Прејди на содржината

Небиднина/ Седма молитва на моето тело – Ацо Шопов

Од Wikisource
„Седма молитва на моето тело“

од Ацо Шопов


Твојата молбена закана, твојата лукавост нежна
и сите твои слатки измами ги знам.
Дали оваа игра денеска толку ми стежна
па пред тебе до болка и јас се разголувам.
Ти знаеш - на ова место нема никаква трага,
ни хишник овде ни ѕвер некаков мине.
Биди милозлива, биди дарежлива и блага
со ова тело од чекање што гине.
Ова тело личи на жедна суводолица
поцрнета од сонце, испукана од жега.
Ова тело е истрајно и гладно како јаловица.
Биди му родилка, зачни го повторно сега.

Поврзано

[уреди]