Прејди на содржината

Небиднина/ Очај пред тврдината

Од Wikisource
„Очај пред тврдината“

од Ацо Шопов


Тврдино, невидливи воини те пазат.
Стасав и паднав пред тебе на метар.
Ветар и оган, оган и ветар,
Оттука нема враќање назад.
Од грозна немост морници ме лазат.
Очајот само се снове ко волк
Низ сурите карпи на тој грозен молк.
Оттука нема враќање назад.
Земјата в срце на грутки се рони,
Притиска и тежи, се трупа, ме кани:
Израмни се со мене, земја и ти стани.
Со ветар и оган земјата ме гони.
Рамнодушно глува за лелек и жртви,
Неспособна да жали и суди,
Секоја ноќ тврдината ја буди
Сонцето на тие кои се мртви.

Поврзано

[уреди]