Овадија (вики-превод)

Од Wikisource

Амос Овадија
Библија (вики-превод)
од н.п.
Јона
Вики-превод.



1Видение на Овадија[1]: „Вака вели Господ Јахве за Едом; порака слушнавме од ГОСПОД, ете гласник беше пратен кон народите: >Станете! Да тргнеме против него во бој! 2Гледај, мал ќе те направам меѓу народите - презрен сосема. 3Гордоста на срцето твое те измами, ти кој живееш во процепите на карпите[2] и чиј дом е на високо, ти кој си велиш: >Кој може да ме симне на земја?' 4Иако се креваш високо како орел и гнездо виеш меѓу ѕвездите - и оттаму ќе те симнам!“ - вели ГОСПОД Семоќен. 5<Ако крадци ти дојдат, разбојници ноќни - о, несреќа ќе те снајде - нема ли да крадат додека можат?! Ако гроздоберачи ти дојдат, ќе остават ли нешто за доберување?! 6Ах, како Есав ќе биде претресен. Ограбени ќе бидат неговите сокриени богатства. 7До границата ќе те притераат сите твои сојузници! Ќе те издадат, ќе те надвијат твоите пријатели! Оние што лебот твој го јадат ќе ти постават стапица и нема да ја забележиш[3]! 8Нема ли на тој ден,“ - вели ГОСПОД - „Јас да ги уништам мудреците[4] од Едом и разборитоста од планината на Есав[5]? 9Преплашени ќе бидат борците твои Темане[6], па сите во планината на Есав ќе бидат истребени во колеж! 10Заради насилството против твојот брат Јаков, срам ќе те прекрие и ќе бидеш уништен засекогаш. 11На денот кога стоеше рамнодушно, на денот кога туѓинци го однесоа богатството негово, влегоа низ портите негови и за Ерусалим фрлија жрепка - и ти беше како еден од нив. 12Не гледај од високо на братот свој во денот на неговата несреќа! Не радувај се над народот Јудин во денот на уништувањето негово! Нека не се фали многу устата твоја во денот тегобен! 13Не влегувај низ портата на Мојот народ во денот на неговата несреќа! Не гледај од високо на несреќата негова во денот на неговото уништување! Не разграбувај ги богатствата негови во денот на неговото уништување! 14Не чекај на крстопат за да ги истребуваш бегалците негови! Не предавај ги на друг преживеаните во денот тегобен! 15Ете, близу е денот ГОСПОДОВ за сите народи. Што си правел, тоа тебе ќе ти биде правено! Делата твои на твоја глава ќе се вратат! 16Оти, исто како што вие пиевте на Мојот свет рид - ќе пијат сите народи непрестано. Ќе пијат, ќе голтаат и ќе станат како никогаш да не постоеле. 17Но на планината Сион ќе има избавени и ќе биде света, па домот на Јаков ќе ги завладее своите наследства. 18И ќе биде домот на Јаков оган и домот на Јосиф пламен, а домот на Есав стрниште што ќе го запалат, ќе го проголтаат и нема да има преживеани од домот Есавов.“ Ете ГОСПОД го кажа Своето. 19Жителите на Негев ќе ја освојат планината Есавова, а подножјето - Пилистејците. Ќе ги освојат полињата Ефремови и Самариски, а Бенјамин ќе го освои Гилеад. 20Оние пак, кои од Израел беа протерани во Канаан, ќе ја поседуваат земјата сѐ до Сарефат[7], а протераните од Ерусалим, кои се во Сефард[8] ќе ги поседуваат градовите на Негев. 21Ќе се искачат избавители на планината Сион, за да управуваат со планината Есавова, и ова царството ќе биде ГОСПОДОВО.


Белешки[уреди]

  1. Овадија значи слуга, или поклоник ГОСПОДОВ.
  2. или на Села. Села бил главен град на Едом, веројатно на исто место каде што покасно била Петра, на околу 80 километри јужно од Мртвото море. Имињата и на двата града значат карпа или клисура.
  3. Значењето на оваа реченица во Хебрејскиот јазик не е сосема јасно.
  4. Елифаз, еден од трите пријатели на Јов бил од Теман, а тоа е во Едом.
  5. Есав, родоначалникот на Едомците, значи влакнест, а Едом значи црвен (1 Мој 36:1).
  6. Теман, значи југ и се однесува на јужната земја, а тоа е Едом.
  7. Сарефат, крајбрежен град меѓу Тир и Сидон.
  8. Сефард, се мисли дека се однесува на Сардис, град во Мала Азија, но некои мислат дека може да се однесува и на Спарта.