Петта книга Мојсеева/ 5 глава
4 глава | Петта книга Мојсеева 5 глава од Мојсеј |
6 глава |
1 Мојсеј го свика сиот Израел па им рече: „Чуј ги, Израеле, наредбите и заповедите што ви ги кажувам денес во вашите уши! Научете ги и пазете ги, и вршете ги.
2 Господ, нашиот Бог, склучи со нас Завет на Хорив.
3 Господ не го склучи тој Завет со нашите татковци, туку токму со сите нас, кои сме живи денес, тука.
4 Господ зборуваше со вас лице во лице на гората, од средината на огнот.
5 Во тоа време јас стоев меѓу Господа и вас, за да ви ги известам Господовите зборови, зашто вие не сакавте, заради стравот од огнот, да се искачите на гората. Тогаш рече:
6 ‘Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја, од домот на ропството.
7 Да немаш други богови покрај Мене!
8 Не прави си резан лик ни некаква слика на што и да е горе во небото или долу на земјата, или во водите под земјата.
9 Не клањај им се ниту им служи. Зашто Јас, Господ, твојот Бог, Сум ревнив Бог. Ги казнувам гревовите на татковците - на оние кои Ме мразат - на децата, на внучињата и на правнучињата,
10 а им искажувам милост на илјадници, кои Ме љубат и ги пазат Моите заповеди.
11 Не земај го напразно името на Господа, својот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној, кој го зема напразно Неговото име.
12 Одржувај го саботниот ден за да го осветуваш, како што ти заповеда Господ, твојот Бог.
13 Шест дни работи и извршувај ги сите свои работи.
14 А седмиот ден е сабота на Господа, твојот Бог; не врши во него никаква работа, ни ти, ни твојот син, ни твојата ќерка, ни твојот слуга, ни твојата слугинка, ни твојот вол, ни твоето осле, ниту некое твое добиче, ниту придојденикот, кој е во твоите градови; така да може да се одмори и твојот слуга, и твојата слугинка како и ти.
15 Спомни си дека и ти беше роб во Египетската Земја и дека оттаму те избави Господ, твојот Бог, со силна рака и со испружена мишка. Затоа ти заповеда Господ, твојот Бог, да го пазиш саботниот ден.
16 Почитувај ги татка си и мајка си, како што Господ, твојот Бог, ти заповеда, за да живееш долго и за да ти биде добро на земјата, што Господ, твојот Бог, ти ја дава.
17 Не убивај!
18 Не прељубодејствувај!
19 Не кради!
20 Не сведочи лажно против својот ближен!
21 Не посакувај ја жената на својот ближен! Не лакоми за куќата на својот ближен, за неговата нива, за неговиот слуга, за неговата слугинка, за неговиот вол, за неговото осле, ниту за нешто што е на твојот ближен.’”
22 „Тие зборови на гората, од средината на огнот, на облакот и на густата темнина, со силен глас Господ му ги упати на сиот ваш собир. Не додаваше ништо, туку ги напиша на две камени плочи па ми ги предаде мене.
23 А тогаш, кога го чувте гласот од темнината, додека гората пламтеше во оган, сите ваши главатари и ваши старешини пристапија кон мене
24 па рекоа: ‘Господ, нашиот Бог, ете, ни ги покажа Својата слава и Своето величие; го чувме Неговиот глас од среде огнот; денес видовме дека човек може да остане во живот иако му говори Бог.
25 А сега зошто да умреме? Овој голем оган може да нè проголта; ако го слушаме и натаму гласот на Господа, на својот Бог, можеме да умреме.
26 Зашто, кој смртник го слушал некогаш гласот на живиот Бог како зборува од среде оган - како ние - и останал во живот?
27 Приближи се и ти и слушај сè што ќе ти рече Господ, нашиот Бог. А тогаш кажи ни ти сè што ќе ти рече Господ, нашиот Бог, и ние ќе го слушаме и ќе го исполнуваме тоа.’
28 Господ ги чу вашите зборови кога ми зборувавте, па ми рече: ‘Ги чув зборовите што тој народ ти ги кажа тебе. Добро е сè што рекоа.
29 Само, кога нивните срца би биле такви секогаш да се бојат од Мене и да ги пазат сите Мои заповеди, за да бидат така постојано среќни, тие и нивното потомство!
30 Ајде, кажи им: „Вратете се во своите шатори!”
31 А ти остани тука кај Мене; ќе ти ги кажам сите заповеди, закони и уредби на кои ќе ги поучиш и кои тие ќе ги вршат во земјата што им ја давам во сопственост.’
32 И така, внимавајте, како што Господ, вашиот Бог, ви заповеда! Не свртувајте ни десно ни лево.
33 Следете го наполно патот што Господ, вашиот Бог, ви го означи, за да можете така да живеете, да имате среќа и долг живот во земјата што ќе ја добиете во сопственост.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse