Прејди на содржината

Писмо од апостол Павле до христијаните во Галатија (вики-превод)

Од Wikisource
Второ писмо од апостол Павле до христијаните во Коринт (вики-превод) Писмо од апостол Павле до христијаните во Галатија
Библија (вики-превод)
од н.п.
Писмо од апостол Павле до христијаните во Ефес (вики-превод)


Глава 1

[уреди]


Авторство и поздрави

[уреди]



1Од Павле, повикан да биде апостол не од луѓе, ниту со помош на луѓе, туку од Исус Христос и од Бог Таткото, Кој Го воскресна Исуса од мртвите.

2Сите христијани што се со мене, се придружуваат кон ова писмо што го упатуваме до црквите во Галатија.

3Бог, Кој е наш Татко и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. 4Христос ја исполни волјата на Бог, нашиот Татко и доброволно се предаде како жртва за нашите гревови, за да нѐ спаси од овој зол свет во кој живееме. 5Затоа Нему Му припаѓа сета слава за вечни времиња. Амин!

Постои само една Радосна вест

[уреди]



6Не можам да се изначудам како толку брзо се одметнавте од Бог, Кој поради својата љубов и милост спрема вас ве покани да станете сонаследници на Христовите заслуги. Се свртевте кон друга Радосна вест. 7А друга Радосна вест не постои. Некои луѓе сакаат да ве збунат, изопачувајќи ја Радосната вест за Христос.

8Проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ви ја проповедавме ние, па макар да е тоа и некој од нас или да е ангел од небото! 9Веќе кажав, но пак ќе повторам: проклет да биде секој што ќе ви проповеда Радосна вест поинаква од онаа што ја примивте!

10Дали јас се обидувам да им угодам на луѓето и ним да им се умилкувам? Мене ми е важно Бог да го одобрува тоа што го проповедам. Да ми беа важни луѓето, немаше да станам службеник на Христос!

Изворот на Радосната вест

[уреди]



11Сакам да знаете, драги пријатели, дека Радосната вест што јас ви ја проповедав не потекнува од човек, 12зашто јас не ја чув од човек, ниту за неа некој ми раскажа, туку ја добив преку откровение директно од Исус Христос.

13Вие сигурно сте слушнале каков бев јас додека ѝ припаѓав на еврејската религија. Безмилосно ја прогонував Божјата црква и се обидував да ја уништам. 14Јас во еврејската религија напредував многу повеќе од повеќето мои современици и сонародници и бев многу поревносен во спроведувањето на обичаите на моите предци.

15Но Бог ме одбра уште од утробата на мојата мајка и ме повика, поради Својата благонаклоност што јас не ја заслужувам. 16Реши да ми[1] Го открие Својот Син, за да проповедам за Него меѓу нееврејските народи. За таа задача јас не барав совети од луѓе, суштества од крв и месо. 17Не отидов во Ерусалим кај оние што уште пред мене беа апостоли, туку веднаш заминав за Арабија, а подоцна повторно се вратив во Дамаск.

18Дури по три години отидов во Ерусалим, да се запознаам со Петар[2] и со него останав петнаесет дена. 19Со другите апостоли, освен со Јаков, братот Господов, не се ни сретнав. 20Бог ми е сведок дека ова што ви го пишувам не е лага, туку е вистина. 21Потоа заминав за Сирија и Киликија. 22Христијаните[3] во Јудеја сѐ уште не ме познаваа лично, 23туку само беа слушнале дека „оној што ги прогонуваше, сега и самиот ја проповеда верата што сакаше да ја уништи“. 24И го славеа Бог заради тоа што го направи со мене.

Глава 2

[уреди]


Апостолите одобруваат

[уреди]



1По четиринаесет години, повторно, отидов во Ерусалим, заедно со Барнава, а со себе го поведов и Тит. 2Отидов затоа што Бог, преку откровение, така ми нареди. На еден затворен состанок, на кој присуствуваа само поистакнатите водачи на црквата, јас им објаснив како ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи. Сакав да се уверам дека тоа што го правам и што го правев не е погрешно. 3Тие нѐ поддржаа, па ни Тит, кој беше со мене, иако е Грк, не го натераа да се обреже, 4иако некои таканаречени „христијани“[4] се обидуваа. Тие подмолно се вовлекоа во нашите редови за да извидат каква слобода ние имаме преку верата во Исус Христос, па потоа да можат да ни ја одземат таа слобода и да нѐ претворат во робови на јудаизмот. 5Ни за момент не им дозволивме да нѐ надвладеат, за да може вистинската Радосна вест да биде зачувана и за вас.

6Оние што се сметаа за поистакнати (велам се сметаа, зашто за мене тоа воопшто не е важно; Бог не суди според надворешноста), тие поистакнати луѓе не додадоа ништо кон она што јас го говорев. 7Напротив, тие сфатија дека Бог ми довери да ја проповедам Радосната вест меѓу нееврејските народи, исто како што на Петар му довери да ја проповеда меѓу Евреите. 8Бог, Кој работи преку Петар, испраќајќи го да биде апостол меѓу Евреите, сега работи и преку мене, со тоа што ме испрати кај другите народи. 9Кога Јаков, Петар и Јован, кои се сметаа за столбови на црквата, сфатија дека Бог е благонаклонет спрема мене, се ракуваа со мене и со Барнава во знак на пријателство, согласувајќи се ние да работиме меѓу нееврејските народи, а тие меѓу Евреите. 10Единствено од мене бараа да не ги забораваме сиромашните, за кои јас и досега ревносно се грижам.

Павле го укорува Петар за дволичност

[уреди]



11Но кога Петар дојде во Антиохија, јас бев принуден јавно да му се спротивставам, бидејќи заслужуваше да биде укорен! 12Имено, пред да дојдат неколкумина пратеници на Јаков, тој слободно јадеше со христијани од нееврејско потекло. Но кога овие дојдоа, се повлече и се одвои од неевреите, плашејќи се да не биде осуден од новодојдените браќа Евреи! 13Во тоа лицемерство му се придружија и другите Евреи христијани, па дури и Барнава го вовлекоа во тоа лицемерство!

14Кога видов дека не постапуваат правилно и во согласност со вистинската Радосна вест, јас пред сите му реков на Петар: „Ти, иако си Евреин, се откажа од еврејските закони и живееш како неевреин. Како можеш сега да ги тераш оние што не се Евреи да живеат според еврејските правила[5]!? 15Јас и ти по раѓање сме Евреи, а не „погани неевреи“. 16Па сепак знаеме дека човек не се помирува со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, туку преку вера во Исус Христос. Затоа и поверувавме во Исус Христос, за да бидеме прифатени од Бог преку вера во Христос, а не преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Никој нема да се спаси придржувајќи се до Мојсеевиот Закон.“

17Кога ние, Евреите, почнавме да бараме помирување со Бог преку вера во Христос, сфативме дека и ние сме грешници. Дали тоа значи дека Христос нѐ направи грешници? Се разбира, не! 18Ако јас урнам нешто, а потоа се обидувам повторно да го изградам, ќе испадне дека сум згрешил што сум го урнал! 19Кога се обидов да се придржувам до Мојсеевиот Закон, сфатив дека на тој начин никогаш нема да станам прифатлив за Бог. Затоа јас умрев за Законот, за да можам да живеам за Бог. Јас бев распнат со Христос, 20и веќе не сум јас тој што живее во моето тело. Во мене Христос живее. Животот што сега го живеам, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ја искажа Својата љубов спрема мене со тоа што го даде Својот живот за мене. 21Јас не можам да гледам како се омаловажува Божјата благонаклоност спрема нас! Зашто, да можевме да се спасиме со придржување кон Мојсеевиот Закон, тогаш немаше потреба Христос да се жртвува!

Глава 3

[уреди]


Верата во Христос наспроти Законот

[уреди]



1О неразумни Галаќани! Кој ве маѓепса!? Пред ваши очи имавте толку јасна претстава за Исус Христос распнат на крстот. 2Едно сакам да ми кажете: дали го примивте Светиот Дух преку придржување кон Мојсеевиот Закон, или така што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте? 3Како можете да бидете толку неразумни!? Започнавте со духовното, а сега сакате да станете совршени преку телесното! 4Толку многу претрпевте, а попусто! Зарем попусто страдавте!?

