Авраам со сребро ја беше купил од синовите на Хамор.

17Како што се приближуваше времето Бог да го исполни ветувањето што му го даде на Авраам, нашиот народ во Египет се зголемуваше и намножуваше. 18Но со Египет веќе владееше друг цар, кој не знаеше за Јосиф. 19Тој скова заговор против нашиот народ, ги мачеше нашите предци и ги принудуваше да си ги напуштаат новороденчињата, за да не останат живи.

20Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци беше одгледуван во домот на својот татко, 21а потоа мораа да го остават, но го зеде ќерката на фараонот и го одгледа како свој син. 22Така Мојсеј се запозна со целата мудрост на Египќаните и се стекна со големо теоретско и практично знаење.

23Кога наполни четириесет години, му се роди во срцето желба да ги посети своите сонародници, Израелците. 24Во текот на таа посета, виде дека еден Египќанец насилно постапува со еден Евреин. Мојсеј го заштити Евреинот и во одмазда го уби Египќанецот. 25Тој мислеше дека неговите сонародници ќе сфатат оти Бог, преку неговата рака, им праќа ослободување, но тие не сфатија.

26Утредента виде како двајца Израелци се тепаат и се обиде да ги смири, велејќи им: >Луѓе, вие сте припадници на ист народ! Зошто се повредувате еден со друг?'

27Но виновникот за тепачката го турна и му рече: >Кој те поставил тебе да ни бидеш владетел и судија!? 28Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот[48]!?' 29Кога Мојсеј го слушна ова, побегна во Мидијамската земја, каде што живееше како доселеник. Таму му се родија два сина.

30Откако поминаа четириесет години, во пустината, близу до планината Синај, му се појави ангел во пламенот на една запалена грмушка. 31Кога Мојсеј го виде ова, се зачуди и појде таму за да види одблизу. Тогаш го чу гласот Господов кој му рече: 32>Јас сум Богот на твоите татковци: Богот на Авраам, на Исак и на Јаков[49]!' Мојсеј се стресе од страв и не се осмели да погледне.

33Потоа Господ му рече: >Собуј ги сандалите, зашто стоиш на свето место! 34Видов како Мојот народ е измачуван во Египет и стенкањето негово го чув. Еве, доаѓам да го ослободам. Сега, оди во Египет[50], како Мој пратеник!'

35Оној Мојсеј, кого луѓето го отфрлија, велејќи му: >Кој те поставил да ни бидеш владетел и судија!?' - Бог го испрати преку ангелот што му се појави во запалената грмушка, да им биде водач и ослободител. 36Правејќи многу чуда и видливи докази, тој ги изведе од Египет, ги преведе преку Црвеното Море[51] и ги водеше низ пустината цели четириесет години.

37Самиот Мојсеј му рече на Израелскиот народ: >Бог ќе ви издигне Пророк од вашите редови, како што сум јас[52].' 38Тој беше заедно со целиот Божји народ во пустината. Посредуваше меѓу ангелот што му зборуваше на планината Синај и нашите татковци. Притоа, тој прими зборови од животно значење и ни ги пренесе нам.

39Но нашите предци не го послушаа, туку го отфрлија и посакаа да се вратат во Египет, по кој им беа прираснале срцата. 40Му рекоа на Арон: >Направи ни богови што ќе нѐ водат, зашто не знаеме што се случи со Мојсеј, кој нѐ изведе од Египет[53].' 41Така си направија од злато идол во форма на теле и му принесоа жртва, восхитени од својата ракотворба. 42Тогаш Бог им сврте грб и ги остави да им служат на Сонцето, Месечината и ѕвездите[54], како да им се богови, токму онака како што е запишано во книгата на пророците:


>Народе Израелски! Дали Мене 


Ми принесувавте жртви и приноси 


додека патувавте низ пустината, 


цели четириесет години, доме Израелов?



43Не, туку си направивте идоли,

за да им се поклонувате: 


Со себе ги носевте шаторот 


- светилиште посветен на богот Молех и 


ѕвездата на богот Реифан! 


Затоа ќе ве предадам во ропство, 


и ќе ве одведат во далечниот Вавилон[55]!'



44Додека патуваа низ пустината, нашите предци го носеа заветниот шатор[56]. Така им заповеда Бог. Тој му рече на Мојсеј да го направи според моделот што му го беше покажал' 45Многу години подоцна, под водство на Јошуа[57] го донесоа во земјата што ја одзедоа од паганските народи, кои Бог ги истера пред нив. Таму остана сѐ до времето на царот Давид.

46Бог му беше благонаклонет на Давид и затоа Давид се осмели да побара од Бог дозвола да најде место каде што ќе изгради храм во кој Израелците ќе Му служат на својот Бог[58]. 47Сепак, Божјиот храм го изгради Соломон.

48Но Севишниот не живее во градби направени од човечка рака. Како што самиот Бог вели преку пророкот Исаија:



49>Небото Ми е престол,

а Земјата - подножје на Моите нозе. 


Каков дом ќе ми направите вие?' - вели Господ - 


>Какво место ќе ми најдете за Мое живеалиште?



50Зарем не е сѐ со Мојата рака создадено[59]?'

51Вие сте тврдоглав народ! Длабоко во себе вие сте како паганите! Глуви сте за вистината[60]! И вие, како и вашите предци, постојано Му се противите на Светиот Дух. 52Посочете ми еден пророк што не беше прогонуван од вашите предци! Тие ги убија пророците што го претскажаа доаѓањето на Праведникот, на Месијата, а кога Тој дојде, вие се свртевте против Него, Го предадовте и Го убивте. 53Ангели ви го пренесоа Божјиот Закон и пак не го почитувате!“

Каменувањето на Стефан[уреди]



54Кога еврејските верски и национални водачи го слушнаа ова, зовреа од бес и почнаа да крцкаат со забите против Стефан. 55А тој, исполнет со Светиот Дух, и со вперен поглед кон небото каде што ја виде Божјата слава, и Го виде Исус како стои од десната страна на Бог, 56рече: „Погледнете, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бог!“

57Тогаш Евреите си ги затнаа ушите, и со силна викотница се нафрлија врз Стефан. 58Го извлекоа надвор од градот и го каменуваа. Оние што сведочеа против Стефан ги соблекоа своите горни облеки и ги оставија кај едно момче по име Саул[61], да им ги причува.

59Додека го каменуваа, Стефан гласно му се молеше на Бог, велејќи: „Господе Исусе, прими го мојот дух.“ 60Потоа падна на колена и силно извика: „Господе, не земај им го ова за грев!“ Го рече ова и почина.

Глава 8[уреди]


Саул ја прогонува црквата[уреди]



1Саул го одобруваше убиството на Стефан.
Од тој ден почна големо прогонство против Црквата во Ерусалим, па сите христијани, со исклучок на апостолите, се раштркаа по јудејските области и по Самарија.

2Неколку побожни луѓе го погребаа Стефан, оплакувајќи го на сет глас.

3Саул почна да ја уништува Црквата дом по дом. Влегуваше, ги извлекуваше и мажите и жените, и ги испраќаше в затвор.

Радосната вест се проповеда низ Самарија[уреди]



4Христијаните што се раштркаа поради прогонствата, одеа од место во место и ја проповедаа Радосната вест за Христос. 5Филип, на пример, отиде во градот Самарија и на тамошните жители им проповедаше за Христос. 6Сиот народ многу внимателно го слушаше она што Филип им го зборуваше, гледајќи ги чудата што тој ги правеше. 7Многу демонски духови, со силен викот излегуваа од обземените, и многу парализирани и сакати беа исцелени. 8Во градот завладеа голема радост.

9Имаше таму и еден човек по име Симон. Тој порано правеше магии и ги восхитуваше луѓето, тврдејќи за себе дека е голем човек. 10Него го слушаа сите, од мало до големо, велејќи: „Овој човек е сила Божја - >Голема сила'.“ 11Тие го слушаа бидејќи долго време ги восхитуваше со магии и трикови. 12Но кога поверуваа во она што го зборуваше Филип, кој им проповедаше за Божјото царство и за Исус Христос, сите се крштаваа, и мажи и жени. 13Дури и Симон поверува, и се крсти. Му се придружи на Филип и се восхитуваше од чудата и видливите докази што Филип ги правеше.

14Кога слушнаа апостолите во Ерусалим дека народот во Самарија ја прифатил Божјата порака, ги испратија кај нив Петар и Јован. 15Кога пристигнаа тие, се помолија за овие нови христијани да го примат Светиот Дух, 16бидејќи Тој сѐ уште не беше слегол над ниту еден од нив, туку тие само беа крстени во името на Господ Исус. 17Тогаш Петар и Јован се помолија, положувајќи ги рацете врз нив, и тие го примија Светиот Дух.

18Кога Симон виде дека Светиот Дух им беше даден преку ракополагање од страна на апостолите, им понуди пари 19и им рече: „Дајте ми ја и мене оваа моќ, та врз кого ќе положам раце, да го прими Светиот Дух!“

20Но Петар му одговори: „Одете во неврат и ти и твоите пари, штом мислиш дека Божјиот дар може да се купи за пари! 21Нема за тебе место, ти не можеш да учествуваш во оваа работа, зашто се покажа дека твоето срце не е праведно пред Бог! 22Затоа покај се што помисли таква зла работа и помоли Му се на Бог. Можеби ќе ти ја прости оваа нечесна намера, 23зашто гледам дека си полн со горчина и окован во стегите на гревот.“

24Тогаш Симон извика: „Молете Му се на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го спомнавте!“

25Откако Петар и Јован сведочеа и проповедаа за Господ, се вратија во Ерусалим. Патем ја проповедаа Радосната вест по многу села во Самарија низ кои поминуваа.

Филип и евнухот од Етиопија[уреди]



26Потоа ангел Господов му рече на Филип: „Стани и оди на југ, по пустинскиот пат што се спушта од Ерусалим кон Газа!“ 27Филип веднаш замина. По пат сретна еден Етиопјанец, евнух, виден службеник кој раководел со целата ризница во дворецот на етиопската царица Кандакија. Тој бил на поклонение во Ерусалим, 28па сега се враќаше во Етиопија. Седеше во својата кола и ја читаше книгата на пророкот Исаија.

29Светиот Дух му рече на Филип: „Приближи се до колата и придружи му се на Етиопјанецот.“

30Филип го стаса и кога слушна како го чита пророкот Исаија, го праша: „Го разбираш ли ова што го читаш?“ 31<Како би можел да го разберам, ако некој не ми го објасни?“ - одговори Етиопјанецот, па го покани да седне до него. 32Тој го читаше следниов дел од Светото Писмо:


„Беше одведен како овца на клање, 


молчеше како јагне на стрижење. 


Уста не отвори, иако беше



33понижен и лишен од правда, кога му судеа.

Кој ќе ја сфати неговата генерација[62] 


која го лиши од живот на овој свет[63]!?“



34Потоа евнухот го праша Филип: „За кого го кажува ова пророкот: за себе или за некоја друга личност?“ 35Тогаш Филип, почнувајќи од тоа место во Светото Писмо, му проповедаше за Исус.

36Патувајќи така, дојдоа до една вода и евнухот рече: „Еве вода! Што ме спречува да се крстам!?“ 37[64]

38Тогаш евнухот нареди колата да застане, па двајцата слегоа во водата и Филип го крсти. 39Кога излегоа од водата, Духот Господов го грабна Филипа и евнухот веќе не го виде. Потоа радосен си го продолжи својот пат. 40А Филип се појави во градот Азот[65]. Минувајќи низ тие предели, ја проповедаше Радосната вест низ сите градови, сѐ додека не стигна до Цезареа.

Глава 9[уреди]


== Господ го преобраќа Саул - идниот апостол Павле
(Дела Ап. 22:6-16; 26:12-18) ==



1Во меѓувреме Саул, со секој свој здив, претставуваше смртна закана за Господовите следбеници. Толку беше ревносен во неговата решеност да ги истреби, што отиде кај првосвештеникот 2и измоли од него да напише писма до синагогите во Дамаск, во кои првосвештеникот ќе бара од нив да соработуваат со Саул во апсењето на сите следбеници на Патот[66] што ќе ги најде таму. Саул сакаше да ги доведе во Ерусалим сите христијани, и мажи и жени, оковани во синџири.

3Кога се приближи до Дамаск, ненадејно блесна во него силна светлина од небото! 4Тој падна на земјата и слушна глас, како му се обраќа: „Саул, Саул! Зошто Ме прогонуваш?“

5<Кој сте Вие господине?“ - праша Саул.
Господ му одговори: „Јас сум Исус, Кого ти Го прогонуваш! 6Стани и влези во градот; таму ќе ти биде кажано што треба да правиш!“

7Луѓето што патуваа со него стоеја занемени, зашто слушнаа глас, а не видоа никого. 8Саул стана од земјата, ги отвори очите, но ништо не гледаше. Водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. 9Три дена не можеше да гледа, и ниту јадеше, ниту пиеше.

10А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“

11Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена >Права', во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Саул. Ќе го најдеш како се моли. 12Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“

13Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим! 14Тој има овластување дадено од првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“

15Но Господ му рече: „Оди храбро,зашто Јас сум го избрал Саул да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците. 16А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“

17Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Саул и рече: „Брате Сауле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ 18Од очите на Саул веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен.

Саул проповеда во Дамаск[уреди]



19Откако се најаде, му се врати силата. Саул остана неколку дена со христијаните во Дамаск. 20Веднаш почна во синагогите да проповеда дека Исус е Божјиот Син.

21Сите што го слушаа беа вчудовидени и велеа: „Не ли е овој истиот човек што во Ерусалим ги убиваше следбениците на Исус? Зар не дојде и овде со истата цел: да ги уапси Исусовите следбеници и во пранги да ги одведе кај првосвештениците?“

22Но Саул толку уверливо докажуваше дека Исус е Месијата, што Евреите кои беа во Дамаск беа целосно збунети и не можеа да му се противстават.

23После долго време, Евреите сковаа заговор да го убијат, 24но на Саул му беше јавено дека Евреите стражараат покрај градските порти и дење и ноќе, за да го фатат и да го убијат. 25Затоа христијаните во текот на ноќта го префрлија преку ѕидините, спуштајќи го во кош[67].

Саул проповеда во Ерусалим[уреди]



26Од Дамаск, Саул отпатува за Ерусалим, каде што се обиде да се поврзе со тамошните христијани, но тие се плашеа од него и не веруваа дека и тој навистина станал христијанин. 27Тогаш Барнаба го доведе кај апостолите и им раскажа како Саул на патот се сретнал со Господ и зборувал со Него, па како во Дамаск смело проповедал за Исус. 28Тогаш апостолите го прифатија. Саул остана извесно време со нив, движејќи се во Ерусалим и околината, смело проповедајќи за Господ. 29Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат. 30Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареа, и оттаму го испратија за Тарс.

31Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше.

Делата на Петар во градовите Лида и Јопа[уреди]



32Посетувајќи ги христијаните, апостолот Павле патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида. 33Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран. 34Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и направи си ја постелата!“ И тој веднаш стана! 35Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.

36А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита[68], што во превод значи >Срна'. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина. 37Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат. 38Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа, разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив.

39Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива.

40Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна. 41Тој ѝ подаде рака, и ѝ помогна да стане. Потоа ги викна христијаните и вдовиците и им ја покажа жива.

42Тоа се расчу низ целиот град Јопа, и многумина поверуваа во Господ. 43А Петар остана подолго време во Јопа. Живееше кај еден човек по име Симон, кој беше кожар.

Глава 10[уреди]


Крштевање на римскиот офицер Корнелие[уреди]

1Во градот Цезареа имаше еден римски офицер по име Корнелие. Тој беше командир[69] на Италијанскиот полк. 2Беше побожен човек и имаше страхопочит спрема Бог, заедно со сите што живееја во неговиот дом[70]. Делеше многу милостина и постојано Му се молеше на Бог. 3Еден ден, околу три часот попладне имаше видение: еден Божји ангел, дојде кај него и му рече: „Корнелие!“

4Ѕурејќи исплашено во него, Корнелие одговори: „Молам, господине?“.
Ангелот му рече: „Бог ги слушна твоите молитви, а и милостината што ја даваш, не остана незабележана. 5Испрати сега неколку луѓе во Јопа да го доведат човекот по име Симон, кого уште го викаат и Петар! 6Тој престојува кај кожарот Симон, чија куќа е покрај морето.“

7Кажувајќи му го ова, ангелот си замина. Корнелие викна двајца слуги и еден од своите потчинети војници, кој исто така беше побожен човек. 8Им објасни што се случи, и ги испрати во Јопа.

Петар доаѓа кај Корнелиус[уреди]



9Утредента, околу пладне, додека гласниците на Корнелие патуваа и се приближуваа накај градот, Петар се качи на рамниот покрив[71] за да се моли. 10Кога огладне, посака нешто да јаде. Додека му го подготвуваа јадењето, тој падна во занес[72] 11и виде како се отвора небото, и како кон земјата се спушта нешто како големо, ленено платно, врзано на четирите ќошиња, 12а во него имаше секаков вид четириножни животни, лазачи и птици. 13Тогаш слушна глас: „Петре! Стани, коли и јади!“

14<Никако Господи! Јас никогаш досега не сум јадел нешто што е забрането да се јаде според еврејските закони[73] !“ - одговори Петар.

15Гласот уште еднаш му се јави: „Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го очистил[74]!“

16Ова се повтори трипати, а потоа платното беше кренато на небото.

17Петар беше збунет и се прашуваше што може да значи ова видение. Тогаш ги виде луѓето испратени од Корнелие, кои прашувајќи, дојдоа до куќата на Симон и стоеја пред портата, 18прашувајќи дали тука престојува Симон, наречен Петар.

19Додека Петар уште размислуваше за видението што го имаше, Светиот Дух му рече: „Те бараат тројца мажи. 20Стани и појди со нив, без да се двоумиш, зашто Јас ги испратив.“

21Петар слезе кај луѓето и им рече: „Јас сум човекот што го барате. За што сте дојдени?“

22Тие му одговорија: „Нѐ испрати офицерот Корнелие. Тој е праведен човек и има страхопочит спрема Бог. За него сите Евреи имаат добро мислење. Тој доби наредба од светиот ангел да те повика во својот дом и да слушне од тебе што имаш да му кажеш.“ 23Потоа Петар ги покани да влезат и ги прими како гости. Утредента, замина со нив, во придружба на неколку христијани од Јопа.

24Следниот ден, стигнаа во Цезареа. Таму го чекаше Корнелие, кој ги беше викнал своите роднини и блиски пријатели. 25Кога Петар влегуваше, Корнелие падна пред него, искажувајќи му така длабока почит. 26Петар го крена и му рече: „Стани! И јас сум само човек, како што си и ти.“ 27Корнелие стана, а Петар почна да му зборува. Кога влегоа внатре Петар виде голем број собрани луѓе.

28Тогаш Петар им рече: „Вие знаете дека е спротивно на еврејските закони да се дружам со неевреи и да доаѓам кај нив. Но Бог ми покажа дека никого не треба да го сметам за гнасен и нечист. 29Затоа, без да се противам, се одѕвав на вашата покана. А сега да ве прашам: Зошто ме повикавте?“

30Корнелие му одговори: „Пред четири дена, во три часот попладне, се молев во својата куќа, кога одненадеж пред мене застана еден човек во блескава облека, 31и ми рече: >Корнелие, Бог ги услиши твоите молитви и си спомна за твојата дарежливост спрема сиромашните. 32Испрати гласници во Јопа да го повикаат човекот што го викаат Петар, кој престојува во куќата на кожарот Симон, близу до морскиот брег!' 33Затоа веднаш испратив по тебе и ти добро направи што дојде. Еве нѐ сега сите нас, собрани овде пред Бог, за да слушнеме што сѐ ти е доверено од Господ.“

Петровата проповед во домот на Корнелие[уреди]



34Тогаш Петар почна да зборува: „Сега сфаќам дека Бог навистина не е пристрасен кон никого, 35туку го прифаќа секој што има страхопочит спрема Него и праведно постапува, без разлика на кој народ му припаѓа. 36Вие ја знаете пораката што им ја упати на Израелците, нудејќи им Радосна вест за помирување преку Исус Христос, Кој е Господ на сите. 37Знаете што сѐ се случуваше во Јудеја, почнувајќи од Галилеја, откако Јован Крстител почна да проповеда дека секој треба да се крсти. 38Потоа Бог Го помаза Исус од Назарет со Светиот Дух и Му даде сила. Исус цел живот правеше добрини и ги исцелуваше сите што беа угнетени од ѓаволот, зашто Бог беше со Него. 39А ние, апостолите, сме сведоци за сѐ што Тој направи во земјата на Евреите и во Ерусалим. Него Го убија, Го распнаа на крст. 40Но на третиот ден, Бог Го воскресна, Му овозможи да се појави, 41не на сите луѓе, туку само на сведоците што Бог ги беше одбрал од порано, односно нам што јадевме и пиевме со Него откако Тој воскресна од мртвите. 42Тој ни заповеда да им проповедаме и да ги уверуваме луѓето дека Исус е Судијата назначен од Бог, и Тој ќе им суди и на живите, и на мртвите. 43Сите пророци зборуваа за Исус и навестија дека на сите што веруваат во Него им се простуваат гревовите преку вера во Неговото име.“

Примањето на Светиот Дух и крштавањето на првите неевреи[уреди]



44Додека Петар зборуваше, Светиот Дух слезе врз сите што ја слушаа пораката. 45Христијаните од еврејско потекло кои го придружуваа Петар, се изненадија кога видоа дека Светиот Дух и духовните дарови им беа дадени и на луѓе што не се Евреи. 46Тука, пред нивни очи, ги слушаа како зборуваат на туѓи јазици и Го прославуваат Бога.
Тогаш Петар рече. 47<Може ли некој да не им дозволи на овие луѓе да се крстат во вода, кога тие Го примија Светиот Дух исто како и ние!?“ 48Така Петар им заповеда да бидат крстени во името на Исус Христос. Потоа тие го замолија да остане кај нив уште неколку дена.

Глава 11[уреди]


Петар ги урива еврејските предрасуди[уреди]



1Апостолите и другите христијани во Јудеја разбраа дека и неевреите ја прифатиле Божјата порака. 2Кога Петар се врати горе, во Ерусалим, некои од Евреите - христијани[75] почнаа да му приговараат: 3велејќи му: „Си влегол во куќа полна со необрежани луѓе и си јадел со нив!“

4Тогаш Петар почна да им објаснува што се случи, и им рече: 5<Бев во градот Јопа. Додека се молев, паднав во занес и имав видение: нешто како големо ленено платно врзано за ќошињата се спушти од небото и дојде до мене. 6Погледнав во платното и видов разни видови четириножни животни, ѕверови, лазачи и птици. 7Потоа слушнав глас: >Петар! Стани, коли и јади!'

8Јас одговорив: >Никако Господи, зашто она што е забрането да се јаде според еврејските закони[76] никогаш не влегло во мојата уста!'

9Гласот од небото по вторпат ми проговори: >Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го очистил!' 10Тоа се случи трипати и потоа платното со животните се врати на небото.

11Веднаш потоа, пред куќата во која престојував, се појавија тројца мажи од Цезареа. Тие беа испратени по мене. 12Светиот Дух ми рече да одам со нив, без да се двоумам. Со мене појдоа и шестмина христијани. Заедно отидовме во домот на човекот што ме повика. 13Тој ни раскажа како во својот дом видел ангел, кој му рекол: >Испрати луѓе во Јопа и викни го Симон, кого уште го викаат Петар. 14Тој ќе ти каже како да се спасите ти и сите што живеат во твојот дом.'

15Тукушто почнав да зборувам, Светиот Дух слезе врз нив, исто како што слезе и врз нас на почетокот. 16Тогаш се сетив на она што Господ ни го рече: >Јован крштаваше со[77] вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.' 17Ако Бог, им го даде истиот дар како и нам, кога и тие поверуваа во Исус Христос, кој сум јас да Му се противставувам на Бог!?“

18Кога го слушнаа ова, престанаа да негодуваат и Го прославија Бога, велејќи: „Значи и на неевреите Бог им даде можност да се покаат и да добијат вечен живот!“

== Зачетоци на Црква во сириска Антиохија
Воведување на името >христијани' ==



19Во меѓувреме, христијаните што се беа распрснале поради прогонствата што настапија по убиството на Стефан, и беа стигнале до Феникија, Кипар и Антиохија, не им ја проповедаа Радосната вест на другите народи, туку само на Евреите. 20Имаше само неколкумина од Кипар и Кирена, кои, откако стигнаа во Антиохија, и им проповедаа и на Грците[78] дека Исус е Господ. 21Силата Господова беше со нив и голем број поверуваа и се обратија кон Господ.

22Кога за ова слушнаа луѓето од ерусалимската црква, го испратија Барнаба во Антиохија. 23Тој дојде и, восхитен од Божјата благонаклоност се радуваше и ги охрабруваше сите да Му останат верни и посветени на Господ. 24Барнаба беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со силна вера. Тогаш голем број луѓе се приклонија кон Господ.

25Потоа Барнаба замина за Тарс да го бара Саул, 26па кога го најде, го доведе во Антиохија. Цела една година останаа таму. Се собираа во црквата и поучуваа многу народ. Токму во Антиохија следбениците[79] на Христос за прв пат ги нарекоа христијани.

27Во тоа време од Ерусалим во Антиохија дојдоа неколку пророци. 28Еден од нив по име Агав претскажа преку Светиот Дух дека по целото римско царство ќе настапи голем глад. Тоа навистина и се случи во времето на Клаудие. 29Тогаш христијаните во Антиохија решија секој, според своите можности, да им испрати помош на христијаните во Јудеја. 30Така и направија, испраќајќи ја помошта до тамошните старешини, преку Барнаба и Саул.

Глава 12[уреди]


Убиството на Јаков и апсењето на Петар[уреди]



1Во тоа време, царот Ирод Агрипа[80] им зададе многу маки на неколку припадници на Црквата. 2Со меч го погуби апостолот Јаков, братот на Јован. 3Кога виде дека со тоа им угодува на Еврејските челници, го уапси и Петар, и тоа за време на празникот Бесквасници[81]. 4Го фати Петра, го затвори и нареди четири групи од по четири војници да го чуваат, а по Пасхата да го изведе на јавно судење пред народот. 5Додека Петар беше в затвор, целата Црква усрдно Му се молеше на Бог за него.

Петар на чудотворен начин излегува од затворот[уреди]



6Ноќта, пред Ирод да го изведе на суд, Петар спиеше меѓу двајца војници, врзан со два синџира, а пред вратата на затворот стоеше стража. 7Одеднаш, ангел Господов му пријде и светлина болсна во ќелијата. Го потчукна по рамото и го разбуди, велејќи му: „Станувај брзо!“ Тогаш ланците паднаа од неговите раце, 8а ангелот му рече: „Препашај се и обуј си ги сандалите!“ Петар го послуша. Потоа му рече: „Облечи си ја наметката и врви по мене!“

9Така Петар излезе од затворот, следејќи го ангелот, и не беше свесен дека тоа што се случува е на јаве, туку мислеше дека сонува. 10Ја поминаа првата стража, ја поминаа и втората стража, дојдоа пред железната градска порта и таа сама им се отвори, па излегоа и тргнаа по една улица. Тогаш ангелот исчезна.

11А кога Петар, дојде на себеси, рече: „Сега се уверив дека Господ навистина испрати Свој ангел да ме избави од Ирод и од она што сакаа да ми го сторат Евреите!“

12Потоа Петар се упати кон куќата на Марија, мајката на Јован, со прекар Марко. Таму имаше многу христијани собрани на молитва. 13Чукна на портата. Дојде слугинката по име Рода 14и кога му го позна гласот, од радост не му отвори, туку втрча во куќата и им кажа дека Петар стои пред портата.

15<Ти не си при себе!“ - ѝ рекоа луѓето, но таа упорно тврдеше дека ја зборува вистината. „Тоа мора да е неговиот ангел!“ - велеа тие.

16Петар продолжуваше да чука и кога конечно му отворија и го видоа, се стаписаа! 17Им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот, па додаде: „Јавете му за ова на Јаков и на другите браќа - христијани.“ Потоа Петар си замина и отиде на друго место.

18Кога се раздени, настана паника меѓу војниците. Не знаеја што се случило со Петар! 19Ирод испрати потера, но не го најде. Ги испрашуваше и стражарите, но безуспешно, па нареди да ги погубат.
Потоа Ирод ја напушти Јудеја и времено се пресели во Цезареа.

Смртта на Ирод Агрипа[уреди]



20Ирод беше во многу лоши односи со граѓаните на Тир и Сидон. Тие се здружија, испратија кај него делегација. Го поткупија Бласт, кој му беше собар, и побараа да склучат мир, бидејќи нивната земја добиваше храна од земјата на царот Ирод.

21На договорениот ден, Ирод се облече во царска облека, седна на престолот, и му одржа говор на насобраниот народ. 22Народот одушевено викаше: „Ова е глас на бог, а не на човек!“

23Во истиот миг ангел Господов го удри со болест, зашто не Му оддаде слава на Бог. Во неговото тело се развија црви од што тој набргу умре.

24А Божјата порака сѐ пошироко се проповедаше и бројот на христијаните растеше.

25Откако ја завршија мисијата во Ерусалим, Барнаба и Саул се вратија во Антиохија. Со себе го зедоа Јован, со прекар Марко.

Глава 13[уреди]


ПРВОТО МИСОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ НА ПАВЛЕ[уреди]



1Меѓу пророците и учителите во антиохиската[82] црква беа и Барнаба, Симеон наречен >Црни'[83], Луцие од Кирена, Менахем, кој беше израснал со царот[84] Ирод, и Саул. 2Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одвојте ми ги Барнаба и Саул за една посебна задача што сакам да им ја доверам!“ 3Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија.

1) Мисија во Кипар[уреди]



4Саул и Барнаба, испратени од Светиот Дух, слегоа во пристаништето Селеукија, а оттаму отпловија за островот Кипар. 5Таму, во градот Саламис[85], одеа по еврејските синагоги и ја проповедаа Божјата порака. Со нив, како помошник, беше и Јован, со прекар Марко.

6Го поминаа целиот остров, сѐ до гратчето Пафос. Таму сретнаа еден човек по име Бар-Исус[86]. Тој се бавеше со магии и лажно им се претставуваше на Евреите како Божји пророк. 7Од друга страна, тој му беше пријател на Сергие Павле, управник на островот. Управникот беше разумен човек, па ги покани Барнаба и Саул, сакајќи од нив да ја слушне Божјата порака. 8Маѓесникот Елимас (така го викаа на грчки), им се спротивстави, настојувајќи да го спречи управникот да стане христијанин. 9Тогаш Саул, познат и како Павле, се исполни со Светиот Дух, го погледна маѓесникот в очи 10и му рече: „Човеку, ти си полн со измами и лукавствства! \аволски син си, непријател на сѐ што е праведно! Нема ли да престанеш да лажеш и да тврдиш дека твоите лаги се вистинските патишта Господови!? 11Еве, сега раката Господова ќе те казни: ќе ослепиш и извесно време нема да гледаш!“
Маѓесникот веднаш ослепе и талкаше наоколку, молејќи се некој да го фати за рака и да го води. 12Кога управникот виде што се случи, поверува, а она што го научи за Господ му остави силен впечаток.

2) Апостолот Павле проповеда во писидиска Антиохија[уреди]



13Потоа Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа во пристаништето Перга, во областа Памфилија[87]. Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим. 14Барнаба и Павле заминаа од Перга и дојдоа во Антиохија[88], град во областа Писидија.
Во еден саботен ден влегоа во една синагога и седнаа. 15Откако заврши вообичаеното читање од Мојсеевите книги и од книгите на Пророците, водачите на синагогата ги поканија: „Браќа, ако имате некаква порака за народот, излезете и зборувајте!“

16Тогаш Павле стана, ја подигна раката за да престанат да зборуваат, па рече:
<Луѓе, Израелци и сите вие што имате страхопочит спрема Бог, слушнете! 17Израелскиот Бог, ги одбра нашите предци и го издигна нашиот народ во времето кога беше во Египет, и победоносно го изведе оттаму. 18Речиси четириесет години се грижеше[89] за нив во пустината. 19Уништи седум народи во Канаанската земја и нивната земја им ја даде на Израелците. 20Тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа со Израелците управуваа судии, сѐ до времето на пророкот Самоил. 21Тогаш народот побара од Бог да им постави цар и Бог им го посочи Саул, синот на Киш, од племето Бинјамин. Тој владееше четириесет години. 22Потоа Бог го отстрани Саул и го издигна за цар Давид, за кого со благонаклоност рече: >Давид, синот на Јишај, е човек по мерак на Моето срце. Тој ќе исполни сѐ што ќе побарам од него[90]!'

23Исполнувајќи го Своето ветување, Бог му подигна Спасител на израелскиот народ. Тоа е Исус. 24Пред да се појави Исус, Јован Крстител на Израелците им проповедаше да се вратат кон Бог и да се крстат. 25Кога Јован ја завршуваше својата мисија им рече на луѓето: >Немојте да мислите дека јас сум Месијата, зашто не сум! Но Тој доаѓа веднаш по мене, и јас не сум достоен ни сандалите на нозете да Му ги одврзам[91]!'

26Луѓе, браќа, потомци на Авраам и сите вие што имаат страхопочит спрема Бог, оваа порака за спасение е испратена до сите нас! 27Жителите на Ерусалим и нивните водачи не сфатија Кој е Исус, иако секоја сабота читаат од книгите на Пророците. Осудувајќи Го на смрт, тие го исполнија она што го претскажаа пророците. 28Иако не му најдоа никаква вина за да Го осудат на смрт, тие инсистираа кај Пилат Исус да биде погубен.

29Откако преку нив се исполнија сите пророштва поврзани со смртта на Месијата, тие Го симнаа од крстот и Го положија во гробница. 30Но Бог Го воскресна од мртвите! 31Потоа, со денови им се појавуваше на оние што дојдоа со Него од Галилеја во Ерусалим. Сега тие се Негови сведоци пред Израелскиот народ.

32Барнаба и јас сме сега дојдени да ви пренесеме Радосна вест: Ветувањето што Бог им го беше дал на нашите предци 33го исполни пред нас, нивните деца, кога Го воскресна Исуса! Имено, во вториот псалм Бог вели во врска со Исус:


>Ти си Мојот Син, 


денес станав Твој Татко[92].'



34Понатаму, Бог вети дека ќе Го воскресне Исуса од мртвите и дека никогаш повеќе нема да умре. Тоа е запишано со следниве зборови:


>Тебе ќе ти го дадам 


Светиот благослов што му го ветив на Давид[93].'



35Во еден друг псалм, појаснува:


>Ти нема да дозволиш 


Твојот Светец да скапува во гробот[94].'



36Ова ветување не се однесуваше на Давид, зашто Тој, откако ја изврши Божјата мисија меѓу своите современици, почина и беше прибран кај своите предци, а неговото тело се распадна. 37Ова се однесуваше на некој друг, на Оној Кого Бог Го воскресна, на Исус. Тој не остана во гробот, Неговото тело не се распадна.

38Затоа браќа мои, Радосната вест гласи дека само преку Исус може да ви се простат гревовите! Тој може да го стори она што не е можно да се постигне со придржување кон Мојсеевиот закон. 39На секој што верува во Него, ќе му се прости вината, ќе биде оправдан пред Бог! Ова е нешто што не можеше да се добие преку придржување кон Мојсеевиот Закон. 40Затоа внимавајте да не ве снајде она што е претскажано од пророците:



41>Гледајте, вие подбивачи!

Стаписајте се и изгинете, 


зашто она што го правам во вашите дни, 


немаше да го верувате 


ако некој ви го раскажуваше[95]!'“



42На излегување, луѓето ги молеа и идната сабота да им проповедаат за ова. 43Кога се разотидоа, многу Евреи и прозелити тргнаа по Павле и Барнаба, кои им зборуваа и ги охрабруваа да Му останат верни на Бог, чија благонаклоност се излеа над нив.

Павле се свртува кон неевреите[уреди]



44Следната сабота речиси целиот град се собра да ја слуша пораката Господова. 45Кога еврејските челници видоа колку многу народ се насобра, се исполнија со завист. Почнаа да го навредуваат Павле и да му се противат на сѐ што ќе речеше.

46Но Павле и Барнаба, решително и смело им рекоа: „Нормално беше Божјото слово да ви се проповеда прво на вас, Евреите. Но вие го одбивате, и покажувате дека не сте достојни за вечен живот; затоа сега ние се свртуваме кон другите народи. 47Самиот Господ вака ни нареди:


>Ве поставувам да им бидете светлина на нееврејските народи, 


да го однесете спасението, до краевите на земјата[96]!'“



48Слушајќи го ова, луѓето од нееврејско потекло се радуваа и Му благодареа на Господ за она што го слушаа. Тогаш сите што беа предодредени за вечен живот, поверуваа. 49Така пораката Господова се ширеше низ целата област.

50Тогаш еврејските челници ги подбуцнаа поистакнатите религиозни жени и градските водачи, кои се кренаа против Павле и Барнаба и ги истераа од нивната област. 51Павле и Барнаба ја истресоа правта од стапалата[97] и отидоа во градот Иконија, 52а христијаните беа полни со радост и со Светиот Дух.

Глава 14[уреди]


3) Павле и Барнаба проповедаат во Иконија[уреди]



1Павле и Бранаба влегоа заедно во синагогата во градот Иконија и проповедаа со таква сила, што голем број и Евреи и неевреи ја прифатија христијанската вера. 2Но оние Евреи што не поверуваа, ги подбуцнуваа луѓето од другите народи да не ги слушаат Павла и Барнаба. 3И покрај тоа, апостолите долго време останаа таму и смело зборуваа за Господ, а Господ им даваше сила да прават чуда и видливи докази, поткрепувајќи ја така веродостојноста на Пораката за Неговата огромна благонаклоност. 4Народот во градот беше поделен. Едни беа со Евреите - противници, а други со апостолите.

5Кога работата дојде до таму, што противниците од Евреите и од другите народи, предводени од своите водачи, решија да ги нападнат и да ги каменуваат, 6апостолите избегаа кон областа Ликаонија, накај градовите Листра, Дерба и околните села. 7Таму продолжија да ја проповедаат Радосната вест.

4) Павле и Барнаба во Листра: од обожавање до каменување![уреди]



8Во градот Листра имаше еден човек со заболени нозе. Беше сакат во нозете уште од раѓање, постојано седеше и никогаш не беше проодел. 9Додека апостолот Павле проповедаше, тој човек слушаше. Павле го забележа и кога виде дека во него има вера за да биде исцелен, 10гласно му рече: „Стани, исправи се на своите нозе!“ Човекот скокна и прооде!

11Кога луѓето видоа што направи Павле, почнаа силно да извикуваат, на ликаонски говор: „Боговите зеле човечки тела и слегле кај нас!“ 12Почнаа Барнаба да го викааат Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. 13Свештеникот во храмот на Зевс, кој се наоѓаше пред градот, доведе бикови, донесе венци од цвеќиња пред градските портите и заедно со целиот народ сакаше да им принесе жртви на апостолите.

14Кога слушнаа за ова апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа[98] своите наметки и потрчаа накај народот, викајќи: 15<Луѓе, што правите!? И ние сме обични луѓе, како вас! Сакаме да ви објавиме Радосна вест: оставете ги овие безвредни обреди и свртете се кон Живиот Бог! Тој ги создаде небото и Земјата, морето и сѐ што е во нив! 16Во минатото, Тој им дозволи на сите народи да одат по сопствените патишта. 17Сепак никогаш не ги остави без сведоштво за себеси, правејќи за нив добродетелства, давајќи им дожд и плодни годишни времиња, давајќи им храна и исполнувајќи ги нивните срца со радост.“ 18Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.

19Тогаш од Антиохија и од Иконија пристигнаа неколку Евреи, кои го подбуцнаа народот, да го каменуваат Павла. Потоа го исфрлија надвор од градот, сметајќи го за мртов. 20Но кога тамошните христијани се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утредента Павле и Барнаба заминаа за Дерба.

Довршување на првото мисионерско патување: Павле и Барнаба се враќаат во сириска Антиохија[уреди]



21Откако во тој град ја проповедаа Радосната вест и придобија многу следбеници, апостолите Павле и Барнаба се вратија најпрвин во Листра, а потоа и во Иконија и писидиска Антиохија[99], 22за да ги охрабрат христовите следбеници, давајќи им поттик да истраат во верата, учејќи ги дека пред да стасаме во Божјото царство ќе треба да минеме низ многу неволи. 23Во секоја црква поставија старешини, откако постеа и се молеа, а потоа ги предадоа во рацете на Господ, во Кого поверуваа, Тој да се грижи за нив.

24Потоа преку Писидија, се вратија во областа Памфилија. 25Уште еднаш проповедаа во Перга, а оттаму заминаа за Аталија 26откаде со брод се вратија во сириска Антиохија[100], град од којшто и го започнаа првото мисионерско патување, со доверба дека Божјата благонаклоност ќе ги води во извршувањето на работата. Таа задача сега беше успешно завршена.

27Кога пристигнаа во Антиохија, ја собраа целата црква, им раскажаа за сѐ што Бог направи преку нив, и како и на нееврејските народи им ја отвори вратата на верата. 28Тука останаа подолго време со тамошните христијани.

Глава 15[уреди]


Расправија во Антиохија околу обрежувањето[уреди]



1Во времето додека Павле и Барнаба беа во сириска Антиохија, имаше неколку луѓе дојдени од Јудеја што им говореа на новообратените христијани од нееврејско потекло, дека ако не се обрежани според обичајот оставен од Мојсеј, не можат да бидат спасени. 2Павле и Барнаба не се согласија со ова, па дојде до голема расправија. Затоа се договорија, Павле, Барнаба и неколкумина од нив да појдат кај апостолите и старешините во Ерусалим и да се посоветуваат во врска со ова прашање. 3Така испратени на пат од црквата минуваа низ Феникија и Самарија, и патем застануваа да ги посетат христијаните. Во текот на тие посети подробно им раскажуваа како и луѓе што не се Евреи, се обраќаат кон Бог. Со тоа многу ги израдуваа тамошните христијани.

Апостолскиот Собор во Ерусалим[уреди]



4Кога Павле и Барнаба стигнаа во Ерусалим, беа примени од тамошната црква, од апостолите и старешините. Им раскажаа за сѐ што Бог направи преку нив. 5Но станаа неколкумина што порано биле фарисеи, а сега беа христијани, па рекоа дека е неопходно сите новообратени што не се Евреи да се обрежат и да им се нареди да го спроведуваат Мојсеевиот Закон.

6Апостолите и старешините се собраа, за да го разгледаат ова прашање. 7По една долга расправа, стана Петар и им рече: „Луѓе, браќа, вие знаете дека уште од првите денови Бог избра другите народи токму од мојата уста да ја слушнат Радосната вест и да поверуваат. 8Бог, Кој ги познава човечките срца, потврди дека ги прифаќа и неевреите со тоа што им го даде Светиот Дух, како и нам. 9Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив. Ги очисти и нивните срца преку вера. 10Зошто сега вие не го прифаќате начинот што Бог го одбра и врз вратовите на нееврејските христијани ставате јарем, кој ниту нашите предци, ниту ние не можевме да го носиме? 11Ние веруваме дека спасението и за нас и за нив е преку дарежливата благонаклоност на Господ Исус.“

12Тогаш сите што беа собрани замолкнаа и ги слушаа Барнаба и Павле како раскажуваат за многубројните видливи докази и чуда што Бог ги направи преку нив меѓу нееврејските народи.

13После нив проговори Јаков: „Луѓе, браќа, слушнете што ќе ви кажам! 14Симон Петар ви објасни како Самиот Бог најнапред се погрижи да придобие Свои луѓе и од другите, нееврејски народи. 15Тоа е во согласност со претскажувањата на пророците, кои ги запишале Божјите зборови:



16>Подоцна ќе се вратам

и ќе го обновам паднатиот шатор[101] на Давид, 


урнатините ќе ги поправам 


и повторно ќе ги кренам,



17така што остатокот од човештвото, меѓу кои се

и сите нееврејски народи 


кои Јас сум ги повикал да бидат Мои, 


ќе можаат да Го најдат Господа.'- 


Вака рече Господ,



18Кој уште пред векови

ни ги објави овие нешта[102].



19Затоа јас сметам дека не треба да им отежнуваме на луѓето од нееврејско потекло кои решиле да се свртат кон Бог. 20Да им напишеме само да не јадат месо што е принесено како жртва на идоли, да се пазат од блуд, да не јадат удавени животни и да не консумираат крв. 21Зашто овие закони од Мојсеј, се проповедаат секоја сабота по еврејските синагоги во сите градови.“

Писмо до христијаните од нееврејските народи[уреди]



22Тогаш апостолите, старешините и целата црква во Ерусалим решија да изберат луѓе и да ги испратат во сириска Антиохија, заедно со Павле и Барнаба за да им ја пренесат оваа одлука. Одбраа двајца од водачите на црквата: Јуда, наречен Барсаба, и Сила. 23Ним им го предадоа следното писмо:
<Од апостолите и старешините, ваши браќа од Ерусалим,
до христијаните од нееврејско потекло во Антиохија, Сирија и Киликија.
Поздрави до вас!

24Слушнавме дека кај вас дошле луѓе од овде и без да добијат од нас никакви упатства, ви издавале разни заповеди, со што многу ве вознемириле. 25Затоа, откако постигнавме согласност по ова прашање, избравме луѓе што ќе ги испратиме кај вас, заедно со нашите сакани Барнаба и Павле, 26луѓе што Му ги посветиле своите животи на нашиот Господ Исус Христос.

27Ги испраќаме Јуда и Сила, кои и усмено ќе ви го објаснат ова што ви го пишуваме. 28Светиот Дух и ние решивме да не ве оптоваруваме со други бремиња, освен со овие неколку нешта, што се неопходни: 29да не јадете месо што е принесено како жртва на идоли, да не консумирате крв, да не јадете задавени животни и да се пазите од блуд. Доволно е да се придржувате до овие упатства.
Бидете поздравени!“

30Така четворицата испратени заминаа за сириска Антиохија. Таму свикаа собрание на сите христијани и им го предадоа писмото. 31Луѓето го прочитаа и многу ѝ се израдуваа на неговата содржина.

32А Јуда и Сила, обајцата Божји пророци, долго им зборуваа на христијаните, охрабрувајќи ги и зајакнувајќи им ја верата. 33Поминаа со нив извесно време, а потоа со благослов од христијаните се вратија во Ерусалим кај оние што ги испратија. 34[103] 35Павле и Барнаба останаа во Антиохија, каде што заедно со многу други луѓе поучуваа и ја проповедаа пораката од Господ.

