Прејди на содржината

Јона (вики-превод)

Од Wikisource
Овадија Јона
Библија (вики-превод)
од н.п.
Миха


Глава 1

[уреди]


1Ваква порака дојде ГОСПОД за Јона[1], син на Амиттај: 2<Стани, оди во Нинева[2], град многу голем и проповедај против неа, оти порасна злото нејзино пред Мене.“ 3Но Јона стана да бега од ГОСПОД и се упати кон Тарсис[3]. Слезе до Јафа[4] и најде брод кој се упатуваше кон Тарсис, па плати возарина и се качи да плови со него за Тарсис, бегајќи од ГОСПОД. 4Тогаш ГОСПОД испрати силен ветер по морето и дигна голема бура, па постоеше опасност бродот да се скрши. 5Се исплашија морнарите и повика секој кон своите богови. Ги исфрлија в море товарите што беа во бродот за да го олеснат. Но Јона се симна на дното од бродот, легна и цврсто заспа. 6Отиде кај него заповедникот на морнарите и му рече: <Како можеш да спиеш? Стани, викај кон твојот Бог! Можеби ќе нѐ забележи, па нема да изгинеме.“ 7Тогаш си рекоа еден на друг: <Дојдете да фрламе жрепка и да откриеме заради кого оваа тешка несреќа падна врз нас!“ Фрлија жрепка и падна жрепката на Јона. 8Тогаш го прашаа: <Кажи ни сега ти, заради кого оваа несреќа падна на нас, со што се бавиш, од каде доаѓаш, од која земја си и од кој народ?“ 9А тој им одговори: <Јас сум Евреин[5] и Му се поклонувам на ГОСПОД, Бог на небесата, Кој ги создаде морето и копното.“ 10Се уплашија луѓето, силен страв ги фати, па го прашаа: <Што си сторил?“ Знаеја дека бега од ГОСПОД, оти тој им беше кажал. 11Потоа го прашаа: <Што да правиме со тебе за морето да се смири?“, затоа што морето продолжуваше да беснее. 12А тој им одговори: <Земете ме и фрлете ме в море и тоа ќе се смири. Знам јас дека заради мене оваа голема бура се крена на вас.“ 13Наместо тоа луѓето почнаа да веслаат, за да се вратат на копно, но не можеа, затоа што морето продолжуваше да беснееше против нив. 14Тогаш повикаа кон ГОСПОД и рекоа: <О, ГОСПОДИ! Те молиме, не оставај нѐ да умреме заради животот на овој човек и не сметај нѐ за виновни за смртта негова, оти Ти ГОСПОДИ, како што сакаше, така и направи.“ 15Тогаш го зедоа Јона, го фрлија в море и тоа се смири, престана да беснее. 16Се уплашија луѓето, силен страв ги фати од ГОСПОД, Му принесоа жртва на ГОСПОД и Му дадоа завети.

Глава 2

[уреди]


Молитвата на Јона.

[уреди]

1Но доведе ГОСПОД голема риба за да го проголта Јона и тој помина во неа три дена и три ноќи. 2Му се помоли Јона на ГОСПОД, својот Бог, од внатрешноста на рибата 3и рече: <Во мојата мака повикав кон ГОСПОД и Тој ми одговори. Од длабочината на гробот[6] повикав за помош и Ти го слушна мојот глас. 4Ме фрли во бездната, во срцето на морињата. Морските струи во вртлог се свија околу мене. Сите силни бранови и далгите Твои над мене се заклопија. 5Си велев, протеран сум од пред очите Твои, а сепак јас сѐ уште ќе гледам кон Твојот свет храм. 6Ме прекрија водите до грлото, бездната ме опколи, се обмотаа морски треви околу главата моја. 7До корените на планините потонав. Земјата засекогаш ги затвори решетките свои над мене. Но Ти ме избави од јамата жив, О ГОСПОДИ, Боже мој. 8Кога животот мој гаснеше во мене, на ГОСПОД се сетив и се крена молитвата моја кон Тебе, кон Твојот свет храм. 9Оние кои се крепат на безвредни идоли ја отстрануваат од себе милоста. 10Но јас, со песна благодарствена ќе Ти принесам жртва, она за што сум Ти дал завет, целосно ќе го исполнам. Спасението доаѓа од ГОСПОД.“ 11Па ѝ заповеда ГОСПОД на рибата и таа го поврати Јона на копно.

Глава 3

[уреди]


Јона заминува за Нинева.

[уреди]

1Тогаш по вторпат дојде збор од ГОСПОД за Јона: 2<Стани, оди за Нинева, град многу голем, и разгласи ја пораката што ти ја давам!“ 3Стана Јона и отиде за Нинева, како што му рече ГОСПОД. А Нинева беше град важен за Бог. За да се преоди потребни беа три дена одење. 4Влезе Јона во градот на еден ден одење, па проповедаше и зборуваше: <Уште четириесет дена и Нинева ќе падне!“ 5Поверуваа Ниневјаните во Бог и прогласија пост. Облекоа вреќишта од најголемиот до најмалиот. 6Кога вестите стигнаа до царот на Нинева, стана тој од својот престол, ја соблече царската наметка, се покри со вреќиште и седна во пепелта. 7Тогаш издаде проглас во Нинева: <Со указ на царот и неговите благородници: >Ниту на луѓето, ниту на ѕверовите, ниту на стадата стока да не им се дозволи да вкусат било што, да не им се дозволи да јадат ниту да пијат вода! 8Туку со вреќишта да се покријат и луѓето и ѕверовите, и веднаш да повикаат кон Бог! Нека се откаже секој од неговиот лош пат и од насилството кое му е во рацете! 9Кој знае, може ќе попушти, ќе се сожали Бог и ќе се откаже од Неговиот огнен гнев, па нема да изгинеме?'“ 10Кога ги виде Бог нивните дела, како секој се откажаа од својот лош пат, се сожали Бог во врска со уништувањето со кое им се беше заканил и не го изврши.

Глава 4

[уреди]


Јона се лути затоа што ГОСПОД се смилува над Нинева.

[уреди]

1На Јона му стана многу криво и силно се налути. 2Му се помоли на ГОСПОД и рече: <О ГОСПОДИ, нели испадна така како што кажував уште кога бев дома! Затоа и брзав да побегнам за Тарсис. Знаев дека си Ти Бог добар и милостив, спор на гнев и преполн со љубов, Кој се откажува од испраќање несреќи. 3Сега ГОСПОДИ, земи ми го животот, оти помила ми е смртта од животот.“ 4Но ГОСПОД одговори: <Имаш ли право да се лутиш?“ 5Излезе Јона од градот и седна источно од него. Си направи колиба и седна под неа во сенка, за да види што ќе се случи со градот. 6Тогаш ГОСПОД Бог направи да порасне лоза[7] над Јона и да ѝ прави сенка на неговата глава, за да му ја олесни неудобноста, а Јона многу се зарадува поради лозата. 7Но идниот ден в зори, направи Бог црв да ја прегризе лозата и таа овена. 8Кога изгреа сонцето, направи Бог да дувне врел источен ветер и сонцето го опече Јона по главата. Тој малакса и посака да умре па рече: <Подобро да умрам отколу да живеам!“ 9Но Бог му рече на Јона: <Право ли е да се лутиш заради лозата?“, а тој рече: <Право е, лут сум до смрт!“ 10Но ГОСПОД рече: <Ти зажали за лозата, иако ниту си ја негувал, ниту си направил да порасне. Преку ноќ израсна, преку ноќ и умре. 11А Јас, зарем не треба да се грижам за Нинева, град многу голем, во кого има повеќе од сто и дваесет илјади луѓе кои не разликуваат десна рака од лева, и многу стока?“


Белешки

[уреди]
  1. Јона значи гулаб.
  2. Поточно Ниневе, изградена од Нимрод (1 Мој 10:11-12) и секаде нарекувана голем град. Сенахериб во 700 г. пр. Хр. ја направил главен град на Асирија и таа останала главен град сѐ до 612 г. пр. Хр. Нинева е околу 800 километри оддалечена од Гат Хефер, родниот град на Јона. Гревовите на Нинева се опишани книгата на Наум (На 1:11, 2:12-13, 3:1,19, 3:4, 3:16).
  3. Хебр. Таршиш, веројатно Тартесус, град во југозападна Шпанија, Феникијска рударска колонија близу до Гиблартар, сосема на спротивната страна од Нинева.
  4. Хебр. Јафо.
  5. Хебр. Иври.
  6. Хебр. шеол значи гроб, пекол, подземен свет.
  7. Некој вид бршлен со широки лисја.