5Дали Бог ви Го даде Светиот Дух и изврши силни дела меѓу вас поради тоа што го спроведувавте Мојсеевиот Закон или поради тоа што ја слушнавте Радосната вест и поверувавте?

6Така беше и со Авраам. Тој поверува и верата му се припиша како праведност[6]. 7Треба да ви биде јасно дека оние што Му веруваат на Бог се вистинските потомци на Авраам. 8Светото писмо претскажа дека Бог ќе ги прифати сите народи врз основа на нивната вера во вистинскиот Бог. Тоа беше во оној дел кога Бог на Авраам му ја објави Радосната вест, велејќи му: „Преку тебе ќе бидат благословени сите народи[7].“ 9Тоа значи дека секој што ќе поверува во Христос ќе биде благословен, исто како што Авраам беше благословен бидејќи Му поверува на Бог.

10Сите оние што се надеваат дека ќе се спасат преку придржување кон Мојсеевиот Закон живеат под проклетство! Светото писмо вели: „Проклет да е секој што не исполнува сѐ што е запишано во книгата[8] на Законот[9].“ 11А дека никој не може да се оправда пред Бога преку придржување кон Мојсеевиот Закон јасно се гледа од она што го вели Светото писмо: „Праведникот добива живот преку вера[10].“ 12Законот не се засновува врз верата. Напротив, во него се вели: „Ако сакаш да добиеш живот преку придржување кон Мојсеевиот Закон, ќе мораш да се придржуваш до сите негови заповеди[11].“

13Христос нѐ ослободи од проклетството на Законот, така што, наместо ние, Тој ги поднесе последиците на проклетството. Во Светото писмо е запишано: „Проклет е секој што е обесен на дрво[12].“ 14Така ветувањето што Бог му го даде на Авраам сега може преку Исус Христос да се исполни и сите народи да добијат благослов. Тоа ветување е дека ќе го примат Светиот Дух, врз основа на верата во Христос.

Природата и целите на Мојсеевиот Закон

[уреди]



15Драги пријатели христијани, да ви дадам еден пример од секојдневноста. Ако двајца луѓе склучат договор, никој од нив не може ниту да отстапи од него, ниту пак нешто да додаде кон него. 16Ветувањето му беше дадено на Авраам и на неговиот Потомок. Светото писмо не вели „на твоите потомци“, како да се повеќемина, туку вели: „на твојот Потомок“, а тоа е Христос. 17Сакам да кажам дека Мојсеевиот Закон не може да го промени или поништи ветувањето што Бог го даде четиристотини и триесет години пред да Му биде даден Законот на Мојсеј. 18Ако добивањето на наследството зависи од придржувањето кон Мојсеевиот Закон, тогаш Божјото ветување не би играло никаква улога, а знаеме дека Бог му подари на Авраам наследство врз основа на Своето ветување.

19Тогаш зошто постои Мојсеевиот Закон? Тој им беше даден на луѓето за да сфатат дека се грешни. Тој беше на сцена сѐ додека не дојде Потомокот за Кого беше дадено ветувањето. Постои уште една разлика. Ангелите му го дадоа Законот на Мојсеј, а тој им го пренесе на луѓето. 20Посредник е потребен кога има две страни, а при ветувањето дадено на Авраам, Бог дејствуваше самостојно.

21Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот. 22Светото писмо, меѓутоа, вели дека сите сме заробеници на гревот, па единствениот начин да го добиеме она што Бог го вети е преку вера во Исус Христос.

23Пред да ни се објави верата во Христос, како начин да бидеме прифатливи за Бог, Законот нѐ чуваше како затвореници, под свој надзор.

Божји деца преку вера

[уреди]



24Така Законот ни беше воспитувач[13] што нѐ водеше кон Христос, за да се помириме со Бог преку вера. 25Сега кога ни се објави верата, веќе нема потреба Законот да ни биде воспитувач.

26Сите стануваме Божји деца, преку вера во Исус Христос. 27Сите што преку крштавање во името на Христос се идентификуваа со Него, станаа како Христос[14]. 28Без разлика дали се работи за Евреин или за Грк[15], за роб или за слободен, за маж или за жена, сите што сте христијани сте еднакви пред Христос. 29Ако Му припаѓате на Христос, тогаш вие сте вистинските потомци на Авраам и вие ќе го добиете она што Бог му го вети.

