Небиднина/ Четврта молитва на моето тело

Од Wikisource
„Четврта молитва на моето тело“

од Ацо Шопов


Овде си, над ова тело, како смирено крило

ти - толку разумно - толку студено штедра,

па сакам да се помолам за она што веќе било,
зашто иднината во сите срца е ведра.
Сплети ги тие светлини, тоа горење бело,

тие светкавици во темнина што спијат,

обви го со нив денес ова гордо исправено тело,

сеедно - како камшик или ко бршлан вијат.
Сплети ги в огромна лузна, скамени ги во вера,

дај ми, дај таа светлина со кошмар да ја пијам,

зашто сè она што потемнува во моето Вчера

јас како светло Утре во длабини го кријам.

Видете исто така[уреди]