Петта книга Мојсеева/ 15 глава
14 глава | Петта книга Мојсеева 15 глава од Мојсеј |
16 глава |
1 „На крајот на седмата година проштавај ги долговите.
2 Вака нека биде прошката: секој нека му го прости своето побарување на должникот; нека не го бара долгот од својот ближен ни од својот брат, кога еднаш ќе биде прогласено Господовото проштавање на долговите.
3 Можеш да бараш од туѓинецот, ама она што ќе се најде твое кај брата ти, треба да го оставиш,
4 за да нема сиромав кај тебе. Па Господ ќе те благословува изобилно во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава во наследство за да ја имаш,
5 само ако го слушаш добро гласот на Господа, својот Бог, пазејќи ги и вршејќи ги сите овие заповеди што ти ги давам денес.
6 Господ, твојот Бог, ќе те благословува, како што ти вети, па ќе можеш да им даваш заеми на многу народи, а самиот не ќе треба да ги земаш; и ќе владееш над многу народи, додека тие нема да господарат над тебе.
7 Ако се најде кај тебе некаков сиромав, некој од твоите браќа, во кој и да е град во земјата што Господ, твојот Бог, ќе ти ја даде, не биди со тврдо срце ниту ги затворај своите раце спрема својот беден брат,
8 но отвори ги ширно своите раце и дај му спремно тоа што му недостига.
9 Чувај се да не ти се зароди во срцето опака мисла па да речеш: ‘Седмата година, година на проштавање на долговите, веќе наближува,’ и да не погледаш со лошо око на својот сиромашен брат и да не му дадеш ништо. Тој би Го повикал Господа против тебе, и гревот ќе биде на тебе.
10 Давај му со задоволство, а не срцето да ти биде нерасположено кога му даваш, зашто заради тоа ќе те благословува Господ, твојот Бог, во секоја твоја работа и во секој потфат на твоите раце.
11 Бидејќи бедните никогаш не ќе ги снема од земјата, ти заповедам: отвори ја ширум својата рака за својот брат, за својот беден и за оној што има потреба во твојата земја.”
12 „Ако ти се продаде тебе твојот брат - Евреин или Еврејка - нека ти служи шест години, а на седмата година пушти го слободен од кај себе.
13 Кога ќе го пуштиш слободен од при себеси, не испраќај го со празни раце.
14 Дарувај го со нешто од својот добиток, од своето гумно и од својата каца; со што веќе Господ, твојот Бог, те благословил, дај му и нему од тоа.
15 Спомнувај си како беше роб во Египетската Земја, и како Господ, твојот Бог, те откупи. Затоа ти го заповедам ова денес.
16 Но ако тој ти рече: ‘Не сакам да си одам од кај тебе,’ зашто ве љуби тебе и твојот дом, и зашто кај тебе му беше добро -
17 тогаш земи шило и продупчи му го увото при вратата, и нека ти биде роб засекогаш! Така исто направи и со својата слугинка.
18 Кога ќе го отпушташ слободен од кај тебе, нека не ти биде тешко, зашто заслужил двојна наемничка плата за шест години што ти ги служеше. Затоа Господ, твојот Бог, ќе те благослови во сè што ќе работиш.”
19 „Сите машки првородени, што ќе ги даде твојот крупен и ситен добиток, посвети Му ги на Господа, својот Бог! Затоа волот првенец не го впрегнувај ниту стрижи го првенецот на својот ситен добиток.
20 Јади го ти и твојот дом секоја година во присуство на Господа, твојот Бог, во местото што ќе го избере Господ.
21 Ама ако имаат некаков недостаток, ако бидат хроми или слепи, или ако имаат некаков грд недостаток, немој да Му ги жртвуваш на Господа, твојот Бог!
22 Изеди ги во својата куќа. И нечистиот и чистиот можат да ги јадат, како срната и еленот.
23 Единствено не смееш да ја јадеш нивната крв! Излеј ја на земјата како вода.”
Поврзано
[уреди]Надворешни врски
[уреди]
Ова дело е во јавен домен во земји каде авторските права се плус 70 или помалку.
It is not necessarily in the public domain in the United States if published from 1923 to 1977. For a US-applicable version, see {{PD-1996}}.
Public domainPublic domainfalsefalse