Глава 4

[уреди]




1Но, сѐ додека наследникот е малолетен не се разликува многу од роб, иако тој е сопственик на сѐ. 2Старатели го чуваат и застапници ги водат работите во негово име, сѐ додека не дојде времето што го определил неговиот татко.

3Така е и со нас. Додека бевме духовно малолетни, им бевме потчинети на световните сили. 4Кога дојде определеното време, Бог Го прати Својот Син. Тој се роди од жена и живееше под Законот. 5Бог го испрати Христос за да нѐ ослободи од Законот и, преку посвојување, да нѐ направи Божји деца.

6За да ви докаже дека и вие, неевреите, станавте Негови деца, Бог Го испрати во вашите срца Духот на Својот Син. Духот ви дава слобода да Му се обраќате на Бог со: „Ава[16]“, односно со „Татко“. 7Така, сега не сте веќе робови, туку Божји деца, а штом сте Божји деца, вие ќе наследите сѐ што е Божјо.

Апостол Павле е загрижен за Галаќаните

[уреди]



8Порано, не познавајќи Го Бог, вие им робувавте на „богови“ кои по својата природа не се богови. 9Сега Го познавате Бог, или поточно Бог, познавајќи ве вас, ве одбра да Го запознаете. Како тогаш можете пак да им се враќате на тие слаби и бедни световни сили!? Зошто сакате повторно да станете нивни робови? 10Почнавте да славите одредени денови, месеци, годишни времиња и години. 11Страхувам за вас! Се плашам дека попусто се трудев околу вас. 12Драги пријатели христијани, ве молам, бидете како мене - ослободени од тие работи, како што и јас станав како вас, неевреите - ослободен од Мојсеевиот Закон.
Кога бев кај вас вие со ништо не ме повредивте. 13Се сеќавате дека бев болен кога првпат ви ја проповедав Радосната вест. 14Иако мојата телесна слабост можеше да биде големо соблазнување за вас, вие не ме презревте, ниту пак одбивте да ме слушате, туку ме примивте како да сум Божји ангел, како да сум Самиот Исус Христос. 15Каде е сега вашето воодушевување? Тогаш да можевте и сопствените очи ќе си ги ископавте и ќе ми ги дадевте! 16Зарем ви станав непријател затоа што ви ја кажувам вистината?

17Тие лажни учители ве опсипуваат со внимание, но нивните побуди не се добронамерни! Сакаат да ве одвојат од мене и да ве придобијат за себе. 18Треба постојано да бидете ревносни за доброто, а не само додека сум јас кај вас. 19Деца мои, повторно минувам низ породилни болки заради вас, и тоа ќе трае сѐ додека да се создаде Христова природа во вас. 20Колку би сакал токму сега да сум со вас и да ви се обратам со поинаков тон, зашто вашата состојба навистина ме збунува!

Двата сина на Авраам

[уреди]



21Слушнете ме сега вие што сакате да се придржувате кон Мојсеевиот Закон: Знаете ли што, всушност, кажува тој Закон? 22Во Светото писмо пишува дека Авраам имаше два сина: еден од робинка и еден од слободна жена[17]. 23Синот од робинката беше роден во обид човекот да ги оствари Божјите ветувања, а синот од слободната жена се роди така што Бог го исполни Своето ветување.

24Се работи за алегорија. Овие две жени преку кои се родија Исмаил и Исак претставуваат два завета. Првиот, претставен преку Агара, е Законот даден на планината Синај, кој ги поробува луѓето. 25Агара ја претставува планината Синај во Арабија и ја прикажува сегашната состојба на Ерусалим, кој живее во ропство, заедно со сите свои жители[18].

26Сара го претставува небесниот Ерусалим. Таа не беше робинка, туку слободна. Таа е нашата мајка. 27Светото писмо за неа вели:

=П „Радувај се жено неротко, =П ти што деца не си раѓала, =П излези и викај од радост =П ти што не си видела породилни маки, =П зашто повеќе деца ќе има неротката, =П од жената што има маж[19].“ 




28Вие, драги христијани, исто како и Исак, сте деца родени по ветување. 29Во тоа време детето родено од робинката го прогонуваше детето што беше родено по ветување. Така е и сега: телесните луѓе нѐ прогонуваат нас, родените од Светиот Дух. 30Но, еве што вели Светото писмо: „Избркај ги робинката и нејзиниот син! Синот на робинката нема да биде сонаследник со синот на слободната. Синот на слободната жена ќе добие сѐ[20].“ 31Значи, драги христијани, ние не сме деца на робинката, туку на слободната жена.