Павле и Барнаба се разделуваат[уреди]



36По извесно време Павле му рече на Барнаба: „Ајде да се вратиме и повторно да ги посетиме христијаните по сите градови каде што ја проповедавме пораката од Господ, за да видиме како се.“ 37Барнаба се согласи, но продолжи да го поведат со себе и Јован, со прекар Марко. 38Меѓутоа, Павле сметаше дека не треба да водат со себе, човек што веќе еднаш ги остави во Памфилија и се повлече од работата. 39Несогласувањето беше толку остро што тие се разделија. Барнаба, го зеде со себе Марко и тие отпловија за Кипар. 40Павле пак, го зеде со себе Сила, и заедно тргнаа на пат, откако верните се помолија Господ да им биде благонаклонет. 41Така тие пропатуваа низ Сирија и Киликија, и по сите цркви ги охрабруваа христијаните.

Глава 16[уреди]


ВТОРОТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ НА АПОСТОЛОТ ПАВЛЕ[уреди]



1Павле и Сила пристигнаа прво во Дерба, а оттаму и во Листра. Таму имаше еден млад Христов следбеник по име Тимотеј. Неговата мајка веруваше во Господ. Таа беше Еврејка, а татко му беше Грк. 2Тимотеј уживаше голем углед меѓу верниците во Листра и Иконија. 3Павле реши да го поведе со себе. Заради Евреите што живееја во тој град, уреди Тимотеј да биде обрежан пред да тргнат на пат, зашто сите знаеја дека неговиот татко беше Грк. 4Како што одеа од град во град, им ги пренесуваа на христијаните уредбите до кои треба да се придржуваат според решението на апостолите и старешините во Ерусалим. 5Така црквите стануваа сѐ посилни во верата, а и нивниот бројот секојдневно се зголемуваше.

Павле добива повик од Македонија[уреди]



6Тие патуваа низ областите Фригија и Галатија, бидејќи Светиот Дух не им дозволуваше да одат и да проповедаат во областа Азија[104]. 7Пристигнаа до границите на областа Мизија и сакаа да се упатат накај областа Битинија[105], но Духот на Исус не им дозволи. 8Минувајќи низ Мизија, слегоа до градот Троада.

9Во текот на ноќта, Павле имаше видение: Еден Македонец, стоеше пред него и го молеше: „Дојди во Македонија и помогни ни!“ 10По тоа негово видение, ние[106] веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог нѐ повикува таму да ја проповедаме Радосната вест.

2) Во градот Филипи: обраќањето на Лидија[уреди]



11Отпловивме од Троада и се упативме накај островот Самотраки, а следниот ден пристигнавме во пристаништето Неаполис. 12Оттаму заминавме за Филипи, важен град во областа Македонија. Тој град беше римска колонија[107]. Таму останавме неколку дена.

13Во еден саботен ден излеговме од портите на градот покрај една река, каде што претпоставувавме дека им е местото за молитва. Седнавме и позборувавме со неколку жени што беа дојдени на тоа место. 14Меѓу нив имаше една жена по име Лидија од градот Тијатир. Таа се занимаваше со продавање на скапоцени пурпурни ткаенини. Лидија веруваше во Бог. Додека нѐ слушаше, Господ ѝ го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше Павле. 15Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно нѐ канеше да бидеме нејзини гости: „Ако сметате дека имам вера во Господ, дојдете и останете во мојот дом додека престојувате во овој град.“ Така нѐ убеди и останавме.

Павле и Сила в затвор[уреди]



16Еден ден, додека одевме на тоа место за молитва, нѐ сретна една робинка која се бавеше со вражање. Таа со своето вражање им носеше многу пари на своите господари. 17Тргна по Павле и по нас, и почна да вика: „Овие луѓе Му се службеници на Севишниот Бог! Тие се дојдени да ви кажат како можете да се спасите!“

18Тоа го правеше со денови, па кога на Павле му досади, се сврте кон духот што ја обземаше девојката, и му рече: „Ти наредувам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“ Во истиот час вражачкиот дух излезе од неа.

19Нејзините господари сфатија дека згасна нивниот извор на приходи, па ги фатија Павле и Сила, и ги одвлечкаа на пазариштето, пред градските власти. 20Ги изведоа пред судиите и почнаа да викаат: „Овие Евреи го вознемируваат целиот град! 21Тие проповедаат обичаи кои за нас Римјаните се неприфатливи!“

22Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови. 23Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. 24Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги.

25Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. 26Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете. 27Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. 28Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“

29Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила. 30Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“ 31Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“ 32Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ, 33а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни. 34Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.

35Кога се раздени градските судиите испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“ 36Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“

37Меѓутоа Павле, им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да нѐ тепаат, без да ни се суди. Потоа нѐ затворија. Зар сега сакаат тајно да нѐ ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека нѐ ослободат!“

38Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија. 39Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот. 40Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа.

Глава 17[уреди]


3) Павле проповеда во Солун[уреди]



1Потоа Павле и Сила поминаа низ градовите Амфиполис и Аполонија, па пристигнаа во Солун. Таму имаше еврејска синагога. 2Како што обично правеше, Павле дојде кај нив и три саботи по ред им проповедаше од Светото писмо, 3објаснувајќи им и докажувајќи им дека беше неопходно Месијата да пострада и да воскресне од мртвите. Тој им рече: „Исус е Месијата. За Него ви проповедам.“ 4Некои од нив поверуваа и им се приклучија на Павле и Сила, а пристапија и голем број побожни Грци и доста жени од високите кругови.

5Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубци и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата. 6Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани, и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет, сега пристигнаа и овде! 7А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некој си Исус!“

8Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија, 9меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија.

4) Павле и Сила во Верија[уреди]



10Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога. 11Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина. 12Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и доста истакнати жени и мажи од Грците.

13Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле. 14Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија. 15Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие.

5) Павле проповеда во Атина[уреди]



16Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се потресе гледајќи го градот полн со идоли. 17Секој ден во синагогата разговараше со Евреите и со побожните[108] луѓе од другите народи што доаѓаа таму. Одеше и на пазарот и им проповедаше на луѓето што ги среќаваше таму.

18Се расправаше и со неколкумина епикурејски и стоички филозофи. Кога почна да им зборува за Исус и за воскресението, некои од нив си рекоа: „Што сака да каже овој брборко!?“ Други велеа: „Проповеда за некоја нова вера!“

19Го одведоа пред Советот на филозофите наречен Ареопаг и му рекоа: „Може ли сега да слушнеме какво е ова ново учење што ни го проповедаш? 20Тврдиш некои чудни работи и сакаме да чуеме повеќе за тоа.“ 21(Атинјаните и туѓинците што беа во посета на Атина си го поминуваа времето зборувајќи или слушајќи за нови работи.)

22Павле застана сред Ареопагот и рече: „Атињани! Забележав дека сте вие многу побожни луѓе, 23зашто, минувајќи и гледајќи ги вашите светилишта, видов и еден жртвеник на кој пишуваше: >На непознат Бог.' Значи вие Го обожавате, иако не Го познавате. Јас сакам да ви проповедам за Него.

24Тој Бог го создаде светот и сѐ што е во него. Тој е Господар на небото и Земјата. Не живее во храмови изградени од човечки раце. 25Тој нема потреба да Му служите со дарови од вашите раце, бидејќи нема потреба од ништо. На целиот жив свет Тој му дава живот и здив и сѐ што им треба. 26Сите народи ги создаде од еден човек, ги насели по целата земја, им определи во кое време ќе постојат и во кои граници ќе бидат нивните живеалишта, 27за да Го бараат Бога, да допрат до Него и да Го најдат, зашто Тој е близу до секој од нас!

28Бидејќи Тој ни овозможува да живееме, да се движиме и да бидеме тоа што сме. Како што вели и еден од вашите поети: >Ние сме Негови деца.'

29Затоа, штом знаете дека сме Божји деца, не треба да мислиме дека идолите се богови. Тие се само злато, сребро или камен, обликувани со вештината и според замислата на обични луѓе. 30Не земајќи го предвид времето кога луѓето не го знаеле ова, Бог сега им порачува на сите луѓе, насекаде, да се одвратат од идолите и да се свртат кон Бог. 31Зашто Тој има определено ден во кој праведно ќе му суди на целиот свет, преку Човекот што за тоа Го определи и уверливо го потврди воскреснувајќи Го од мртвите.“

32Кога слушнаа дека зборува за воскреснување од мртвите, некои луѓе почнаа да му се подбиваат, но други рекоа: „Сакаме повторно да ни зборуваш за ова!“ 33Тогаш Павле си замина оттаму, 34а неколку души поверуваа и му се придружија. Меѓу нив беа: Дионисие, член на Ареопагот (Советот на филозофите), една жена по име Дамара и уште неколкумина други.

Глава 18[уреди]


6) Павле проповеда во Коринт[уреди]



1Потоа Павле отпатува од Атина за Коринт[109]. 2Таму се сретна со еден Евреин по име Акила, родум од Понт. Тој, заедно со својата жена Присцила, неодамна беше пристигнал од Италија, бидејќи императорот Клаудие беше наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Павле отиде кај нив, 3и бидејќи го знаеше нивниот занает - изработка на шатори[110] - тој остана кај нив и заедно работеа.

4Секоја сабота Павле одеше во тамошната синагогата и им проповедаше и на Евреи и на Грци.

5Кога Сила и Тимотеј пристигнаа од Македонија, Павле уште поревносно им проповедаше на Евреите дека Исус е Месијата што го чекаат. 6Но кога тие се свртеа против него и почнаа да го навредуваат, тој им ја врати и прашината од наметката и им рече: „По своја вина ќе загинете! Јас немам вина за тоа[111]! Отсега ќе одам да им проповедам на другите народи!“

7Си замина оттаму и се пресели во куќата на Тицие Јуст, побожен човек чија куќа беше веднаш до синагогата. 8Управник на синагогата беше Крисп, кој со сите свои домашни поверуваа во Господ. Поверуваа и многу други жители на Коринт, кои ја слушнаа пораката, а откако поверуваа, потоа и се крстија.

9Една ноќ, Господ му порача на Павле преку видение: „Не плаши се! Немој да молчиш, туку зборувај! 10Јас сум со тебе и никој нема да ти направи никакво зло! Има многу Мои луѓе во овој град!“ 11Така Павле остана во Коринт една година и шест месеци, проповедајќи им ја на луѓето Божјата порака.

12Но кога Галио стана управник на Ахаја, извесен број Евреи се здружија и се кренаа против Павле. Го изведоа на суд пред Галио, 13изнесувајќи го против него следното обвинение: „Овој човек ги наговара луѓето да Му пристапуваат на Бог на начин што е спротивен на нашиот верски Закон!“ 14Пред Павле уста да отвори, Галио се сврте накај Евреите и им рече: „Евреи, ако се работеше за злосторство или за некаков престап, ќе бев обврзан да ве ислушам; 15но со оглед на тоа што се работи за учења, за личности и за вашиот верски Закон, тоа расчистете си го самите меѓу себе. Јас немам намера да ви пресудувам за такви нешта!“ 16Потоа ги избрка од судницата. 17А тие го фатија Состен, кој беше управник на синагогата, и го тепаа пред судот, но Галио воопшто не интервенираше.

Второто мисиско патување завршува: Павле се враќа во сириска Антиохија[уреди]



18Павле остана во Коринт уште извесно време, а потоа се збогува со тамошните христијани и отплови за Сирија. Со него отпатуваа и Присцила и Акила. (Претходно, во Кенкреа, согласно со еврејските обичаи, Павле си ја беше избричал главата, зашто имаше дадено таков завет.)

19Кога пристигнаа во пристаништето Ефес, Павле се раздели од своите придружници. Додека беше во Ефес, отиде во синагогата и им проповедаше на Евреите. 20Тие го замолија да остане кај нив подолго време, но тој не прифати, 21туку, збогувајќи се со нив, им рече: „Ако даде Бог, пак ќе се вратам кај вас[112].“ Потоа отплови од Ефес.

22Дојде до пристаништето Цезареа, се поздрави со луѓето од црквата[113], па замина за Антиохија. 23Откако остана извесно време во сириска Антиохија, Павле одново тргна на пат, посетувајќи ги редум христијаните во областите на Галатија и Фригија, за да ги охрабри.

Аполос проповеда во Ефес и Ахаја[уреди]



24Во меѓувреме, во Ефес пристигна еден Евреин по име Аполос. Тој беше родум од градот Александрија, во Египет. Беше вешт говорник и добро ги познаваше Божјите книги. 25Веќе беше упатен на Патот Господов и многу ревносно и точно проповедаше за Исус, иако знаеше само за крштавањето на Јован Крстител. 26Тој почна смело да зборува во синагогата. Кога го слушнаа Присцила и Акила, го зедоа кај нив и уште подобро му го објаснија Божјиот Пат.

27Аполос реши да замине за Ахаја[114]. Христијаните од Ефес го охрабрија и им напишаа писма на христијаните во Ахаја, со препорака да го прифатат. Кога пристигна во Ахаја, Аполос многу им помогна на новообратените христијани кои поверуваа благодарение на Божјата дарежлива благонаклоност. 28Тој на јавни дебати ги побиваше Евреите, со силни аргументи, докажувајќи им преку Божјите книги дека Исус е Месијата што им беше предвестен.

Глава 19[уреди]


ТРЕТО МИСИОНЕРСКО ПАТУВАЊЕ НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ[уреди]



1Додека Аполос беше во Коринт, Павле патуваше низ внатрешноста, во околината на Ефес, а потоа се симна во градот. Таму најде неколку нови Христови следбеници, 2и ги праша: „Го примивте ли Светиот Дух кога поверувавте?“
Тие му одговорија: „Ние и не знаеме дека постои Свет Дух!“

3Тогаш Павле ги праша: „А како сте крстени?“
<Онака како што крштаваше Јован Крстител“ - му одговорија тие.

4Павле им рече: „Јован ги крштаваше луѓето кои се каеја поради своите гревови. И самиот тој им велеше на луѓето дека е неопходно да веруваат во Оној што доаѓа веднаш по него, а тоа беше Исус.“

5Кога го слушнаа ова, одново се крстија, овојпат во името на Господ Исус. 6Потоа Павле се помоли за нив, положувајќи ги над нив рацете и Светиот Дух слезе врз нив, па тие почнаа да зборуваат на други јазици и да пророкуваат[115]. 7Во таа група беа околу дванаесет мажи.

1) Апостолот Павле проповеда во Ефес[уреди]



8Потоа Павле одеше во ефешката синагога три месеци со голем жар им проповедаше на Евреите, се расправаше со нив и ги убедуваше во врска со Божјото царство. 9Кога еден дел од нив тврдоглаво одбија да поверуваат и почнаа јавно да зборуваат лоши работи за Христовото учење[116], Павле ја напушти синагогата, но ги поведе со себе оние што поверуваа во Христа и секојдневно проповедаше во училиштето на Тиран. 10Ова продолжи во текот на две години, така што сите жители на Азија[117], и Евреи и Грци, имаа можност да ја слушнат Господовата порака.

11Бог преку Павле, правеше многу необични чуда, 12така што дури и кога врз болните ќе ставеа шамивче или дел од облека што се допрела до телото на Павле, болестите исчезнуваа, а обземените се ослободуваа од демонските духови.

13Неколку Евреи што патуваа од место во место и истеруваа демони, се обидоа над обземените од демонски духови да го употребат името на Господ Исус велејќи: „Во името на Исус, Оној за Кого Павле проповеда, ви наредуваме да излезете!“ 14Тоа го правеа седумтемина синови на еврејскиот првосвештеник Скева. 15Но демонскиот дух им одговори: „Исус Го знам, а и Павле го знам, но вас не ве знам!“ 16Па го натера човекот во кој беше влезен да се нафрли врз нив и да ги претепа, па тие голи и разранети избегаа куќата.

