Писмо од апостол Павле до христијаните во Ефес (вики-превод)
Писмо од апостол Павле до христијаните во Галатија (вики-превод) | Писмо од апостол Павле до христијаните во Ефес Библија (вики-превод) од н.п. |
Писмо од апостол Павле до христијаните во Филипи (вики-превод) |
Глава 1
[уреди]
Авторство и поздрави
[уреди]
1Од Павле, одбран од Бог да му биде апостол на Исус Христос, до Божјиот свет народ во Ефес[1], до верните следбеници на Исус Христос.
2Бог, нашиот Татко и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир.
Духовни благослови
[уреди]
3Благословен нека е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој нѐ благослови со секаков вид духовни благослови од небесните простори, бидејќи Му припаѓаме на Христос.
4Поради Својата љубов спрема нас, уште пред светот да биде создаден, Бог нѐ одбра да бидеме Негов народ, преку вера во Христос, и да бидеме свети и без пороци во Неговите очи.
5Неговиот план отсекогаш беше, преку Исус Христос, да нѐ посвои, да нѐ направи Негови деца. Тоа беше резултат на Неговата благонаклоност спрема нас.
6Го славиме Бог заради таа прекрасна благонаклоност што ја излеа врз нас, бидејќи Му припаѓаме на Неговиот сакан Син.
7Христос ја пролеа сопствената крв за да нѐ откупи. Сега гревовите ни се простени. Го стори тоа поради Својата неизмерна благонаклоност спрема нас,
8излевајќи ја врз нас заедно со сета мудрост и разбирање.
9Бог ни откри каква Му била намерата и ни го објасни тајниот план што веќе беше решил да го оствари преку Христос.
10Планот што Бог ќе го доврши, кога за тоа ќе дојде време, е да собере сѐ заедно, и од небото и од земјата, и да го стави под власт на Христос.
11Токму по заслуга на Христос и ние бевме избрани за наследници[2], однапред определени од Бог, Кој сѐ прави онака како што Самиот Тој ќе реши.
12Ние ќе ја увеличиме Божјата слава, сите ние што навреме ја положивме својата надеж во Христос.
13И вие сте сега Божји народ. Ја слушнавте вистината, Радосната вест за тоа како можете да се спасите, и поверувавте во неа. Бог ве посвои[3], ставајќи го врз вас Својот печат со тоа што ви го даде Светиот Дух, токму онака како што ни беше ветено.
14Светиот Дух е гаранција дека навистина ќе го добиеме она што Бог му го вети на Својот народ: откупување, ослободување за тие што се Негови. Тоа е уште една причина да го славиме нашиот величествен Бог.
Молитва за духовна мудрост
[уреди]
15Слушнав за вашата вера во Исус Христос и за љубовта што ја имате спрема сите христијани
16и во моите молитви постојано Му благодарам на Бог за вас.
17Го молам Бог, Славниот Татко на нашиот Господ Исус Христос, да ви даде духовна мудрост и да ви открие сѐ за Себе, за да Го запознаете целосно.
18Се молам вашите срца да бидат просветлени, за да согледате каква прекрасна иднина им е ветена на повиканите, да разберете какво богато[4] и величествено наследство има Бог за Својот свет народ,
19колку е огромна силата со која Тој работи за нас кои Му веруваме. Таа сила е истата онаа моќна сила
20со која Тој Го воскресна Христос од мртвите и Му Го додели почесното место на небото, од Својата десна страна.
21Христос е високо над сите владетели и власти, над сите сили и господари, над секого, не само во овој свет, туку и во идниот.
22Бог сѐ стави под власт[5] на Христос и Го постави за Господар[6] над сѐ, во полза на црквата,
23Црквата е Христовото тело, таа е исполнета со Христос, Кој со своето присуство исполнува сѐ и насекаде.
Глава 2
[уреди]
Оживеани со Христос
[уреди]
1Порано и вие бевте мртви, вечно осудени од вашите престапи и гревови.
2Живеевте грешно, онака како што живее и останатиот свет. Му се покорувавте на ѓаволот, на оној што владее со силите во воздухот, на духот што и сега владее во оние што не Му се покоруваат на Бог.
3Сите ние порано живеевме така. Се раководевме од нашите телесни страсти, го правевме она што го сака нашата грешна природа, преку телото и умот. Со таквата наша природа ние бевме подложни на Божјиот гнев, како и другите луѓе.
4Но Бог е толку полн со милост, толку е голема љубовта што ја чувствува спрема нас,
5така што уште додека бевме мртви, удавени во нашите гревови, Тој нѐ врати во живот. Со тоа што го воскресна Христос, ни овозможи и нам да оживееме. Вашето спасение е резултат на Божјата благонаклоност, која никој од нас не ја заслужува.
6Значи, заедно со Исус Христос, Бог нѐ воскресна и нас, и ни даде место на небото, веднаш до Исус, затоа што сме во единство со Него.
7Тоа го стори за да бидеме пример во времињата што доѓаат за Неговата огромна благонаклоност, што се покажа преку сето она што Тој го стори за нас, кои сме на страната на Исус Христос.
8Бог, кога поверувавте, ве спаси поради Својата милостива благонаклоност спрема вас. Спасението не е по ваша заслуга, тоа е Божји дар.
9Никој не го заработил[7], па да може да се фали.
10Ние сме Божјо совршено, врвно дело. Создадени сме преку Исус Христос, за да живееме живот исполнет со добри дела, што Бог уште одамна ги испланирал[8] за нашите животи.
Помирување и единство преку Христос
[уреди]
11Затоа не заборавајте што бевте порано. Вие според раѓањето не сте Евреи. Оние што се обрежани, иако е тоа само телесно обрежување и извршено од човечка рака, со презир ве нарекуваа „необрежани “.
12Тоа беше кога Го немавте Христос. Бевте туѓинци и не бевте дел од Божјиот народ. Немавте дел во заветот, во ветувањата што Бог му ги даде на Својот народ. Живеевте во овој свет без надеж и без Бог.
13Но сега го имате Исус Христос. Вие кои некогаш бевте далеку, сега сте доведени близу до Бог, благодарение на крвта што Христос ја пролеа за вас.
14Христос е Тој што нѐ помири[9], Кој од Евреи и неевреи направи еден народ. Го урна ѕидот што нѐ раздвојуваше и нѐ правеше непријатели.
15Со својата смрт Христос му стави крај[10] на целиот еврејски систем од заповеди и правила. Преку Себе Христос создава нов човек, и од Евреин и од неевреин, изградувајќи така мир.
16Умирајќи на крстот, и за едните и за другите, Христос го уништи непријателството што владееше меѓу нив, ги помири со Бог и ги обедини во еден народ.
17Христос дојде и проповедаше помирување со Бог, и за вас неевреите што бевте далеку, и за нас Евреите што Му бевме близу.
18Преку Него и вие и ние, со посредство на Светиот Дух, имаме пристап до Таткото.
Храмот Господов
[уреди]
19Затоа сега вие не сте веќе туѓинци и странци, туку сограѓани на Божјиот народ и членови на Божјото семејство.
20И вие сте изградени врз темелите што ги поставија апостолите и пророците, а Христос е ваш потпорен[11] камен.
21Тој целата градба ја држи цврсто поврзана и ја претвора во свет храм на нашиот Господ.
22Соединети со Него, и вие сте дел од духовната градба во која живее Бог.
Глава 3
[уреди]
Откривањето на Божјиот таен план
[уреди]
1Токму поради тоа што ви проповедам за Исус Христос и вам кои не сте Евреи, јас, Павле, сега лежам в затвор.
2Вие сигурно сте слушнале дека Бог ми ја довери задачата да ви ја проповедам Неговата милост и љубов спрема вас, неевреите.
3Тој ми го откри и објасни Неговиот таен план. (За тоа порано накратко ви пишував,
4и можете да прочитате, за да дознаете како ми беше откриена тајната за Христос.)
5На претходните поколенија таа тајна не им беше објавена. Бог сега, преку Светиот Дух, им ја откри на Неговите свети апостоли и пророци.
6Од Радосната вест дознаваме дека тајната е во тоа што по заслуга на Исус Христос и нееврејските народи се соучесници во ветувањата што ги даде Бог, сонаследници со Евреите и органи на истото тело.
7Бог беше многу милостив и благонаклонет спрема мене. Неговата сила ми даде дарба и задача да ја ширам Радосната вест.
8Спрема мене, најмалку достојниот од сите Божји избраници, Бог беше благонаклонет и ме одбра да им ја проповедам Радосната вест на нееврејските народи, веста дека им стојат на располагање неисцрпни богатства, сѐ по заслуга на Христос.
9Бог, Создателот на сѐ што постои, ме одбра да им го објаснувам на сите луѓе Божјиот план, што со векови[12] беше скриен во Неговиот ум.
10Целта беше преку формирањето на Црквата[13] да им се покаже на сите владетели и власти во небесните простори дека Бог има многустрана мудрост.
11Сето тоа беше во согласност со Божјиот вечен план, што се оствари преку нашиот Господ Исус Христос.
12Во заедништво со Христос и преку вера во Него ние можеме смело и со целосна доверба да Му пристапуваме на Бог.
13Затоа ве молам да не се обесхрабрувате поради страдањата низ кои сега јас минувам. Тие ќе бидат за ваша полза, за ваша слава.
Молитва за духовна сила
[уреди]
14Кога само ќе помислам на Божјата мудрост и на Неговиот план, на колена паѓам пред небесниот Татко[14],
15Создателот на секој род, и на небото и на Земјата.
16Го молам Бога, од Својата огромна слава, преку Неговиот дух, да ви даде внатрешна сила, за да бидете непоколебливи.
17Христос, преку вера, да се всели во вашите срца. Да пуштите корени и цврсто да се закрепите во Божјата љубов,
18за да бидете способни, заедно со сите побожни луѓе, да сфатите колку широка и долга, колку висока и длабока е Неговата љубов.
19Да ја искусите таа несфатливо голема љубов и така целосно да се исполните со сета полнота што доаѓа од Бог.
20А сега на Бог, Кој со Својата делотворна моќ може да направи за нас многу повеќе од она што можеме да го посакаме или замислиме,
21нека Му биде оддавана слава преку Црквата и преку Христос Исус, во сите поколенија и за вечни времиња! Амин!
Глава 4
[уреди]
За единство во црквата
[уреди]
1Затоа ве молам, јас кој сум затвореник поради тоа што проповедам за Господ, да живеете живот достоен за луѓе што се повикани, одбрани од Бог.
2Да бидете понизни, кротки и трпеливи. Да се толерирате меѓусебно и да се сакате.
3Трудете се да ги зачувате единството, меѓусебната поврзаност и мирот што ви ги дава Светиот Дух.
4Сите ние сме дел од едно исто тело, сите го имаме истиот Божји Дух, и кога бевте одбрани да бидете Божји народ, вам ви беше дадена една иста надеж.
5Постои само еден Господ, само една вера, само едно крштавање.
6Постои само еден Бог, Татко на сите. Тој е Господар над сите, дејствува преку сите и живее во сите.
7Но Христос секого од нас го надарил со разновидна дарба, како што Тој милувал.
8Затоа Светото писмо вели:
=П „Кога се вознесе во висините, =П зеде со Себе многу затвореници =П и им даде дарови на луѓето. “
9Што значи тоа „кога се вознесе[15] “? Тоа подразбира дека Тој прво слезе до најдолните предели на Земјата[16].
10Тој што слезе е истиот Оној што се издигна високо над сите неба, а тоа е Христос, за да може да ја исполни целата вселена и да владее со неа.
11Христос надарил некои луѓе да бидат апостоли, други да бидат пророци; некои да бидат евангелизатори, а други духовни пастири и учители.
12Тие треба да ги обучат Божјите луѓе за извршување на Неговото дело - изградба на Црквата, духовното Христово тело,
13сѐ додека сите заедно не постигнеме единство во верата и во познавањето на Божјиот Син, со што ќе станеме целосно зрели според возвишените стандарди што ги постави Христос.
14Не треба веќе да се однесуваме како малолетници, фрлани наваму - натаму од брановите, носени од сите ветришта на лажните човечки учења, кои итро ги водат луѓето во стапицата на измамата.
15Треба да растеме, цврсто држејќи се до вистината, искажувајќи ја со љубов, доближувајќи се во секој поглед до Оној што е главата, до Христос.
16Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина. Кога секој дел од телото си ја извршува својата функција, целото тело расте, самото себе се изградува и се исполнува со љубов.
Нова природа за богоугоден живот
[уреди]
17Затоа ви велам и ве обврзувам пред Господ: не треба веќе да живеете онака како што живеат луѓето кои не знаат за Господ, водени од нивните празни умови.
18Нивните умови се помрачени. Тие се отуѓени од животот што доаѓа од Бог, затоа што не го разбираат тоа, а не го разбираат бидејќи срцата им се закоравени.
19Тие веќе не го разликуваат праведното од грешното. Лакомо се препуштаат на разни пороци и на секаков вид гнасни работи.
20Но вие што сте запознаени со учењето на Христос, не сте учени така да живеете.
21Слушнавте за Него и научивте дека вистината произлегува од Исус.
22Затоа, отфрлете ја вашата стара природа и поранешниот начин на живеење, таа стара природа, докрај расипана, полна со похот и измама.
23Сега сте духовно препородени, со нов начин на размислување.
24Однесувајте се како нови луѓе, создадени да бидете слични на Бог: праведни, свети и искрени.
25Веќе не треба ни да помислите да лажете, туку да ја зборувате само вистината[17], бидејќи сме органи на едно исто тело.
26<Не гневете се во толкава мера та да грешите![18] “ Гневот нека ви помине уште истиот ден!
27Не оставајте простор ѓаволот да дејствува!
28Кој крадел, да не краде веќе; нека работи нешто чесно, нека заработува со своите раце, па да може да им дава и на оние што имаат потреба од помош.
29Лоши зборови да не излегуваат од вашата уста! Зборувајте поучни работи, зборови од кои слушателите ќе имаат некаква полза.
30Не ожалостувајте го Светиот Дух со своите постапки. Тој е вашиот гарант дека сте спасени и ве чува за денот на откупувањето.
31Ослободете се од сета горчина, гнев и лутина. Немојте да викате еден на друг и да се навредувате. Ослободете се од сѐ што е зло.
32Бидете љубезни еден спрема друг и полни со милосрдие, простувајте си, како што и Бог ви прости преку Христос.
Глава 5
[уреди]
Христијански начин на живеење
[уреди]
1Следете го Божјиот пример, бидејќи вие сте Негови омилени деца.
2Вашите постапки нека бидат водени од љубовта, токму онака како што Христос, воден од љубов, го принесе Својот живот како жртва што Му е пријатна на Бог и има сладок мирис.
3Вие сте свети Божји луѓе и меѓу вас не смее да има блуд, гнасотии[19] и алчност.
4Не смее да има безобразни, глупави разговори и двосмислени шеги. Сето тоа не ви прилега. Наместо тоа, искажувајте ја вашата благодарност спрема Бог.
5Можете да бидете сигурни дека ниту еден блуден, гнасен или алчен човек нема да биде во царството на Христос и на Бог. И алчноста е еден вид идолопоклонство!
6Не дозволувајте никој да ве мами, наоѓајќи оправадување за ваквите гревови! За вакви работи Бог ги казнува сите непослушни луѓе!
7Со такви луѓе немојте да си имате работа.
8Вие порано бевте во мрак, но сега, откако поверувавте во Господ, ве огреа светлина. Затоа однесувајте се како деца на светлината.
9Таа светлината во вас ќе роди секаков вид добрина, праведност и вистина.
10Трудете се да откриете што Му е мило на Бог и тоа правете го.
11Не учествувајте во бесполезни работи, кои се дела на темнината. Напротив, разоткривајте ги!
12За она што тајно го прават некои луѓе срамота е дури и да се зборува!
13Но светлината ќе ги разоткрие и сѐ ќе излезе на виделина,
14Зашто сѐ што е изложено на светлина, станува јавно. Затоа е речено во Светото писмо:
=П „Стани ти што спиеш, =П воскресни од мртвите =П и Христовата светлина ќе те огрее. “
Да се живее под водство на Светиот Дух
[уреди]
15Внимавајте како живеете! Нека биде тоа мудро, а не неразумно.
16Ова се тешки времиња, затоа користете го секој миг.
17Немојте да се однесувате глупаво, туку трудете се да сфатите како Господ сака да се однесувате.
18Не опивајте се со вино! Тоа може само да ве уништи. Дозволете Му на Светиот Дух да ве исполни и да ве води!
19Разговарајте еден со друг, читајте псалми, пејте химни и духовни песни! Вашите срца нека пеат за Господ!
20Постојано и за сѐ заблагодарувајте Му се на Бог, Небесниот Татко во името на нашиот Господ Исус Христос.
За односот меѓу сопружниците
[уреди]
21Слушајте се еден со друг од почит спрема Христос.
22Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ,
23зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело,
24па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во сѐ да им се послушни на своите сопрузи.
25Истото важи и за вас мажите[20]. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа,
26за да ја направи света, очистувајќи ја преку воденото крштавање и преку Божјото Слово.
27да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана.
28Така треба и мажот да ја сака својата сопруга. Да ја сака онака како што си го сака сопственото тело. Кога човек си ја сака сопругата, покажува дека се сака самиот себе.
29Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него. Тоа го прави и Христос за Црквата.
30А ние сме органи во Неговото тело - Црквата.
31Светото писмо вели: „Заради тоа човек ќе ги напушти својот татко и својата мајка и ќе се здружи со својата жена, па тие двајца ќе станат едно тело[21]. “
32Тоа е голема мистерија, но ова што го зборувам се однесува на Христос и на Црквата.
33Затоа, ќе ви повторам уште еднаш: секој маж нека си ја сака сопругата, онака како што се сака себеси, а жената нека го почитува својот сопруг.
Глава 6
[уреди]
Должностите на децата и на родителите
[уреди]
1Деца, бидете им послушни на своите родители бидејќи вие Му припаѓате на Господ. Тоа е примерно поведение.
2Првата од Десетте заповеди што содржи и ветување гласи: „Почитувај ги своите татко и мајка[22]. “
3А ветувањето е: „за да ви биде добро и долго да поживеете на земјата[23]. “
4Татковци, немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во Господовото учење.
Должностите на робовите и на господарите
[уреди]
5Робови, бидете им послушни на вашите земни господари, со страхопочит, искрено, од сѐ срце, како да Му служите на Христос.
6Работете чесно, не само кога ве гледаат, и не за да ја добиете нивната наклоност, туку како робови на Христос кои од сѐ срце ја исполнуваат Божјата волја.
7Ревносно исполнувајте ги вашите должности, правејќи го тоа како за Господ, а не како за луѓето,
8зашто знаете дека секој што прави добро, било да е роб или слободен, ќе биде награден од Господ.
9Истото важи и за вас, господари. Однесувајте се спрема вашите робови според истите принципи и немојте да им се заканувате, зашто знаете дека и тие и вие имате еден ист Господ на небото, кај Кого нема пристрасност!
Духовното оружје на христијаните
[уреди]
10На крајот ви порачувам да црпите сила од Господ и од Неговата огромна моќ.
11Облечете го целосно Божјиот оклоп, за да можете да ги издржите подмолните напади на ѓаволот.
12Ние не се бориме против луѓето од крв и месо, туку против злите владетели и власти на невидливиот свет, против мрачните духовни сили што владеат со овој свет и против злите духови во небесните простори
13Затоа целосно облечете го Божјиот оклоп. Така ќе можете да издржите во зло време, па откако борбата ќе заврши, ќе останете цврсто исправени.
14Бидете непоколебливи, препашани со појасот на вистината, облечени со штитникот[24] на праведноста,
15обуени и подготвени непоколебливо да чекорите, носејќи ја Радосната вест што донесува мир.
16Со сето ова, понесете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги сопрете и угасите сите огнени стрели на Злиот.
17Ставете го спасението како шлем и земете го мечот на Светиот Дух, а тоа е Божјиот збор.
18Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани.
19Молете се и за мене, за кога ќе отворам уста, Бог да ми даде зборови смело да проповедам за тајната на Радосната вест,
20иако сега сум во окови токму поради тоа што, како Божји пратеник ја проповедам Радосната вест. Молете се да продолжам смело да зборувам, како што и треба.
Поздрави
[уреди]
21Тихик, мојот драг брат по вера и верен помошник во работата за Господ, ќе ви каже како сум и што правам.
22Токму заради тоа го испраќам кај вас, за да ви каже што правиме ние и да ве охрабри.
23На сите христијани таму им посакувам мир и љубов со вера што доаѓа од Бог Таткото и од Господ Исус Христос.
24Бог нека им биде благонаклонет на сите што Го сакаат нашиот Господ Исус Христос со љубов што не гасне.
- ↑ Во некои ракописи Ѓво ЕфесЃ го нема.
- ↑ Или: Ѓдобивме наследство од БогЃ.
- ↑ Ставањето печат симболично означува посвојување.
- ↑ Или: „какво славно богатство и наследство за Бог се Неговите свети луѓе. “
- ↑ Буквално: Ѓпод Неговите стапалаЃ.
- ↑ Буквално: ЃглаваЃ.
- ↑ Буквално: Ѓне е од делаЃ.
- ↑ Или: „добри дела, за кои Бог одамна ни создал можности. “
- ↑ Буквално: ЃХристос е нашиот мирЃ.
- ↑ Буквално: Ѓго анулираЃ.
- ↑ Најважниот камен во тогашните градби. Кај Евреите тоа бил каменот што се ставал на самиот врв од покривите, што имале облик на полутопка. Врз тој камен се потпирале сите други камења. Без него, целиот покрив би се урнал.
- ↑ Или: Ѓуште од самиот почетокЃ.
- ↑ Во која тогаш биле обединети и Евреи и неевреи.
- ↑ Во некои ракописи пишува: Ѓпред Таткото на нашиот Господ Исус ХристосЃ.
- ↑ Или: Ѓсе искачи, се воздигнаЃ.
- ↑ Или: Ѓовде долу на земјата, кај насЃ. Пределите околу Мртвото Море каде што се движел Христос навистина се најниските предели на планетата Земја, повеќе од 300 метри под морското ниво.
- ↑ Захарија 8:16.
- ↑ Псалми 4:4.
- ↑ Буквално: Ѓдуховна нечистотијаЃ.
- ↑ Стиховите 22 и 25 од оваа глава, и стиховите 1, 4, 5 и 9 од наредната глава претставуваат логично продолжение на дваесет и првиот стих.
- ↑ 1 Мој. 2:24.
- ↑ 2 Мој. 20:12.
- ↑ 2 Мој. 20:12.
- ↑ Метален штит, обликуван според телото, што се прицврстува на градите.