На мојот другар Мишко

Од Wikisource

„На мојот другар Мишко“

од Ацо Караманов
поезија

1.

Во полусјај на денот, кога магла ледна
ги покрива видиците и врз градот паѓа,
чувствувам дека нешто во мене се раѓа,
тажно, како трепет на гранки што се веднат
под товар од снег, од мраз и од зима.

Излегувам тивко... Никој наоколу нема,
чекорите мои тонат во млечната пена.
Мир. Три врани само на оџакот дремат
Витка голи гранки ветрот што се кренал.

Чекорам. Ветрот и враните си го кажуваат јадот,
ко есенски шуштеж – во срцето тага.
Како мермер неподвижен молчи сега градот
Сосе радостите што одминале без трага.

Чекорам. Во срцето, како во храм сенест,
очајот слегува во овој свод темен,
а душата што пека по виножитен венец
го чувствува мракот не гроб црн и лемен
во кој лежи она што сакало полет,
што цутело тивко, како цвеќе в пролет.

Чекорам. А чекорот мој е само еден трепет
во снегот бел што со шуштење на свила
поздрави му праќа на мракот што шепне,
на бледите далечини, на птици што крилат.

Седнувам на клупа во паркот. Градот молчи
во мракот. Над мене тишината крилата ги шири
како бела птица што од далеку, без почин,
долетала и сега нема свој кат да се смири.

Ги креваат како раце безлисните дрвја
гранките кон небото што спокојно спие.
Гонети од ветрот темни сенки врват
и се раздиплуваат како клопче тие.

Под моите нозе е жолт лист во снегот,
кренат како дланка од замрзната рака,
копнежи и чекања го измориле него
и умира тој тивко од мраз и од мака.

Го земам. Низ шумот негов како да се слуша
нешто на јазикот со кој молкот збори.
Како гранка гола плаче душа моја,
копнежите нејзини зимата ги мори.

Душата ми плаче како гранка клета.
Успокој се душо, избриши си очи,
нека насмевка низ усните ти лета –
не сме сами веќе, не сме сами, почуј.

Успокој се, душо, - јас и листе мало
од една сме мајка, двајца браќа исти.
Успокој се, душо, и не плачи жално,
надежите уште се светли и чисти.

Усните ги веднам кон мртвиот син убав
на пролетта и сонцето, да му дадам бакнеж.
И мракот и студот од душата се губат
и сјајот на сините врвови пак јакне.

Бакнежот мој шуми врз листот што е свенат...
О, свилени шепотења, како радост врели,
во кои копнежите како птици пеат,
ми капнаа в срце, безгласни и бели,
ме бакнаа в лице со сончева смеа.

И како се слејуваме одеднаш јас сетив,
листето и јас, две капки на вечност бескрајна,
- два акорда на радости и на маки клети -
во псалм на љубовта и топла и сјајна.

2.

И некој ми шепна: „Чуј, треба да сакаш!“
Кој го рече тоа? Гранки што се сплеле?
Бесрајот на небото – таа мртва млака?
Листето? Или денот мртов се огласи со лелек?

Да! Треба сè да сакаш! Сè што живее, љуби,
што страда и пее,
сè што чува надеж и што сонце чека,
сè што солзи в радост и во болка лее,
сè што паѓа и се крева, што вика и пека.

Да! Треба да се сака! Сè: сите далечини
што во синилото надежите ги кријат,
чадот од оџакот, врвовите сини
и сончевите искри што во сјајот вријат;
и лизгавиот трепет на птичјото јато,
липотите на срцето, крикот на градите нежни,
и пурпурот блескав на утринското злато,
и снегулките што врнат врз полињата снежни.

Да, треба да сакаш! Сè, сè што носи живот,
и доверба имај кон сè што расте, лази, прета,
пеј со потокот, сонувај со полето диво,
шуми со класјето, со облакот летај.
Речи им ја болката и топлата радост
на синилото што низ небото тече,
на трепетот на утрото пролетно и младо
и на светулките од мајската вечер.

О, шумолење на гранки, о, бел сјај на снегот!
Чујте ми ја радоста но и јадот колнат:
снегулки сме на вечноста, во пад брз и бегол,
песната со болка и радост ни е полна.

О, снегулко сјајна, сестро моја бела,
топлина ти давам со рацете врели.
О, небо, бакни ни ги стушените чела,
разбуди ни во градите рој копнежи смели,
крени ги во лет, бестрашен и блескав,
над нашите глави, кон синиот бескрај!

3.

Браќа мои, луѓе, песна за вас пеам,
песна за снегулки, за сјај што се точи,
за лисја што шумат, за води што се леат,
за зора да самне во вашите очи,
да се смеша блесок со вашата смеа.

Песнава чујте ја, браќа мои,
и со срце полно со радости плипот,
со широчина на вашите распеани гради,
поздрав испратете низ песна и липот
до сè што со болка и радост се пои.

Пуштете го срцето смело нека летне
в дални далечини, со птиците, леко,
и вашата душа, како мало дете,
ќе ја пие радоста како чисто млеко.

Со срца, очи, гради замаеност полни,
ведри како спокој над житото младо,
ќе пеете со жар под небата волни,
среќни како сонце и луди од радост.

Ведри како пладне во пролетна тивкост,
ќе имате души престорени во химни,
распеани, топли, како ластовички цивкот,
со чудесен бел сјај како видиците зимни.

В живот, в живот бурен – ко реки што течат,
ко крената рака, ко пролетен крик гласен,
ко мечти за небо кога солзи течат,
а после, а после... ко свеќа да згаснеш.

Поврзано

Извор