Глава 5

[уреди]


Предноста и одговорноста на христијанската слобода

[уреди]



1Значи, ние сме слободни! Христос нѐ ослободи. Држете се цврсто до таа слобода и не дозволувајте повторно да ви го стават јаремот на ропството, односно Мојсеевиот Закон.

2Слушнете ме сега! Јас, Павле, ви тврдам дека ако се надевате преку обрежувањето да се спасите, тогаш Христос не може да ви помогне[21]. 3Уште еднаш ќе ви нагласам дека секој што ќе се обреже е должен да го спроведува целиот Мојсеев Закон. 4Тие што се обидуваат да се помират со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, се одвојуваат од Христос и ја губат Неговата благонаклоност.

5А ние, христијаните, со нетрпение очекуваме да бидеме оправдани, но преку Светиот Дух и преку вера. 6За тој што верува во Исус Христос нема никакво значење дали е обрежан или не. Важно е да имате делотворна вера и таа да се искажува преку љубов.

7Добро напредувавте. Кој ве спречи да продолжите да ја следите вистината? 8Тоа сигурно не е Бог, зашто Тој ве избра. 9Малку квасец треба за да скисне целото тесто! 10Јас сепак верувам дека Господ ќе ве одржи за да не отстапите од вистината, а оние што ве збунуваат, кои и да се, ќе си ја добијат заслужената казна.

11Што се однесува до обвинувањата против мене, драги пријатели христијани, дека јас сѐ уште проповедам оти обрежувањето е неопходно, зошто тогаш Евреите ме прогонуваат? Да е така, она што јас го проповедам за Христовиот крст не би претставувало камен на сопнување за нив. 12Би сакал оние што ве збунуваат терајќи ве да се обрежете, да не застанат на обрежувањето, туку самите себе и да се кастрираат[22]!

13Што се однесува до вас, драги пријатели христијани, вие сте избрани да живеете во слобода. Немојте, меѓутоа, таа слобода да ви биде изговор за да дозволите телесното да завладее со вас. Напротив, со љубов служете си еден на друг. 14Зашто, целиот Закон може да се сведе само на една заповед: „Сакај го својот ближен како што се сакаш себеси[23].“ 15Но, ако наместо да се сакате, се гризете и се растргнувате како диви ѕверови, внимавајте, сосема да не се уништите!

Да се живее со помош на Светиот Дух

[уреди]



16Сакам да ви го кажам следново: дозволете Светиот Дух да ве раководи и нема да им подлегнувате на грешните телесни похоти. 17Грешните телесни похоти се противат на дејствувањето на Светиот Дух, а Светиот Дух се противи на дејствувањето на грешните телесни похоти. Овие две сили се борат една против друга. Тоа значи дека нема да можете да правите сѐ што ќе посакате. 18Но ако сте водени од Светиот Дух, значи дека вие веќе не сте под Законот.

19Плодовите на грешната телесна природа се видливи: блуд, погани работи, разврат, 20идолопоклонство, вражање, омрази, кавги, љубомора, гнев, себичност, поделби, ереси, 21завист, пијанство, развратни гозби и слични нешта за кои веќе порано ве предупредив. Како што веќе ви зборував, оние што прават такви нешта нема да го наследат Божјото царство.

22Од друга страна, ако ве раководи Светиот Дух, Тој ќе ги произведе во вас следниве плодови: љубов, радост, мир, трпеливост, љубезност, добрина, верност, 23кроткост и самоконтрола. Не постои закон што е против вакви нешта.

24Тие што Му припаѓаат на Исус Христос, ја имаат распнато својата грешна телесна природа, заедно со нејзините необуздани желби и страсти. 25Ако Светиот Дух ни дал живот, тогаш треба да живееме согласно Неговото водство. 26Не смееме да бидеме самобендисани, да се провоцираме еден со друг или да си завидуваме.

Глава 6

[уреди]


Што ќе посееме, тоа ќе ожнееме

[уреди]



1Драги пријатели христијани, ако некој од вас заглиби во некаков грев, вие што сте подуховни треба да му помогнете да се извлече, но внимателно, чувајќи се и вие да не бидете завлечени. 2Помагајте си еден со друг кога имате проблеми. На тој начин ќе го извршувате Христовиот Закон. 3Ако некој мисли дека е премногу важен за да им помага на другите, самиот се залажува[24]. Со тоа само покажува дека е никој и ништо.

4Секој треба да си ги проценува сопствените постигања, без да се споредува со други луѓе. Ако некоја работа е добро извршена, тоа треба да биде за лично задоволство, а не за да се фали пред другите. 5Зашто секој од нас е одговорен за сопственото поведение.

6Оние што присуствуваат на поуки од Светото Писмо, нека ги делат[25] сите свои добра со учителот што ги поучува.

7Не залажувајте се: никој не може да го измами Господ! Секој човек ќе си го жнее тоа што си го сее! 8Тој што живее само за сопственото тело, ќе ожнее смрт, а кој живее за Духот, од Него ќе добие вечен живот. 9Да бидеме неуморни во правење добро, зашто ако истраеме, ќе дојде време кога ќе го ожнееме посеаното. 10Затоа, секогаш кога ќе ни се укаже можност, треба да им правиме добро на сите луѓе, а особено на оние што се наше семејство по вера, на христијаните.

Завршни совети

[уреди]



11Гледате со колкави големи букви ви пишувам кога пишувам со сопствена рака! 12Оние што се обидуваат да ве натераат да се обрежете го прават тоа само за да не бидат прогонувани поради проповедање дека спасението доаѓа само преку вера во Христовата жртва на крстот. 13Зашто ни самите тие, иако се обрежани, не се придржуваат кон целиот Закон. Тие сакаат да ве натераат да се обрежете, само за да се фалат дека ве придобиле.

14Што се однесува до мене, да не даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со придобивките од крстот на нашиот Господ Исус Христос. Поради тој крст, умре во мене интересот за овој свет, а умре и интересот на овој свет за мене.

15Не е важно дали е човек обрежан или не. Важно е да се промениме, да станеме нови луѓе. 16На сите што ќе се придржуваат кон ова правило им посакувам мир и милост од Господ. Тие се новиот Божји народ[26].

17Отсега натаму никој нека не ми додева со вакви обвинувања, зашто јас на сопственото тело носам лузни што покажуваат дека Му припаѓам на Христос.

18Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет, и духовно нека биде со вас, драги мои. Амин.





  1. Буквално: Ѓво менеЃ.
  2. Грчки: Кефас.
  3. Буквално: ЃХристовите црквиЃ.
  4. Грчки: ЃбраќаЃ.
  5. Некои преведувачи сметаат дека цитатот завршува овде, додека други го продолжуваат до 16 стих, а некои и до 19 стих.
  6. 1 Мој. 15:6.
  7. 1 Мој. 12:3; 18:18; 22:18.
  8. Под книгата на Законот обично се подразбира Тората, Мојсеевите книги, петте први книги од Библијата.
  9. 5 Мој. 27:26.
  10. Авакум 2:4.
  11. 3 Мој. 18:5.
  12. 5 Мој. 21:23.
  13. Грчки: ЃпедагогЃ.
  14. Буквално: ЃГо облекоа Христос врз себеЃ.
  15. Или: Ѓнема веќе разлика меѓу Евреите и другите народиЃ.
  16. Ава, или аба на арамејски јазик значи татко.
  17. Цитат од 1 Мојсеева. 16:15; 21:2-3.
  18. Буквално: Ѓсите свои децаЃ.
  19. Цитат од Исаија 54:1.
  20. 1 Мој. 21:10.
  21. Буквално: Ѓнема да имате никаква полза од ХристосЃ.
  22. Или: Ѓда се отсечатЃ.
  23. 3 Мој. 19:18.
  24. Буквално: ЃАко некој што е ништо мисли дека е нешто, самиот се измамуваЃ.
  25. Или: Ѓ<...нека учествуваат во сите добри работи, заедно со тој што ги учи.“Ѓ
  26. Грчки: ЃБожји ИзраелЃ.