Небиднина/ Старо купувам
Изглед
„Старо купувам“ од Ацо Шопов |
- Старо купувам, старо купувам,
- стари алишта, стари пискули,
- старо железо, стари љубови,
- старо купувам.
- Купувам стари дребности,
- непотребности,
- чевли излижани, ризи износени,
- среќи осреќени,
- старо, старо, старо купувам.
- Купувам стари секидневности,
- мали и големи ревности,
- стари елеци во долапите
- стари котли на огништата
- стари саѓи на совеста
- стара ’рѓа на соништата.
- Старо, старо, старо купувам.
- Купувам стари секидневности,
- мали и големи ревности,
- стари љубови, стари среќи, стари гревови,
- купувам стари радости, стари младости,
- старо, старо, старо купувам.
- Старо купувам, ново препродавам.
- симни, господине, жив ти дечињата,
- да ми ја превртиш сета немаштија
- нема да собереш една иљадарка.
- Ех, да ги познаваш нашите ергени,
- да си го вишол Далип најерген
- ќе му ги таскаш себап чевлите.
- Он ќе ги земе ќе ти се поклони,
- ќе ги подзакрпи, ќе ги бојадиса,
- па светнат како небо утринско
- и личен, личен, нема поличен,
- ќе слезе долу среде маало,
- ќе слезе сербес, ачик, натокмен,
- момите ќе се подбутнуваат,
- жените ќе се огледуваат,
- мажите ќе му завидуваат.
- Ех, стари чевли, старо купувам.
- Старо купувам, хово препродавам.
- Аман, господарке, господ со тебе,
- бива ли сега таква скапотија.
- Женет сум, жена, деца сурија,
- жив ми најмилото жив ме оглодаа,
- куќата ми ја растурија.
- Оваа риза не е за тебе,
- еве ти стотка, речи аирлија.
- Ех, да ја знаеш калеш Калина,
- токму се токми млада невеста,
- ќе ти се заблази, ќе ти благодари,
- ќе ти благослови внуци и правнуци,
- и сета челад од нивно колено.
- Ех стари ризи млади невести.
- Старо купувам.
- Старо купувам, старо купувам,
- стари алишта, стари пискули,
- старо железо, стари љубови.
- Купувам стари секидневности,
- големи и мали здодевности,
- стари грижи, стари патила,
- стари гревови, стари чесности,
- Старо, старо, старо купувам,
- стари среќи, стари љубови,
- стари радости, стари младости,
- купувам стари алишта.
- Старо, старо, старо купувам,
- Старо за нови сврталишта.