Петта книга Мојсеева/ 9 глава
8 глава | Петта книга Мојсеева 9 глава од Мојсеј |
10 глава |
1 „Слушај, Израелу! Денес преминуваш преку Јордан, за да потчиниш под себе: народи и поголеми и побројни отколку што си ти; големи градови, со тврдини до небесата;
2 народ голем и со висок раст како Енаковите синови, кои веќе ги познаваш и за кои што си слушал: ‘Кој ќе устои пред Енаковците?’
3 И така, знај дека денес Господ, твојот Бог, врви пред тебе; Тој ќе ги собори, ќе ти ги потчини тебе. Тогаш ти ќе ги растераш и ќе ги погубиш скоро, како што Господ и ти рече.
4 Откако ќе ги изгони пред тебе Господ, твојот Бог, немој да речеш во своето срце: ‘Господ ме воведе да ја завладеам оваа земја заради мојата праведност.’ Спротивно, заради нечесноста на оние народи Господ ги гони пред тебе.
5 Ти не одиш да ја земеш во сопственост нивната земја заради својата праведност и заради чесноста на своето срце, туку затоа што Господ, твојот Бог, заради опакоста на оние народи ги изгонува нив пред тебе, за да го одржи зборот со кој им се заколна на твоите татковци: Авраам, Исак и Јаков.”
6 „И така, знај дека Господ, твојот Бог не ти ја дава оваа добра земја во наследство заради твојата праведност, зашто ти си народ со корав врат!
7 Спомни си и не заборавај како Го лутеше Господа, својот Бог, во пустината. Од денот кога излеговте од Египетската Земја па до доаѓањето на ова место, Му бевте непокорни на Господа.
8 На Хорив Го разгневивте Господа, и Господ така пламна на вас, што сакаше да ве уништи.
9 Се искачив на гората за да ги примам камените плочи, плочите на Заветот што Господ го склучи со вас. На гората останав четириесет денови и четириесет ноќи: ниту јадев леб ниту пиев вода.
10 И Господ ми даде две камени плочи, напишани со Божји прст, на кои беа сите зборови што ви ги кажа Господ од среде огнот на гората во денот на собирот.
11 Кога поминаа четириесет денови и четириесет ноќи, Господ ми даде две камени плочи - плочи на Заветот.
12 И Господ ми рече: ‘Стани! Слези итно оттука, зашто се расипа твојот народ, кого го изведе од Египет. Брзо слегоа од патот што им го означив: веќе си направија леан лик.’
13 Уште Господ ми рече: ‘Го набљудував тој народ. Навистина тоа е коравовратен народ!
14 Остави ме да ги уништам и да го избришам нивното име под небесата, а од тебе да направам народ и посилен и поброен отколку што е овој!’
15 Се свртив и слегов низ планина, а гората постојано пламтеше во оган. Двете плочи на Заветот ми беа во рацете.
16 Погледнав: навистина згрешивте против Господа, својот Бог. Си одлеавте теле. Така бргу се отклонивте од патот што Господ ви го беше посочил.
17 Ги грабнав двете плочи па ги фрлив од себе со двете раце - ги скршив плочите пред вашите очи.
18 Тогаш се фрлив ничкум пред Господа. Четириесет денови и четириесет ноќи - како и порано - ниту јадев леб ниту пиев вода заради сите гревови што ги направивте, правејќи зло во очите на Господа и срдејќи Го.
19 Зашто се боев од лутината и гневот со кои Господ пламна против вас за да ве сотре. Но Господ и тогаш ме послуша мене.
20 И Господ се расрди силно на Арона, сакаше да го уништи. Тогаш се зазедов и за Арона.
21 Вашиот грев, телето што го бевте направиле, го зедов и го изгорев во оган. Го иситнив во прав и неговиот прав го фрлив во потокот што тече од гората.”
22 „Кај Тавера, кај Маса и Киврот Атава, Го разгневивте Господа.
23 Кога Господ ве испраќаше од Кадис-Варниј, говорејќи: ‘Отидете и земете ја земјата што ви ја дадов,’ се побунивте против словото на Господа, својот Бог; не се надевавте во Него ниту го слушавте Неговиот глас.
24 Му бевте непокорни на Господа откако ве познавам.”
25 „Затоа паднав ничкум и лежев пред Господа четириесет денови и четириесет ноќи, зашто Господ беше рекол дека ќе ве уништи.
26 Го молев Господа и реков: ‘Господи мој, Господи! Не уништувај го Својот народ, Своето наследство што го избави со Своето величие и што го изведе од Египет со силна рака.
27 Спомни си за Своите слуги: Авраама, Исака и Јакова, а не се обѕрнувај на коравоста на овој народ, на неговата нечесност, на неговиот грев,
28 за да не се рече во земјата од која што нè избави: „Господ не можеше да ги воведе во земјата што им ја вети, или ги замрази, па затоа ги одведе во пустината за да ги уништи.”
29 А тие се Твој народ, Твое наследство, оние кои ги изведе со Својата голема сила и со испружената мишка.’”>
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse