Небиднина/ Долго живеам на ова место
Изглед
„Долго живеам на ова место“ од Ацо Шопов |
- Долго живеам на ова место
- под кое шуркаат планински извори
- и децата ловат пеперуги
- а боровите во нема извишеност
- ја разлистуваат тишината на вековите.
- Долго живеам на ова место
- и полека црнеам од времето.
- Гледај,велам,гледај каков си:
- ни да се препознаеш.
- Некогаш овие очи беа длабочини
- во кои нуркаа твоите желби
- како жерави во сончевина,
- за ноќевање на случајните дождови.
- Некогаш овие раце беа орачи
- во ровката земја на твоите лутања,
- а сега личат на врбови прачки
- народници чаталести над водите.
- Некогаш, велам, и ти како децата
- си играше со пеперуги в рака
- од нивниот златен прав
- цутеа вишните во твојата градина.
- Зошто беше толку невнимателен
- па дозволи сите да загинат меѓу твоите прсти,
- зошто не сфати дека е најголема мудрост
- да имаш една жива пеперуга од твоето детство.
- Една топла ѕвезда на дланката
- што ќе го просветли ова место
- ова место каде долго живееш осамен
- долго живееш поцрнет од времето.