17За ова дознаа сите што живееја во Ефес, и Евреи, и Грци, па ги фати страв и искажуваа голема почит спрема името на Господ Исус. 18Мнозина од оние што поверуваа, доаѓаа и се исповедаа, признавајќи ги своите грешни дела. 19Дури и некои од оние што се занимавале со магии ги донесуваа своите книги за магии и пред сите ги запалуваа. Цената на запалените книги изнесуваше педесет илјади сребреници[118]. 20Така пораката за Господ брзо се ширеше и јакнеше[119].

Бунт против христијанството во Ефес[уреди]



21После овие настани, поттикнат од Светиот Дух[120], Павле реши да ги посети Македонија и Ахаја, па да замине за Ерусалим. „А потоа,“ - рече тој - „ќе треба да го посетам и Рим.“ 22Ги испрати во Македонија двајцата свои помошници, Тимотеј и Ераст, а тој уште некое време остана во Азија.

23Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење[121]. 24Еден златар по име Димитри, кој изработуваше сребрени модели од храмот на божицата Артемида[122] и на тој начин се богатеа и тој и неговите соработници, 25ги собра сите што се бавеа со оваа и слична работа и им рече: „Луѓе, вие знаете дека нашето богатство доаѓа од овој занает. 26Гледате и слушате дека не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, овој човек Павле, разубеди и одврати многу луѓе, велејќи им дека овие предмети направени од човечка рака не се богови. 27Постои опасност не само нашиот занает да падне во немилост, туку и храмот на големата божица Артемида сосема да ја загуби својата важност, да исчезне нејзината величественост што ја почитува цела Азија и целиот свет!“

28Кога го слушнаа ова, зовреа од бес и почнаа да викаат: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“ 29Во градот настана мешаница и откако ги фатија Македонците Гај и Аристарх, сопатници на Павле, сите се собраа во градскиот амфитеатар[123]. 30Павле сакаше да се појави пред насобраната толпа, но тамошните христијани го одвратија од таквата намера, 31а и некои луѓе од власта што му беа пријатели му испратија порака, молејќи го да не се појавува во амфитеатарот.

32Собирот се претвори во збрка. Едни викаа едно, други друго, а повеќето воопшто не знаеја за што се собрани. 33Евреите го посочија Александар и го изведоа напред, а тој мавна со раката за да ги смири и да даде објаснување пред толпата, 34но кога слушнаа дека тој е Евреин, сите во еден глас викаа речиси два часа: „Голема е Артемида, божицата на Ефес!“

35Најпосле градоначалникот[124] ја смири толпата и рече: „Граѓани на Ефес! Има ли некој што не знае дека Ефес е град заштитник на храмот на големата божица Артемида и на кипот што ни падна од небото!? 36Ова никој не може да го оспори, затоа треба да се смирите и да не правите ништо непромислено. 37Овие луѓе што сте ги довеле овде, ниту го ограбиле храмот, ниту пак зборувале против нашата божица.

38Ако Димитри и занаетчиите што се со него имаат некаква тужба против овие луѓе, постојат судови и судии, па таму нека се судат. 39Ако имате некои други поплаки, тие мора да бидат разрешени на легалното градско собрание. 40Постои опасност Римјаните да нѐ обвинат дека креваме бунт. Нема никаква причина да создаваме вакви немири.“

41Откако го рече ова, го распушти собирот и луѓето се разотидоа.

Глава 20[уреди]


2) Павле оди за Македонија и Ахаја (Грција)[уреди]



1Кога стивна вревата, Павле ги собра христијаните од Ефес и ги охрабри. Се збогува со нив и тргна за Македонија. 2Патем, во сите градови низ кои поминуваше, со многу проповеди ги храбреше христијаните. Потоа замина за Грција. 3Таму остана три месеци. Токму кога се подготвуваше да тргне на пловидба кон Сирија, дозна дека група Евреи коваат заговор против него. Затоа реши да се врати преку Македонија.

4На тој пат го придружуваа: Сопатер, синот на Пир од Верија, Аристарх и Секунд, од Солун, Гај од Дерба, Тимотеј, како и Тихик и Трофим од областа Азија. 5Тие отидоа пред нас и нѐ чекаа во Троада. 6Откако заврши празникот на Бесквасните лебови, ние отпловивме од Филипи и по пет дена им се придруживме во Троада. Таму останавме седум дена.

3) Павле за последен пат ја посетува Троада[уреди]



7Еден неделен ден бевме собрани на Причест[125], а Павле ги поучуваше насобраните, па ја одолжи проповедта сѐ до полноќ, зашто следниот ден се подготвуваше да замине. 8Во горната соба, каде што бевме собрани, имаше многу ламби. 9Едно момче, по име Евтих, седејќи покрај прозорецот, задрема, бидејќи Павле долго проповедаше. Сонот го совлада и Евтих падна од третиот кат. Кога го кренаа, беше мртов. 10Павле слезе долу, се наведна над него, го гушна и рече: „Не грижете се, жив е!“ 11Потоа сите се вратија во горната соба, и заедно зедоа Причест. Павле продолжи да им проповеда сѐ до мугрите, кога си замина. 12Во меѓувреме, момчето го одведоа дома живо и здраво, што беше големо олеснување за сите.

13Павле реши да патува за Асос по копно. Ние, останатите, тргнавме со брод до Асос и се договоривме таму да го земеме со нас и Павле. 14Се сретнавме во Асос, го зедовме со нас и отпловивме за Митилена. 15Утредента пловевме покрај островот Киос, следниот ден поминавме покрај островот Самос, а по уште еден ден пловење, пристигнавме во Милет.

16Павле беше решил да го заобиколи Ефес и да не се задржува во Азија, зашто брзаше, ако е можно, до празникот Духовден[126] да пристигне во Ерусалим.

4) Павле се простува со црковните старешини од Ефес[уреди]

17Од Милет испрати порака до старешините на црквата во Ефес и ги замоли да дојдат за да се сретнат со него.

18Кога пристигнаа, Павле им рече: „Вие знаете како живеев, уште од првиот ден кога пристигнав во Азија, зашто цело време бев со вас. 19Му служев на Господ со голема понизност, со солзи и маки низ кои морав да поминам поради заговорите што против мене ги коваа Евреите. 20Сепак, не пропуштив да ви кажам сѐ што е полезно за вас, поучувајќи ве јавно или во вашите домови. 21Имав иста порака и за Евреите и за неевреите[127]: да се покаат, да се свртат кон Бог и да поверуваат во нашиот Господ Исус.

22Сега Светиот Дух[128] ме тера да одам во Ерусалим. Не знам што ме чека таму. 23Знам само дека Светиот Дух ми има кажано оти во секој град ме чекаат затвори и страдања. 24Но тоа не ме плаши. Мојот живот би немал вредност доколку не го искористам за да ја извршам мисијата што ми ја довери Господ Исус: да им ја проповедам на луѓето Радосната вест за Божјата милосрдна благонаклоност.

25Сега знам дека никој од вас со кои живеев и ви проповедав за Божјото царство нема повеќе да ме види. 26Затоа сакам јасно и гласно да ви кажам денес дека, ако некој од вас заврши во вечна смрт, јас за тоа не сум одговорен[129]. 27Не пропуштив ништо од Божјиот план за луѓето, туку во целост ви го објавив. 28Внимавајте и на себе и на целото Божјо стадо во кое Светиот Дух ве поставил за надзорници. Бидете пастири на Божјата Црква која Тој ја откупи со сопствената крв. 29Знам дека откако јас ќе си заминам, ќе ви доаѓаат лажни пастири кои како свирепи волци ќе ве напаѓаат и нема да го штедат стадото: 30Од самите вас ќе произлезат луѓе што ќе ја изопачуваат вистината за да повлечат по себе дел од Христовите следбеници. 31Затоа, бидете на штрек! Не заборавајте дека три години деноноќно, без престан, со солзи во очите, го советував секој од вас поединечно.

32Сега ве предавам под Божјата грижа и поука од пораката за Неговата милосрдна благонаклоност кон вас. Таа порака има моќ да ве изградува и да ви даде наследство заедно со сите што Бог ги избра и посвети.

33Од никого не барав пари или облеки. 34Вие и самите знаете дека за моите потреби и за потребите на оние што ме придружуваа јас работев со сопствените раце. 35На тој начин ви покажав како со вредно работење може да им се помогне на сиромашните. Не заборавајте што ни порача Самиот Господ Исус: >Поблагословен е тој што дава, отколку тој што добива.'“

36Кога го рече ова, клекна на колена со нив и се молеше. 37Сите заплакаа на глас, и збогувајќи се, го гушкаа и го бакнуваа. 38Беа особено тажни поради тоа што им рече дека веќе нема да го видат. Потоа го испратија до бродот.

Глава 21[уреди]


5) Павле најавува враќање во Ерусалим[уреди]



1Откако во Милет се збогувавме со старешините на црквата од Ефес, испловивме накај островот Кос. Следниот ден стигнавме до Родос, а оттаму до Патара. 2Најдовме брод што оди за сириската област Феникија, па се качивме и отпловивме. 3Поминавме покрај Кипар, кој ни остана одлево, па продолживме да пловиме накај Сирија и пристигнавме во пристаништето Тир, каде што бродот требаше да го растовари товарот. 4Слеговме од бродот, ги најдовме тамошните христијани и останавме со нив седум дена. Тие, поттикнати од Светиот Дух, го советуваа Павле да не оди во Ерусалим. 5Кога завршија седумте дена, тргнавме да си одиме. Сите христијани: мажи, жени и деца, се собраа да нѐ испратат, па одеа со нас сѐ до излезот од градот, а на брегот клекнавме на колена и се помоливме. 6Се збогувавме и се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови.

7Заминувајќи од Тир, пристигнавме во пристаништето Птолемаида. Се поздравивме со тамошните христијани и останавме со нив еден ден. 8Следниот ден отпатувавме и пристигнавме во Цезареа. Таму отидовме во домот на евангелизаторот Филип, еден од седумтемина што беа одбрани да им делат храна на сиромашните. 9Тој имаше четири немажени ќерки, кои имаа дар на пророкување.

10Во текот на нашиот повеќедневен престој во Цезареа, дојде еден човек од Јудеја по име Агав, кој исто така имаше дарба да пророкува. 11Дојде кај нас, го зеде појасот на Павле, си ги врза рацете и нозете, па рече: „Вака вели Светиот Дух: >Сопственикот на овој појас ќе биде вака врзан од Евреите и ќе им биде предаден на Римјаните[130]!'“

12Кога го чувме тоа и ние, и христијаните од Цезареа, го молевме Павле да не оди во Ерусалим. 13Но Павле ни одговори: „Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум подготвен не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим, за името на Господ Исус!“ 14Бидејќи не успеавме да го разубедиме, замолкнавме и си рековме: „Нека биде според волјата Господова!“

6) Павле пристигнува во Ерусалим[уреди]



15После ова, се подготвивме и тргнавме кон Ерусалим. 16Со нас патуваа и неколу христијани од Цезареа и нѐ одведоа на гости кај Мнасон, каде што останавме извесно време. Тој беше од Кипар и беше еден од најпрвите Христови следбеници.

17Кога стигнавме во Ерусалим, тамошните христијани убаво нѐ пречекаа и се израдуваа.

18Следниот ден Павле, заедно со нас, отиде да го посети апостолот Јаков. На средбата присуствуваа и сите старешини од црквата во Ерусалим. 19Откако разменија поздрави, Павле подробно им раскажа што сѐ Бог направи преку него меѓу нееврејските народи, во текот на неговата мисија.

20Кога го ислушаа, му благодарија на Бог. Потоа му рекоа на Павле: „Брате, ти гледаш колку илјадници Евреи станаа христијани и сите тие многу ревносно се придржуваат кон Мојсеевиот Закон. 21Тие чуле дека ти си ги поучувал Евреите кои живеат меѓу нееврејските народи да го напуштат Мојсеевиот Закон, односно да не ги обрежуваат своите машки деца и да не се придржуваат до обичаите. 22Што ќе правиме сега? Тие сигурно ќе разберат дека си дошол овде.

23Затоа ние имаме предлог: меѓу нас има четворица мажи што се заветувале, па се подготвуваат да си ги избричат главите. 24Оди со нив во храмот и придружи им се во церемонијата на очистување, плати им да си ги избричаат главите и сите ќе знаат дека она што го слушнале не е вистина, туку дека и самиот ти се придржуваш до еврејските закони.

25Што се однесува до неевреите - христијани, сѐ што ние бараме од нив, веќе им го напишавме во писмо: да не јадат храна наменета како жртва на идоли, да не конзумираат крв, да не јадат месо од удавени животни и да се пазат од блуд.“

26Павле се согласи и веќе следниот ден, заедно со тие луѓе, ја изврши церемонијата на очистување. Потоа влезе во храмот и го објави датумот кога нивниот завет ќе биде исполнет и кога за секој од нив ќе биде принесена жртва.

Павле е уапсен во храмот[уреди]



27Токму кога седумте дена беа при крај, група Евреи од областа Азија го видоа Павле во храмот, го фатија, па потикнаа бунт кај народот, 28викајќи: „Израелци! Помагајте! Овој е човекот кој секаде каде што оди, ги учи луѓето против нашиот народ, им кажува да не се придржуваат до еврејските верски закони и зборува против овој храм! Тој дури се осмели во храмот да доведе неевреи и така да го оскверни ова свето место!“ 29(Тие претходно го беа виделе во градот ефешанецот Трофим во друштво со Павле и мислеа дека тој го довел и во храмот.)

30Целиот град се крена на нозе. Се насобра многу народ, го фатија Павле, го извлекоа надвор од храмот и веднаш зад него ги затворија портите. 31Кога се готвеа да го убијат, до командирот[131] на римскиот полк, стигна веста дека целиот Ерусалим е на нога! 32Тој веднаш повика војници и помлади офицери[132], па со трчање отидоа кај толпата. Кога ги видоа полковникот и војниците, престанаа да го тепаат Павле.

33Полковникот го уапси Павле и нареди да го врзат со двојни синџири. Потоа праша кој е овој човек и каков прекршок сторил. 34Едни од толпата викаа едно, други друго, па полковникот не можеше ништо да разбере. Затоа нареди да го одведат Павле во тврдината каде што беше сместена војската. 35Кога дојдоа до скалите, толпата се однесуваше толку насилнички, што војниците мораа да го кренат Павле и да го носат, за да го заштитат. 36Толпата продолжи да оди по нив и да вика: „Убијте го!“

Павле зборува пред толпата[уреди]



37Пред да влезат во воената тврдина, Павле му рече на полковникот: „Ако ми дозволите, јас би сакал да ви кажам нешто.“
<Зар ти знаеш грчки?“ - му одговори полковникот изненадено. 38<Значи ти не си оној Египќанец што пред извесно време подигна бунт и поведе во пустината четири илјади убијци!“

39Павле му одговори: „Јас сум Евреин од познатиот градот Тарс во областа Киликија. Сакам да ве замолам да ми дозволите да им се обратам на луѓето.“ 40Полковникот му дозволи и Павле застана на скалите. Им мавна со раката да замолкнат. Кога настана длабока тишина, тој им се обрати на нивниот, арамејски јазик:

Глава 22[уреди]


1<Браќа и татковци! Ислушајте ја мојата одбрана што сега ќе ја изнесам пред вас.“ 2Кога слушнаа дека им се обраќа на нивниот, арамејски јазик, уште повеќе стивнаа, а Павле продолжи: 3<Јас сум Евреин. Роден сум во Тарс, град во областа Киликија, но пораснав и се школував овде, во Ерусалим. Учител ми беше познатиот Гамалиел. Крај неговите нозе научив строго да се придржувам кон правилата и обичаите на нашите предци. Станав ревносен за Бог, исто како што сте и вие денес. 4Ги прогонував христијаните[133] до смрт. Ги врзував и ги носев в затвор, без разлика дали беа мажи или жени. 5Ова можат да го потврдат првосвештеникот и сите старешини. Од нив добив писма за нашите браќа Евреи во Дамаск, со кои ме овластија да одам во Дамаск и да ги апсам тамошните христијани, а потоа, оковани во пранги да ги доведам во Ерусалим за да бидат казнети.

== Павле раскажува за своето обраќање

(Дела 9:1-19; 26:12-18) ==



6Додека се приближував до Дамаск, некаде околу пладне, околу мене ненадејно блесна силна светлина од небото. 7Паднав наземи и чув глас како ми се обраќа: >Сауле, Сауле, зошто Ме прогонуваш!?'

8>Кој сте Вие, господине?' - прашав јас.
>Јас сум Исус од Назарет - Оној што Го прогонуваш!'

9И оние што беа со мене ја виделе светлината, но гласот што ми проговори не го чуле.

10Тогаш реков: >Кажи ми што да правам, Господе?'
>Стани, оди во Дамаск и таму ќе ти биде кажано сѐ што треба да правиш!' - ми одговори Господ. 11Потоа оние што беа со мене ме водеа до Дамаск, зашто јас бев заслепен од јачината на таа светлина и воопшто не можев да гледам.

12Во Дамаск имаше еден човек по име Ананиј. Тој беше побожен човек што се придржуваше до Божјиот закон и уживаше голем углед кај сите Евреи од тој крај. 13Тој дојде кај мене, ми пристапи и ми рече: >Брате Саул, нека ти се врати видот!' Истиот миг видот ми се врати и можев да го видам Ананиј.

14Потоа тој ми рече: >Богот на нашите прадедовци те одбра да се запознаеш со Неговата намера, да го видиш Праведникот и да го слушнеш повикот од Неговата уста. 15Отсега ти ќе им проповедаш за Него на сите луѓе, ќе им кажуваш за она што си го видел и слушнал. 16Што чекаш сега? Стани, крсти се и повикај Го Господ да ти ги измие гревовите!'

17Кога се вратив во Ерусалим, еден ден отидов во храмот за да се молам. 18Во видение Го видов Исус, Кој ми рече: >Напушти го Ерусалим, што поскоро, зашто тие нема да веруваат кога ќе им сведочиш за Мене!'

19А јас Му реков: >Господе, зошто да не ми веруваат кога знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние што веруваа во Тебе!? 20А кога го каменуваа Твојот сведок Стефан, и јас бев таму. Го одобрував убиството и им ги чував облеките на неговите убијци!'

21Но Господ ми рече: >Ти наредувам да го напуштиш Ерусалим, зашто Јас те праќам далеку, меѓу нееврејските народи!'“

22Сѐ до овој миг тие го слушаа, но кога го слушнаа последново, почнаа да викаат: „Истребете го овој човек од лицето на земјата! Тој не заслужува да живее!“ 23Викаа, мафтаа со своите наметки и фрлаа прав во воздухот.

Павле открива дека е римски граѓанин[уреди]



24Полковникот им нареди на војниците да го внесат Павле во тврдината и да го камшикуваат, за да признае какво злосторство извршил. Сакаше да дознае зошто народот толку гневно вика против него. 25Кога го врзаа за да го камшикуваат, Павле го прашаа помладиот офицер што стоеше покрај него: „Зар смеете да камшкувате римски граѓанин, кој за ништо не е осуден!?“

26Тогаш помладиот офицер му пријде на полковникот и му рече: „Што ќе правиме сега? Овој човек е римски граѓанин!“

27Полковникот отиде кај Павле и го праша: „Вистина ли е дека си римски граѓанин?“
<Да!“ - му одговори Павле. 28Полковникот му рече: „И јас сум римски граѓанин; за тоа платив голема сума пари!“ Во одговор Павле му рече: „Јас сум римски граѓанин по раѓање!“

29Војниците што требаше да го сослушуваат Павле веднаш се повлекоа, а се повлече и полковникот, исплашен што нареди римски граѓанин да биде врзан и камшикуван.

Павле пред собранието[уреди]



30Следниот ден, сакајќи да дознае за што ќе го обвинат Евреите полковникот го ослободи Павле од прангите и нареди да се соберат првосвештениците и сите членови на еврејското собрание[134], па го доведе Павле и им го предаде на сослушување.

Глава 23[уреди]




1Со вперен поглед кон членовите на собранието, Павле им рече: „Браќа, мојата совест пред Бога е чиста!“

2Тогаш првосвештеникот Ананиј им нареди на оние што стоеја покрај Павле да го удрат по устата. 3Павле му одговори: „Бог ќе те удри тебе, ѕиду варосан! Си седнал да ме судиш според законот, а наредуваш да ме удираат, спротивно на законот!“

4Оние што стоеја до Павле рекоа: „Како се осмелуваш да го навредуваш Божјиот првосвештеник!?“

5Тогаш Павле им се извини: „Не знаев браќа, дека тој е првосвешник, зашто во Светото писмо пишува: >Не зборувај лошо за водачот на својот сопствен народ[135]!'“

6Кога Павле забележа дека дел од членовите на собранието се садукеи[136], а дел се фарисеи[137], гласно рече: „Браќа, јас сум фарисеј! Сите мои предци биле фарисеи! Овде ми се суди заради тоа што верувам дека ќе има воскреснување од мртвите!“

7Тоа предизвика расправија меѓу фарисеите и садукеите, па во собранието дојде до поделба. 8Садукеите тврдеа дека нема ни воскреснување, ни ангели, ни духови, а фарисеите веруваат во сето ова. 9Настана голема викотница. Неколку вероучителите од фарисеите станаа и почнаа жестоко да се препираат со садукеите, велејќи: „Не гледаме ништо лошо кај овој човек! Што ако навистина му се јавил дух или ангел и му зборувал!?“

10Расправијата стануваше сѐ пожестока, па полковникот се исплаши дека ќе го растргнат Павле на парчиња. Затоа нареди војниците да го тргнат оттаму и да го вратат во воената тврдина.

11Таа ноќ Господ му се појави на Павле и му рече: „Држи се храбро, зашто за Мене ќе треба да проповедаш и во Рим, онака како што сведочеше овде во Ерусалим!“

Заговор против Павле[уреди]



12Кога се раздени, група Евреи сковаа заговор. Се заколнаа дека нема ни да јадат, ни да пијат, сѐ додека не го убијат Павле. 13Во заговорот зедоа учество повеќе од четириесет мажи. 14Тие отидоа кај првосвештеникот и старешините, па им рекоа: „Ние се заколнавме ништо да не ставаме в уста, сѐ додека не го убиеме Павле. 15Затоа јавете му на полковникот да го доведе Павле во собранието, како божем имате намера поподробно да го испрашувате, а ние, уште пред тој да стаса овде ќе му поставиме заседа и ќе го убиеме.“

16Но синот на Павловата сестра разбра за овој заговор, па отиде во воената тврдина и му кажа на Павле. 17Павле викна еден од офицерите и му рече: „Одведи го ова момче кај полковникот. Има нешто важно да му пренесе.“

18Офицерот го одведе и му рече на полковникот: „Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам ова момче кај вас, зашто имало нешто важно да ви каже.“ 19Полковникот го фати за рака момчето, го одведе на страна и го праша: „Што сакаш да ми кажеш?“

20Момчето му рече: „Евреите се договорија да ве замолат утре да го доведете Павле во собранието, како божем имаат намера поподробно да го испрашаат. 21Немојте да ги послушате, зашто повеќе од четириесетмина Евреи му поставија заседа за да го убијат! Се заколнале дека нема да јадат и пијат, сѐ додека не го убијат. Веќе демнат во заседа и чекаат само вие да го одобрите нивното барање.“

22Полковникот го пушти момчето, наредувајќи му на никого да не кажува дека го известил за заговорот.

Павле е испратен кај гувернерот Феликс[уреди]



23Потоа полковникот викна двајца од своите офицери и им рече: „Одберете двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, и наредете им да се подготват вечерва во девет часот да заминат за Цезареа. 24Обезбедете за Павле добиток за јавање, за безбедно да го одведете кај гувернерот Феликс.“

25Потоа напиша писмо за гувернерот, со следнава содржина:

26<Од Клаудие Лисија,
до почитуваниот,
гувернер Феликс.
Ве поздравувам! 27Ви испраќам еден човек кого Евреите го беа фатиле и се подготвуваа да го убијат. Кога дознав дека е римски граѓанин јас отидов со војска и го ослободив. 28Сакајќи да дознаам за што го обвинуваат Евреите, го изведов пред нивното собрание. 29Така дознав дека го обвинуваат за работи од нивниот верски закон, но не беше виновен за нешто што заслужува смртна казна, или затвор. 30Откако ми беше јавено дека против овој човек се подготвува заговор, со закана да го убијат, веднаш го испраќам кај Вас, а ги известив и оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас, и таму да ги изнесат своите обвиненија.“

31Уште истата ноќ, војниците го одведоа Павле до Антипатрида, како што им беше наредено. 32Следниот ден, пешаците се вратија во воената тврдина, а коњаниците го одведоа кон Цезареа. 33Кога пристигнаа во Цезареа, му ги предадоа писмото и Павле на гувернерот Феликс. 34Гувернерот го прочита писмото и го праша Павле од која област потекнува, па кога дозна дека е од Киликија 35му рече: „Ќе те сослушам кога ќе пристигнат и твоите обвинители.“ Потоа нареди да го одведат и да го чуваат под стража во Иродовата палата.

Глава 24[уреди]


Павле на суд пред Феликс[уреди]



1По пет дена дојде првосвештеникот Ананиј со неколку старешини и со еден адвокат[138] по име Тертул, кој го изнесе пред гувернерот обвинението против Павле. 2Го повикаа Павле и Тертул почна да го изнесува обвинението:
<Почитуван гувернеру! Под Вашето владеење ние, Евреите живееме во мир и спокојство. Вашата далекувидост доведе до многу реформи за овој народ. 3За тоа секогаш и секаде Ви оддаваме признание, честити Феликсе, со голема благодарност. 4Но сега, за да не го трошам напразно Вашето време, Ве молам, знаејќи ја Вашата љубезност, накратко да ме сослушате.

5Ние утврдивме дека овој човек е вистинска напаст, кој предизвикува препирки меѓу Евреите по целиот свет! Тој е челник на назаретската секта. 6Се обиде дури и храмот да го оскверни, но ние го уапсивме.[139] 8Сега Вие можете да го сослушате и да дознаете за што го обвинуваме.“

9И другите Евреи го потврдуваа тоа што го зборуваше Тертул.

Одбраната на Павле пред Феликс[уреди]



10Гувернерот му даде знак на Павле дека може да зборува. Павле рече:
<Знам господине дека Вие веќе долго време ни служите како судија на нашиот еврејски народ и добро ги познавате работите за кои сум обвинет, затоа јас со голема доверба во вас ќе ја изложам својата одбрана. 11Лесно ќе дознаете дека јас во Ерусалим пристигнав на поклонение во храмот пред дванаесетина дена. 12Ниту во храмот ме затекнале со некого да се расправам, ниту во синагогите, ниту пак во градот сум го подбуцнувал народот на бунт. 13Тие не можат да го докажат она за што ме обвинуваат.

14Јас овде, пред Вас, признавам дека сум следбеник на Христовото учење[140] што тие го нарекуваат секта и на тој начин Му служам на Богот на нашите татковци, верувајќи во сѐ што е запишано во Мојсеевите книги и во книгите на пророците. 15И јас, како и тие верувам во Бог и верувам дека Тој ќе ги воскресне мртвите, како праведните, така и неправедните. 16Заради тоа правам сѐ што знам и умеам, та мојата совест пред Бог и пред луѓето секогаш да биде чиста.

17По повеќе години отсуство се вратив во Ерусалим, носејќи со себе доброволни прилози, за да му помогнам на мојот народ и да Му принесам жртви на Бог. 18Овие што ме обвинуваат ме видоа во храмот кога веќе го бев завршил церемонијалното очистување. Околу мене ниту имаше насобрано луѓе, ниту имаше некаков бунт. 19Имаше само неколку Евреи дојдени од областа Азија, кои требаше да бидат присутни, и ако имале нешто против мене, овде пред Вас тоа да го изнесат. 20Нека кажат овие што дојдоа да ме обвинат, какво злосторство најдоа во мене кога ме изведоа пред еврејското народно собрание[141], 21освен тоа што гласно изјавив: >Денеска овде мене ми се суди затоа што верувам во воскресение на мртвите!'“

22Тогаш Феликс, кој добро го познаваше Хриството учење[142], го одложи сослушувањето, со вакво образложение: „Ќе почекаме полковникот Лисија да дојде овде. Тогаш ќе пресудам во врска со вашиот случај.“ 23Потоа му нареди на офицерот да го задржат Павле во притвор, но да му дадат извесна слобода и да не спречуваат никој од неговите блиски да го посетува и да му помага.

Павле пред Феликс и Друсила[уреди]



24По неколку дена, дојде Феликс со својата жена Друсила, која беше Еврејка. Го повикаа Павле да им зборува за верата во Исус Христос. 25Додека тој зборуваше за праведноста, за обуздување на телесните страсти и за Божјиот суд што претстои, Феликс се исплаши и му рече: „Оди си сега! Кога ќе имам време, пак ќе те викнам.“ 26феликс всушност се надеваше дека од Павле ќе добие мито и затоа честопати го викаше и разговараше со него.

27Така поминаа цели две години. Тогаш на местото на Феликс дојде Порцие Фест. Сакајќи да им угоди на Евреите, Феликс го остави Павле в затвор.

Глава 25[уреди]


Судската постапка пред Фест[уреди]



1Три дена по преземањето на власта во покраината, Фест отпатува од Цезареа за Ерусалим. 2Таму првосвештениците и еврејските челници му го изнесоа своето обвинение против Павле, па го молеа 3да им направи услуга и да го префрли Павле во Ерусалим, а всушност коваа заговор патем да го убијат. 4Но Фест им одговори дека Павле ќе биде задржан во Цезареа, каде што и тој самиот има намера набргу да се врати, 5па ако тие имаат нешто против Павле, нека дојдат со Фест неколку поистакнати луѓе кои ќе покренат обвинение против него.

6По осум до десет дена, Фест се врати во Цезареа. Следниот ден седна во судот и нареди да го доведат Павле. 7Околу него се насобраа Евреите кои беа дошле од Ерусалим и изнесоа многу тешки обвиненија против Павле, но не можеа да ги докажат.

8Павле, бранејќи се, рече: „Јас не сум згрешил ни против еврејскиот закон, ни против храмот, ниту против императорот!“

9Фест, сакајќи да им угоди на Евреите, му рече на Павле: „Дали сакаш да одиме во Ерусалим и таму да ти судам во врска со ова?“ 10Павле рече: „Не! Ова е суд на римската империја и овде треба да ми биде судено. На Евреите ништо лошо не сум им сторил, како што и самиот знаете. 11Ако сум навистина виновен, ако сум направил нешто што заслужува смртна казна, јас не се противам таа и да се изврши. Но ако обвинувањата против мене се неосновани, никој нема право да ме предаде на овие луѓе да ме убијат! Сакам да се жалам пред императорот!“

12Тогаш Фест, се посоветува со судскиот совет и му одговори: „Добро, штом сакаш да се жалиш пред императорот, ќе те пратам кај императорот!“

Фест и Агрипа за случајот „Павле“[уреди]



13По неколку дена, во Цезареа дојдоа царот Агрипа и неговата сестра Берника, за да му честитаат на Фест, кој неодамна стана нов гувернер. 14Во текот на нивниот неколкудневен престој, Фест му го изложи на царот случајот на Павле, велејќи: „Имам еден неосуден затвореник, останат уште од времето на Феликс. 15Кога бев во Ерусалим, еврејските првосвештеници и старешини го обвинија пред мене и побараа да го осудам. 16Се разбира, јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да ги осудуваат обвинетите, без да им дадат можност да се соочат со обвинителите и да ја изложат својата одбрана. 17Затоа тие дојдоа овде и јас без одлагање, веќе следниот ден, седнав во судот и наредив да го доведат човекот. 18Кога обвинителите станаа да зборуваат, обвиненијата што ги изнесоа воопшто не беа толку страшни колку што јас очекував. 19Се препираа околу нивната вера, за некојси Исус, Кој умрел, а за Кого Павле тврдеше дека е жив. 20Јас не бев сигурен како да ја водам истрагата, па го прашав Павле дали би сакал да му биде судено во Ерусалим. 21Но Павле се повика на правото да се жали пред императорот и јас наредив да остане под стража, сѐ додека не извршам подготовки да го испратам кај императорот.“

22Агрипа му рече на Фест: „И јас би сакал да го сослушам тој човек!“
<Утре ќе го сослушате!“ - му рече Фест.

23И така, утредента дојдоа Агрипа и Бернис со голема помпезност и влегоа во судската сала, придружувани од офицери и угледни личности од градот. Потоа Фест нареди да го доведат Павле. 24Фест рече: „Царе Агрипа и сите што сте овде со нас. Пред вас е човекот за кого целата еврејска заедница, и овде и во Ерусалим, бара да биде лишен од живот. 25Јас утврдив дека тој не направил никаков престап што би заслужувал смртна казна, но тој побара да биде испратен кај императорот и јас го одобрив тоа. 26Но јас не знам што да му напишам на нашиот владетел! Затоа го изведов пред сите Вас, а особено пред вас, царе Агрипа, за да го сослушаме па да знам што да напишам, 27зашто ми се чини дека е бесмислено кај императорот да испратам затвореник, а да не ги изложам и обвиненијата против него!“

Глава 26[уреди]


Павловата одбрана пред Агрипа[уреди]



1Потоа Агрипа му рече на Павле: „Можеш да почнеш да ја изложуваш својата одбрана.“
Тогаш Павле ја испружи раката во знак на поздрав[143], и ја започна својата одбрана:

2<Царе Агрипа, имам голема среќа што можам пред Вас да ја изнесам мојата одбрана во врска со сѐ она за што ме обвинуваат Евреите, 3зашто вие сте добар познавач на еврејските обичаи и несогласици. Затоа ве молам внимателно да ме ислушате.

4Сите Евреи знаат каков беше мојот живот уште од млади денови, кога живеев во Ерусалим, меѓу мојот народ. 5Ме познаваат веќе долго време и ако сакаат можат да потврдат дека јас бев фарисеј, што значи дека живеев според најстрогите прописи на нашата вера. 6Сега сум изведен суд, затоа што верувам дека Бог ќе го исполни она што им го вети на нашите прататковци. 7А сите дванаесет еврејски племиња ревносно му се поклонуваат на Бог ден и ноќ, очекувајќи го исполнувањето на истата вера! Заради таа моја вера, царе, јас денеска сум обвинет од Евреите. 8Зошто вам ви се чини неверојатно дека Бог ќе ги воскресне мртвите!?

9Порано и јас верував дека треба со сите свои сили да им се противставам на следбениците на Исус од Назарет[144]. 10Така и правев. Имав добиено овластување од првосвештениците, па многу христијани од Ерусалим одведов в затвор. Кога им се судеше и кога беа осудувани на смрт и јас гласав против нив. 11Ги казнував по сите синагоги и со примена на сила се обидував да ги натерам да Го навредуваат Христос. Толку луто бев против нив, што ги прогонував дури и во далечни градови, надвор од нашата земја!

== Павле зборува за своето обраќање во христијанството

(Дела 9:1-19; 22:6-16) ==



12При еден таков потфат тргнав за Дамаск со овластување и налог од првосвештениците. 13Додека патував, Ваше Величество, среде бел ден видов светлина посилна од сончевата што блесна во мене и моите придружници. 14Сите паднавме наземи! Тогаш јас слушнав глас, кој на еврејски јазик ми рече: >Сауле, Сауле, зошто Ме прогонуваш!? Лошо ќе поминеш ако клоцаш против остен[145]!' 15>Кој сте Вие господине?' - прашав, а Господ ми одговори: >Јас сум Исус -Оној што ти Го прогонуваш! 16Стани, исправи се на нозе! Јас ти се појавив за да те назначам за Свој службеник и сведок: да им го кажуваш на луѓето ова што го виде и она што допрва ќе ти го откријам. 17А јас ќе те заштитувам од твојот народ и од другите народи кај кои те испраќам 18за да им ги отвориш очите, па да се обратат од темнина кон светлина, од власта на сатаната кон Бог. Така ќе добијат простување за своите гревови и наследство заедно со сите други што станаа Божји народ, одбрани преку вера во Мене.'

Павле зборува за своето делување[уреди]



19Така, царе Агрипа, јас не откажав послушност спрема ова видение што ми дојде од небото. 20Почнав да им проповедам, најпрво на Евреите во Дамаск, а потоа во Ерусалим и во сите области на Јудеја. Потоа продолжив да им проповедам и на нееврејските народи, да им објаснувам дека треба да се покаат и да се свртат кон Бог, и со своето поведение на дело да потврдат дека навистина се покајале. 21Заради ова, додека бев во храмот, група Евреи ме фатија и се обидоа да ме убијат. 22Но сѐ до денешен ден Бог ми беше напомош и еве стојам овде и им сведочам на сите, на обични луѓе и на моќници. Не проповедам ништо различно од она што е веќе претскажано од пророците и од Мојсеј: 23дека Месијата требаше да пострада и дека како првовоскреснат од мртвите Тој им ја покажа светлината[146] и на Евреите и на сите други народи.“

24Ненадејно Фест стана и почна да вика: „Си споулавел, Павле! Си се мрднал од многу учење!“

25<Не сум споулавел, честити Фесте!“ - рече Павле. „Тоа што го зборувам е разумно и вистинито! 26Царот Агрипа добро ги познава овие работи и затоа јас толку слободно зборувам пред него. Уверен сум дека ништо од сево ова не му е непознато, бидејќи ова не се одигруваше во некој зафрлен агол! 27Верувате ли, царе Агрипа, во она што го пишале пророците? Знам дека верувате!“

28Агрипа му одговори: „За малку и мене ќе ме убедеше да станам христијанин[147]!“

29На тоа Павле му рече: „Му се молам на Бог, за малку или за многу не само Вие, туку и сите што денес ме слушате да станете такви луѓе каков што сум јас, но без окови!“ 30Тогаш царот, гувернерот, Берника и сите што седеа со нив станаа, 31и на заминување си рекоа меѓу себе: „Овој човек нема направено ништо што би заслужувало смртна казна или затвор!“ 32А Агрипа му рече на Фест: „Ако овој човек не беше побарал да оди кај императорот, можеше веднаш да биде ослободен!“

Глава 27[уреди]


== ПАВЛЕ ОТПЛОВУВА КОН РИМ

1) од Цезареа до Крит ==



1Кога беше решено да нѐ носат за Италија, Павле и неколку други затвореници, му беа предадени на еден офицер[148] од Августовиот[149] полк по име Јулиус. 2Се качивме на еден брод, чие матично пристаниште беше Адрамитија. Тој се подготвуваше да плови покрај местата од брегот на Азија што ни беа попат. Со нас беше и Аристарх, Македонец од Солун.

3Следниот ден пристигнавме во Сидон. Римскиот офицер Јулиус беше многу љубезен со Павле и му дозволи да отиде кај неговите пријатели, за да го снабдат со сѐ што му е потребно.

4Откако отпловивме оттаму, скршнавме накај Кипар, зашто ветровите не ни дозволуваа да продолжиме во планираната насока. 5Поминавме покрај бреговите на покраините Киликија и Памфилија, па дојдовме до местото Мира во покраината Ликија. 6Таму офицерот најде еден египетски брод од Александрија што требаше да плови за Италија и нѐ префрли на него.

7Долго време пловевме бавно и тешко и одвај дојдовме до брегот на Книд. Ветрот не ни дозволуваше да впловиме во Книд, па отпловивме на спротивната страна од островот Крит, заобиколувајќи го 'ртот Салмона. 8Со голема мака го заобиколивме и дојдовме до местото наречено Добри Пристаништа, близу до градот Ласеа.

9Изгубивме многу време и веќе не беше безбедно да се плови, зашто веќе беше поминал и Големиот есенски пост[150], па Павле ги советуваше надлежните на бродот: 10<Луѓе, гледам дека пловидбата тешко ќе оди и ќе има големи опасности, не само за товарот и бродот, туку и за нашите животи.“ 11Меѓутоа офицерот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот, отколку на она што го рече Павле. 12Пристаништето >Добри Пристаништа' не беше погодно за презимување, па мнозинството реши да отпловиме оттаму и да се обидеме да допловиме до Феникс, па да презимиме во тоа критско пристаниште, свртено и кон југозапад и кон северозапад.

2) Бура помеѓу Крит и Малта[уреди]



13Кога дувна тивок јужен ветер, морнарите мислеа дека условите се поволни, па дигнаа котва и запловија покрај брегот на Крит. 14Но по кратко време, дувна против нас ветер со ураганска сила, наречен Североисточник. 15Зафатени од ветрот и не можејќи да пловиме наспроти него, кренавме раце и се препуштивме ветрот да нѐ носи. 16Кога поминавме во заветрината на едно островче наречено Кауда[151], одвај успеавме да го зачуваме чамецот за спасување, кој беше трескан од брановите. 17Морнарите го качија горе и го врзаа со јажиња за бродот. Постоеше опасност да заринкаме на песочните наноси кај Сирт, па затоа ја спуштија котвата и го оставија бродот слободно да плови.

18Следниот ден бурата толку силно нѐ фрлаше наваму-натаму што морнарите почнаа да го исфрлаат товарот в море. 19На третиот ден, ја исфрлија и опремата на бродот, а и сѐ што им дојде под раце. 20Веќе долго време не се појавуваа ни сонцето, ниту ѕвездите, а бурата продолжуваше да беснее, така што конечно изгубивме секаква надеж дека ќе се спасиме.

21Луѓето веќе долго време немаа апетит и не јадеа. Тогаш стана Павле и им рече: „Требаше да ме послушате и да не испловите од Крит. Така ќе се поштедевте од овие неволи и загуби. 22Сега ве советувам да се држите храбро, зашто никој од вас нема да загине. Ќе биде уништен само бродот. 23Минатата ноќ застана покрај мене ангел пратен од Богот, на Кој јас Му припаѓам и служам, 24и ми рече: >Не плаши се, Павле! Ти сигурно ќе стигнеш до императорот, а заради тебе, Бог ќе им ги поштеди и животите на сите што пловат со тебе.' 25Затоа, луѓе, разведрете се! Јас верувам дека тоа што Бог ми го кажа ќе се оствари. 26Ќе бидеме исфрлени на некој остров, но бродот ќе биде уништен.“

27Кога дојде четиринаесеттата ноќ откако бурата нѐ фрлаше наваму-натаму низ Адрианското[152] море, некаде околу полноќ, морнарите забележаа дека се приближуваме до некое копно. 28Ја измерија длабочината и утврдија дека изнесува околу триесет и седум метри[153]. Пловеа уште малку, па пак ја измерија длабочината која сега изнесуваше само дваесет и седум метри[154]. 29Плашејќи се да не удриме во подводни карпи, тие фрлија четири котви на задниот дел на бродот и со трепет чекаа да осамне. 30Тогаш морнарите се обидоа да побегнат од бродот. Почнаа да го спуштат чамецот за спасување, под изговор дека од предницата на бродот ќе спуштаат котви. 31Но Павле им рече на офицерот и на војниците: „Ако морнарите не останат на бродот, нема ни вие да се спасите!“ 32Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на кои висеше чамецот за спасување и го пуштија да падне и да отплови.

33Пред да осамне, Павле ги молеше сите да јадат, велејќи им: „Денес е веќе четиринаесетти ден како гладувате. Ништо не сте ставиле в уста. 34Ве молам, каснете нешто. Тоа ќе ви помогне да се спасите. На никого од вас ниту влакно од главата нема да му недостасува.“ 35Кога им го кажа ова, самиот зеде леб, Му заблагодари на Бог пред сите, и почна да си крши леб и да јаде. 36Тогаш сите луѓе се охрабрија и почнаа да јадат. 37На бродот имаше двесте седумдесет и шест души. 38Откако се најадоа, го исфрлија житото в море, за да го олеснат бродот.

3) Бродолом со среќен крај[уреди]



39Кога се раздени, морнарите видоа копно, но не можеа да препознаат за која земја се работи. Забележаа залив со достапен брег и решија да се обидат со бродот да пријдат кон брегот. 40Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето. Ги разлабавија јажињата на кормилата, го кренаа предното едро спроти ветрот и се упатија накај брегот. 41Но бродот удри во гребен меѓу две морски струи и предницата на бродот се заринка, па не можеше да се помрдне, а задниот дел почна да напукува од ударите на брановите.

42Војниците имаа намера да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне, 43но офицерот ги спречи, сакајќи да го поштеди Павле. Тој нареди оние што знаат да пливаат први да скокнат од бродот и да пливаат накај копното, 44а другите да се спасуваат на даски и на други остатоци од бродот. Така сите се спасија и стигнаа на копно.

Глава 28[уреди]


4) Три месеци на Малта[уреди]



1Откако се спасивме, дознавме дека се наоѓаме на островот Малта. 2Островјаните беа мошне љубезни спрема нас. Бидејќи врнеше дожд и беше студено, тие запалија оган и сите нѐ прибраа.

3Павле собра еден куп гранки и ги ставаше врз огнот, кога една змија гонета од огнот излезе од гранките и му се впи во раката. 4Кога островјаните ја видоа змијата како виси на неговата рака, си проговорија меѓу себе: „Овој човек мора да е убиец! Се спаси од морето, но правдата не го остава да живее!“ 5Но Павле ја истресе змијата во огнот и немаше никакви последици по неговото здравје. 6Луѓето очекуваа Павле да отече или веднаш да падне мртов, но откако подолго време гледаа и чекаа, а со него ништо не се случи, си го сменија мислењето и си говореа дека тој човек е бог!

7Во близината на тоа место имаше имот што му припаѓаше на Пубилиус, поглаварот на островот. Тој, најљубезно нѐ прими и три дена нѐ гоштеваше. 8Таткото на Пубилиус лежеше в постела, зашто имаше треска и страдаше од дизентерија. Павле му пријде, се помоли за него, ги положи рацете врз него и го исцели. 9По тој настан и други луѓе од островот што беа болни доаѓаа кај Павле и тој ги исцелуваше. 10Заради ова, островјаните ни искажаа многу почести, а кога повторно испловивме, ни дадоа сѐ што ние беше потребно за пловидбата.

5) Од Малта до Рим[уреди]



11По три месеци се качивме на еден брод од Александрија, што го носеше знакот на римските богови - близнаци[155] и ја беше минал зимата на Малта. 12Стигнавме во Сиракуза[156] и таму останавме три дена. 13Оттаму, пловејќи покрај брегот, стигнавме во Регија[157]. Утредента дувна јужен ветер, па по два дена стигнавме во Путеоли. 14Таму најдовме неколку христијани, кои нѐ поканија да останеме кај нив седум дена. Потоа продолживме кон Рим.

15Тамошните христијани, откако слушнале за нас, дојдоа да нѐ пресретнат уште кај Форумот[158] на Апиус, а други ни се придружија кај Трите Крчми[159]. Кога Павле ги виде, Му заблагодари на Бог и се охрабри.

Павле пристигнува во Рим[уреди]



16Сега, кога веќе беше во Рим, на Павле му беше дозволено да живее каде што сака, чуван од само еден војник.

6) Средба со римските Евреи[уреди]



17По три дена, Павле ги повика водачите на тамошните Евреи, и им рече: „Јас, браќа, иако не сум направил ништо што би било на штета на нашиот народ или на обичаите на нашите предци, бев уапсен од Евреи во Ерусалим и предаден на римската власт. 18Римјаните, откако ме сослушаа, сакаа да ме ослободат, бидејќи не најдоа никаква вина што би заслужувала смртна казна, 19но кога Евреите се противставија на тоа, иако не можеа против мене да изнесат никакво обвинение, јас бев присилен да барам заштита од императорот. 20Затоа ве викнав, за да се запознаам со вас и да ви објаснам дека јас ги носам овие окови поради тоа што верувам оти она на што се надеваше Израел - Месијата, веќе дојде.“ 21Тие му одговорија: „Ние ниту сме добиле писмо во врска со тебе од Јудеја, ниту пак некој наш брат дошол да ни каже нешто лошо за тебе. 22Сакаме од тебе да слушнеме што мислиш ти за христијанството[160], зашто слушаме дека насекаде се зборува против него.“

23Определија ден и многумина дојдоа во неговата изнајмена куќа, а тој од утро до мрак им објаснуваше и им говореше за Божјото царство, ги уверуваше за Исус, читајќи им од Мојсеевите книги и од книгите на пророците. 24Некои се убедија од она што беше кажано, а некои не поверуваа. 25Се појавија несогласувања, па почнаа да си заминуваат, а Павле им рече: „Во право беше Светиот Дух кога преку пророкот Исаија за вашите предци рече:



26>Оди кај овој народ и речи им:

Ќе го слушате Моето Слово, 


но нема да го разберете; 


ќе ги гледате Моите дела, 


но нема да ги разберете,



27зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени!

Со ушите одвај слушаат, 


а очите си ги затвораат! 


Не сакаат да видат, 


да слушнат, 


да разберат, 


па да се свртат кон Мене 


за да ги исцелам[161]!'“



28Затоа сакам да знаете дека ова спасение од Бог е испратено и за нееврејските народи и тие ќе го прифатат! 29[162]

30Таму Павле остана цели две години во изнајмена куќа[163] и ги примаше сите што му доаѓаа, 31проповедајќи им за Божјото царство и поучувајќи ги за Господ Исус Христос, слободно и непречено.




  1. Евангелието според Лука.
  2. Или: со вода. Во истиот стих, со или во Светиот Дух.
  3. Десет дена после вознесувањето, односно педесет дена по воскресението, на празникот Педесетница (2:1-4).
  4. Евреите очекуваа Месијата да ги ослободи од ропството и да го возобнови нивното царство.
  5. Веројатно ангели.
  6. Буквално: саботен ден одење. Сабота е неработен ден за Евреите и според уредбите воспоставени од фарисеите тие не само што на тој ден не смеат ништо да работат, туку не смеат ни да пешачат и да се оддалечуваат од местото на живеење повеќе од ова растојание.
  7. Нивата е купена индиректно. Јуда им ги вратил парите на свештениците, а тие со нив ја купиле нивата на грнчарот (Мат. 27:7).
  8. Јуда се обесил (Мат. 27:5), па неговото тело веројатно паднало на нивата дури откако се распаднало.
  9. Тогаш во Јудеја се зборувал арамејскиот јазик.
  10. Псалм 69:25.
  11. Псалм 109:8.
  12. Бар-саба значи син на Саботата.
  13. Во оригиналот: 'Пентекост', односно Педесетница. Тоа е еврејски празник уште од старозаветно време и се славел педесет дена по нивниот празник Пасха. Во овој случај, тоа е седум недели по Христовото воскресение. Токму поради оваа случка опишана овде (т.е., слегувањето на Светиот Дух врз првите христијани), кај нас овој празник се нарекува Духовден. Но како што се гледа од случката, Духовден нема никаква врска со одење на гробишта ниту нешто слично.
  14. Или: различни говори.
  15. Не се мисли на целиот Азиски континент, туку само на дел од полуостровот Мала Азија.
  16. Луѓе што по раѓање не се Евреи, но го прифатиле еврејството и се придржуваат кон Мојсеевиот Закон. Познати и како прозелити.
  17. На големите празници, како што е Педесетница, Евреите постеле, и ниту јаделе, ниту пиеле, сѐ до заоѓањето на сонцето.
  18. Цитат од пророкот Јоел 2:28-32.
  19. Буквално: човек што не се придржува кон Законот, неевреин.
  20. Псалм 16:8-11.
  21. Или: Месијата. Христос на грчки и Месија на еврејски значат Помазаник.
  22. Во масоретскиот текст: Му рече Јахве на мојот Господ...
  23. Псалм 110:1.
  24. Грчки: Христос.
  25. Буквално: на оние што се далеку.
  26. Буквално:<...на раскршување на лебот“ - израз што ја означува Причеста, односно, спомен-вечерата Господова.
  27. Грчки: Христос.
  28. Цитат од 5 Мојсеева 18:15.
  29. Цитат од 5 Мојсеева 18:19.
  30. Цитат од 1 Мојсеева 22:18, 26:4.
  31. Псалм 118:22. Буквално: аголен камен, што значи најважен камен, потпорен камен, од кој зависи стабилноста на целата градба.
  32. Синедрионот, местото каде што се одржувале собранијата на народните и верските водачи.
  33. На грчки Христос, на еврејски Месија. Цитат од Псалм 2:1-2.
  34. Буквално: ги оставаа пред нозете.
  35. Буквално, Бар-наба значи Син на утехата. Веројатно тој бил особено надарен да утешува и охрабрува други христијани.
  36. Шапира е арамејско женско име и значи Убавка. На грчки јазик е транслитерирано како Сапфира.
  37. Букв. зборови на животот.
  38. Познато и како Санхедрин или Синедрион. Исто и во стих 27.
  39. Буквално: да ја префрлите крвта на Тој Човек.
  40. Не првиот попис на Квириниус забележан во Ев. според Лука 2:2, туку оној во шестата година по Христа.
  41. Всушност, елинизирани Евреи што го прифатиле грчкиот јазик, кој уште од времето на Александар Македонски бил широко распространет и наметнуван како меѓународен јазик на културата и како средство со помош на кое тој планирал да го обедини своето царство. Елинизираните Евреи биле главно припадници на благородништвото и на побогатите слоеви.
  42. Грчки: синедрионот или санхедринот.
  43. и 14 Буквално: против ова свето место.
  44. Харан бил град во Сирија, на северозапад од Месопотамија.
  45. Цитат од 1 Мојсеева 12:1.
  46. Цитат од 1 Мојсеева 12:7; 15:13-14; 2 Мојсеева 3:12.
  47. Буквално: нашите татковци.
  48. Цитат од 2 Мојсеева 2:14.
  49. 2 Мој. 3:6.
  50. 2 Мој. 3:5-10.
  51. Буквално: морето на трските.
  52. 5 Мој. 18:15.
  53. 2 Мој. 32:1.
  54. Буквално: на небесното воинство.
  55. Амос 5:25-27.
  56. Буквално: шаторот на сведоштвото. Служел како покретен храм, место за општење со Бог.
  57. Грчки: Исус, синот на Нун. Еврејски: Ј'хошуа бен Нун.
  58. Буквално: на Јакововиот Бог. Според некои ракописи: на домот Јаковов.
  59. Исаија 66:1,2.
  60. Буквално: со необрежани срца и уши.
  61. На еврејски Шаул, подоцна наречен Павле; станал Христов апостол. Погледнете 13:9.
  62. Буквално: Кој ќе збоува за Негово поколение? Овој ред е тежок за преведување и може да има и други значења, како на пример: „Тој ќе нема Свои наследници, зашто животот му се одзема“. Можни се и други значења.
  63. Цитат од Исаија 53:7-8.
  64. Во некои подоцнежни ракописи стои и овој стих: „Филип рече: >Ако веруваш со сето свое срце, можеш.' Евнухот одговори: >Верувам дека Исус Христос е Божји Син.'“
  65. Овој град на еврејски се вика Ашдод.
  66. Преносно: Христијанството. Христос велеше: „Јас Сум Патот“, Јвн.14:6
  67. Види 2Кор.11:32-33.
  68. Тавита на арамејски и Доркас на грчки значи срна, или кошута.
  69. Буквално: стотник, старешина над сто војници.
  70. Односно, семејството и сите слуги што ги имал.
  71. Куќите на Блискиот Исток имаат рамни покриви, кои служат и како тераси.
  72. Грчки: екстазис.
  73. Буквално: гнасно и нечисто.
  74. Буквално: Она што Бог го нарекува чисто, немој да го нарекуваш нечисто!
  75. Буквално: од обрежаните.
  76. Буквално: гнасно и нечисто.
  77. Или: во вода и во Светиот Дух.
  78. Или: на Елините, што е поширока етничка категорија, а не само Грци.
  79. Буквално: учениците.
  80. Ирод Агрипа му бил внук од брат на Ирод Антипа, а Ирод Велики му бил дедо.
  81. Тоа е еврејскиот празник Пасха, кога се јадел леб месен без квасец.
  82. Градот Антиохија, во областа Сирија.
  83. Буквално: Нигер.
  84. Грчки: тетрарх, со што се истакнува дека владеел со четири области.
  85. Се наоѓа на источниот брег на Кипар. Бил уништен од земјотрес, па обновен во четврти век под името Констанца. Урнатините се 5 километри од градот Фамагуста.
  86. Поточно, Бар-Јешуа, што значи Син на Јешуа. Нема врска со Исус Христос. Името Јешуа (грчки: Исус) било мошне често име меѓу Евреите.
  87. Памфилија и Писидија се области во денешна Турција.
  88. Има два града со истото име - Антиохија. Едниот бил во Сирија (11:19), а вториот во античката провинција Писидија, сега во состав на Турција.
  89. Во некои ракописи: ги трпеше. Споредете со 5 Мојсеева 1:31.
  90. 1 Царства 13:14.
  91. Преносно: не сум достоен дури ни да бидам Негов слуга (роб).
  92. Псалм 2:7.
  93. Исаија 55:3.
  94. Псалм 16:10.
  95. Авакум 1:5.
  96. Исаија 49:6.
  97. Симболично покажување дека ги напуштаат не по своја желба или вина.
  98. Во знак на силна вознемиреност и жал. Луѓето го правеле тоа кога тагувале, се каеле или биле потресени.
  99. Во областа Писидија. Види ја фуснотата за стих 26.
  100. Во областа Сирија, зашто град со исто име имало и во областа Писидија (дел од денешна Турција).
  101. Преносно: ќе го обновам паднатото царство на Давид.
  102. Цитат од Амос 9:11-12.
  103. Во некои ракописи стои и 34 стих: „Но Сила реши да остане таму.“
  104. Фригија, Галатија и Азија биле области во денешна Турција.
  105. Мизија и Битинија биле области во денешна Турција.
  106. Тука на Павле му се приклучува Лука, писателот на оваа книга.
  107. Македонија во тоа време била област во римското царство, а неколку поважни градови во неа имале статус на колонии, што значи дека во нив власта не била од локалното население, туку била во рацете на службеници од Рим.
  108. Во синагогите, покрај Евреи, се собирале и побожни луѓе од другите народи.
  109. Град во Грција, близу до Атина.
  110. Или: кожари.
  111. Буквално: Вашата крв нека падне на ваши глави. Јас сум чист.
  112. Во некои ракописи: По секоја цена морам да стигнам во Ерусалим до празникот што наближува, а потоа пак ќе се вратам.
  113. Некои преведувачи сметаат дека ова се однесува на црквата во Ерусалим, па овој дел од стихот го преведуваат вака: ...се искачи во Ерусалим, ја поздрави црквата и слезе во Антиохија.
  114. Најголема област во Грција, јужно од планината Олимп. Понекогаш се употребува како синоним за цела Грција.
  115. Спореди со Дела 2:4-13.
  116. Буквално: за Патот; синоним за учењето на Христос, Кој изјави: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“. Види Јвн. 14:6.
  117. Во тоа време кога се зборувало за Азија се мислело само на западниот дел од малоазискиот полуостров.
  118. Буквално: драхми. Една драхма имала вредност на една дневница.
  119. Или: „Така, со помош на Господовата сила, пораката...“
  120. Или: науми во својот дух.
  121. Види фуснота за стих 9.
  122. Позната и како божица Дијана.
  123. Место каде што се одржувале градските собранија.
  124. Буквално: градскиот писар Всушност се работи за човекот што во име на Римјаните управувал со градот.
  125. Или: Вечера Господова. Буквално: раскршување леб.
  126. Во оригиналот: Пентекост = Педесетница.
  127. Буквално: Грците, односно Елините. Се мисли на поширок број народи, а не само на Грци.
  128. Во оригиналот стои: ...духот ме тера...
  129. Буквално: не сум одговорен за крвта на ниеден од вас.
  130. Буквално: паганите или незнабошците.
  131. Старешина над илјада војници.
  132. Командири над сто војници, ткн. стотници.
  133. Бувално: следбениците на овој Пат. Види фуснота за 19:9; и Јвн.14:9.
  134. Буквално: Синедрион, еврејско собрание што имало власт да ги води верските, а делумно и световните работи.
  135. 2 Мојсеева 22:28.
  136. Садукеите биле припадници на високата аристократија. Во голема мерка биле елинизирани. Тие не верувале дека е можно воскреснување од мртвите.
  137. Фарисеите бескомпромисно се држеле до Мојсеевиот Закон, не прифаќале никакво влијание од околните народи, од елинската култура и од римјаните. Тие верувале дека Бог ќе ги воскресне мртвите.
  138. Грчки: оратор.
  139. Во некои стари ракописи стои и следното: „и сакавме да му судиме според нашиот закон. (7) Тогаш дојде полковникот Лисија и со голема војска насилно ни го одзеде, (8) наредувајќи ни оние што имаат обвинение против него да дојдат кај Вас.“
  140. Буквално:...сум следбеник на Патот, што тие го нарекуваат секта. Види фуснота за 19:9, и Јвн.14:6.
  141. Грчки: синедрион.
  142. Буквално: го познаваше Патот. Види фуснота за 19:9, и Јвн.14:6.
  143. Римјаните се поздравувале со кревање на десната рака.
  144. Буквално: на името на Исус од Назарет.
  145. Дрвен стап со метална острица на врвот што служи за терање на крупен добиток.
  146. Преносно: им го покажа вистинскиот пат, излез.
  147. Или: Сакаш набрзина да ме убедиш и јас да станам христијанин!
  148. Букв. стотник, офицер што раководи со сто војници.
  149. Војници што биле под непосредна команда на императорот.
  150. Јом Кипур. Се слави при крајот на септември или во октомври.
  151. Во некои ракописи: Клауда.
  152. Или: морето Адриа, кое се протегало во централниот Медитеран. Не треба да се меша со Јадранското море.
  153. Грчки: 20 оргуи.
  154. Грчки: 15 оргуи.
  155. Римските богови близнаци Кастор и Полукс.
  156. На островот Сицилија.
  157. На југот на Италија.
  158. Форумот бил оддалечен од Рим седумдесет километри.
  159. Местото наречено „Трес Табернае“ (Три Крчми) било оддалечено од Рим педесет и седум километри.
  160. Грчки: за оваа ерес.
  161. Цитат од Исаија 6:9,10. Види и во Матеј 13:14-15.
  162. Некои стари ракописи го содржат и овој стих: „Откако го рече ова, Евреите си заминаа, жестоко препирајќи се меѓу себе.“
  163. Или: на свој трошок.