Писмо од апостол Павле до христијаните во Колос
Писмо од апостол Павле до христијаните во Филипи | Писмо од апостол Павле до христијаните во Колос Библија од [[]] |
Прво писмо од апостол Павле до христијаните во Солун |
Глава 1
[уреди]
Авторство и поздрави
[уреди]
1Од Павле, избран од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат по вера Тимотеј,
2до христијаните во градот Колос,
до нашите пријатели, верни следбеници на Христос.
Бог, нашиот Татко, нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир.
Благодарностна и застапничка молитва
[уреди]
3Секогаш кога се молиме за вас, Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос,
4зашто слушнавме за вашата вера во Исус Христос, и за љубовта што ја имате спрема сите Божји луѓе.
5Вашата вера и љубов се засновани врз надежта што ја имате за она што е подготвено за вас на небото. За тоа слушнавте од вистинитата порака - од Радосната вест.
6Таа се проповеда по целиот свет и се шири со голем успех, давајќи плодови како и кај вас, од првиот ден кога ја слушнавте вистината и дознавте колку Бог ни е благонаклонет.
7Радосната вест ја слушнавте од Епафрас, нашиот драг соработник, човек што верно Му служи на Христос и работи за вас[1].
8Тој ни раскажа за вашата голема христијанска љубов што ви ја дал Светиот Дух.
9Затоа, уште од првиот ден кога слушнавме, не престануваме да се молиме за вас и да бараме од Бог да ви ја открие Неговата волја за вашите животи. Се молиме да ве исполни со секаква мудрост и разбирање на духовните вистини.
10Така ќе можете да живеете за Господ онака како што прилега и во секој поглед да Му бидете по волја. Секоја добра работа за која ќе се зафатите ќе носи плод и сѐ подобро ќе Го запознавате Бог.
11Се молиме да добивате сила од Неговата огромна и величествена моќ, за да можете со радост да истрпите и издржите сѐ што ќе ве снајде
12и да Му оддавате благодарност на небесниот Татко, Кој ви овозможи и вие, заедно со Божјиот свет народ, да добиете дел од наследството во царството на светлината.
13Тој нѐ извлече од власта на царството на темнината и нѐ пренесе во царството на Неговиот сакан Син,
14Кој ни ја откупи слободата и ни ги прости гревовите.
Христос е над сѐ
[уреди]
15Христос е видлива слика на невидливиот Бог.
Тој постоеше уште кога Бог ништо не беше создал
и е над сѐ што е создадено[2].
16Преку Христос Бог ги создаде сите нешта
и на небото и на Земјата:
тоа што се гледа и тоа што не се гледа,
сите престоли и власти,
сите владетели и властодршци,
сѐ беше создадено преку Него и за Него.
17Тој постои пред сѐ и ги одржува сите нешта.
18Христос е глава на Црквата, која е Негово тело.
Тој е Почетокот, прв[3] што воскресна од мртвите,
за да биде прв во сѐ,
19зашто Бог одбра во Него
во целост да се всели Божјата природа
20и преку Него да ги
помири со Себе сите,
било да се на Земјата, или на небото,
воспоставувајќи мир преку
Својата крв, пролеана на крстот.
21Тоа ве вклучува и вас што порано бевте отуѓени од Бог и Му бевте непријатели, и во мислите и на дело.
22Сега, преку телесната смрт на Неговиот Син, Тој ве помири со Себе. Затоа Христос ќе ве претстави пред Бог како свети, непорочни и беспрекорни.
23Се разбира, ако докрај продолжите да верувате цврсто и непоколебливо, и не отстапите од надежта што ја дава Радосната вест што ја чувте. Јас, Павле, добив задача од Бог да им ја проповедам таа Радосна вест на сите луѓе под небесниот свод.
Енергично проповедање на Радосната вест
[уреди]
24Страдам, но се радувам, затоа што знам дека вие од тоа ќе имате корист. Мило ми е што со моето телесно страдање и јас придонесувам кон страдањата на Исус за Црквата, која е Негово тело.
25Бог ми даде задолжение да ѝ служам на Црквата и ме испрати кај вас да ви ја проповедам Неговата порака, во сета нејзина полнота.
26Со векови оваа порака беше тајна за луѓето, а сега таа им е објаснета на Неговите свети луѓе.
27Бог го стори ова бидејќи сакаше вие што не сте Евреи да ја разберете таа прекрасна, величествена тајна: дека Христос живее во вас и заради тоа вие со право се надевате дека ќе имате свој удел во Божјата слава.
28Ние токму за Христос проповедаме и ја употребуваме сета наша мудрост, за да ги предупредиме и поучиме сите луѓе, па сите да станат зрели Христови следбеници.
29Затоа јас толку напорно работам, користејќи ја силата што Тој ми ја дава.
Глава 2
[уреди]
1Сакам да знаете низ колкава агонија минувам заради вас, заради христијаните во Лаодикеја и заради сите други христијани што досега не ме имаат ни сретнато.
2Целта ми е да ги охрабрам, сплотени во љубов целосно да ја разберат Божјата тајна, а тоа е Христос, за да сфатат какво богатство е човек да ја има таа сигурност.
3Во Христос се кријат сите ризници на Божјата мудрост и знаење!
4Ви го кажувам ова за да не дозволите никој да ве разубедува и да ве измами.
5Иако не сум меѓу вас, постојано ве имам во мислите. Мило ми е што гледам дека живеете уредно и дека вашата вера во Христос е цврста.
Христос, а не обичаи, храна или слави
[уреди]
6Вие Го прифативте Исус Христос како свој Господ. Продолжете да живеете во послушност спрема Него.
7Пуштете корени во Него, од Него црпете, за да растете и да се зацврстувате во верата, онака како што ве учевме. Бидете Му бесконечно благодарни на Господ.
8Не дозволувајте никој да ве заведува со бесмислено филозофирање и со празни лаги, кои произлегуваат од чисто човечки обичаи, од овоземните принципи[4], а не од Христос,
9зашто Бог во целост е присутен во Христос[5] во облик на човечко тело,
10па и вие сте целосни личности, преку сојуз со Него. Тој е Господар[6] над сите сили и власти.
11Преку духовно обрежување, Христос ја отстрани од вас вашата грешна природа, исто како што при телесното обрежување се отстранува едно делче од телото.
12Кога се крстивте, вие всушност се погребавте со Христос, а потоа воскреснавте, бидејќи верувавте во Божјата сила што Го воскресна Христос од мртвите.
13Вие бевте мртви поради гревовите во вас, зашто вашата грешна природа не беше отстранета од вас. Но Бог ве оживеа, заедно со Христос! Тој ни ги прости сите наши гревови.
14Бог ја избриша обврзницата со нашите долгови, според чии одредби ние бевме должници. Тој ја зеде и ја уништи, приковувајќи ја на Христовиот крст.
15Така Бог ги разоружа сите зли владетели и власти, и јавно ги посрамоти, поразувајќи ги со Христовата жртва на крстот.
16Затоа, не дозволувајте никој да ве обвинува за она што го јадете и пиете[7], за тоа дали ги славите празниците, дали ја славите Младата месечина и саботата.
17Тие нешта беа само сенка на она вистинското што требаше да дојде, а тоа е Христос.
18Не дозволувајте да ве тераат да се самопонижувате и да обожавате ангели, зашто божем добиле такви виденија. Тие луѓе се прават многу понизни, но нивните грешни умови се полни со суета и горделивост.
19Тие веќе не се поврзани со Христос, Кој е глава на телото. Тој му дава сила на телото, и преку неговите жили и лигаменти го држи цврсто обединето. Тоа духовно тело може да расте само ако се храни од Бог.
20Вие умревте со Христос и ослободени сте од начинот на кој живеат световните луѓе. Зошто тогаш дозволувате да ви наметнуваат вакви догми:
21<Тоа не смее да се допира[8]!“, „Тоа не смее да се јаде!“, или „Тоа не смее да се прави!“?
22Тоа се само уредби и учења наметнати од луѓе, а се однесуваат на распадливи нешта, на работи што ги употребуваме[9].
23Иако на прв поглед се чини мудро да се придржувате до тие правила, бидејќи повикуваат на побожност, понизност и строгост спрема телото, со нив не можат да се победат грешните телесни страсти[10].
Глава 3
[уреди]
Новиот живот на христијанинот
[уреди]
1Вие сте воскреснати за да живеете со Христос. Затоа стремете се кон она што е на небото, каде што Христос владее, седнат од Божјата десна[11] страна.
2Размислувајте за она што е на небото, а не за она што е на Земјата.
3Вие умревте кога умре Христос, а тоа значи дека вашиот вистински живот е скриен во Христос кај Бог.
4А кога ќе се појави Христос, кој е вашиот вистински живот, тогаш и вие ќе се појавите, закитени со Неговата слава.
5Затоа, не дозволувајте вашето тело да управува со вас! Умртвете го во вас она што е развратно, гнасно, похотно, зло и алчно. И алчноста е еден вид на идолопоклонство!
6Ваквите постапки го предизвикуваат Божјиот гнев.
7Така постапувавте и вие кога вашиот живот беше неуреден.
8Сега треба да престанете со гнев, омраза и злоба. Престанете да навредувате и да се служите со непристојни зборови.
9Немојте да лажете. Вие веќе ја соблековте и ја отфрливте вашата стара природа, со нејзините навики,
10па наместо неа облековте нова природа, која постојано се обновува, колку што подобро Го запознавате Христос, Кој ја создаде новата природа во вас.
11Не е важно дали сте Грци[12] или Евреи, дали сте обрежани или не, дали сте варвари или Скити[13], дали сте робови или слободни. Сѐ што е важно е Христос да живее во сите нас!
12Бог ве сака и ве одбра да бидете Негов свет народ. Затоа, сочувствувајте со луѓето, бидете љубезни спрема нив, бидете скромни, кротки и трпеливи.
13Толерирајте се, простувајте си кога некој ќе ви згреши. Простувајте си исто како што Господ вам милостиво ви прости.
14А најважно од сѐ е да бидете исполнети со љубов, зашто меѓусебната љубов сврзува во совршена заедница.
15Секој од вас е дел од Христовото тело. Треба да бидете сложни и благодарни. Дозволете мирот што доаѓа од Христос да ги води вашите срца.
16Зборовите на Христос, во сето нивно богатство, нека го исполнуваат вашиот живот. Користете ја сета мудрост што ја имате за да се поучувате и советувате еден со друг. Пејте Му на Бог псалми, химни и духовни песни, пејте Му со благодарност и од сѐ срце.
17Сѐ што ќе кажете или ќе направите, правете го како претставници на Господ Исус, оддавајќи Му преку Него благодарност на Бог Таткото.
Начела за христијанските семејства
[уреди]
18Жени, покорувајте им се на вашите сопрузи, како што им прилега на Господови следбенички.
19Мажи, сакајте си ги вашите сопруги. Не однесувајте се грубо спрема нив.
20Деца, бидете им во сѐ послушни на вашите родители. Тоа Му причинува задоволство на Господ.
21Татковци, немојте да постапувате сурово спрема своите деца, за да не им ја уништите волјата.
22Робови, бидете им послушни на вашите земни господари во сѐ, дури и тогаш кога не ве гледаат. Правете го тоа од сѐ срце, не за да им угодите на луѓето, туку од страхопочит спрема Господ.
23Сѐ што правите, правете го со сета душа, како да го правите за Господ, а не за луѓето.
24Имајте на ум дека Му служите на Господ Христос и дека Тој ќе ве награди.
25А кој постапува лошо, ќе си ги поднесува последиците, бидејќи кај Господ нема пристрасност.
Глава 4
[уреди]
1Господари, постапувајте чесно и правично со своите робови. Не заборавајте дека и над вас има Господар на небото!
Поттик на молитва и мудро однесување
[уреди]
2Посветете се на молитва, будно и со благодарност.
3Молете се и за нас, Бог да ни отвори патишта, па Неговата порака да се шири и да се објаснува тајната за Христос. Токму заради тоа сега јас сум в затвор.
4Молете се пораката да ја објаснувам разбирливо, онака како што треба.
5Однесувајте се мудро спрема оние што не се христијани и користете ја секоја можност.
6Зборувајте љубезно, умесно и концизно; давајте му умешен одговор на секој што ќе ви постави прашање.
Завршни упатства и поздрави
[уреди]
7Мојот драг пријател Тихик, кој верно работи со нас и Му служи на Господ, ќе ви раскаже сѐ што ве интересира за мене.
8Го праќам токму заради тоа, да ви каже како сме и да ве охрабри.
9Со него ќе дојде и вашиот земјак Онисим, кој е наш верен и многу мил брат по вера. Тие ќе ви раскажат за сѐ што се случува овде.
10Ве поздравува Аристарх. И тој е в затвор со мене. Ве поздравува и Марко, братучедот на Барнава. Ако дојде кај вас, прифатете го, како што веќе ви пишавме.
11Ве поздравува и Исус, меѓу нас познат како Јуст. Овие тројца се единствените христијани од Евреите што работат со мене за Божјото царство. Тие се големо охрабрување за мене.
12Ве поздравува и вашиот сограѓанин Епафрас, кој сега е во служба на Исус Христос. Тој ревносно се моли за вас, да бидете цврсти, да станете зрели христијани, уверени во целата Божја волја.
13Јас лично сум сведок колку ревносно се залага тој за вас, како и за христијаните во Лаодикија и во Хиераполис.
14Ве поздравуваат нашиот драг лекар Лука и Димас.
15Поздравете ги сите христијани во Лаодикија, а посебно Нимфа[14] и членовите на црквата што се собираат во нејзиниот дом.
16Кога ќе го прочитате ова писмо кај вас, погрижете се да стигне и во Лаодикиската црква, за да го прочитаат и тие, а и вие треба да го прочитате писмото што им го упатив ним.
17Потсетете го Архип внимателно да ја извршува работата што му ја довери Господ.
18Сега своерачно ви пишувам: Поздрав од Павле!
Не заборавајте дека сум в затвор.
Бог нека ви биде благонаклонет.
- ↑ Во некои ракописи: Ѓза насЃ.
- ↑ Буквално: Ѓпрвина од сѐ што е создаденоЃ.
- ↑ Буквално: „Првороден од мртвите“.
- ↑ Или: Ѓосновните принципи на овој светЃ.
- ↑ Грчки: Ѓво Него телесно живее целата полнота на БожественостаЃ.
- ↑ Грчки: ЃглаваЃ.
- ↑ Или преносно: Ѓникој нема право да ви одредува што смеете да јадете и пиете, а што неЃ.
- ↑ Преносно може да се однесува на забраната Евреите да јадат, или да се мешаат со неевреи.
- ↑ Или: ЃИ да ги послушате, од тоа нема да имате никаква корист. Тоа се само правила и учења воспоставени од луѓе.Ѓ
- ↑ Или: Ѓсо нив се задоволуваат само телесните луѓеЃ.
- ↑ Десната страна означува почесно место и голема власт.
- ↑ Се мисли на сите што не се Евреи.
- ↑ Се мисли на околните нецивилизирани народи.
- ↑ Или: ЃНимфан .. во неговиот дом.Ѓ