Петта книга Мојсеева/ 31 глава
30 глава | Петта книга Мојсеева 31 глава од Мојсеј |
32 глава |
1 Мојсеј дојде да му ги упати овие зборови на целиот Израел:
2 „Мене ми се денес сто и дваесет години - им рече - не можам веќе да влегувам и да излегувам. А Господ ми рече: ‘Не ќе поминеш преку овој Јордан!’
3 Самиот Господ, твојот Бог, ќе премине пред тебе; Тој ќе ги порази пред тебе оние народи, за да ги истерате од земјата. Исус ќе врви пред тебе, како што рече Господ.
4 Господ ќе постапи со нив како што постапи со Сион и Ог, аморејски цареви, и со нивната земја кога ги уништи.
5 Господ ќе ги положи пред вас, а вие ќе постапувате со нив според сите наредби, што ви ги дадов.
6 Охрабрете се и бидете одлучни! Не бојте се и не плашете се од нив! Та Самиот Господ, твојот Бог, доаѓа со тебе; не ќе те напушти ниту ќе те остави.”
7 Тогаш Мојсеј го повика Исуса па му рече пред сиот Израел: „Охрабри се и биди одлучен! Зашто ти ќе одиш со овој народ во земјата за која Господ им се заколна на нивните татковци, дека ќе им ја даде; ти ќе им ја разделиш во наследство.
8 Самиот Господ врви пред тебе; Тој ќе биде со тебе; не ќе те испушти ниту ќе те остави. Не бој се и не трепери!”
9 Мојсеј го напиша овој Закон и им го предаде на свештениците, Левиевите синови, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, и на сите Израелски старешини.
10 Мојсеј им нареди: „Во секоја седма година - година прошка - на Празникот на шаторите,
11 кога сиот Израел ќе дојде да го види лицето на Господа, твојот Бог, на местото што Тој ќе го избере, прочитај го овој Закон во присуство на целиот Израел.
12 Собери го народот - луѓето, жените, децата и придојденикот кој ќе биде во твоите градови - за да чујат и за да се бојат од Господа, вашиот Бог, па да ги пазат и да ги вршат сите зборови на овој Закон.
13 Нивните синови, кои уште не го знаат тоа, ќе чујат и ќе се научат да се бојат од Господа, вашиот Бог, за сето време додека ќе живеете во земјата што ќе ја земете во сопственост, откако ќе поминете преку Јордан.”
14 Господ му рече на Мојсеја: „Еве наближува времето на твојата смрт. Викни го Исуса, и најдете се во Шаторот на средбата, за да му дадам заповеди.” Мојсеј и Исус дојдоа во Шаторот на средбата.
15 Господ се покажа во столб од облак во Шаторот. Облачниот столб стоеше на влезот во Шаторот.
16 Господ му рече на Мојсеја: „Еве наскоро ќе починеш со своите татковци. А овој народ ќе стане да прави блуд, одејќи по туѓи богови на оваа земја во која ќе влезе скоро; ќе Ме напушти Мене и ќе го прекрши Мојот Завет што го склучив со нив.
17 И тогаш Мојот гнев ќе се излее на него. Тогаш ќе ги оставам и ќе го скријам Своето лице од нив, за да бидат голтани. Ќе ги снајдат многу зла и неволји, и тогаш ќе речат: ‘Зар не ме наоѓаат овие неволји заради тоа што мојот Бог не е во мојата средина?’
18 А Јас ќе го скријам сосем Своето лице во тој ден заради сето зло што ќе го прават, завртувајќи се кон други богови.
19 Напишете си ја сега оваа песна. Израелците нека ја научат! Стави ја во нивната уста, за да ми биде оваа песна сведок против Израелевите синови.
20 Кога ќе ги доведам во земјата во која течат мед и млеко, и за која им се заколнав на нивните татковци, и кога ќе се најадат, кога ќе се наситат, кога ќе се згојат, тие ќе се завртат кон други богови, и ним ќе им служат, Мене ќе Ме презрат и ќе го прекршат Мојот Завет.
21 А кога ќе ги најдат многу несреќи и неволји - оваа песна - зашто нивното потомство никогаш нема да ја заборави, ќе даде сведоштво против нив. Зашто Јас ги знам нивните мисли, и што смислуваат веќе денес, пред да ги воведам во земјата, што им ја ветив со Заклетва.”
22 Во тој ден Мојсеј ја напиша оваа песна, и ги научи Израелците на песната.
23 Му наложи на Навиновиот син Исус: „Охрабри се и биди одлучен! Зашто ти ќе ги воведеш Израелевите синови во земјата за која им се заколнав. И Јас ќе бидам со тебе.”
24 Кога Мојсеј ги напиша зборовите на овој Закон во книжен свиток,
25 тогаш им нареди на левитите, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет:
26 „Земете го книжниот свиток на овој Закон и положете го во Ковчегот на Господовиот Завет. Таму нека биде сведок против тебе!
27 Та јас ги знам твојата бунтовност и твојот корав врат. Еве и денес, додека уште живеам со вас, се буните против Господа. А како не ќе се буните кога ќе умрам!
28 Соберете ги при мене сите старешини на своите племиња и своите надгледувачи, за да ги речам овие зборови во нивните уши па да ги земам за сведоци против нив небото и земјата.
29 Зашто знам дека по мојата смрт ќе се изопачите и ќе се отклоните од патот, што ви го одредив; несреќа ќе ве најде во идните времиња, коѓа ќе правите што Му е немило на Господа, и кога ќе Го разгневувате со делата на своите раце.”
30 А тогаш, на ушите на целата израелска заедница, Мојсеј ги изговори до крај зборовите на оваа песна:
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse